Откако ќе се прочита
Што останува? Ми се допаѓа кога по завршувањето на
последната страница од една книга, се осеќам тажно и се нервирам дека во текот
на читањето сум се влечкала, сум оставала неубаво прочитани делови, сум била
невнимателна. Ако е добра книгата нема да фалат тие делови, но сепак се туфкам:
што ако нешто преубаво сум испуштила!?
Имам прочитано многу од оние книги што ги цитираш потоа, чии
слики те следат и ги пронаѓаш во одредени животни моменти. И секоја од тие
книги, сега да земам да ја читам нема да ја доживеам исто како тогаш, нема да
ги запамтам истите слики, нема да ја цитирам, можно е и да не ми се допадне.
Сакам да кажам, за некои книги има точно одредено време, како и за филмови,
разговори, дејства. „Мемоарите на Хадријан“ од Маргарит Јурсенар, сè си мислам, е една од тие книги.
Продолжетоци на историјата
Неодамна видов една авионска снимка на Рим, со Пантеонот
(изграден во времето на Хадријан) во фокус. Зградите околу него се наредени
така како таа голема округла зграда да ги истиснала за да си направи простор.
Природно ја следат нејзината форма. Истото се случува со патот околу Колосеумот
(завршен 40-тина години пред Пантеонот). Се извива на еден логичен начин околу
ова огромно овално здание, дури не се ни изненадуваш кога ќе го здогледаш
оддалеку, сосе туристите и тезгите на ширината пред него. Во Рим така се
укуткани зданија и споменици од векови наназд. Изникнуваат помеѓу редовите
медитерански борови со крошни како печурки. Рим – музејот на отворено со мирис
на еспресо! Тоа беше мојот впечаток од овој град кога бев таму пред некоја
година.
Ставот на Хадријан за продолжетоците на историјата ме
потсети толку на овој мој впечаток од Рим од почетокот на 21-от век. Тој
практично кажува дека сè што е направено пред нас треба да го земеме, да го
премериме, да го вклопиме, заедно со нашето, новото, кое потоа ќе биде на ист
начин превреднувано од идните генерации. Така историјата се продолжува, во
редица од подадени раце, преку кои сите сме поврзани. Е сега, ова слика на
подадените раце може да биде сфатена и малку патетично или излитено, но, сепак,
замислете си ја таа редица на луѓе кои пред нас шетале по улиците, подигале
споменици, граделе куќи, палати, сликале и пишувале...
„Дури и таму каде што внесував новини, сакав да се чувствувам пред се како продолжувач. Преку Трајан и Нерва, кои официјално ми станаа татко и дедо, бев поврзан дури и со оние дванаесет цезари што Светониј толку пакосно ги нападна: луцидноста на Тибериј, без неговата немилосрдност, наукот на Клавдиј, без неговата слабост, вкусот за уметност на Нерон, но исчистен од сета глупава суета, добрината на Тит, без неговата безбојност, штедливоста на Веспазијан, без неговата смешна скржавост, беа примери на кои самиот си укажував. Тие владетели имаа своја ролја во човечката исторја; натаму, на мене остануваше да направам избор на нивните дела што требаше да се продолжат, да се утврдат најдобрите, да се поправат лошите, се до денот кога други луѓе, повеќе или помалку повикани за тоа, но подеднакво одговорни, ќе се погрижат да го сторат истото со моите дела“.
Јурсенар во овој роман се обидува да влезе внатре во тој свет, да го реконструира обичниот живот, да ги согледа тие ликови од високото или од ниското општество, како се движат низ Рим, како патуваат, како мислат, се радуваат, умираат. Извлекувајќи го она што е најтрајно, најзначајно, универзално од нивните животи, таа, преку тие фатени раце, доаѓа до Хадријан и ни го донесува неговиот живот, близок, јасен, разбирлив... „тие луѓе, како и ние, јаделе маслинки, пиеле вино, прстите им се лепеле од медот, се бореле против остриот ветар и дождот што обневидува, лете ја барале ладовината на чинарите, се насладувале и мислеле, старееле и умирале“ – вели авторката во својот Бележник. Врските кои можеме да ги воспоставиме со луѓе со кои нè делат векови, можат да бидат подлабоки, отколку со луѓето – наши современици.
Гласот на Хадријан, гласот на Јурсенар
Бележникот, што го споменував и во претходниот текст, е неверојатна можност да се влезе во главата на авторката. Со него добиваме прекрасен баланс помеѓу гласот на Хадријан и гласот на Јурсенар: нејзините дилеми, патешествието на идејата за романот, долгото спремање, трагањето по вистинскиот агол, патувањата и истражувањата, животот... неговите дилеми, патешествието на неговото владеење, барањето на вистинскиот начин, патувањата и љубовта, смртта, животот. Дополнително, на крајот, се поместени и забелешки во врска со историските факти и користените извори. Таа детално објаснува кои материјали ги користела за секоја одделна тема во романот, кои факти се вистинити, кои измислени, кои припишани на други ликови за замислата да се изведе соодветно.
Овие два дела, додадени на текстот, даваат слоевитеост на целата книга, која не би можела инаку да ја има. Од една страна имаме увид во начинот на кој делото било создавано, а од друга се воспоставува уште една димензија на комуникација помеѓу читателот и делото во која, за прашањата кои си ги поставуваме додека ги читаме мемоарите, потоа во другите два дела ги наоѓаме одговорите, но и додатно се раѓаат нови прашања и размислувања. Се отвара и можност за дополнително истражување на темите од интерес на читателите, преку дадените користени материјали.
Интересна тема, што произлегува од овие делови е и родовата. Главниот лик е маж, нарацијата се одвива во прво лице еднина. Пишува жена. Ликот на Хадријан, начинот на раскажување, потоа и структурата на мемоарите, се во склад со машкиот лик Хадријан. Видливи се кратки проблесоци од искуството на авторката, каде што на момент се одигрува некоја конфликтна ситуација помеѓу родовите – да бидам малку драматична – но тоа е толку малку и суптилно. Во времето кога го пишувала романот (објавен е 1951, а пишуван и работен децении наназад; чисто колку за илустрација, во Франција, прва жена која влегува во Академијата е токму Јурсенар – во 1980 година) авторката се соочува со неможноста за главен лик да земе жена. Таа вели: „Животот на жените е многу ограничен или многу таинствен. Ако жена раскажува за себе, првиот прекор што ќе и се упати е дека повеќе не е жена“. Тргнувајќи од ова, таа го раскршува романот на претходно споменатите делови и автореферентно го вградува својот глас во Бележникот. Гледано од овој агол, Бележникот ни ја дава и оваа димензија. Авторката, која, секако, е вградена и во главниот лик, со својот Бележник, застанува покрај него, со својот глас и тело, живот и имагинација.
Можеби ќе биде продолжено...
Додека се чита една книга (1)
Можеби ќе биде продолжено...
Додека се чита една книга (1)
No comments:
Post a Comment