Се
зачуди како да го гледаше првпат... Не: Ја
зачуди тоа што ѝ се причини како да го гледа за првпат... Или: Ја зачуди импресијата. Како да го гледа за
првпат…– Лина продолжи да ја превртува во умот првата реченица од
вчерашниот расказ со која не беше задоволна. Се движеше по малите улици со
силна сензација како да е лик од расказ. Реченицата уште се превртуваше во сите
можни варијанти. Сензацијата беше многу интензивна. Не се обидуваше да најде
поврзаност меѓу нив. Само одеше.
„Таа е една неубава, се знае со Клара...“ –
дојде до неа отсечок од телефонски разговор на девојката во бел капут која само
што помина покрај неа.
Како може некој да опише некого, што
другиот веројатно не го знае, со придавката неубав!?
Може ли да биде тоа објективен опис? Кога ќе ја прашаа дали некој е убав или
не, секогаш мислеше на енергијата: убава или неубава енергија. Целосно ја
презираше поделбата на изглед и ум или дух или што и да е. Луѓето се целини,
неделиви. Можат да имаат убава или грда енергија, додуша и еден куп нијанси на
енергија меѓу тие два спротивставени пола.
Чувствуваше како промените на нејзиното
лице да ги опишува раскажувач. Проаѓајќи покрај фото-студиото/фризерница „Лик“
се насмеа на една случка со него, од пред неколку дена. Никој не помина во
моментот за да ја погледне чудно. Кога луѓето одат намуртени по улица тоа е
сосема нормално; целосно е чудно некој да се насмее, сам со себе. Но, ете, баш
никој не помина, за да ѝ ја
потврди уште еднаш теоријата.
Малку понатаму, минувајќи покај
пилјарниците, лицето ѝ стана тмурно. Луѓето ѝ доаѓаа во пресрет, ја одминуваа,
двајца покрај комбито за достава зборуваа за брокула, вработените во
парфимеријата се мачеа да ги закачат новогодишните светилки на стаклото на
излогот, ја расположија трите сијалици со различна форма закачени под натписот
на една продавница... Сред таа бркотница од кратки и брзи импресии, Лина
почувствува како ја стега десната нога. Ја префрли чантата на левата рака. Не
помага. Но сензацијата е сè уште интензивна. Ќе го види вечер! Ќе го види
вечер! Мора да го види. Тој мора да го дофати брошот со цветови на нејзиниот
црно-сив шал. Сигурно ќе му биде интересен.
Ја
зачуди импресијата: како да го гледаше за првпат. Како да не беше тој. Но, беше
тој. Се зачуди дека заборавила колку ѝ е убав.
Откако ја одмина бившата сапунара. Таа косо
поставена чудна градба што се распаѓа, сакаше да ја мисли како театар со
неодоливо бифе. Си помисли дека сензацијата ќе заврши. Ќе ја заборави и нема да
може да ја запише. Брзаше да ја запише и се обидуваше да се одржи во чувството.
Ако дојде порано во кафèто ќе ја запише. Ако не го види ќе ја запише. Нема да
го види! Ќе го запише расказот и сензацијата ќе исчезне. Нема да го види!
Неповрзани остри болки во мускулите. Сега
не е само ногата. Дали е тоа симптом за пад од фикцијата?
8.12.2010
No comments:
Post a Comment