Thursday, February 13, 2014

Поимот заедница во дигиталниот простор

Една од основните карактеристики на списанијата низ историјата била да формираат заедница на луѓе околу себе. Францускиот „Журнал де Савант“ се обраќа на учените од цела Европа, со цел да се создаде една наднационална заедница во која ќе се разменуваат новите наслови, идеи, тенденции; англискиот „Спектатор“ е директен показател за заедниците формирани во клубовите и кафеаните во времето на зародишот на просветителството и особено за време на процветот на тие идеи, заедници кои функционираат како јавни сфери, во чие средиште се темите од заеднички интерес; во време на модернистичките движења различните списанија „Дада“, „Надреалистичка револуција“ и слично, претставуваат извори на промовирање и ширење на нивните идеи во средините каде се појавуваат, но и низ другите градови во Европа и САД, како и обединувачи на припадниците на група, израз на несогласување и отцепувања... на кратко, преку списанијата на модернистичките изми можат да се следат нивните хронологии.

Ако порано кафеаните, салоните и театрите биле простори во кои се собирале овие заедници и каде весниците и списанијата биле важни извори на информации и полемики, во последните децении, тоа се кафеаните, но и културните центри. Без детални навлегувања во сите аспекти од функционриањето на списанието, да го земам примерот на „Маргина“ во периодот од 2002 до 2010, кога е дел од пошироките активности на културниот центар „Точка“. Интересен е преплетот на просторите: темите кои се отвораат при настаните во културниот центар, наоѓаат простор на страниците на списанието и обратно, темите од списанието се дискутираат, продлабочуваат и поинаку третираат во рамки на активностите на центарот. На овој начин се создава интерактивна група составена од уредниците, авторите на списанието и публиката, која наоѓа израз во наредни настани, дела или, едноставно, дискусии.

Во денешни рамки концептот на заедница се здобива со уште контекст на разгледување, а тоа е дигиталниот свет и новите медиуми, каде што добива суштинско место, поврзано со самата природа на интернетот и на новите компјутерските технологии да функционираат како мрежа од индивидуални точки. Ова придонесува, јавната сфера од масовна да се предефинира во мрежна јавна сфера во која индивидуите ќе можат да ги искомуницираат своите ставови и мислења до други индивидуи на начин што нема да може да биде контролиран од сопственици на медиуми и кој не е лесно поткуплив со пари како што е случајот со масовните медиуми. 

Zoe Barnes, "House of Cards" @WeHeartIt.com

„Внимавајте, денеска кога комуницирате со еден човек – комуницирате барем со илјада“ – ова е коментарот кој го дава една млада новинарка од „Вашингтон пост“ на својот уредник по расправија во кој тој ја навредува, коментарот го дава додека го пренесува на својот Twitter профил преку смартфон, во неговата канцеларија – во реално време. Ова е дел од серијата „Кула од карти“, драмска серија која ја тематизира улогата на новите и старите медиуми во високата политика. Реченицата на младата новинарка многу јасно ја покажува суштината на Веб 2.0, кој е концепиран околу вмрежувањето. Еден профил на Twitter, да се надоврзам на примерот, има на пример 100 следбеници, секој од тие 100 има своја мрежа од по исто толку следбеници. Патот на ширењето на информацијата оди од почетната мрежа, преку мрежите на секој од членовите, преку мрежите на членовите на секој од членовите и така натаму.

За еден корисник да може да коментира, учествува во дебата на социјалните мрежи мора да биде дел од одредена заедница (на пример, за да коментира на страницата на одредена личност со која можеби и силно не се сложува, во најголем дел од случаите мора да биде пријател со таа личност – освен ако профилот на таа личност не е целосно јавен; за да искоментира на страница посветена на Ден Браун, на пример, мора да биде дел од членството на страницата за да го сподели своето мислење без разлика колку тоа било позитивно или негативно). Начинот на кој нештата се вреднуваат е преку членство во заедница поврзана околу една личност, интерес, настан. Само членовите на заедницата, од внатре, можат да критикуваат, вреднуваат, идеализираат, дискутираат тоа што е предмет на интерес исклучиво на таа група, алтернативата е да се исклучат од групата/заедницата или да направат своја група како реакција на неа. Никој не може однадвор, од горе, да изрази критика за одредена тема. Интернет просторот на социјалните мрежи тоа не го дозволува. Всушност, дозволено е, но би било целосно непотребно и непродуктивно, самата заедница би го отфрлила коментарот. Дозволено е на сите нешта да постојат синхроно. Од овде би можел да се извлече заклучок дека вредноста на одредена книга, филм и сл. зависи од големината на заедницата собрана околу неа (принципот на квантитет), но тоа не е баш така. Доколку се разберат можностите на социјалните мрежи на нив можат да се покренат прашања, да се отвораат теми, за кои нема простор да се отвораат на другите медиуми. И да се коментираат во различни правци, да се продлабочуваат – за тоа нема простор на пример на една печатена страница од дневен весник.

Пристапот до информациите се одвива преку заедницата која корисникот ја создава на социјалните мрежи, изборот на информациите кои ќе ги следи зависи од селекцијата на членовите на неговата заедница, членовите на нивните заедници и така натаму, значи вреднувањето се случува преку селекција и персонализација на сопствената мрежа. Така корисникот одбира што ќе чита, со кого ќе споделува, кој е неговиот интерес, што му се допаѓа или не.

The Faces of Facebook app.

Така и би требало да се сфати интернетот, како еден децентрализиран простор кој може да истрпи најразлични нешта, на читателот/корисникот е да одбере – а за тоа ги има и алатките и можностите – што ќе чита и каде ќе се движи. Или со зборовите на уредничката на „Букбокс“ во текстот „Збор-два за Загубениот симбол“:

„Она што можете да го направите ако не ви се допаѓа Браун е – да не го читате. Ако не ја издаваат вашата поезија отворете блог. Ако го сакате Шопенхауер, и ако има само уште тројца такви во градот, дружете се со нив. Ако се бавите со уметност и сакате да бидете доследни на вашите естетски принципи помирете се дека можеби ќе треба да работите нешто друго за да преживеете. Пружете го вашето парче отпор, но тивко и без цинизам. Ако можете“ – Илина Јакимовска.


Преземено и адаптирано од магистерскиот труд „Книжевните списанија во рамки на македонската независна културна сцена“ (декември, 2013).


Претходно:

No comments:

Post a Comment