Од некој далечен прозорец се слуша Жак Брел. Музиката,
поделена на безброј мали честици, полека се придвижува низ лепливиот неподвижен
воздух на врелата летна ноќ. Се распрснува лебди се превртува: звуците на
пијаното одат кон исток, гласот веројатно кон запад, тажното вибрирачко р си
игра малку на средината, застанува и ги чека другите да го стигнат. Меко бавно мрзливо е движењето, како бавен танц на мраз. Така доспева и до нејзиниот стан, оваа музика со чуден призвук, полека поминува низ ширум отворениот прозорец.
Помешана со мирисот на асфалт што испарува, сува трева и некој неодреден мирис
на нешто старо, како оној од зградата на баба, помисли Лина. Не, не осети
носталгија.
Погледот, за кратко оттргнат од книгата што ја читаше - како да сакаше да го види танцот музиката - повторно се врати на линиите зборови. Ѝ
влеваа некоја чудна сигурност, тие црни низи. Како враќање дома или како
отворање на прозорец со поглед на разбранувано море, сеедно. Удобно навалена во
фотелјата, со чаша ладно пиво на масичката до неа, Лина, првпат по долго време,
се почувствува на сигурно. Не, не осети мир.
...Moi je t'offrirai
Des perles de pluie
Venues de pays
Ou il ne pleut pas...
Го почувствува првото движење на воздухот од прозорецот:
благо, речиси непостоечко, ветре влезе заедно со песната која уште траеше. И ѝ
ги побрка редовите.
- Не си јасен! - му рече Лина.
- Кога не се случува нешто, тоа е исто јасно како и кога се
случува - ѝ одговори тој. Спремно, некако, студено, дури. Сурово.
- Ова е првиот јасен муабет што го правиме
- Ова е првиот непотребен муабет што го правиме
„...женската фигура го остава тажниот инструмент на земјата
и погледнува кон малечкиот облак кој поминува преку Месечината...“
- Некои нешта е битно да се кажат. Мора да се има, макар
најмала, дефинираност на однсите - продолжи Лина со својот јасен, речиси деловен, израз.
- Нештата беа јасни и без да се дефинирани или кажани -
продолжи тој со навидум истиот тон, ги бираше тешко зборовите и оставаше
тишини.
„...На сè сакаш да му
погледнеш в лице, но некоја сила те тера да го вртиш погледот, да не можеш да
видиш што навистина се случува“
Отсечоците од нивниот последен разговор се сплетоа со
зборовите од книгата. Ѝ се исцрта неговиот лик, додека зборовите од разговорот
по којзнае кој пат ѝ се превртуваа во глава. Зад студеноста која ѝ изгледаше
така сурова, ја виде, скриена, неговата тага. Не, не осети болка... хм... не
осети само болка.
...Je t'inventerai
Des mots insensés
Que tu comprendras...
Тука звуците остро се прекинаа. Воздухот стана бистар, црн и
пропустлив. Пропаднаа во него сите делови на музиката и мирисите и сите зборови. Лина се осети... празна.
(Пишуван летото 2011)
No comments:
Post a Comment