Посака да излета од балконот, да се дофати за жиците и да се
залула. Да лебди во воздухот. Да биде човек. Ги гледаше нозете како ги допираат
крововите, па го прегазуваат ридот и за миг стигаат до врвот, нагло летнуваат
кон небото, се сепнуваат и се враќаат. Го прави ова често. Досега никој не ја
забележал. Од долу се гледаат само стари патики закачени за жиците со врвките.
„Имав другар кој носеше вакви патики“, си помисли тој,
спуштајќи го погледот од жиците кон растуреното ѓубре крај тротоарот. Ни тој не
ја виде. Една вечер, кога беше уште во
основно, го пратија по брашно. Беше смрзнувачка. Тој одеше кон колонијалчето,
гледајќи во работ на тротоарот. Алек беше постар од него. Наеднаш, пред очи му
излегоа две сиви патики. Се сепна. Пред него стоеше Алек, само по јакна, без
шал и капа. Се замрзна од темето до петите. Го погледна во насмеанотo и итро
лице. Траеше само миг и веднаш истрча кон колонијалчето. Се сврте по неколку
метри, забележа како Алек се оддалечува, станува црна дамка. По една година, станаа
најдобри другари, но никогаш не ја спомнаа оваа случка. Се прашуваше дали тој
ја памти. Што се случи со Алек?
Наеднаш пак го крена погледот и се сврте. Виде девојка во
пижами како се лула на жиците. Тој можеше да ги види нив, луѓето што се лулаат
на жици.
Посакуваше и тој ден да се залула на жицата. Толку силно го
сакаше тоа, што во еден момент навистина се чинеше како да лебди, ја осети и
острата жица како ѝ ги пресекува дланките. Се лулаше. Дури забележа и еден дечко
како ја гледа.
Веќе долго зјапаше во патиките закачени на жицата. Се сепна
и инстинктивно го спушти погледот барајќи го дечкото. Навистина ли некој можеше
да ја види!? Тој веќе си беше продолжил по патот.
Се врати во собата осамена како никогаш дотогаш.
No comments:
Post a Comment