Не сум сигурна од кога потекнува мојата фасцинација од Загреб. Долго пред да го посетам, за него дознавав од филмовите на Далибор Матаниќ: Fine mrtve djevojke, Sto minuta Slave и Volim te... од прекрасниот документарец Sretnodjiete, посветен на музиката и културата на новиот бран во Загреб – музика и движење неразделно поврзано со градот, следствено или првенстевно не е баш јасно, музиката на тие бендови стана дел од моето секојдневие. Потоа и граѓанските акции за бесплатно образование – окупираниот Филозофски, па за гаражата што требаше да се гради на Цветниот плоштад и протестите организирани од иницијативата Право на град и Зелената акција... ме фасцинираа со начинот на кој функционираа и креативноста во акцијата и ги следев како да сум таму. Не сум сигурна ниту зошто баш Загреб, од каде Загреб. Не верувам дека има некоја посебна причина, едноставно, случајно сум го одбрала.
Но, никогаш не бев отишла во Загреб. Мојата блага опсесија си траеше и тлееше и кога, пред три години, првпат можев да одам, бев и возбудена и вознемирена дека сето тоа што сум го слушала, читала и замислила за Загреб, ќе се покаже дека е илузија и ќе се сруши кога ќе излезам надвор од автобуската станица. Но, не се случи тоа, напротив. Ме фасцинираа нови работи: ненапнатоста и лежерноста на луѓето, вкусот на кафето со млеко („нашето“ макијато) направено со Франк еспресо, достапноста на градот и движењето низ него со уживање... Тогаш бев во февруари, автобусот Скопје – Загреб пристугнува некаде во 6 часот наутро, па стигнав во темни мугри малку пред да се раздени. Стихот Kada Zagreb izranja iz sna од тогаш засекогаш ми е врежан кога ќе помислам на Загреб.
Овој пат, три години подоцна, одам во лето, изгрејсонцето нè стигнува на некои десетина километри пред Загреб, но повторно тој стих. Не знам како оди понатаму, не знам ни која песна е... нешто со кондуктери, трамваи и фрикови... Радосна сум. Не само заради градот туку и заради причината која ме носи таму: концерт на The National, за кои да мислам и мислам нема да ми текне поубав град каде би ги слушала пред Загреб. Повторно случаен избор, интуитивен.
Музика, пиво и музеи
Секој престој во некој град создава посебен вид на спомени, од него си понесуваш сувенири кои никаде никогаш никој не ги спомнал во туристичките водичи, ниту пак можат да се искусат при посетите со организирани тури. Кога сам откриваш нов град, секое ќоше, секој мирис, случајна посета на музеј, паб или концерт може да стане спомен кој неочекувано ќе те следи долго. Па така, The National, разбирливо, беа саундтракот на престојот; хортензиите станаа личен симбол за Загреб: ги имаше секаде, во нашиот двор (розеви), во паркот Зрињевац (бели) и на еден куп други сокриени или отворени места; мирисот и вкусот на Франк Супериоре еспресото со млеко испиено во кафéто на Музејот на современа уметност е личен спомен за мирисот и вкусот на Загреб, заедно со прекрасните пива од пивницата Mali medo на Ткалчичиќевата улица.
Музејот на современа уметност во оваа посета инспирирана од музиката на The National се вклопува многу природно и ненаметливо. Прво, сместен е далеку од центарот, на половина час возење со трамвај (може да се фати број 14, од пред Hrvatsko narodno kazalište, кој оди по Савска, до реката Сава, потоа врти по Дубровачка Авенија и на втората станица по загрепскиот Велесаем е станицата МСУ). Патувањето до оваа претежно резиденцијална и комерцијална област, со огромни булевари и зелени површини, може да даде нова нијанса на градот кој го знаеме само во неговиот центар. Разликата што се чувствува кога ќе се помине под железничката пруга е голема – нешто како таа линија: Железничката, хотелот Еспленад и Ботаничката градина (кои го означуваат крајот на центарот на Загреб на јужната страна), да претставува реска граница, зад која градот се развивал на сосема поинаков начин. Но, музејот супер се вклопува во тоа опкуружување, со својата фасада од плексиглас и широкиот простор пред влезот на кој има надворешни уметнички инсталации. Првото што се забележува уште од трамвајот е тобоганот, во средината на музејот. Идејата е: ја разгледуваш постојаната поставка, завршуваш и наместо да ги бараш скалите, можеш да се спуштиш со тобоган долу и веднаш да си седнеш во кафéто и да се напиеш кафе имајќи ги сè уште пред очи и во глава делата што си ги видел. Самиот тобоган е дело на уметникот Carsten Höller специјално нарачан за музејот. Постојаната поставка на музејот е концепирана тематски не хронолошки, во привремен распоред обединет под името „Збирки во движење“. Ова ми се виде многу интересно затоа што во една соба или еден дел од музејот можеш да најдеш поврзани дела меѓу кои ниедно не штрчи и шетањето низ музејот забавно искуство.
Сеедно, впечатокот што ми го остава Загреб е впечаток на нормален град. Во најубава смисла на зборот. Не обичен град. Само нормален. Секоја градина, плоштад, зграда, тезга, трамвај и човек имаат своја јасна поставеност, која не пречи, не е нападна, која е во склад со околината, која е само присутна, незаобиколна. Ништо не ти пречи на видот, не треба да се поместиш во десно за да видиш што има лево, сè што треба да видиш, мириснеш и почувствуваш во одреден квадрат од градот е таму каде што баш и треба да биде. Не знам, веројатно претерувам. Но тоа не е битно. Чувството на разлика помеѓу мојот град и Загреб е пресилно, токму во оваа смисла. Шокот кога се враќам во Скопје по престој во Загреб не можам да го опишам и да сакам. Загреб е град во кој фасадата е направена од плексиглас ако треба да биде направена од плексиглас; хортензиите растат на поголемки теписи од зелена искосена трева, надвиснати од огромни стари чинари во паркот во кој традиционално постои еден обичен железен летниковец каде се одржуваат концерти; јагоди, малини и капини се продаваат на една тезга на работ на Cvjetni trg; а наоколу гледаш луѓе со китка лаванда во рака... Знаеш кое годишно време е и кој историски период. Јасно е и лесно. Ненападно и природно.
No comments:
Post a Comment