Престрашно е кога си заљубен. Како да висиш некаде помеѓу
себе и другиот. Стварноста станува поинаква, не е повеќе таква каква што била
кога си била сама. Светот станува поинаков и го забораваш каков бил претходно.
Не е нужно поубав. Само поинаков. Всушност, на моменти е поубав на моменти
пострашен. Живееш во екстреми. Нештата се редат во поинаков ред. Мислите во
друга хиерархија. Делот од градот каде живее и местата каде го среќаваш –
добиваат многу поинакво значење. Таму си на штрек, постојано очекуваш да го
видиш, се движиш неспретно, мислиш дека од некаде те гледа. Гледаш на сите
други страни освен во неговиот балкон. Се обидуваш да гледаш на сите други
страни освен во групата негови пријатели што стои на излезот од барот,
безуспешно. Знаеш дека ќе дојде, сакаш да не мислиш на тоа, затоа што мислиш
дека ако мислиш дека ќе дојде, тој нема да дојде. Страшно е бидејќи висиш во
бестежинска состојба без да знаеш што точно правиш. И кога мислиш дека
рационализираш, всушност не можеш со сигурност да кажеш дека е така. Ти си во
друга стварност.
Некако слично е и кога ќе излезеш од таа состојба. Забораваш
како било внатре. И сега кога ги читам старите белешки, заземам крајно циничен
став. Се тргам и од високо се исмевам. Заборавам дека кога сум била таму сум се
исмевала на овие прозаични дилеми кои ме мачат сега. И како вечен трагач по
рамнотежата застанувам немоќно пред оваа состојба.
И тогаш, од овој целосно интимен цинизам, излегувам надвор
меѓу светот со својата иронија и интуиција – овие две се најсилни кога сум сама
со себе, тоа е и показател, дека сум сама. И одам на пат. И тоа, по мојот
роденден. Родендените и без тоа се чудни периоди. Состојбата на умот е нешто
како кога е нова година. Броиме години, устата ја гризе опашката, кругот врти...
Без размислување, платив, спакував малку облеки, фотоапарат, фен, четка за заби
и книга и отидов на четири дена во Црна Гора. На море. Морето во есен. Не толку
морето, колку градовите покрај море во есен се особено интересни – испразнети
по летната навала на туристи, во нив останува по некој мештанин, два отворени
локала, две поголеми продавници, празни улици и шеталишта и закотвени бродови.
Ги гледаш бродовите, сами, без луѓе кои се сликаат и ѕиркаат внатре и се чудиш,
дека толку силно доаѓаат до израз.
Утрото по забавата остануваа полупразни пластични чаши, скинати балони, колачиња со размачкан тиркизен шлаг и мачнина од последниот разговор таа вечер. Стануваш порано отколку што би сакала, го собираш ѓубрето колку да го ослободиш шпоретот за да си свариш кафе. Јако турско кафе без шеќер. Потоа ја земаш чинијата со колачите и си пушташ телевизија. Среќа е, тогаш да налеташ на пет епизоди од Сексот и градот на Фокслајф. Потоа повторно ја осеќаш мачнината. Земаш да читаш. До попладне. Некаде подоцна ќе дочистиш. Но, сигурно е, мачнината нема да си отиде ни кога вечер ќе си легнеш, ниту пак кога следното утро ќе станеш и повторно ќе си направиш јако кафе. Не си оди таа така. Доброто е што не се дупнаа сите балони, си велиш додека стануваш со собрана енергија од повеќечасовното одмарање, доволно сме надувале.
А сега сум сама, со една пријателка и полн автобус луѓе кои
живеат без иронија и не мислам на ништо освен на бродови. Има нешто убаво во
тоа кога ти е јасно што се случува, кога имаш одлучено, ја осеќаш контролата
над својот живот и знаеш дека овие денови кога го одложуваш тоа што мораш да го
направиш, не се пропаднати денови, тие се во рамки на контролата, не бегаат, не
се бесцелни. И само уживаш.
Додека се трудам да видам што е можно повеќе од пејзажот низ
прозорот на автобусот, додека овој вози кон Дубровник, сфаќам дека за
излегување од одредена заљубена стварност, потребно е да се постави рамнотежа
или да се затвори кругот и четири дена на есенско море.
„Ако за другите семантички фигури важи изреката „едно мислам, друго зборувам“, за иронијата таа би гласела: „едно кажувам, спротивното го мислам“. Основниот и иронискиот поим се поставени во тотална меѓусебна спротивставеност во заедничката ознака. Тие се во директна антитетичност или антоимичност: се вели „баш си добар“ а се мисли „воопшто не си добар“. Иронијата е сушта спротивност во знакот, но не праволиниски туку покомплексно сфатена: неопходен е целиот контекст, од интонацијата на кажаното, до гестовите и артикулацијата, да може да се прочита иронизираната порака. (...) Иронијата е постапка на промена на значењето на сè речено за еден предмет во спротивен правец, во смисла на доведување во прашање на ставање под сомнение и „критика“ на тоа „сè речено“. (...)
Семантиката ги брише разликите мешу означените, поаѓајќи од нив: на парадигматското рамниште на јазикот односите се посложени, повеќедимензионални, повеќенасочни и дијалектични. Расчекорот меѓу означените во иронискиот знак, не оди секогаш во насока на чиста спротивност, туку и на потсмев-подбишега, на автодеструкција или на критика на постојното. Преносот на значењето во иронијата не е секогаш јасно дефиниран интралингвистички однос, туку ја пренесува и ироничноста на самата вонјазична ситуација, на самиот предмет. Имено, не се иронизира само текстот туку и поширокиот контекст.“
Катица Ќулавкова - „Фигуративниот говор и македонската поезија“, стр. 125-127
No comments:
Post a Comment