Важен актер на нашата музичка сцена
„ЗДРАВО МЛАДИ“ – ФЕСТИВАЛ КОЈ СЕ ЧЕКА СО НЕТРПЕНИЕ
Раздвижување на независната музичка сцена. Но, каква е таа навистина?
Со светски познатата американска група „!!!“ (или: Чк чк чк), фестивалот на современа алтернативна музика „Здраво млади“, на 23 мај се излеа на улицата пред својот дом, Младинскиот културен центар (МКЦ) и ги раздвижи скопјани. Силната музичка програма поддржана со квалитетна техника и оригинално визуелно решение, денс натпреварот, наградните игри, штандовите со ЦД-а и маички од изведувачите и секако самото проширување на просторот на фестивалот кон кејот, направија ова издание да биде незаборавно за бројната публика, фестивалот го ставија на листата на најбитни настани за нашата музичка сцена, а Скопје на европската концертна мапа.
Фестивалот расте
![]() |
„Здраво млади“
се прошири на
улицата пред МКЦ |
И публиката и познавачите, по четвртото издание на фестивалот, го забележуваат неговиот физички раст, развојот во квалитет и веќе јасниот идентитет ориентиран кон свежа независна музика.
- За нас како организатори никогаш нема да важи правилото само да се пополни изборот на изведувачи. Главна цел е да понудиме нешто ново, нова музика, современа, свежа – велат Маргарита Радовиќ и Владица Младеновски, од МКЦ.
Важноста на последното издание на фестивалот во изградувањето на негов препознатлив лик, нашите соговорници ја истакнуваат како една од неговите најбитни карактеристики.
- „Здраво млади“ е фестивал кој сè повеќе го дефинира својот бренд. Луѓето разбираат за што стои фестивалот – вели Божидар Христов, диџеј Ултериор, кој лани настапи на фестивалот.
Милан Дамјановски, проследувач на музичката сцена и дел од тимот на веб-сајтот „Плагијат“, пак, смета дека со ова издание и особено со настапот на светски познатиот и музички релевантен бенд „!!!“, фестивалот, но Скопје, се издига во квалитетна концертна дестинација.
Ѓорѓи Јаневски, од радиото Канал 103, нашето единствено радио каде алтернативната музика зазема значајно место, вели дека „Здраво млади“ е фестивал кој се чека со нетрпение. За него, ова издание е значајно со тоа што успеа да се прошири, не само просторно, туку и во смисла на публика, да се отвори кон поразлична публика. Од друга страна, според него, важноста на фестивалот е и во можноста за комуникација помеѓу нашите музичари и странските групи кои доаѓаат.
- Добро е кога ќе се соочиме со тоа што доаѓа од надвор, за да видиме до каде сме – заклучува тој.
Организаторите велат дека е логично бројноста на публиката да расте. Ако, првото издание, во денсинг салата на МКЦ беше посетено од скромни 250 луѓе, второто кое се прошири и во фоајето на центарот имаше дупло повеќе, а лани, кога фестивалот првпат излезе надвор, на просторот пред МКЦ, бројката се качи на 900. Годинава, според организаторот, на фестивалот присуствувале близу 2000 посетители.
Зад ентузијазмот предизвикан од последното издание на фестивалот, дел од познавачите и публиката посочува забелешки единствено во однос на изборот на изведувачи. Христов го коментира изборот на српскиот состав од 80-тите, „Дисциплина кичме“, како несоодветен за овој фестивл посветен на нова и свежа музика. Тој предлага поголемо вклучување на публиката во изборот на артисти.
Во оваа насока е и коментарот на нашата соговорничка Илина, која го следи фестивалот од првото издание.
- Сега кога технички и визуелно добивме фестивал очекувањата за листата на изведувачи за наредната година се уште поголеми.
Просторни и медиумски предизвици на нашата независна музичка сцена
„Здраво млади“ се наметнува како светол пример на нашата независна музичка сцена. Но, каква е таа, навистина?
Нашите соговорници ги забележуваат недостиг од концертен простор, особено за помали клупски настапи, но и затворениот медиумски простор за критичко и сериозно проследување на сцената, како главни нешта што би помогнале за развој и поголема раздвиженост на музичката култура.
Освен МКЦ, кој има музичка програма во текот на целата година, за концертни настапи и клупски свирки во нашиот град се користат кафе-баровите и дискотеките чија примарна намена не е концертна.
За Милан Дамјановски, повеќето простори кои постоеја порано, паднаа како жртви на комерцијализацијата на ноќниот живот, а некои од просторите како Музеј на современа уметност, Кинотеката, локации во Градскиот парк не се користат, иако би можеле. Според него, потребно е да се олабават строгите правила за отварање на клубови, што би овозможило отворање на нови места.
Како втор главен недостаток на сцената, според познавачите, е речиси непостоечкото музичко новинарство, односно незаинтересираноста на медиумите за посериозно проследување на независната музика.
Младеновски и Радовиќ сметаат дека медиумите имаат игнорантен, па дури и срамен однос кон независната музика, за која, според нив, воопшто не се одвојува простор ниту се посветува внимание. Според нив, интересот не може да се создаде само со концертна понуда, за тоа е потребна целосна поддршка, од градот, медиумите, публиката.
- Од наша страна се бориме колку можеме, но тој наш крик мора некаде и да одекне. Сите сме заедно во ова, никој не е исклучен – велат тие.
И размислувањата на Христов одат во оваа насока, тој, недостигот на сцената не го гледа во понудата на бендови, туку во платформите за нивно претставување на музичката сцена. Покрај настаните во МКЦ, емитувањата на Канал 103 и настаните во клубот „Хавана“, каде, според него, бендовите добиваат ужасни финансиски услови, речиси и да немаме промоција на независна музика.
- Изненадувачки е како скоро сите останати концертни простори, радио и ТВ станици тотално ја игнорираат независната музичка сцена – коментира тој.
И Ѓорѓи Јаневски го истакнува квалитетно и издржано музичко новинарство, како битен услов за независната музичка сцена навистина да биде сцена. Тој забележува голем недостиг на вакво проследување кај нас и вели дека едно музичко радио (Канал 103) и неколку инцидентни објави на блоговите или најави за настани во никој случај не се доволни.
Тој истакнува и дека, освен концертен и медиумски простор, за развој на независната музичка сцена битни се и други услови: самите бендови да имаат свест за себе и за својата позиција, но и настаните да се децентрализираат, односно, и другите градови во Македонија да заживеат со целогодишна концертна понуда. Тој, сепак, забележува:
- Има раздвижување на сцената или можеби сакам да верувам дека има. Среќавам нови бендови, како и нови проекти на веќе етаблирани музичари. Но, тоа се случува на микро ниво.. Треба повеќе да се работи на видливост.
До наредното издание...
Нашите соговорници заклучуваат дека нашата независна музичка сцена ја одликуваат инцидентни појави и настани, но сепак, провејува и оптимизам за нејзината иднина.
![]() |
Денс
натпреварот внесе раздвиженост на
паузите помеѓу изведувачите |
- По годинешното издание - нема назад. Веќе се дискутираат и разгледуваат концепти за следното издание, се надеваме ќе го најдеме вистинското и најдобро решение за мини јубилејното петто издание – велат организаторите за перспективата на фестивалот, но сепак заклучуваат дека – конкретни можности не гледаме – само искри. Многу е тешко да се зборува за целосната слика кога составните делови и нивните составни делови не чинат.
На ова се надоврзува и пораката на Јаневски:
- Треба посериозно да се работи и да се сфати музичката култура. Секој во своето дворче да си копка, па така ќе се добие и подобра поширока слика.
А Дамјановски, оптимистички заклучува:
- Јас мислам и претчуствувам дека нè очекува добар и креативен период во наредните неколку години на музичката сцена и дека ќе имаме публика тоа да го проследи и поддржи.
Колку пари толку музика?
Музичката понуда на Младинскиот културен центар (МКЦ), во последните пет години, е пример дека идејата и желбата знае да биде посилна од немањето на доволни финансиски средства. Но, овој проблем е незаобиколен. Иако МКЦ е јавна институција под закрила на градот, за одржување на целогодишна музичка програма и два музички фесривали („Здраво млади“ и „Земјотрес“, посветен на македонската независна продукција) потребен е дополнителен буџет.
- Музичката програма во МКЦ, веќе петта година по ред добива 0 (читај: нула) денари и секој концерт е во целосна продукција и на трошок на МКЦ и на нашите сопствени сили и средства – велат Младеновски и Радовиќ, од МКЦ.
Тие посочуваат и дека по ова, четврто издание на фестивалот и видно зголемениот интерес од страна на публиката, нивните напори ќе бидат насочени кон тоа тој да биде препознаен и од институциите и се надеваат на таква поддршка, бидејќи, како што велат, единствен буџет за изминатите изданија бил исклучиво приходот од продадените билети.
Текстот е работен во рамки на обуката „Млади луѓе пишуваат за заедниците“, организирана од здружението „Член 16“, април-јуни 2014.
No comments:
Post a Comment