Wednesday, March 27, 2013

Низ Скопје пешки


Од мојата куќа во Кисела вода што гледа накај ридот Марково крувче – каде порано со цемент сред ниските грмушки беше испишано едно големо ТИТО,  што потоа стана ГИГО, а сега се останати само грмушките – од дома, значи, до центар пешки се стигнува за отприлика половина час. Кога сакам да ги избегнам главните улици одам низ едно мало уличе, во кое тук-таму помеѓу новите куќи се гледа и по некоја постара со мала градина со марула, кромид или патлиџани, како остатк од минатото, кога во Кислеа вода куќните градини не биле реткост. Уличево завршува во ќор-сокак, но ако свртиш десно, низ еден тесен преми се излегува точно пред зградата на средното економско училиште. Да се помине редицата мали продавници кои наизменично се менуваат со новите згради изградени на местото на старите куќи, зградата на поранешната сапунара и дојдовме до центар.

Одењето пешки е едно од моите омилени превозни средства. Со друштво, со кучето или сама со шише вода во ташна, се пробивам цик-цак помеѓу паркираните коли, ги прерипувам вировите, се борам со кесите и различно ѓубре што лета по тротоарите и некогаш знае да се замота за ногата, со задоволство ги поднесувам промените на мирисите, од пријатни во непријатни, во одвратни и изненадувачките дози на некој залутан мирис на цвеќе...


Од мојата дома, до зградата каде живееше баба ми има некаде педесеттина минути. Тоа го знам сега, порано ме носеа со кола или одев со автобус (шест постојки, спреми се за излегување кога ќе го пројдеш пазарот, се симнуваш на станицата на Градежен). Железничката зграда со двор во средина ми беше втор дом. Кога бевме мали со брат ми и децата од зградата беа мали, а дрвените лулашките беа живи и здрави. И дворот под голема светилка, која закачена на две жици лебдеше точно на средината, беше весел и разигран. Сега зградата ја стекнува својата слава како погодна сценографија за снимање филмови, децата пораснаа, а лулашките и добар дел од фасадата се минато.

До Драмски театар, пак, од дома стиганувам за отприлика еден час. Најмногу сакам да одам од Жена парк, покрај сендвичарите, па низ плоштад, по Максим Горки особено кога целата е розева од расцветаните јапонски цреши и оттука на Партизанска особено ако е јуни: сонцето заоѓа точно во средината на булеварот, а мирисот на липа мислиш ќе ти се пикне најдлабоко во тебе и таму ќе остане засекогаш. Одењето пешки до Драмски знае да биде поголемо задоволство и од претставата која сум тргнала да ја гледам. 



Некој би го отфрлил овој начин на движење како губење време. Би влегол во својата кола и, празнејќи го пепелникот на првиот семафор или фрлајќи непотребни хартии низ прозорот, би се упати кон саканото место (неколку минути возење). Не знам, отсекогаш сум мислела дека времето е во главата и не е објективна категорија.

До Куршумли ан, не би знаела да кажам колку време ми е потребно, редовно го утнувам патот, тоа е единственото место кое не може да се вдоми во мојата лична мапа заедно со тоа како се стигнува до него. Колку што имам чуено на многумина природни им се омразата на секоја основа и стравот да се премине Камени мост.  Тие никогаш ја немаат доживеано една од најубавите алхемии во Скопје: џез концерт во стариот турски ан, во врела летна вечер. Една од најприродните скопски спојки, нешто слично како концерт во парк (педесеттина минути од дома) преку ден, навечер или преку ноќ. Дури и не мора да има концерт, седење во парк од април до средина на октомври е логично како лето на море.


И на некое од тие шпартања, кога по којзнае кој пат си ја утнала уличката и се вртам во круг, но затоа откривам ново ќоше или некоја невидена комбинација – во тие „спори“ придвижувања помеѓу две точки, ми стануваат јасни суптилните премини, споеви, особини, промените на мирисите и боите. И освен што си ги средувам мислите, до најситни детали разглобувам некој проблем, истовремено сум и за и против некоја ситуација – со секоја нова моја пешачка патека, сфаќам дека тие најситни парченца од секојдневието на мојот град, доживеани во тоа, како што некој би рекол, безделничење, создаваат спомени - потребни се и важни!


Wednesday, March 20, 2013

Текст 1 + два кратки раскази

Се двоумев дали првиот текст на блогов да биде фин вовед или пак да почнам директно со текстовите што ги пишувам. Но еве, решив, да почнам со двоумење, една моја другарка би рекла дека тоа е целосно во склад со мојот хороскоп, но да го оставиме запознавањето за понатаму. Значи, еве сега направив некаков баланс (повторно симптоматично за мојот хороскопски знак, би рекла истата другарка) еден ваков краток вовед – во кој сигурно ќе го добиете впечатокот дека сум занесена по хороскоп – и два кратки раскази избрани случајно и немаат никаква намера да бидат некаква програма, идеја водилка или синтеза на тоа што ќе можете да го прочитате тука.


***

Несоница 1


Првата вечер некаде на пат или кога спиеше надвор од својата соба, секогаш ја пробдејуваше, се превртуваше, времето ужасно споро поминуваше, а низ главата и се вртеа параноични сценарија. Агонично бдеење. Причината воопшто не е битна, нема ни сега да ја каже, ја има заборавено. Тоа што останува во една таква вечер, тоа што останува засекогаш, сè друго забораваш – и причината, и местото, и луѓето кои биле со тебе во соба, тоа што останува е допирот со времето што се растегнува. Му ги истражуваш границите. Си велеше дека ако задреме можеби кога ќе ги отвори очите ќе биде дојдено времето да замугри. Секогаш утрото смирува. Во такви утра ѝ се случувало да може да заспие на неколку часови. Но ако се разбуди од некоја неочекувана дремка и види дека има шуте половина час или цел час до првите мугри, тоа време минува уште поспоро. Најспоро, не може да се дофати спороста. Обратно од стоењето на времето. Тогаш времето како да се растегнува наназад.

Кога времето се наоѓа во оваа состојба просторот се намалува. Или подобро: времето заедно со неа се зголемува, шири, ја исполнува целата соба, удира по ѕидовите. Тогаш се отвора тој мачен процеп низ кој излегуваат стравови и паранои, страшни сенки по ѕидовите, загушувачки с`клет и немир.

Сепак, спиењето во утрото по таква вечер е најубаво. Без разлика дали заспивајќи рано наутро со џемпер и топла покривка, по неколку часа ќе се разбудиш препотен.

Мрзливо утро –
во главата
виулица
вртлози
виор

Зарем стварно мислеше дека ќе биде толку лесно!?


Несоница 2


Мислише дека тоа е страст. Во моментите кога не го чувствуваше тој наплив во стомакот, кога беше смирен и сам со себе, кога лежеше во креветот без да заспие и цела ноќ ги следеше сенките на ѕидовите и мебелот – во тие непомерливи и спори моменти мислеше дека тоа е страст; и беше мирен со себе. Тогаш, по доволно долго следење на сенките, ќе му дојдеше незапирлива идеја. Ќе ја запишеше. Ќе излезеше песна. По неколку дена ќе ја прочиташе и ќе ја фрлеше во купот заборавени дела, просечни.

    Доаѓаат доаѓаат
    ги осеќам кај идат
    ќе стигнат, тука ќе се наскоро
    завесите наеднаш ќе затреперат па ќе се смират
    а тие ќе дојдат.

Да! Параноидна патетика.