(извадоци од тетратките со белешки: преработени, преместени
и без хронолошки ред)
Чади ноќта.
Зборот се двои од темнина.
Модар јаглен му гори во утробата.
О ти што постоиш зашто не постоиш,
небото го лулаш,
земјата ја вртиш.
„Раѓање на зборот“ – Ацо Шопов
Зборот се раѓа тешко. Реченицата се реди и создава. Од нула.
Како да се создава нов свет. Тежок е преводот на мислата и идејата во зборови. Не
би требало да се залажуваме дека не е. И ова не важи само за уметничката
литература. Тоа што денеска можеме лесно да ги запишеме и објавиме нашите мисли
не значи и дека треба да ги оставиме така како што првично ќе се наредат.
На реченицата треба да се работи, да се препрочитува и
менува! Ете, една таква реченица во еден веќе објавен мој текст. Таа се мачи, а
јас сум измешала лица, па малку се губи во напливот со кој сум почнала да
пишувам. Сфаќам, за среќа, дека тоа е само една реченица, другото во текстот е
јасно, иако никогаш повторно така не би го напишала.
Некогаш пишувам махинално. Немам идеја која е незапирлива,
која морам да ја оформам. Само знам дека морам да пишувам и да се надевам дека од негде ќе се појави.
***
Зошто си оди така!? Како да бега...
Не му го памтам ликот! Се исплашив утрово. Како вчера,
воопшто, да не сум го погледнала в лице. Не се сеќавам ни на моето лице и израз.
Како реагирав, дали се насмеав? Како сè да било во мојата глава, само осети и
мисли, без да знам како ги кажувам или пак како изгледам. Како изгледа. Осетив
лошење од овој страв.
Потоа, пак, (како потсетување ли?) ни надоаѓаат, како стари филмови, некои претходни слики на поранешни чувства, доживувања и болки. Многу е
интересно како ги запаметуваме минатите движења и ситуации. За секого се различни.
За некого се силни, за некого веќе заборавени.
***
Мирна и бистра река, личи на Рајна од онаа вечер во Базел,
во Карго барот под мостот. Само е дење и е поплитка... или побистра. Многу
светло сина, речиси проѕирна. Наеднаш, пред погледот, се оформуваат големи бели
мазни камења. Растат и како да се приближуваат, веќе не се дел од реката. Како со
погледот нагоре ја следам реката, стануваат уште поголеми, целосно се
одвојуваат од неа и летнуваат еден по еден како чудни вселенски летала.
No comments:
Post a Comment