Thursday, May 23, 2013

Пруст за на плажа


Кога почнува да се стоплува и во делот од денот кога е најтопло немаш желба ништо да правиш, во тој период од годината секогаш го читам Пруст. Многу убаво оди и на плажа, под чадор со чаша ладно кафе забиена во песокот. Па, еве, да се потрудам да бидам во тек со клишеата и да излезам со предлог книга за ова лето - „Комбре“ од Пруст.

Комбре е првата книга од седумтомниот роман  „Во потрага по загубеното време“. Дело кое трага во сеќавањата. Дело напишано од и за сеќавањето. Пруст е долг, развлечен и спор, досаден, многу често. Долгите страници за тоа како главниот лик во детството го чекал доаѓањето на мајка си да го бакне пред спиење, долгите описи на прошетките во шумата околу Комбре, описот на мирисот на мадленот натопен во липов чај кој тетка Леони му го давала при секоја посета, летата поминати во Комбре – пишувањето на Пруст е развлечено и споро, досадно, многу често. Најчесто книгата ја оставаме по само една прочитана страница (и тоа прекинуваме да читаме некаде на средина на текстот, затоа што нема поглавја, само еден долг непрекинат текст!). Најчесто. Но, не и на плажа под чадор, со студено кафе покрај лежалката и мирисот на морето толку блиску. Оваа состојба на духот, погодна за читање на Пруст, може да се постигне и во други случаи, така што може примерот со плажата да се земе само како пример, погоден заради временските услови периодов. Можеби таа смиреност и потреба да не се поместиме од местото ја имаме во некоја друга ситуцаија: викендица на планина, долго неделно попладне поминато на балкон, тмурен зимски ден замотани во ќебе... Најбитно е да не постои желбата да бидеме на ниедно друго место, освен таму каде што сме. Тоа е убава состојба. Не само за читање на Пруст!


И кога ќе останеме така во таа состојба, сфаќаме дека целата содржина сите тие лавиринти во кои се губи ликот следејќи ги сеќавањата, не се најбитни. Не е важно дали ќе ги запамтиме сите ликови, сите раскажани приказни и истории, сите описи; битното е во тоа, што тие описи, таа нарација и тој тек на свест предизвикуваат кај нас: паралелно со главниот лик нè тераат да ги мислиме нашите сеќавања, да доаѓаме до нашите вистини и да трагаме по нашето детство, минато, заборавени средби, слики, мириси, познаници или блиски пријатели. Сите тие долги и напорни реченици, реков, досадни описи, лавиринти, нè губат и нас како читатели во сопствениот внатрешен свет. Се одвива еден паралелен, огледален процес: главниот лик и неговата потрага се отсликува во нашата сопствена. На крајот на книгата, сфаќаме дека авторот како да го направил тоа намерно со нас, не ни дал готови вистини за времето и сеќавањата, за детството, за битните работи и суштини во животот, туку нè однел во потрага, самите да ги најдеме во нас.

Пруст е еден од оние стожерни автори со кои можеме да се занимаваме од најразлични аспекти, да го разгледуваме во наратологијата, во контекстот на новиот роман и текот на свеста, да истражуваме колку е автобиографски... Но, и не мораме. Можеме да не прочитаме ниедна рецензија, ниедна студија, ниту текст за Пруст или за неговото дело и повторно да уживаме во него, да имаме што да кажеме и запамтиме и делото да постане битно за нашиот живот. Затоа што не е битно ако нешто не ни е јасно, не се така битни тие детали содржани во долгите реченици и бескрајните пасуси без поглавја, битно е што тие реченици будат кај нас. Пруст пишува за напливот на сеќавања што се будат преку мирисот на едно колаче мадлен потопено во липов чај. Тоа се случило секому. Дозволете му на мирисот да ве допре, пробајте од чајот, слушнете го шумот на морето и нурнете во сеќавањата...


No comments:

Post a Comment