Вчера беше светскиот ден на театарот. Речиси и да го
заборавив. Од денешен агол, ме потсетува на средно, на времето кога го засакав
театарот и одев толку често и редовно, како кога се оди на аеробик. Тогаш, во
моите дневници и тетратки, ги препишував пораките за театарот, македонската и
светската, ги сечев, од весниците, статиите посветени на овој ден, читав
критики и интервјуа и одев одев во театар. Не разбирав многу од тоа што го
гледав, во смисла, не успевав да го изразам тоа на некаков начин, да запишам
или да кажам нешто за тоа. Ги примав претставите и тие остануваа како лекции
кои подоцна ги разбирам и совладувам до крај.
„Порив и страст е тоа, смисла и разум да не бараме!“ – Сашо Насев, 2002, Македонска порака за светскиот ден на театарот
Кога ќе ги прочитам кратките пишуванки во тетратрките и
дневниците, по претставите што сум ги гледала од тие години, сфаќам дека и
денес го памтам чувството од претставата, памтам многу слики и отсечоци, но тоа
не е ни малку слично со текстот што го читам.
... монологот на Цвета во „Балканот не е мртов“ („Една ноќ се разбудив пред зори. Сонував еден цвет. Беше тоа убав сон. Мирен...“); целата „Диво месо“, која,
да ја даваа уште, ќе ја гледав до ден денес барем еднаш месечно; топлата мекост
на сцената на Драмски кога се играше „Дон Жуан“; јасноста и директноста на
„Поблиску“; магичноста, гестот, говорот, трансформацијата на просторот,
моментот кога ќе излезеш од театарот...
Сето тоа се собира во глава и по некое
време се средува како знаење. Сум го мислела, премислувала, но никогаш вистински не сум
го запишала.
Така, убедена сум, дека за мене, освен естетско, театарот имаше и етичкото значење. Кога сум во гледалиштето сум дел од комуникацијата: седам немирно,
гестикулирам, се мрштам, воздивнувам, кога ќе излезам надвор излегувам во
другиот свет. Во тие неколку часа, глумците ни создаваат, тука, пред нас, на
дофат на рака, нов свет, друг свет. Богатство од едно разновидно, фантастично
друго, не-тука, не-реално... А, сепак, толку стварно и сугестивно!
Во театар директно
се сретнуваме со две работи: уметничкиот, како-да
свет, кој се создава пред нас, во реално време и дофатливото знаење, кое со
себе лесно можеме да го понесеме дека отвореноста кон другите светови и другостите
ни е и природна и потребна.
Денеска е веќе друга приказна. Детето пораснало ли или пак е нешто друго? Веројатно, како и со сите работи кои силно ги сакаме, се движиме
на линија од љубов кон омраза, нема средина, нема рамнодушност! Па така,
единствено се радувам на ретките добри претстави и на гостувањата, претежно на
МОТ, но и на ентузијазмот на студентите од Факултетот за драмски и на претставите
од нивната Академска сцена, а другото е тажно. Тажно е, затоа што, со многу
ретки исклучоци, кога гледаме претстава, повеќе не
сме соочени со отвореноста и разновидноста на светови, туку со тесноста
на нашата реалност, која нè следи, и се создава пред нас, дури и на сцената.
No comments:
Post a Comment