Се
двоумев дали првиот текст на блогов да биде фин вовед или пак да почнам директно
со текстовите што ги пишувам. Но еве, решив, да почнам со двоумење, една моја
другарка би рекла дека тоа е целосно во склад со мојот хороскоп, но да го
оставиме запознавањето за понатаму. Значи, еве сега направив некаков баланс
(повторно симптоматично за мојот хороскопски знак, би рекла истата другарка)
еден ваков краток вовед – во кој сигурно ќе го добиете впечатокот дека сум
занесена по хороскоп – и два кратки раскази избрани случајно и немаат никаква
намера да бидат некаква програма, идеја водилка или синтеза на тоа што ќе
можете да го прочитате тука.
***
Несоница 1
Првата вечер некаде на пат или кога спиеше надвор од својата
соба, секогаш ја пробдејуваше, се превртуваше, времето ужасно споро поминуваше,
а низ главата и се вртеа параноични сценарија. Агонично бдеење. Причината
воопшто не е битна, нема ни сега да ја каже, ја има заборавено. Тоа што
останува во една таква вечер, тоа што останува засекогаш, сè друго забораваш –
и причината, и местото, и луѓето кои биле со тебе во соба, тоа што останува е
допирот со времето што се растегнува. Му ги истражуваш границите. Си велеше
дека ако задреме можеби кога ќе ги отвори очите ќе биде дојдено времето да
замугри. Секогаш утрото смирува. Во такви утра ѝ се случувало да може да заспие
на неколку часови. Но ако се разбуди од некоја неочекувана дремка и види дека
има шуте половина час или цел час до првите мугри, тоа време минува уште
поспоро. Најспоро, не може да се дофати спороста. Обратно од стоењето на
времето. Тогаш времето како да се растегнува наназад.
Кога времето се наоѓа во оваа состојба просторот се
намалува. Или подобро: времето заедно со неа се зголемува, шири, ја исполнува
целата соба, удира по ѕидовите. Тогаш се отвора тој мачен процеп низ кој
излегуваат стравови и паранои, страшни сенки по ѕидовите, загушувачки с`клет и
немир.
Сепак, спиењето во утрото по таква вечер е најубаво. Без
разлика дали заспивајќи рано наутро со џемпер и топла покривка, по неколку часа
ќе се разбудиш препотен.
Мрзливо утро –
во главата
виулица
вртлози
виор
во главата
виулица
вртлози
виор
Зарем стварно мислеше дека ќе биде толку лесно!?
Несоница 2
Мислише дека тоа е страст. Во моментите кога не го
чувствуваше тој наплив во стомакот, кога беше смирен и сам со себе, кога лежеше
во креветот без да заспие и цела ноќ ги следеше сенките на ѕидовите и мебелот –
во тие непомерливи и спори моменти мислеше дека тоа е страст; и беше мирен со
себе. Тогаш, по доволно долго следење на сенките, ќе му дојдеше незапирлива
идеја. Ќе ја запишеше. Ќе излезеше песна. По неколку дена ќе ја прочиташе и ќе
ја фрлеше во купот заборавени дела, просечни.
Доаѓаат доаѓаат
ги осеќам кај идат
ќе стигнат, тука ќе се наскоро
завесите наеднаш ќе затреперат па ќе се смират
а тие ќе дојдат.
ги осеќам кај идат
ќе стигнат, тука ќе се наскоро
завесите наеднаш ќе затреперат па ќе се смират
а тие ќе дојдат.
Да! Параноидна патетика.
No comments:
Post a Comment