Не дека имам цел и желба да бројам, туку можам да ја видам
бројката на постови веднаш штом го отворам блогспот.ком. Па си реков, една
ваква заокружена бројка би можела да се означи. И во таа чест, еве еден пост за
постовите.
Блогот кај нас направи бум некаде пред 7-8 години, кога
блогерите беа присутни во телевизиски емисии и како колумнисти во печатените
медиуми: на пр. „Неделно Време“ (неделник на веќе непостоечкиот дневен ведник
„Време“) отстапуваше две големи страници за колумни на блогерите. Блог
платформите денеска се лесно употребливи за тематски или општи информативни портали
и онлајн весници, како и за ќошиња посветени на колумни во склоп на постојните
информативни сајтови. Непосредноста и секојдневноста на Facebook и Twitter го
преземаа приматот – еве и јас, ги ширам текстовите од мојот блог преку другите
социјални мрежи. Ова ги става блоговите некако како во сенка, во заветрина, што
овозможува да бидат преобмислени, да се направи пауза од нагли промени и да се
искористи тоа што веќе го носат со себе.
Блогот може да биде дневник, нотес, плејлиста, лексикон,
скрапбук, книга со есеи, раскази, секакви преводи, весник... Без разлика што ќе
биде, самиот медиум бара авторот да има личен пристап, самиот те тера да
пишуваш на одреден начин, да вметнеш лични приказни и примери, да внесеш
проѕирност во начинот на кој се создава текстот, да овозможиш увид во она што
се случува во главата... Секој пост во себе, не задолжително, но најчесто, го
содржи и неговиот making of…
Индивидуалност и расцепканост, многу повеќе го опишуваат
блогот, отколку да кажеме дека тој е само простор за искажување на својот став,
денеска многу лесно е да се искаже став на кој било начин. Блогот дава можност
сам да го уредуваш, да го претставиш ставот и да се заплеткаш помеѓу термините
јавно и приватно, за да сфатиш, дека кога застануваш со еден текст, слика,
песна на интернет, настапуваш јавно и имаш одговорност. Многу повеќе отколку на
Facebook, што сега е веќе секојдневна алатка, овде сфаќаме дека тоа што го
кажуваме го кажуваме во некој етер, некој го чита, до некого допираме и
останува подолго, имаме можност да направиме влијание – потребно е да сме
одговорни!
Блогот е еден поглед на еден човек. Секогаш различен и
неповторлив. Како таков, тој дозволува да се пишуваат и потешки текстови. Но сепак, за мене, и тешките текстови не треба да
бидат тешки, треба да се пишувани за
поширока публика, не за специфична. Не е потребно да се употребуваат прецизни
термини за да биде јасен некој концепт, може тоа и на поинаков начин. Луѓето се
плашат да објавуваат потешки текстови, затоа што тие не носат со себе голем
број на кликови – публиката не ги сака (!?). Да не генерализираме дека секој лесен текст треба да биде неписмена вест
од две реченици. Па, сепак тие се најнајбројни. И затоа секој ден на мојот home
page ме дочекуваат само исти исти исти вести од еден ред со десет граматички
грешки во тој еден ред и со потекло од исти исти исти портали кои се појавуваат
секој ден. Кога сето ова доаѓа преку глава, логично следува: не ги читај,
пишувај!
На мене ми е најјасно на светот дека оваа состојба е наше
секојдневие и не ни помислувам на некој радикален пристап на укинување. Тоа е
во ред. Сосема во ред. Но, секогаш ме замислувале две работи: како да навигирам
низ сите тие информации, кои ми се крајно непотребни и како тие кратки мали
вести ја потценуваат публиката. И сфаќам дека пристапот мора да биде современ. На
луѓето им е здосадено од напорни, спори текстови кои се пишувани како за пред
најмалку 20 години кога информациите не нè бомбардираа така како денес. Треба да
бидеме современи и снаодливи. Современи во пишувањето, снаодливи со
навигирањето на информациите.
И решив да пишувам блог, да придонесам кон објавување на
уште повеќе информации – колку ова и да изгледа иронично, може да биде и
вистинскиот начин, кон едно средување на тие информации, копање на свој пат,
канализирање и редење во главата. Мојата глава. Со создавање на мое место среде
тој сајбер простор полн најразлични текстови,
си го фокусирам моето лутање низ информациите, си го наоѓам патот, ја пишувам
мојата приказна и се надевам на идни вкрстувања на патишта и приказни на други
луѓе. Ова е мојот начин, да го доловам погледот на еден човек.
No comments:
Post a Comment