Промените кои ги внесува појавата на печатницата во
општествата се коренити и многубројни. Најзначајната промена е во преминот од
пишување на рака кон печатарски букви, што овозможува пишаниот јазик да се
стандардизира и обликува. Ова, подоцна, ќе се покаже како пресудно за
дефинирање на националниот јазик. Книгата станува лесно пренослива и лесно се
умножува, достапна е до пошироката публика и излегуваат надвор од црковните и
академските кругови. Книгите се шират во градските средини, кои се во експанзија,
а подвижноста и можноста за размена која ја нудат книгите, се во склад со овие
градски средини. Пристапот до културата станува индивидуален, а националните
граници се преминуваат со тоа што луѓето се препознаваат по заедничка наклонетост, без разлика на
местото на живеење. Преминот од усното кон писменото изразување го има печатот
како една значајна пресвртница и влез во модерното време.
„После вековите на христијанско четиво, наеднаш страницата се претвора, од текст за побожно мрморење, во оптички организиран текст кој го употребуваат мислителите логичари (...) Книгата станува куќен предмет, може да се земе и повторно да се прочита кога и да се посака. Ерата на книгите обезбедува еден приватен простор и признание на правото на минути на тишина, а овозможува и постоење на здруженија како што се весниците, академиите, салоните (...). Читателот сега ги листа страниците. Неговите очи ја одразуваат дводимензионалната страница. Набрзо и свесно ќе го насочи својот разум кон ракописот. Читањето ќе стане индивидуална активност, однос помеѓу сопственото јас и една страница“ - Ivan Ilich
Но, писменоста
меѓу широките маси е сè уште ниска, нејзиното згоменување доаѓа дури со
модернизацијата кон средината на 19-тиот век, кога се воведува и задолжително
образование во одредени земји. Книгите сè уште, пред овој период, се достапни на елитните слоеви од
градското население, но бројот се зголемува, а огласите за нови книги во
весниците стануваат сè побројни, интересот е присутен, па, логично, се
создаваат и специјални изданија посветени на книжевноста, полни со текстови
поврзани со новите книги, есеи и студии не само од литературата, туку и од
природните и општествените науки. Идејата на првите книжевни списанија е тие да
бидат инструменти за водење на интелектуалниот живот во средините во кои се
појавуваат и да даваат свој придонес во книжевната
република – сфатена како наднационална и слободна сфера,
која се издигнува над границите на апсолутистичките монархии и државите во
Европа и ги поврзува интелектуалците.
Оваа идеја за книжевната
република, ја промвира првиот книжевен весник „Журнал де Савант“ (Journal des Savants), кој го
означува почетокот на еден нов вид на периодика, целосно посветена на науката и
уметностите, а претставува и првиот модел на книжевен весник, кој ќе биде
широко распространет и преземен и од други земји во Европа.
Вториот модел доаѓа од Британија е книжевното списание „Спектатор“,
кое е дел од новиот процес во англискиот печат од почетокот на 18-тиот век, тн.
„ново новинарство“, кое се поврзува со авторите како што се Даниел Дефо,
Џонатан Свифт и Џозеф Адисон: тоа е пристап кој не е особено близок до
актуелната информација и повеќе е инспириран од жанрот на книжевниот есеј со
морални и педагошки цели. Секој број на
списанието е тематски и е обмислен како замислен разговор за случувањата во
уметничкиот, книжевниот, политичкиот живот, кој се одигрува во еден имагинарен
клуб. Со ова, во печатот, се пресликува веќе постоечката практика на европските
интелектуалци, собирајќи се во кафеаните и клубовите да учествуваат во
размената на мислења и идеи, формирајќи така јавни сфери од кои се шири јавното
мислење.
![]() |
Spectator |
Флит стрит (Fleet street) во Лондон, од самото појавување на печатницата е центар на
печатот и новинарството и метоним за британскиот национален печат. Од 1500-тите
до осумдесеттите години на 20-тиот век таму се наоѓаат главните весници. Пред
појавата на печатницата, а и по тоа, Флит стрит е адвокатска улица, па печатот,
се појавува на тоа место и во функција на секојдневните адвокатски обврски и ги
опслужува многубројните канцеларии. Освен тоа, улицата е позната и по кафеаните
и клубовите со кои е богата улицата, како и по познатите личности кои живееле
таму или ги обиколувале кафеаните. Од средината на 19-тиот век, потекнуваат и
приказните за берберот од Флит стрит, Свини Тод.
Затоа не е чудно тоа што во европските книжевни списанија
клубот, разговорот и живата дебата се составни делови и како имиња на рубрики
(„Ривју“ на Дефо), но и како име на самото списание (на пример, во Лајпциг, се
печати списанието „Чудесна кафеана во Венеција“, а еден од најпознатите и
најбитните весници за италијанското просветителство се печати во Милано под
името „Ил Кафе“).
Со ширењето на печатот во секојдневниот живот на граѓаните,
во 18-тиот век се формираат институциите на јавната сфера, кои стојат помеѓу
полето на приватното (полето на размената на стоки и труд, како и интимната
сфера) и сферата на јавните власти (државата и судот), а се појавуваат во форма
на кафеани, салони, библиотеки и театри, односно културни институции кои го
карактеризираат градскиот живот каде што луѓето се собираат како приватни индивидуи
да ги дискутираат прашањата од заеднички
интерес. Весниците и списанијата во овие збиралишта имаат значајно место,
тие ги поврзуваат луѓето, ги претставуваат нивните заеднички интереси,
проблеми, прашања за кои имаат потреба од дискуисија и полемика. Во оваа
светлина, можеме да ги погледнеме сите списанијата, не само од областа на
книжевноста и културата. Тие се вид на центри, збирни точки на приватни
индивидуи кои читаат, дознаваат, разменуваат, дискутираат на теми и прашања од
заеднички интерес.
Преземено и адаптирано од магистерскиот труд „Книжевните списанија во рамки на македонската независна културна сцена“ (декември, 2013).
Продолжува со поимот заедница во рамките на новите
медиуми...
No comments:
Post a Comment