Од кого ли беше идејата дека е невозможно да се долови едно
уметничко дело освен преку ново уметничко дело, инспирирано од првото,
надоврзано на првото? Секогаш ми се врти во глава кога треба да напишам или
кажам нешто за какво било уметничко дело, особено за ликовно. Се чувствувам
неадекватно и покрај тоа што силно ме погодило. Како да се изрази тоа – моќта
која ја има едно дело врз гледачот? Дали преку зјапањето во делото како да сакаме
да го запамтиме секој детаљ и да ни остане пред нас и многу време откако сме го
виделе? Дали со благата насмевка и гордоста што ја чувствуваме дека сме во иста
соба со ремек дело? Дали е во сепнувањето на таа девојка од Galleria dell’Accademia во Фиренца кога
на крајот од широкиот ходник ја здогледа скулптурата на Давид на Микеланџело?
Дали е во чистото посочување на моќта на делото или пак во купот текстови изнапишани
за него? Јас ги направив сите овие нешта пред делата и во музеите кои ги поминав
во Рим и Фиренца, а еве сега се обидувам да го направам и последното. Зошто?
Веројатно затоа што е премалку едно од овие за да се долови сензацијата што ја
имав кога го видов „Повикувањето на св. Матеј“ на пример, во темната и задушлива
црква San Luigi dei Francesi,
недалеку од познатиот плоштад Навона во Рим или вознемиреноста пред идеалната
скулптура на Давид во неверојатно осветлениот дел од Accademia во Фиренца, или пак возбудата од новите сознанија... Како
да се пишува за уметност?
Две цркви во Рим: споменатата San Luigi dei Francesi и SantaMaria della Vittoria. Караваџо во првата, Бернини во другата. Двајцата автори
што му го даваат барокот на Рим. Црквите веќе не припаѓаат на верниците туку на
туристите и вљубениците во уметноста. Луѓето брзо поминуваат покрај редовите
дрвени клупи, ретко се загледуваат во олтарот, се упатуваат во еден агол, една
капела околу која е собрано најмногу народ. Тоа е вистинското место на
поклонување! Santa Maria della Vittoria
е толку барокна, повеќе не може да биде: облачиња со ангели и злато. Ми текнува
на мојот лектор на факултет, кога ни предаваше за барокот, постојано
повторуваше: Fa meraviglia! – Забезекнува!
(во недостиг на подобар превод: многу е посилно од „зачудува“). Црквата го
користи барокот во време на контрареформацијата како средство за воспоставување
на својата моќ и кулиса за своето лицемерие. Народот е зачуден/зашеметен од раскошните
ентериери, се чувствува ситно и сосема човечки соочен со тоа недофатливо божествено богатство, а црковните лица
можат да продолжат со својата лицемерна игра на казнување на безбожниците,
забранување на богохулни книги и практики... Во таа барокна црква Бернини ја
поставува „Екстазата на св. Тереза“. Калуѓерката пластично го опишува своето
поврзување со Бога во својата автобиографија, бестселер во времето на
настанување на скулптурата – Бернини како да ја поистоветува спиритуалната со
карналната екстаза па ја претставува светицата во грч кој може да биде и е
интерпретиран двосмислено. Телесното: екстаза, болест, крв, смрт, страст... е
тема на барокот. Бернини го метаморфозира ладниот мермер во видлива телесна
експресија, а Караваџо тоа го прави на платното. Како да ни ја прикажуваат
сликата на светот позади кулисите од чудесии на кои Црквата инсистира. Како ли
се чувствувале тие свештеници и црковни кројачи на многу судбини, кога се
гледале во огледалото на овие уметници!?
За разлика од телесноста толку човечки прикажана во барокот,
во ренесансата, век и нешто порано – телото е идеал, симбол за совршена мерка и
човечка божественост. Кога се стои пред „Давид“ на Микеланџело, се доживува meraviglia, но не како во барокната
црква, туку заради совршенството на телото кое, веројатно, може во секој момент
да мрдне. До Давид нè донесуваат две редици на недовршени скулптури на
Микеланџело. Тела кои се обидуваат да се ослободат од вишокот на мермер. Микеланџело,
сметал дека каменот или мермерот самиот во себе ја крие скулптурата, готова,
скулпторот само требало да го тргне вишокот материјал од неа со раката која го
следи интелектот на авторот.
"Non ha l'ottimo artista alcun concetto
ch'un marmo solo in sè non circoscriva
col suo superchio, e solo a quello arriva
la man che ubbidisce all'intelletto." -
Michelangelo Buonarroti, Sonetto n. 151
Овие недовршени скулптури кои почнуваат да излегуваат од
големите мермерни форми се силна слика за тоа што Микеланџело сака да го каже.
Дали останеле недовршени од оваа причина? Дали уметникот се зафатил со работа
на нешто друго, изгубил интерес или пропаднала нарачката? Останува нејасно, но
и неважно... Скулптурата на Давид која довршена до совршенство се издигнува
високо во просторот под куполата од каде паѓа дневна светлина и идеално ја
осветлува, е тоа што е важно. Толку е моќна што дополнителните слики и изложби
кои се дел од оваа галерија како да стануваат непотребни. Толку е силно
присуството на скулптурата во просторот. Останува во глава долго откако ќе се
напушти галеријата, и тоа не е затоа што те следи од разгледниците, магнетите и
другите сувенири на тезгите низ градот.
„Just how powerful is art? Can it feel like love, or grief? Can it change your life? Can it change the world?“ – Simon Schama
И кога ќе заврши патувањето и ќе продолжи нормалниот живот,
кога повеќе не ни се пред очи овие дела, остануваат присутни, како љубов или
болка. И затоа пак се прашувам, како да се пишува за уметност? Некако поинаку? Дали
воопшто? Веројатно, ќе се обидувам пак и пак да го дофатам чувството на meraviglia.
No comments:
Post a Comment