Thursday, May 8, 2014

Први мај – Ден на љубовта во Прага

Заљубени парови од сите возрасти, со букети пролетно цвеќе во рака, се движат кон ридот Петрин, во самиот центар на Прага и бараат расцветана цреша, или барем костен, за да споделат бакнеж, кој ќе им донесе среќа во љубовта цела година. Вака изгледа први мај во Прага, каде Денот на трудот е само официјален државен празник, кој повеќе никој не го есапи – сите го празнуваат Денот на љубовта.

„Горките спомените од комунистички паради за Денот на трудот се сè уште свежи за пражани, па логично е тие да се определат за поинаква традиција на Први мај“ – го појаснува овој обичај Павел, енергичен локален туристички водич за New Europe tours Прага, европска мрежа која организира бесплатни туристички разгледи во европските градови. Тој додава и дека тие паради за време на комунистичкиот режим во Чехословачка, биле задолжителни и сите, за да немаат проблеми со институциите на режимот, морале да присуствуваат на нив. Овие прослави традиционално се одржувале во паркот Летна, каде се наоѓала и грандиозната скулптура на Сталин. Старо и младо, со знаменца и цвеќиња мавтале на парадата која поминувала во чест на работникот и во слава на комунизмот.

Местото каде што се издигал споменикот на Сталин,
парк Летна
За разлика од југословенските прослави на Први мај, на кои, претежно, се присетуваме со носталгија, граѓаните на Чешка имаат сосема поинакво искуство од режимот на Советскиот сојуз, па по падот на режимот, почнувајќи од деведесеттите години, бегајќи од лошите спомени и искуства, слободно одлучуваат да ја прославуваат љубовта на Први мај. Но, оваа традиција, не паднала од небо пред дваесеттина години. Се вели дека потекнува од паганските обичаи на прославувањето на доаѓањето на пролетта, а својот денешен облик, најверојатно, го добива во 19-тиот век. Во тоа време твори и Карел Хинек Маха (Karel Hynek Mácha), чешки романтичар, наречен и поет на љубовта, чија песна, чешката класика, „Мај“, посветена на трагична љубовна приказна која се одигрува на првиот ден од мај, е многу блиска до овој начин на празнување на првиот ден од мај. Иако не е документирана директна врска помеѓу песната и традициите, ниту пак се знае дали песната ја инспирирала традицијата или пак поетот бил инспириран од веќе постојните практики, повеќемина се согласуваат дека овие традиции датираат од овој период. Па, така и споменикот на Маха си го наоѓа своето место на ридот Петрин, каде што заљубените двојки, поминуваат на својата прошетка и му оддаваат почит на поетот.

Меморијален споменик за жртвите на комунизмот,
Петрин, 2002; скулптор: Олбрам Зубек,
архитекти: Јан Керел и Зденек Холзел
И оваа година бројни заљубени двојки жители на Прага, но и туристи, одат во традиционална прошетка по виугавите патеки на ридот, кој се издига над прашката четврт Мала страна, која го зазема просторот помеѓу Прашкиот замок и Петрин. Кога ќе се искачат на врвот на Петрин, до каде што може да се дојде и со жичарница, ги пречекува весела атмосфера на музички настапи, тезги со јадење, пиво, сувенири, балони. Во овој парк има и две атракции кулата која потсетува на мини Ајфеловата и лавиринтот со огледала, што го надополнуваат задоволството од убавиот ден

Така е за Први мај во Прага. Датум кој во официјалниот работен календар е запишан како Ден на трудот, во практика е романтичен и цветен ден на љубовта. Сликите од демонстрации и протести кои се традиција во други европски земји и градови како Берлин, Копенхаген, во Прага речиси и да не постојат. Но, сепак, како што ни раскажува Павел, минатата година, во паркот Летна, зборното место на првомајската комунистичка парада, се одржаа масовни антикомунистички демонстрации. Очигледно е дека раните од комунистичкиот режим сè уште печат и потребно ќе биде уште многу време за да заборавот да го направи своето.