Monday, November 24, 2014

Сам

Еден есенски ден излегов да се прошетам во паркот. Во мојот убав жолт парк. Прошетката траеше долго и во еден момент ми стана топло. Го извадив шалот го ставив на клупата на која седев и останав да гледам во езерото. Потоа се случи нешто. Видов некого. Не се сеќавам веќе кого видов. Во моментот тоа беше од неверојатна важност. Станав од клупата и забрзано тргнав по човекот. Може и не беше човек. Може беше некое куче. Како е можно да не се сеќавам на тоа?? Битно, тргнав и го заборавив шалот на клупата. Ми беше жал. Но што да се прави. Си реков, ќе се појави некогаш од некаде. Ништо загубено не останува засекогаш загубено.

И денеска ете, излегов да се прошетам на овој убав пролетен ден. Дојдов до клупата каде што пред неколку месеци го заборавив шалот. На местото каде што лежеше мојот шал сега седите Вие. Нели е тоа чудесно?

И беше чудесно, навистина! Но, ако некој во тој ист момент, додека се случува овој расказ, помине покрај таа клупа, ќе види маж во црн капут и до него сив шал, префлен преку потпирката на клупата. И сигурно ќе си продолжи по својот пат. Ако нешто, воопшто, помисли за оваа слика, некогаш некаде и во некаква прилика, тогаш тоа ќе биде само еден мал збор – сам.


5.12.2011

Friday, October 31, 2014

Независна култура, поим и македонски практики

Поим

Полето на независниот културен сектор е специфично поле кое, теоретичарите го сместуваат помеѓу јавните субвенции и приватното покровителство. Значи, неговите иницијативи водат потекло од непрофитниот и од невладиниот сектор, односно припаѓа на таканаречениот „трет сектор“, додека, пак, неговата специфичност се состои во истражувањето на современите уметнички вештини и техники, практицирање на уметноста и креативноста надвор од јавните и националните институции на „високата“ култура, се карактеризира со отвореност, непосредност... Активностите на ова културно поле се непосредно и нераскинливо поврзани со поширокиот социо-културен контекст. 
„Тој е оној општествен седимент кој постои како мрежа, пајажина која ризоматски се шири низ разни релации во општеството, во политичкото, во еснафот, пријателски навлегувајќи во солидарна акција со другите еснафи. Независниот културен сектор укажува на нужноста од епистемолошки анархизам, од отвореност, која значи бришење на границите помеѓу секоја бинарна опозиција и исцртување на маргините на некои поинакви модели на дејствување, кои подразбираат голем влог, храброст и будност. Една од најважните траги кои ги исцртува независниот културен сектор е отворањето на поинакви хоризонти во однос на читањето на културата“ 
- Искра Гешоска: дефиниција од брошура на Асоцијацијата „Јадро“
Независниот културен сектор, по дефиниција, не е антагонист или бунтовник против власта и државно-субвенционираната кутлура, напротив, преку неговото сфаќање на поимот култура во поширок општествен контекст, неговата соработка и преговарање со јавниот и граѓанскиот сектор, тој е дел од целокупниот контекст, учествува активно во културниот и политичкиот живот на општеството, покренува прашања, експериментира во современите уметнички практики, излегува од стожерните институции на „високата“ култура. 

Може да се заклучи дека карактеристики на независниот културен сектор се:
  • Поимот култура сфатен во поширок општествен контекст,
  • Учество во донесувањето и менувањето на државните културни политики и стратегии за соработка,
  • Препознавање и отстапување на простор на алтернативните културни инцијативи и проекти, нивно архивирање и анализа и
  • Креирање на дела во склад со современите текови и технологии во медиумските и естетските теории.

Траги

Трагите на денешната независна културна сцена можат да се трасираат, на нашите простори (Македонија и пошироко, Југославија) до алтернативната и дисидентската уметност која почнува под влијание на Студентската револуција 1968 и тоа токму во младинските здруженија или Сојузите на млади формирани од самиот режим. Кај нас се издвојуваат Списанието „Фокус“, кое излегува од 1969 до 1972, кога е забрането, иницирано од група на млади интелектуалци: браќата Алјоша и Исо Руси, Александар Чомовски, Русомир Богдановски, Владимир Куновски, Слободан Унковски, Владимир Милчин, Илинденка Петрушевска, Владо Шопов, Константин Танчев; проектот „Свети Никита Голтарот“ на Владимир Милчин; потоа оваа енергија ја создава Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет и претставите на „Зелената гуска“; а Младиот отворен театар, фестивал кој е покренат во 1975, претставува континуитет на овие иницијативи. Преку овие иницијативи и активности младите се запознаваат со современата уметност, развојот на поп кутлурата, рокенролот и панк движењето, истражувања во сферата на уметноста и културата во склад со современите европски и светски практики, развој на стрипот, дизајнот, фотографијата... 

Во 1984 година, во самиот почеток на дезинтеграцијата на процесот на социјализмот, во Словенија се формира движењето Neue Slowenische Kunst, во кое членуваат култната група „Laibach“, сликарите обединети во групата „Irwin“ и театарот „Scipion Nasice Sisters“. „Neue Slowenische Kunst“ претставува уметничко-политичко-цивилно движење кое се јавува како отпор на тогашниот политички систем - социјализмот и државноста на СФРЈ. Ова движење врши влијание во погледите на младите уметници од Балканот и катализира други алтернативни и супкултурни движења.

„Галерија 7“ со муралите на групата Зеро,
фото: Утрински весник
Едно од тие, е и групата Зеро, која во средината на осумдесеттите години се оформува во чајџилницата „Галерија 7“ на Адил Карахасан, во Старата скопска чаршија. Спонтано создадена група, групација, платформа, колектив, формација – во написите за оваа група во весниците, постои разноликост на дефиниции... Како дел од групата се Александар Станковски, Синиша Цветковски, Тања Миљовска, Ибрахим Бади, Игор Тошевски, Мишо Весовски, Златко Трајковски и Перица Георгиев и други студенти, писатели, теоретичари. Во чајџилницата циркулираат книги, идеи, ставови, се дискутира за уметност, литература, музика, филозофија, археологија и политика. 

Од средината на деведесеттите, се појавуваат и првите проекти во вистинската смисла на зборот на граѓанскиот сектор. Тука се организацијата „Контрапункт“ и нејзините продукти, списанието „Маргина“ и културниот центар „Точка“; просторот „Прес ту егзит“ исто така функционира како изложбен простор и реализатор на други културни проекти. Сорос и „Про Хелвеција“ се двата најголеми донатори во рамките на културниот сектор. 

Во овој опсег на активности и организации би ги ставила и независните издавачи. Мали издавачки куќи како што се „Блесок“, „Или Или“ и „Темплум“ кои функционираат од тоа време, некаде во средината на деведесеттите и освен што издаваат книги (освен „Или или“) имаат и свои списанија („Блесок“ е првото електронско списание за литература во Југоисточна Европа и „Маргина“ кое функционира како издание на „Темплум“, но финансиски е подржувана во различни периоди и со средства од Сорос и Про Хелвеција кои одат преку невладината организација „Контрапункт“). „Блесок“ соработува и со меѓународни списанија и литературни проекти (Word Express, Transcript). 

Радиото „Канал 103“ е еден многу специфичен случај не само во македонски рамки. Од 1991 функционира како дел од Македонската радио телевизија, но никогаш не е целосно регулиран неговиот статус. Историјата и значењето на радиото се тема на книгата „Документ 103“ на Тина Иванова. Го нарекуваат радио-натрапник, „несакано дваесетгодишно дете“ во рамките на МРТ. Всушност, почетокот на 103-ка е случајност, директорите на МРТ имале градска фрекфенција и за да не оди неподносливиот сигнал на празна фрекфенција ги викнале своите синови (на пример, Игор Иванов Изи) да пуштаат музика. Не знаеле, дека ова ќе биде почеток на еден простор кој ќе стане култен (не само) за скопјани. Од ова радио ќе се пушта современа музика, ќе се изразуваат политички ставови, бунтовни и критички. Радиото постојано ќе има проблеми со раководството на МРТ, но и покрај сè продолжува да зрачи, можеби токму заради нерегуларноста, заради немањето механизми ни да го згаснат. 
„Во овие дваесет години на сега веќе култното радио, се менуваа македонски влади, во Стотројка се менуваа уредници. Но, нејзината програма го задржа својот идентитетски концепт. Ги пребродуваше сите турбулентни политички случувања во земјата, како и економските, социјалните, културните премрежија, кадровските турбуленции во просторниот домаќин МРТ. И, како статусно го започна својот живот, така функционира и денес. Недефинирана во државните акти, незаведена во матичните книги на македонската радиодифузија, си го живее својот живот во својот автономен свет. Можеби и токму поради тоа, таа е единственото радио во светот што функционира во рамките на една државна институција како што е МРТ, а сепак, не е државно радио. Не е ниту приватно. Без стопан беше, без стоан е и сега, или си е стопан самото на себе. Тоа е ендемска појава во македонскиот медиумски простор. Тоа е феномен и парадокс во исто време. Независен симбол на авангардата, на една нова перцепција за светот кој со папочна врвка ги поврза сите свои следбеници“
- Тина Иванова, „Документ 103“
Статусот на 103-ка го отвора проблемот на законските регулативи (односно лошите законски регулативи) и немањето слух, свест или желба кај јавните институции да остават простор во нивни рамки да се случуваат независни иницијативи, нешто што е случај и пример за одлични соработки во Европа и светот. И покрај тоа што функционира повеќе од 20 години, МРТ не го третира како своја творевина и не наоѓа начин да го вклопи во своите активности, на еден начин да го „искористи“ за збогатување на својата програма и, во крајна линија, можност за дополнителни приходи од нови проекти. Во суштина, сорабтките помеѓу јавните институции и независниот сектор би требале да бидат редовна практика, на обостран интерес.

Денешни состојби: просторот и финансиите

Работејќи без профит, со средства добиени од различни страни: странски донатори, меѓународни соработки, проекти, актерите на независната култура, дури и пред финансиите имаат проблем од стуруктурен аспект. Меѓународните проекти, речиси воопшто не се насочени кон поставување на основата на културните центри, просторот за изведба на програмите предвидени со проектите, или пак организацијата на работата, затоа, практика е јавните институции, најчесто општините или програми на Министерствата за култура, да ги поддржуваат овие појави во културниот живот на општеството, со цел разновидност на културната понуда, развој на дебата, демоктратичност во културните политики и слично. 

Кај нас тоа така не функционира. Неколкуте простори и културни центри кои дејствуваа на полето во различни периоди од крајот на 90-тите и во почетокот на новиот милениум (КЦ „Точка“, Проектниот простор „Прес ту егзит“, КЦ „Це-Ка“) ја изгубија битката со просторот. По нивното згаснување, а до појавата на Автономниот културно-социјален центар (АКСЦ) – крајот на 2013 и поновиот културен центар КуЛа, кои функционираат на принцип на донации од страна на посетителите и фандрејзинг забави, во нашиот главен град не постоеше ниту еден центар во кој се третира вонинституционална култура. Оваа функција во тој период ја вршеше единствено Младинскиот културен центар, кој и сега е значајно место за некои од настаните на независната култура.

Во оваа насока, со критика на оваа состојба, преку своите активности се појавуваа „Иницијатива Кооперација“ (во 2012), која организира изложби на најразлични неконвенционални локации: перилница за алишта, празни станови, архитектонски бироа, станови на поддржувачи и пријатели на иницијативата и слично. И со своите ангажирани перформанси и изложби сакаат директно да го насочат вниманието кон проблемите со кои се соочува современиот уметник. Кон критика на состојбите со независната култура се јавува и фестивалот на современ танц „Локомоушн“, кој веќе седма година го организира Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“

„Иницијатива Кооперација“, Стратегии на сеќавањето,
јуни 2012, стан на Небојша Вилиќ.
фото: ФБ страница на иницијативата
Плоштад Слобода, Контрапункт, Јадро:
Тригодишнина од затворањето на КЦ „Точка“,
25.5.2013. фото: Окно.мк

Отварање на АКСЦ, ноември 2013.
фото: Лилика Стрезова, ФБ страница на АКСЦ


Како што може да се забележи, досега изнесеното се однесува единствено на скопските состојби во независниот културен сектор. Во овој поглед, сè уште постои централизиран однос, но најмногу заради достапноста до информациите и идеите за соработки. Но може да се забележи дека се појавуваат иницијативи и здруженија и во другите градови. Би ги споменала, како примери, организацијата „Арт Еквилибриум“ од Гевгелија и „Акто“ фестивалот. „Арт Еквилибриум“ се залага за рамномерен културен развој во урбан контекст. Тие организираат традиционалниот фестивал „Бош“, на кој се застапени дела од различни уметности и медиуми, а се лоцирани низ целиот центар на Гевгелија, низ улици, стариот пазар, на отворено или пак во театарот. „Акто“ фестивалот се одржува во Битола, и е регионален фестивал на современа уметност, кој вклучува визуелни и изведувачки уметности, музика како и теорија на култура, а секогаш се концепира под една тема. 

Средствата се малку, организацијата и структуирањето се учат во од. Сè уште е рано да го видиме влијанието на Асоцијацијата за независна култура „Јдро“, во овој контекст, но разликата би требало да се види првично во сфаќањето на поимот независна култура и нејзиниот однос кон сите слоеви на општествената организација, а потоа и во здружувањето и заедничките проекти, децентрализацијата на културата како во вертикала висока-ниска, така и во хоризонтала Скопје – другите градови. Исто така, информациите би циркулирале побрзо, резултатите би биле подостапни, а искуствата би циркулирале помеѓу различните чинители и актери на нашата независна културна сцена, додека пак, културната политика не би се креирала еднострано, од власта надолу.



Преземено и адаптирано од магистерскиот труд „Книжевните списанија во рамки на македонската независна културна сцена“ (декември, 2013).


Претходно:
„Кружниот тек на промените“
„Првите книжевни списанија и кафеаните“
„Поимот заедница во дигиталниот простор“

Thursday, October 23, 2014

Џезот на Скопје му прилега

На Скопскиот џез фестивал годинава видов три концерти: Fire! Orchestra, 17.10.2014 @Универзална сала; Dans Dans, 17.10.2014 @CityHallCenter; Red Snapper, 18.10.2014 @CityHallCenter. Ова е кратко лично доживување за фестивалот преку тие три концерти, истовремено и прв текст во новата рубрика на блогов: настан.

Скопскиот џез фестивал е еден од најпрепознатливите настани во Скопје. Програмата се знае недели однапред, со нетрпение се чекаат концертите, минимализмот на плакатите како да стои во контраст со целата околина на градот и бликнува како зрак од билбордите, ѕидовите и локалите каде се поставени... Но, научена сум да немам никакви очекувања пред кој било настан. Така, впечатокот е слободен и оригинален.

Концерт на Fire! Orchestra, Универзална сала

Првиот концерт што го видов на овој Џез фестивал беше тој на Fire! Orchestra. Обично кога одам на концерт, претстава, филм ретко се спремам претходно, читам кратка информација и толку. Сакам да се изненадам и да се соочам со прв впечаток. Потоа ќе читам и слушам и барам повеќе. Ако има потреба. Некогаш нема и тоа е доволно и добро, некогаш има и тоа е добро, некогаш е лошо. Овој пат беше првото. Немам потреба да прочитам ништо за Fire, барем не сега. Не слушав ништо од нив по концертот. Ми остана импресијата од една незапирлива и силно исконтролирана енергија на дваесеттина луѓе. Првичната гласност и тешкотија да се следи музиката ми создава чувство дека се губам, но не како во медитација, во длабочината на себеси, туку како поврзување со цел универзум од звуци и неповрзани мисли. Целиот концерт има периоди тешки за следење и периоди на одмор, силните интензивни периоди, потоа во олабавеноста на следната нумера, те пленуваат целосно. Во еден момент на исклучително интензивно пеење, неколкумина стануваат да си одат, а од карши, во ходникот над последните редови во блоковите на Универзална, гледам како една девојка во црно целосно препуштено игра. Потоа ти треба време да се навикнеш дека музиката завршила. Моќно!

Концертот на Белгијците Dans Dans, неколку часа подоцна, беше сосема спротивен: чист едноставен, елегантен, нежен и луциден. Нив продолжив да ги слушам по концертот, одлични се за слушање по дома или во кола. Неколку песни не можам од глава да извадам. Се сеќавам дека дел од музиката ми звучеше генеричка за време на концертот, како да сум ја слушала веќе, но овие неколку песни се прекрасни, едноставно прекрасни. Еве една...



И за крај на мојот престој во светот на Џез фестивалот – Red Snapper. Немам многу зборови за нив. Кога следам концерт го следам единствено од перспектива на гледач. Не навлегувам во техничкиот дел, не би знаела како. Можам да насетам, но тоа не ми е најбитно во најголем дел од случаите. Го следам чувството. А овој концерт беше создаден за играње, онака, без запирање, до самиот крај.

И потоа, додека со пријателите, по кој знае кој пат, ги преслушуваме Dans Dans, сфаќаме дека џезот по атмосфера и чувство му одговара на Скопје. А градот заслужува еден клуб, топол и со мека, кадифена атмосфера, каде преку цела година ќе биде како во средината на октомври, како за време на Џез фестивал.

Wednesday, October 8, 2014

Извадоци

Отсекогаш сум мислела дека некои книги си одговараат со одредени периоди во животот, не поделени реско, туку претопувачки: подобро ги разбираме, полесно се поврзуваме со темата, ликовите, атмосферата, се идентификуваме. За мене тоа значело и нивно надминување. Никогаш не сум знаела како да направам листа на книги кои ги сакам, токму затоа што ги надминувам кога ќе им помине периодот. Не ги заборавам научените лекции или чувството кога сум открила една книга во еден период, но толку сум сконцентрирана на новиот период што си мислам дека ако земам сега да ги читам нема ништо да ми значат. И најчесто е така, затоа не ги читам повторно. Читам извадоци, понекогаш, некогаш извадоците знаат да се совпаднат со сегашни моменти. Извадоците од минатите книги се слични со стари дневнички белешки. Го враќаат чувството на минати настани, болки или убавини.


Ми останаа во умот белите магли
и една пуста есен по нашите полиња...
Бегаше возот наврнат, жално рикаше,
бегаа селата есенски од мене
и ридје голи тонеа во далечината... 
- Блаже Конески, „Спомен“ (извадок)

Па така, во едно разлистување на старите тефтери и тетратки наоѓам дел од почетокот на „Големата вода“. Лето е, на одмор сум со другарките во Охрид. Само што сум завршила трета средно. Ја читам „Големата вода“, темно кафени или црни корици, позајмена од библиотека. Лектира ни е, но толку сум вовлечена – ретко се случува со лектирите. Одморот ми се отвора пред мене со зборовоите „проклет да бидам“, како во фон.

Како беше-беше, по време едно со сигурност дознавме, – патот до Сентерлевиот рид беше страшно стрмен, како во пеколот. А ние само што требаше да појдеме по него, – проклет да бидам, – и сега не знам од каде толку сила, волја, храброст за еден таков ужасен, тежок пат. Во почетокот ќе спомнам само толку, илјадапати, милионпати, неброено била поголема, посилна страста за убавиот живот и слободата. Проклет да бидам ако тоа не нè држеше да одиме, да не се плашиме од страшните казни. О, вечни, о слатки соништа. Проклет да бидам, тоа беше гласот на големата вода. 
- Живко Чинго, „Големата вода“

Во една тетратка помеѓу извадоци од „Градинарот“ од Тагоре и „Уметноста на љубовта“ од Фром, веројатно читани некаде во четврта средно, доаѓам до мој превод на српскиот превод на „Ковачи на лажни пари“ на Андре Жид. Не се сеќавам дека сум ја читала, дома ја имам во српски превод, старо издание, серија Савремени страни писци на Белградска „Просвета“ (1961). Се сеќавам дека пред неколку години ја открив во домашната библиотека и истиот тој дел што сум го превела во средно ми остана запаметен. Чудно.

Оно што бих хтео, – говорио је Лисјен, – то је да испричам причу не о једној личности, већ о неком месту, – ето, на пример, о једној стази у парку, као што је ова, да испричам шта се ту догађа – од јутра до вечери. Прво би дошле васпитачице, дадиље с тракама... Не, не... најпре сасвим седа створења, неодређеног пола и старости, да почисте стазу, полију траву, промене цвеће, уопште да припреме сцену и декор пре отварања капије, разумеш? Онда, улазак дадиља. Шврће праве паштете од песка, туку се; васпитачице их шамарају. Затим мали ђаци излазе из школе – а онда долазе раднице. Сиромаси долазе да једу на клупама. Касније, људи који се траже; други који се избегавају; трећи који се осамљују, сањари. Па онда светина, у време музике и затварање радња. Па студенти, као сада. Увече, неки се љубавници грле; други се растају плачући. Напослетку, пред мрак, један стари пар... И, одједном, добош: затвара се. Сви излазе. Комад је завршен. Разумеш: нешто што би оставло утисак свршетка свега, смрти... али не говорећи о смрти, наравно. (...)
А то није све; није све! – настави Лисјен са жаром. – Хтео бих, у некој врсти епилога, да прикажем ту исту стазу ноћу, пошто су сви отишли, пусту, много лепшу него што је дању; у дубокој тишини сви су природни шумови гласнији; шум фонтане, ветра у лишћу, песма неке ноћне птице. Прво сам мислио да уведем и духовне, можда статуе... али мислим да би то било банално; шта ти мислиш?  
- Андре Жид, „Ковачи лажног новца“

И српското издание на Сликата на Доријан Греј, доживуваше преводи од моја страна, кон крај на средно, кога бев фасцинирана, особено, од воведниот дел: „Уметникот е творец на убавото“... „Секоја уметност е целосно некорисна“... Не се сеќавам колку пати ги имам препишувано. Некако како клише, но Оскар Вајлд мора да се проживее, особено во средно.

Када су ушли, нашли су на зиду дивну слику свога господара, као што су га последњи пут видели, у свој дивоти његове младости и лепоте. На поду је лежао мртав човек у свечаном оделу, са ножем у срцу. Лице му је било увело, смежурано и одвратно. Тек пошто су погледали прстење, познали су ко је. 
- Оскар Вајлд, „Слика Доријана Греја“

Вирџинија Вулф, пак, ја читав на факултет. Меѓу неколкуте македонски романи, на Венко Андоновски, Гоце Смилевски и Игор Исаковски, кои се појавија во тие години, како и, неизбежната опсесија за секој италијанист – Алесандро Барико. Времето на небројни џез свирки и концерти, нови пријатели и поинакви интереси и „Бранови“ на Вулф. Кога почнав да правам профили на социјалните мрежи, овој извадок беше во описот на сите...

Потребен ми е некој чиј дух сече како сатар на трупец; за кого и врвот на апсурдот е возвишен а врвките на обувките заслужуваат обожување. Кому да му ја откријам неодложната потреба на мојата страст? 
- Вирџинија Вулф, „Бранови“
Цртеж направен помеѓу 1992-1994, веројатно.

Потоа дојде моето големо интересирање за поранешна Југославија и особено за војната во Босна. Ставовите за идентитетот, потеклото и културата во општа смисла најмногу ми потекнуваат од „Столот на Елијах“ на Игор Штикс. Во еден период од неколку месеци бев целосно опседната од книгата. Ја читав на македонски (одличен превод на „Или или“, но некаде го загубив: ја користам оваа прилика, да си ја побарам јавно), потоа ја купив во оригинал.
S prezirom je odbijao etnička svrstavanja smatrajući vrhuncem gluposti činjenica da su mnogi tako lako odustali od prijašnjeg statusa građanina da bi postali tek Srbi, Muslimani ili Hrvati, a nervirala su ga pitanja o vlastitom porijeklu te je odbijao bilo kome pokazivati “krvnu sliku”.
и:
“Slušaj, druškane, ne znam ja ništa. Samo mi se, što sam stariji, sve više čini da neka paklenska logika, neko davno prokletstvo koje ne znam kako smo zaslužili, polagano briše s lica zemlje gradove u kojima su se vjere, narodi, jezici, tonovi, puti miješali kao špilkarte.“

„Rekli ste 'posljednje u nizu'...“ 
„Da, posljednje, ili možda jedan od posljednjih takvih gradova koji su, u svakom slučaju, na izdisaju.“ Simon je sad gledao gore i prstom mi pokazao Davidovu zvijezdu na velikom prozoru. „O ovome ti govorim, o tome da je, ako se doista potrudiš i pogledaš kroz ovu zvijezdu iz svih krajeva sinagoge, s galerija ili iz prizemlja, moguće u njezine krake uloviti krov medrese, ili koji minaret, o pravoslavnima iza leđa, o katolicima na dohvat ruke, ne o pasivnom su postojanju već o miješanju svega toga u nove oblike, u Sarajlije. To nestaje. Ljudi nestaju, ostaju samo prazne zgrade, poput ove sinagoge, muzeji...“ 
- Igor Štiks, "Elijahova stolica" 

Последната вистинска книжевна опсесија ми е Пруст. Иако го немам прочитано целиот, ми го означува периодот на нови искуства, интензивно пишување, интуиција... 

Спокојството што произлезе од крајот на тегобата ме доведе во состојба на вонредна живост, не помалку од чекањето, жедта и стравот од опасноста. Без шум го отворив прозорецот и седнав на под пред креветот; речиси не мрдав за да не ме чујат долу. Надвор, нештата се чинеа исто така смрзнати во некакво немо внимание да не се наруши месечевата светлина, којашто, удвојувајќи го и оддалечувајќи секој предмет, со ширење на неговиот отсјај пред себе, отсјај погуст и поконкретен од неа самата, наедно го беше истенчила и зголемила пејзажот како, дотогаш, смотан план што некој го одвиткува. Она што имаше потреба да мрда некакво костеново лисје, мрдаше. Но, неговото фино, сеопфатно треперење, изведено до најситни нијанси и со крајна нежност, не преоѓаше врз околината, не се мешаше со неа, останувајќи ограничено. Изложени на оваа тишина, што од сето тоа не впиваше ништо во себе, најоддалечените шумови, оние што изгледа доаѓаа од градините на другиот крај од градот, се доживуваа како нешто посебно, нешто толку „совршено“, што изгледаше дека тој впечаток на оддалеченост му го должат само на своето пијанисимо, како пригушените мотиви кои толку убаво ги изведува оркестарот на Конзерваториумот што, иако не пропуштиле ниедна нота, сепак се чини дека ги слушате далеку од концертната сала...
- Марсел Пруст, „Комбре“ 
За крај, Селинџер. Се обидов да го читам во средно. Не ми успеа. Постојано се среќавав со него, но никако да го прочитам. Почнав со „Френи и Зуи“. И цело време додека ги читав сфаќав дека сум требала да ги читам во друг период. Ликот на Френи ќе беше толку силна идентификација за мене. Сега ми делуваат малку анахрони, како цитати во старите бележници. 

“I know this much, is all,” – Franny said. “If you’re a poet, you do something beautiful. I mean you’re supposed to leave something beautiful when after you get off the page and everything. The ones you’re talking about don’t leave a single, solitary thing beautiful. All that maybe the slightly better ones do is sort of get inside your head and leave something there, but just because they do, just because they know how to leave something, it doesn’t have to be a poem, for heaven’s sake. It may just be some kind of terribly fascinating, syntaxy droppings – excuse the expression. Like Manlius and Esposito and all those poor men.” 
- J.D. Salinger, "Franny and Zooey"

Tuesday, September 30, 2014

Сонце со заби

Цртеж на зградата на баба, веројатно, направен помеѓу 1992 и 1994 г.


Сончево но студено зимско утро во градинката „8-ми март“ во Кисела вода. Во пространата просторија, на ниски квадратни масички - стандарден дизајн со бела горна површина - се испоседнати триесеттина мали човечиња од по пет и шест години. До пред малку раштркани од едно до друго тематско катче: фризерница, кујна, амбуланта... сега се наредени на масичките во форма на развлечена буква П. 

- Некогаш кажуваме нешто, а мислиме на нешто друго – воспитувачката - бела коса, розеникав, но темен тен, коса во форма на триаголник до рамената - се обидува да ги воведе малите во светот на преносните значења – како на пример, сонце со заби...

Човечињата збунето гледаат во робусната фигура во светло розова униформа. 

- Дали сонцето има заби? Што кажуваме со тоа? Можете ли да наброите други примери? – упорна е воспитувачката.

Човечињата и понатаму ја гледаат збунето. Веројатно обесхрабрена или несигурна во својата педагошка техника, таа им вели да нацртаат што мислат на темата. Малите ги отвораат блокчињата бр. 2 и почнуваат да цртаат. Едно девојче црта сонце со заби, потоа облаци со заби, потоа, можеби, и кров со заби... забите се како запчаници. 

Цртежот заедно со блокчето завршува во подрум меѓу старите книги и тетратки од основно и средно. Едно топло попладне, враќајќи се од факултет, пораснатото девојче случајно се потсетува на оваа епизода, кога воспитувачката Бранка ги учи за метафората. Си ветува да го најде цртежот. Не успева. Можеби сето тоа го измислила. А можеби цртежот завршил изеден од некои други заби.





29.8.2010

Thursday, September 25, 2014

Прага во боја на пиво

Првата средба со Чешка е симпатичниот кондуктер од возот Будимпешта-Прага на Чешки железници. Насмеано и зацрвенето средовечно човече кое зборува на еклектичен странски јазик: англиско-германско-чешки со големи дози на насмевки таму каде што нема зборови…

Од Унгарија до Чешка, премините на државите се гледаат во смената на имињата на станиците и местата… 

Многу жолти полиња што ме потсеќаат на Англија, само попространи… Многу гнезда на дрвјата покрај пругата... Кули за вода, насекаде и со различни специфични дизајни, како тоа да било тренд...

Таман малку нешто да ти каже дека не си дома. Некогаш мали работи ни стануваат синоними за разликата: кровови на куќи, полиња или гнезда. Ама гнезда големи што не личат на гнезда туку на грмушки во дрвото. Тука живеат некои чудни птици што си сакаат своја сопствена крошна во крошна. Или некоја чудна болест ги фатила дрвјата во Словачка. 

Како што возот се приближува до Прага, станува посончево.

Прага не е златна поради златните кровови, туку поради бојата на пивото... 

Во пивницата „Под Сметанкоу“
Во пабот „Lokál Dlouhá“, едно од местата со најголема традиција во Прага. Пиеме пиво на шанк, под кој се гледаат три огромни метални буриња со пиво.  
                           


Пиво се пие од доцниот доручек некаде на пладне па сè до ноќните лутања. Кога се шеташ низ Прага, ја гледаш низ тој слој на блага замаеност од лесното и сеприсутно пиво. Од првото пиво земено за носење во еден премин близу најтуристичкиот дел од Прага, веднаш помеѓу локалите околу астролошкиот саат, па сè до последната кригла во еден локален паб близу зградата каде што бевме сместени во Прага 6, засолнети од неверојатно ладната последна вечер на почетокот на мај – паралелно со секојдневните делници низ различните делови на овој град со повеќе градчиња во него, имавме и спонтани пивски тури, предизвикани од секвенци на дожд или од желба да се направи пауза.

Пабовите и пивниците, најчесто се прилично стандардни: дрвени маси, неколку основни јадења (гулаш, колбаси, тестенини). Но, има и сосема поинакви локали. Барот Пропаганда е сместен во пространи подрумски простории, прилично темни и целите излепени со постери од комунистичкото минато... Кафеаната „Под сметанкоу“ однадвор е обоен во силна тиркизна боја, а внатре се шири во ходници полни со тежок мирис на цигари и храна, темен стар мебел многу сличен на оној од старата куглана во ГТЦ и репродукции на Јан Саудек по ѕидовите... 

Бевме и на некои чудни места, еден индијански паб, под ридот Петрин... една мала винарија во квартот Винохради, каде влеговме од немукает поради дождот и нè дочека уште една маса со двајца сериозни господа и прекрасна чаша сладок мускат... кафаната во која Ентони Бордејн јадеше свинска коленица „У Медвидку“... една прекрасна кафеана во склоп на некој музеј, пред плоштадот Мала страна... 

 На тарабите во Прага7

И тука сум во овој град со историја толку слична и исто толку различна од мојата, јазик кој има конструкции и лексика кои ги разбирам, комунистичко наследство кое ми е познато, но и силна култура и бројни индивидуалци чии траги се собрани и се чуваат како бесценети камења токму тука низ и во градот, на улиците, по фасадите, во музеите. Град во кој туристичка атракција е да се отиде на концерт на дела од Дворжак или на поставката на Дон Џовани која Моцарт ја правел за Прашката опера.

Споменикот на Антонин Дворжак, пред Чешката филхармонија
Но, приказната која, веројатно, долго време ќе ми биде синоним за Прага, покрај приказните за пивото и пивниците, секако е циклусот „Словенска епопеја“ на Алфонс Муха, уште еден прашки индивидуалец, од преминот кон 20-тиот век. Познат е по сликите и дизајните во артнуво стил, но создавањето на овој споменат циклус, за него претставува најбитно дело. Го работи од 1910 до 1928 со грант од американскиот бизнисмен Чарлс Ричард Крејн, чии широки бизнис интереси го носат кон Источна Европа и Средниот Исток, меѓудругото се интересира и за словенската култура. Идејата е по завршувањето да циклусот да се предаде во сопственост на градот Прага со аманет да се изгради специјален павилјон за негово постојано излагање. Една година отакако е завршен циклусот првпат е изложен во Прага. Но, набрзо доаѓа Втората светска војна и сликите од циклусот се чуваат спакувани за да не бодат очи на нацистичкиот режим, со оглед на тоа што нивниот автор, малку пред да почине во 1939 година, е испрашуван од Гестапо како претставник на јавниот живот во Чехословачка. По доаѓањето на новиот комунистички режим по војната, градот нема интерес за градење на дом за циклусот на Муха и тој останува заборавен сè до 1963 кога е изложен во замокот во градот Моравски Крумлов. Дури во 2012, по долг судски процес на градот Прага и фондацијата Муха, околу сопственоста на циклусот, платната доаѓаат во Прага во посебно крило на Националната галерија

Словенската епопеја на Алфонс Муха, 20 големи и неочекувано наративни платна во просторија со темни ѕидови и паноа, е изложена во посебно крило на галеријата, како правоаголен лавиринт од лицата и приказните од историјата на словенските народи. Немам фотографии од овој дел од Националната галерија во Велетржната палата, Прага 7. Се осеќаш  мал и несигурен со апаратот во рака, како пред фрески, сфаќаш дека боите и нијансирањата на просторот нема да можат да се дофатат на фотографија. Како би кадрирал, како би се поставил на светлината, кој детал би го штракнал? Па само гледам. И во право сум. Се сеќавам кога се вратив дома веднаш го побарав на интернет она платно на кое е насликана внатрешност на црква во Светагора, со зелени снопови светлина што влегува од прозорците. Зелена како апсинт. Целата слика е зелена во различни нијанси. На репродукциите не се гледа ниту половина од тоа што беше мојот впечаток. Запамти го!

Склулптури расфрлани низ една тврдина
на патот за Вишеград. Не сфатив чии се.











На пат за дома, долг едно попладне и цела ноќ, нè испраќа вистински студено време, во мај... И ние ги испраќаме сите Праги, 6, 1, 2, 3, 7, 4, 9 и засекогаш ги земаме со нас нивните отисоци и неверојатна атмосфера на чудновен град, кој ти нуди толку многу богатство во нешто толку едноставно и секојдневно како шпартање по улици, разгледување на музеи и седнување на пиво.

Friday, July 25, 2014

Зборови



Од некој далечен прозорец се слуша Жак Брел. Музиката, поделена на безброј мали честици, полека се придвижува низ лепливиот неподвижен воздух на врелата летна ноќ. Се распрснува лебди се превртува: звуците на пијаното одат кон исток, гласот веројатно кон запад, тажното вибрирачко р си игра малку на средината, застанува и ги чека другите да го стигнат. Меко бавно мрзливо е движењето, како бавен танц на мраз. Така доспева и до нејзиниот стан, оваа музика со чуден призвук, полека поминува низ ширум отворениот прозорец. Помешана со мирисот на асфалт што испарува, сува трева и некој неодреден мирис на нешто старо, како оној од зградата на баба, помисли Лина. Не, не осети носталгија.

Погледот, за кратко оттргнат од книгата што ја читаше - како да сакаше да го види танцот музиката - повторно се врати на линиите зборови. Ѝ влеваа некоја чудна сигурност, тие црни низи. Како враќање дома или како отворање на прозорец со поглед на разбранувано море, сеедно. Удобно навалена во фотелјата, со чаша ладно пиво на масичката до неа, Лина, првпат по долго време, се почувствува на сигурно. Не, не осети мир.

...Moi je t'offrirai
Des perles de pluie
Venues de pays
Ou il ne pleut pas...

Го почувствува првото движење на воздухот од прозорецот: благо, речиси непостоечко, ветре влезе заедно со песната која уште траеше. И ѝ ги побрка редовите.

- Не си јасен! - му рече Лина.
- Кога не се случува нешто, тоа е исто јасно како и кога се случува - ѝ одговори тој. Спремно, некако, студено, дури. Сурово.
- Ова е првиот јасен муабет што го правиме
- Ова е првиот непотребен муабет што го правиме

„...женската фигура го остава тажниот инструмент на земјата и погледнува кон малечкиот облак кој поминува преку Месечината...“

- Некои нешта е битно да се кажат. Мора да се има, макар најмала, дефинираност на однсите - продолжи Лина со својот јасен, речиси деловен, израз.
- Нештата беа јасни и без да се дефинирани или кажани - продолжи тој со навидум истиот тон, ги бираше тешко зборовите и оставаше тишини.

 „...На сè сакаш да му погледнеш в лице, но некоја сила те тера да го вртиш погледот, да не можеш да видиш што навистина се случува“

Отсечоците од нивниот последен разговор се сплетоа со зборовите од книгата. Ѝ се исцрта неговиот лик, додека зборовите од разговорот по којзнае кој пат ѝ се превртуваа во глава. Зад студеноста која ѝ изгледаше така сурова, ја виде, скриена, неговата тага. Не, не осети болка... хм... не осети само болка.

...Je t'inventerai
Des mots insensés
Que tu comprendras...

Тука звуците остро се прекинаа. Воздухот стана бистар, црн и пропустлив. Пропаднаа во него сите делови на музиката и мирисите и сите зборови. Лина се осети... празна.  



(Пишуван летото 2011)

Wednesday, July 23, 2014

Тетратчето и раѓањето на зборовите

(извадоци од тетратките со белешки: преработени, преместени и без хронолошки ред)

Чади ноќта.
Зборот се двои од темнина.
Модар јаглен му гори во утробата.
О ти што постоиш зашто не постоиш,
небото го лулаш,
земјата ја вртиш.
    „Раѓање на зборот“ – Ацо Шопов

Зборот се раѓа тешко. Реченицата се реди и создава. Од нула. Како да се создава нов свет. Тежок е преводот на мислата и идејата во зборови. Не би требало да се залажуваме дека не е. И ова не важи само за уметничката литература. Тоа што денеска можеме лесно да ги запишеме и објавиме нашите мисли не значи и дека треба да ги оставиме така како што првично ќе се наредат.

На реченицата треба да се работи, да се препрочитува и менува! Ете, една таква реченица во еден веќе објавен мој текст. Таа се мачи, а јас сум измешала лица, па малку се губи во напливот со кој сум почнала да пишувам. Сфаќам, за среќа, дека тоа е само една реченица, другото во текстот е јасно, иако никогаш повторно така не би го напишала.

Некогаш пишувам махинално. Немам идеја која е незапирлива, која морам да ја оформам. Само знам дека морам да пишувам и да се надевам дека од негде ќе се појави.

***

Зошто си оди така!? Како да бега...

Не му го памтам ликот! Се исплашив утрово. Како вчера, воопшто, да не сум го погледнала в лице. Не се сеќавам ни на моето лице и израз. Како реагирав, дали се насмеав? Како сè да било во мојата глава, само осети и мисли, без да знам како ги кажувам или пак како изгледам. Како изгледа. Осетив лошење од овој страв.

Потоа, пак, (како потсетување ли?) ни надоаѓаат, како стари филмови, некои претходни слики на поранешни чувства, доживувања и болки. Многу е интересно како ги запаметуваме минатите движења и ситуации. За секого се различни. За некого се силни, за некого веќе заборавени.

***


Мирна и бистра река, личи на Рајна од онаа вечер во Базел, во Карго барот под мостот. Само е дење и е поплитка... или побистра. Многу светло сина, речиси проѕирна. Наеднаш, пред погледот, се оформуваат големи бели мазни камења. Растат и како да се приближуваат, веќе не се дел од реката. Како со погледот нагоре ја следам реката, стануваат уште поголеми, целосно се одвојуваат од неа и летнуваат еден по еден како чудни вселенски летала.

Monday, June 9, 2014

„Здраво млади“ – фестивал кој се чека со нетрпение

Важен актер на нашата музичка сцена

„ЗДРАВО МЛАДИ“ – ФЕСТИВАЛ КОЈ СЕ ЧЕКА СО НЕТРПЕНИЕ

Раздвижување на независната музичка сцена. Но, каква е таа навистина?


Со светски познатата американска група „!!!“ (или: Чк чк чк), фестивалот на современа алтернативна музика „Здраво млади“, на 23 мај се излеа на улицата пред својот дом, Младинскиот културен центар (МКЦ) и ги раздвижи скопјани. Силната музичка програма поддржана со квалитетна техника и оригинално визуелно решение, денс натпреварот, наградните игри, штандовите со ЦД-а и маички од изведувачите и секако самото проширување на просторот на фестивалот кон кејот, направија ова издание да биде незаборавно за бројната публика, фестивалот го ставија на листата на најбитни настани за нашата музичка сцена, а Скопје на европската концертна мапа.

Фестивалот расте


„Здраво млади“ се прошири на
улицата пред МКЦ
И публиката и познавачите, по четвртото издание на фестивалот, го забележуваат неговиот физички раст, развојот во квалитет и веќе јасниот идентитет ориентиран кон свежа независна музика. 

- За нас како организатори никогаш нема да важи правилото само да се пополни изборот на изведувачи. Главна цел е да понудиме нешто ново, нова музика, современа, свежа – велат Маргарита Радовиќ и Владица Младеновски, од МКЦ.

Важноста на последното издание на фестивалот во изградувањето на негов препознатлив лик, нашите соговорници ја истакнуваат како една од неговите најбитни карактеристики.

- „Здраво млади“ е фестивал кој сè повеќе го дефинира својот бренд. Луѓето разбираат за што стои фестивалот – вели Божидар Христов, диџеј Ултериор, кој лани настапи на фестивалот.

Милан Дамјановски, проследувач на музичката сцена и дел од тимот на веб-сајтот „Плагијат“, пак, смета дека со ова издание и особено со настапот на светски познатиот и музички релевантен бенд „!!!“, фестивалот, но Скопје, се издига во квалитетна концертна дестинација.

Ѓорѓи Јаневски, од радиото Канал 103, нашето единствено радио каде алтернативната музика зазема значајно место, вели дека „Здраво млади“ е фестивал кој се чека со нетрпение. За него, ова издание е значајно со тоа што успеа да се прошири, не само просторно, туку и во смисла на публика, да се отвори кон поразлична публика. Од друга страна, според него, важноста на фестивалот е и во можноста за комуникација помеѓу нашите музичари и странските групи кои доаѓаат. 

- Добро е кога ќе се соочиме со тоа што доаѓа од надвор, за да видиме до каде сме – заклучува тој.

Организаторите велат дека е логично бројноста на публиката да расте. Ако, првото издание, во денсинг салата на МКЦ беше посетено од скромни 250 луѓе, второто кое се прошири и во фоајето на центарот имаше дупло повеќе, а лани, кога фестивалот првпат излезе надвор, на просторот пред МКЦ, бројката се качи на 900. Годинава, според организаторот, на фестивалот присуствувале близу 2000 посетители.


Зад ентузијазмот предизвикан од последното издание на фестивалот, дел од познавачите и публиката посочува забелешки единствено во однос на изборот на изведувачи. Христов го коментира изборот на српскиот состав од 80-тите, „Дисциплина кичме“, како несоодветен за овој фестивл посветен на нова и свежа музика. Тој предлага поголемо вклучување на публиката во изборот на артисти. 

Во оваа насока е и коментарот на нашата соговорничка Илина, која го следи фестивалот од првото издание.

- Сега кога технички и визуелно добивме фестивал очекувањата за листата на изведувачи за наредната година се уште поголеми.

Просторни и медиумски предизвици на нашата независна музичка сцена


„Здраво млади“ се наметнува како светол пример на нашата независна музичка сцена. Но, каква е таа, навистина? 

Нашите соговорници ги забележуваат недостиг од концертен простор, особено за помали клупски настапи, но и затворениот медиумски простор за критичко и сериозно проследување на сцената, како главни нешта што би помогнале за развој и поголема раздвиженост на музичката култура.

Освен МКЦ, кој има музичка програма во текот на целата година, за концертни настапи и клупски свирки во нашиот град се користат кафе-баровите и дискотеките чија примарна намена не е концертна. 

За Милан Дамјановски, повеќето простори кои постоеја порано, паднаа како жртви на комерцијализацијата на ноќниот живот, а некои од просторите како Музеј на современа уметност, Кинотеката, локации во Градскиот парк не се користат, иако би можеле. Според него, потребно е да се олабават строгите правила за отварање на клубови, што би овозможило отворање на нови места.


Како втор главен недостаток на сцената, според познавачите, е речиси непостоечкото музичко новинарство, односно незаинтересираноста на медиумите за посериозно проследување на независната музика. 

Младеновски и Радовиќ сметаат дека медиумите имаат игнорантен, па дури и срамен однос кон независната музика, за која, според нив, воопшто не се одвојува простор ниту се посветува внимание. Според нив, интересот не може да се создаде само со концертна понуда, за тоа е потребна целосна поддршка, од градот, медиумите, публиката. 

- Од наша страна се бориме колку можеме, но тој наш крик мора некаде и да одекне. Сите сме заедно во ова, никој не е исклучен – велат тие. 

И размислувањата на Христов одат во оваа насока, тој, недостигот на сцената не го гледа во понудата на бендови, туку во платформите за нивно претставување на музичката сцена. Покрај настаните во МКЦ, емитувањата на Канал 103 и настаните во клубот „Хавана“, каде, според него, бендовите добиваат ужасни финансиски услови, речиси и да немаме промоција на независна музика. 

- Изненадувачки е како скоро сите останати концертни простори, радио и ТВ станици тотално ја игнорираат независната музичка сцена – коментира тој.

И Ѓорѓи Јаневски го истакнува квалитетно и издржано музичко новинарство, како битен услов за независната музичка сцена навистина да биде сцена. Тој забележува голем недостиг на вакво проследување кај нас и вели дека едно музичко радио (Канал 103) и неколку инцидентни објави на блоговите или најави за настани во никој случај не се доволни. 

Тој истакнува и дека, освен концертен и медиумски простор, за развој на независната музичка сцена битни се и други услови: самите бендови да имаат свест за себе и за својата позиција, но и настаните да се децентрализираат, односно, и другите градови во Македонија да заживеат со целогодишна концертна понуда. Тој, сепак, забележува:

- Има раздвижување на сцената или можеби сакам да верувам дека има. Среќавам нови бендови, како и нови проекти на веќе етаблирани музичари. Но, тоа се случува на микро ниво.. Треба повеќе да се работи на видливост.

До наредното издание...


Нашите соговорници заклучуваат дека нашата независна музичка сцена ја одликуваат инцидентни појави и настани, но сепак, провејува и оптимизам за нејзината иднина.

Денс натпреварот внесе раздвиженост на
паузите помеѓу изведувачите
- По годинешното издание - нема назад. Веќе се дискутираат и разгледуваат концепти за следното издание, се надеваме ќе го најдеме вистинското и најдобро решение за мини јубилејното петто издание – велат организаторите за перспективата на фестивалот, но сепак заклучуваат дека – конкретни можности не гледаме – само искри. Многу е тешко да се зборува за целосната слика кога составните делови и нивните составни делови не чинат.

На ова се надоврзува и пораката на Јаневски: 

- Треба посериозно да се работи и да се сфати музичката култура. Секој во своето дворче да си копка, па така ќе се добие и подобра поширока слика.

А Дамјановски, оптимистички заклучува:

- Јас мислам и претчуствувам дека нè очекува добар и креативен период во наредните неколку години на музичката сцена и дека ќе имаме публика тоа да го проследи и поддржи.



Колку пари толку музика? 

Музичката понуда на Младинскиот културен центар (МКЦ), во последните пет години, е пример дека идејата и желбата знае да биде посилна од немањето на доволни финансиски средства. Но, овој проблем е незаобиколен. Иако МКЦ е јавна институција под закрила на градот, за одржување на целогодишна музичка програма и два музички фесривали („Здраво млади“ и „Земјотрес“, посветен на македонската независна продукција) потребен е дополнителен буџет. 
- Музичката програма во МКЦ, веќе петта година по ред добива 0 (читај: нула) денари и секој концерт е во целосна продукција и на трошок на МКЦ и на нашите сопствени сили и средства – велат Младеновски и Радовиќ, од МКЦ. 
Тие посочуваат и дека по ова, четврто издание на фестивалот и видно зголемениот интерес од страна на публиката, нивните напори ќе бидат насочени кон тоа тој да биде препознаен и од институциите и се надеваат на таква поддршка, бидејќи, како што велат, единствен буџет за изминатите изданија бил исклучиво приходот од продадените билети.



Текстот е работен во рамки на обуката „Млади луѓе пишуваат за заедниците“, организирана од здружението „Член 16“, април-јуни 2014.  

Thursday, May 8, 2014

Први мај – Ден на љубовта во Прага

Заљубени парови од сите возрасти, со букети пролетно цвеќе во рака, се движат кон ридот Петрин, во самиот центар на Прага и бараат расцветана цреша, или барем костен, за да споделат бакнеж, кој ќе им донесе среќа во љубовта цела година. Вака изгледа први мај во Прага, каде Денот на трудот е само официјален државен празник, кој повеќе никој не го есапи – сите го празнуваат Денот на љубовта.

„Горките спомените од комунистички паради за Денот на трудот се сè уште свежи за пражани, па логично е тие да се определат за поинаква традиција на Први мај“ – го појаснува овој обичај Павел, енергичен локален туристички водич за New Europe tours Прага, европска мрежа која организира бесплатни туристички разгледи во европските градови. Тој додава и дека тие паради за време на комунистичкиот режим во Чехословачка, биле задолжителни и сите, за да немаат проблеми со институциите на режимот, морале да присуствуваат на нив. Овие прослави традиционално се одржувале во паркот Летна, каде се наоѓала и грандиозната скулптура на Сталин. Старо и младо, со знаменца и цвеќиња мавтале на парадата која поминувала во чест на работникот и во слава на комунизмот.

Местото каде што се издигал споменикот на Сталин,
парк Летна
За разлика од југословенските прослави на Први мај, на кои, претежно, се присетуваме со носталгија, граѓаните на Чешка имаат сосема поинакво искуство од режимот на Советскиот сојуз, па по падот на режимот, почнувајќи од деведесеттите години, бегајќи од лошите спомени и искуства, слободно одлучуваат да ја прославуваат љубовта на Први мај. Но, оваа традиција, не паднала од небо пред дваесеттина години. Се вели дека потекнува од паганските обичаи на прославувањето на доаѓањето на пролетта, а својот денешен облик, најверојатно, го добива во 19-тиот век. Во тоа време твори и Карел Хинек Маха (Karel Hynek Mácha), чешки романтичар, наречен и поет на љубовта, чија песна, чешката класика, „Мај“, посветена на трагична љубовна приказна која се одигрува на првиот ден од мај, е многу блиска до овој начин на празнување на првиот ден од мај. Иако не е документирана директна врска помеѓу песната и традициите, ниту пак се знае дали песната ја инспирирала традицијата или пак поетот бил инспириран од веќе постојните практики, повеќемина се согласуваат дека овие традиции датираат од овој период. Па, така и споменикот на Маха си го наоѓа своето место на ридот Петрин, каде што заљубените двојки, поминуваат на својата прошетка и му оддаваат почит на поетот.

Меморијален споменик за жртвите на комунизмот,
Петрин, 2002; скулптор: Олбрам Зубек,
архитекти: Јан Керел и Зденек Холзел
И оваа година бројни заљубени двојки жители на Прага, но и туристи, одат во традиционална прошетка по виугавите патеки на ридот, кој се издига над прашката четврт Мала страна, која го зазема просторот помеѓу Прашкиот замок и Петрин. Кога ќе се искачат на врвот на Петрин, до каде што може да се дојде и со жичарница, ги пречекува весела атмосфера на музички настапи, тезги со јадење, пиво, сувенири, балони. Во овој парк има и две атракции кулата која потсетува на мини Ајфеловата и лавиринтот со огледала, што го надополнуваат задоволството од убавиот ден

Така е за Први мај во Прага. Датум кој во официјалниот работен календар е запишан како Ден на трудот, во практика е романтичен и цветен ден на љубовта. Сликите од демонстрации и протести кои се традиција во други европски земји и градови како Берлин, Копенхаген, во Прага речиси и да не постојат. Но, сепак, како што ни раскажува Павел, минатата година, во паркот Летна, зборното место на првомајската комунистичка парада, се одржаа масовни антикомунистички демонстрации. Очигледно е дека раните од комунистичкиот режим сè уште печат и потребно ќе биде уште многу време за да заборавот да го направи своето.

Friday, March 28, 2014

Прва белешка за театарот

Вчера беше светскиот ден на театарот. Речиси и да го заборавив. Од денешен агол, ме потсетува на средно, на времето кога го засакав театарот и одев толку често и редовно, како кога се оди на аеробик. Тогаш, во моите дневници и тетратки, ги препишував пораките за театарот, македонската и светската, ги сечев, од весниците, статиите посветени на овој ден, читав критики и интервјуа и одев одев во театар. Не разбирав многу од тоа што го гледав, во смисла, не успевав да го изразам тоа на некаков начин, да запишам или да кажам нешто за тоа. Ги примав претставите и тие остануваа како лекции кои подоцна ги разбирам и совладувам до крај.
„Порив и страст е тоа, смисла и разум да не бараме!“ – Сашо Насев, 2002, Македонска порака за светскиот ден на театарот
Кога ќе ги прочитам кратките пишуванки во тетратрките и дневниците, по претставите што сум ги гледала од тие години, сфаќам дека и денес го памтам чувството од претставата, памтам многу слики и отсечоци, но тоа не е ни малку слично со текстот што го читам.

... монологот на Цвета во „Балканот не е мртов“ („Една ноќ се разбудив пред зори. Сонував еден цвет. Беше тоа убав сон. Мирен...“); целата „Диво месо“, која, да ја даваа уште, ќе ја гледав до ден денес барем еднаш месечно; топлата мекост на сцената на Драмски кога се играше „Дон Жуан“; јасноста и директноста на „Поблиску“; магичноста, гестот, говорот, трансформацијата на просторот, моментот кога ќе излезеш од театарот... 

Сето тоа се собира во глава и по некое време се средува како знаење. Сум го мислела, премислувала, но никогаш вистински не сум го запишала.


Така, убедена сум, дека за мене, освен естетско, театарот имаше и етичкото значење. Кога сум во гледалиштето сум дел од комуникацијата: седам немирно, гестикулирам, се мрштам, воздивнувам, кога ќе излезам надвор излегувам во другиот свет. Во тие неколку часа, глумците ни создаваат, тука, пред нас, на дофат на рака, нов свет, друг свет. Богатство од едно разновидно, фантастично друго, не-тука, не-реално... А, сепак, толку стварно и сугестивно!

Во театар директно се сретнуваме со две работи: уметничкиот, како-да свет, кој се создава пред нас, во реално време и дофатливото знаење, кое со себе лесно можеме да го понесеме дека отвореноста кон другите светови и другостите ни е и природна и потребна.

Денеска е веќе друга приказна. Детето пораснало ли или пак е нешто друго? Веројатно, како и со сите работи кои силно ги сакаме, се движиме на линија од љубов кон омраза, нема средина, нема рамнодушност! Па така, единствено се радувам на ретките добри претстави и на гостувањата, претежно на МОТ, но и на ентузијазмот на студентите од Факултетот за драмски и на претставите од нивната Академска сцена, а другото е тажно. Тажно е, затоа што, со многу ретки исклучоци, кога гледаме претстава, повеќе не сме соочени со отвореноста и разновидноста на светови, туку со тесноста на нашата реалност, која нè следи, и се создава пред нас, дури и на сцената.

Wednesday, February 19, 2014

Пред Концерт

Вчера бев заглавена во расказот. Го имав присуството на двата лика, ја знаев нивната различност и приказна, но ја немав приказната. Причината да се создаде расказ. Тие ќе си живееја долго оставени сами на себе. Без расказ. Имав и две силни слики. Едната беше од Ернесто Сабато и неговиот роман „Тунел“ и се состоеше во темата/мотивот/прашањето: Колку навистина ја познава, колку некого навистина можеме да запознаеме? Или само се движиме во посебни тунели со мали процепи од каде што може само да ѕирнеме во соседниот тунел? Тоа ми наложуваше да го ширам расказот, а јас не сакав. Наложуваше и да се измисли дополнителна приказна која ќе го илустрира и разреши тоа прашање.

Втората слика беше една силна сензација што ја имав пред неколку години на концерт на „Летечки пекинезери“ во кино Фросина. За време на една тивка и нежна песна добив силно чувство дека врне снег. Беше зима и ладно, но беше суво. Кога излегов од концертот надвор врнеше снег. Сè уште многу живо го паметам моментот кога погледнав низ стаклото во фоајето кое гледаше кон скулптурата на малиот принц. Неговата планета и неговата круна беа побелени. Не ми се веруваше. Паѓаа лесни линии мали топчиња снег како од никаде.

И сето ова ми се мешаше во глава додека се враќавме од работилницата. Се сретнавме со една познаничка која нè викна на затворање на Неделата на дизајн во Куршумли ан. Свиреле „Летечки пекинезери“. Тогаш не помислив ништо. Си одев дома пешки, ги вртев сите опции измислував, ништо не ме возбудуваше. На крајот од никаде – мора да биде приказната за „Летечки“. И во глава ми се создаде расказ.

7.10.2013


ОВДЕ е расказот „Концерт“, објавен во „Нова Македонија“, 19.2.2014, а направен во рамки на работилницата „Напиши расказ“.