Поим
Полето на независниот културен сектор е специфично поле кое, теоретичарите го сместуваат помеѓу јавните субвенции и приватното покровителство. Значи, неговите иницијативи водат потекло од непрофитниот и од невладиниот сектор, односно припаѓа на таканаречениот „трет сектор“, додека, пак, неговата специфичност се состои во истражувањето на современите уметнички вештини и техники, практицирање на уметноста и креативноста надвор од јавните и националните институции на „високата“ култура, се карактеризира со отвореност, непосредност... Активностите на ова културно поле се непосредно и нераскинливо поврзани со поширокиот социо-културен контекст.
„Тој е оној општествен седимент кој постои како мрежа, пајажина која ризоматски се шири низ разни релации во општеството, во политичкото, во еснафот, пријателски навлегувајќи во солидарна акција со другите еснафи. Независниот културен сектор укажува на нужноста од епистемолошки анархизам, од отвореност, која значи бришење на границите помеѓу секоја бинарна опозиција и исцртување на маргините на некои поинакви модели на дејствување, кои подразбираат голем влог, храброст и будност. Една од најважните траги кои ги исцртува независниот културен сектор е отворањето на поинакви хоризонти во однос на читањето на културата“
- Искра Гешоска: дефиниција од брошура на Асоцијацијата „Јадро“
Независниот културен сектор, по дефиниција, не е антагонист или бунтовник против власта и државно-субвенционираната кутлура, напротив, преку неговото сфаќање на поимот култура во поширок општествен контекст, неговата соработка и преговарање со јавниот и граѓанскиот сектор, тој е дел од целокупниот контекст, учествува активно во културниот и политичкиот живот на општеството, покренува прашања, експериментира во современите уметнички практики, излегува од стожерните институции на „високата“ култура.
Може да се заклучи дека карактеристики на независниот културен сектор се:
- Поимот култура сфатен во поширок општествен контекст,
- Учество во донесувањето и менувањето на државните културни политики и стратегии за соработка,
- Препознавање и отстапување на простор на алтернативните културни инцијативи и проекти, нивно архивирање и анализа и
- Креирање на дела во склад со современите текови и технологии во медиумските и естетските теории.
Траги
Трагите на денешната независна културна сцена можат да се трасираат, на нашите простори (Македонија и пошироко, Југославија) до алтернативната и дисидентската уметност која почнува под влијание на Студентската револуција 1968 и тоа токму во младинските здруженија или Сојузите на млади формирани од самиот режим. Кај нас се издвојуваат Списанието „Фокус“, кое излегува од 1969 до 1972, кога е забрането, иницирано од група на млади интелектуалци: браќата Алјоша и Исо Руси, Александар Чомовски, Русомир Богдановски, Владимир Куновски, Слободан Унковски, Владимир Милчин, Илинденка Петрушевска, Владо Шопов, Константин Танчев; проектот „Свети Никита Голтарот“ на Владимир Милчин; потоа оваа енергија ја создава Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет и претставите на „Зелената гуска“; а Младиот отворен театар, фестивал кој е покренат во 1975, претставува континуитет на овие иницијативи. Преку овие иницијативи и активности младите се запознаваат со современата уметност, развојот на поп кутлурата, рокенролот и панк движењето, истражувања во сферата на уметноста и културата во склад со современите европски и светски практики, развој на стрипот, дизајнот, фотографијата...
Во 1984 година, во самиот почеток на дезинтеграцијата на процесот на социјализмот, во Словенија се формира движењето „Neue Slowenische Kunst“, во кое членуваат култната група „Laibach“, сликарите обединети во групата „Irwin“ и театарот „Scipion Nasice Sisters“. „Neue Slowenische Kunst“ претставува уметничко-политичко-цивилно движење кое се јавува како отпор на тогашниот политички систем - социјализмот и државноста на СФРЈ. Ова движење врши влијание во погледите на младите уметници од Балканот и катализира други алтернативни и супкултурни движења.
![]() |
„Галерија 7“ со муралите на групата Зеро, фото: Утрински весник |
Едно од тие, е и групата Зеро, која во средината на осумдесеттите години се оформува во чајџилницата „Галерија 7“ на Адил Карахасан, во Старата скопска чаршија. Спонтано создадена група, групација, платформа, колектив, формација – во написите за оваа група во весниците, постои разноликост на дефиниции... Како дел од групата се Александар Станковски, Синиша Цветковски, Тања Миљовска, Ибрахим Бади, Игор Тошевски, Мишо Весовски, Златко Трајковски и Перица Георгиев и други студенти, писатели, теоретичари. Во чајџилницата циркулираат книги, идеи, ставови, се дискутира за уметност, литература, музика, филозофија, археологија и политика.
Од средината на деведесеттите, се појавуваат и првите проекти во вистинската смисла на зборот на граѓанскиот сектор. Тука се организацијата „Контрапункт“ и нејзините продукти, списанието „Маргина“ и културниот центар „Точка“; просторот „Прес ту егзит“ исто така функционира како изложбен простор и реализатор на други културни проекти. Сорос и „Про Хелвеција“ се двата најголеми донатори во рамките на културниот сектор.
Во овој опсег на активности и организации би ги ставила и независните издавачи. Мали издавачки куќи како што се „Блесок“, „Или Или“ и „Темплум“ кои функционираат од тоа време, некаде во средината на деведесеттите и освен што издаваат книги (освен „Или или“) имаат и свои списанија („Блесок“ е првото електронско списание за литература во Југоисточна Европа и „Маргина“ кое функционира како издание на „Темплум“, но финансиски е подржувана во различни периоди и со средства од Сорос и Про Хелвеција кои одат преку невладината организација „Контрапункт“). „Блесок“ соработува и со меѓународни списанија и литературни проекти (Word Express, Transcript).
Радиото „Канал 103“ е еден многу специфичен случај не само во македонски рамки. Од 1991 функционира како дел од Македонската радио телевизија, но никогаш не е целосно регулиран неговиот статус. Историјата и значењето на радиото се тема на книгата „Документ 103“ на Тина Иванова. Го нарекуваат радио-натрапник, „несакано дваесетгодишно дете“ во рамките на МРТ. Всушност, почетокот на 103-ка е случајност, директорите на МРТ имале градска фрекфенција и за да не оди неподносливиот сигнал на празна фрекфенција ги викнале своите синови (на пример, Игор Иванов Изи) да пуштаат музика. Не знаеле, дека ова ќе биде почеток на еден простор кој ќе стане култен (не само) за скопјани. Од ова радио ќе се пушта современа музика, ќе се изразуваат политички ставови, бунтовни и критички. Радиото постојано ќе има проблеми со раководството на МРТ, но и покрај сè продолжува да зрачи, можеби токму заради нерегуларноста, заради немањето механизми ни да го згаснат.
„Во овие дваесет години на сега веќе култното радио, се менуваа македонски влади, во Стотројка се менуваа уредници. Но, нејзината програма го задржа својот идентитетски концепт. Ги пребродуваше сите турбулентни политички случувања во земјата, како и економските, социјалните, културните премрежија, кадровските турбуленции во просторниот домаќин МРТ. И, како статусно го започна својот живот, така функционира и денес. Недефинирана во државните акти, незаведена во матичните книги на македонската радиодифузија, си го живее својот живот во својот автономен свет. Можеби и токму поради тоа, таа е единственото радио во светот што функционира во рамките на една државна институција како што е МРТ, а сепак, не е државно радио. Не е ниту приватно. Без стопан беше, без стоан е и сега, или си е стопан самото на себе. Тоа е ендемска појава во македонскиот медиумски простор. Тоа е феномен и парадокс во исто време. Независен симбол на авангардата, на една нова перцепција за светот кој со папочна врвка ги поврза сите свои следбеници“- Тина Иванова, „Документ 103“
Статусот на 103-ка го отвора проблемот на законските регулативи (односно лошите законски регулативи) и немањето слух, свест или желба кај јавните институции да остават простор во нивни рамки да се случуваат независни иницијативи, нешто што е случај и пример за одлични соработки во Европа и светот. И покрај тоа што функционира повеќе од 20 години, МРТ не го третира како своја творевина и не наоѓа начин да го вклопи во своите активности, на еден начин да го „искористи“ за збогатување на својата програма и, во крајна линија, можност за дополнителни приходи од нови проекти. Во суштина, сорабтките помеѓу јавните институции и независниот сектор би требале да бидат редовна практика, на обостран интерес.
Денешни состојби: просторот и финансиите
Работејќи без профит, со средства добиени од различни страни: странски донатори, меѓународни соработки, проекти, актерите на независната култура, дури и пред финансиите имаат проблем од стуруктурен аспект. Меѓународните проекти, речиси воопшто не се насочени кон поставување на основата на културните центри, просторот за изведба на програмите предвидени со проектите, или пак организацијата на работата, затоа, практика е јавните институции, најчесто општините или програми на Министерствата за култура, да ги поддржуваат овие појави во културниот живот на општеството, со цел разновидност на културната понуда, развој на дебата, демоктратичност во културните политики и слично.
Кај нас тоа така не функционира. Неколкуте простори и културни центри кои дејствуваа на полето во различни периоди од крајот на 90-тите и во почетокот на новиот милениум (КЦ „Точка“, Проектниот простор „Прес ту егзит“, КЦ „Це-Ка“) ја изгубија битката со просторот. По нивното згаснување, а до појавата на Автономниот културно-социјален центар (АКСЦ) – крајот на 2013 и поновиот културен центар КуЛа, кои функционираат на принцип на донации од страна на посетителите и фандрејзинг забави, во нашиот главен град не постоеше ниту еден центар во кој се третира вонинституционална култура. Оваа функција во тој период ја вршеше единствено Младинскиот културен центар, кој и сега е значајно место за некои од настаните на независната култура.
Во оваа насока, со критика на оваа состојба, преку своите активности се појавуваа „Иницијатива Кооперација“ (во 2012), која организира изложби на најразлични неконвенционални локации: перилница за алишта, празни станови, архитектонски бироа, станови на поддржувачи и пријатели на иницијативата и слично. И со своите ангажирани перформанси и изложби сакаат директно да го насочат вниманието кон проблемите со кои се соочува современиот уметник. Кон критика на состојбите со независната култура се јавува и фестивалот на современ танц „Локомоушн“, кој веќе седма година го организира Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“.
![]() |
„Иницијатива Кооперација“, Стратегии на сеќавањето, јуни 2012, стан на Небојша Вилиќ. фото: ФБ страница на иницијативата |
![]() |
Плоштад Слобода, Контрапункт, Јадро: Тригодишнина од затворањето на КЦ „Точка“, 25.5.2013. фото: Окно.мк |
![]() |
Отварање на АКСЦ, ноември 2013. фото: Лилика Стрезова, ФБ страница на АКСЦ |
Како што може да се забележи, досега изнесеното се однесува единствено на скопските состојби во независниот културен сектор. Во овој поглед, сè уште постои централизиран однос, но најмногу заради достапноста до информациите и идеите за соработки. Но може да се забележи дека се појавуваат иницијативи и здруженија и во другите градови. Би ги споменала, како примери, организацијата „Арт Еквилибриум“ од Гевгелија и „Акто“ фестивалот. „Арт Еквилибриум“ се залага за рамномерен културен развој во урбан контекст. Тие организираат традиционалниот фестивал „Бош“, на кој се застапени дела од различни уметности и медиуми, а се лоцирани низ целиот центар на Гевгелија, низ улици, стариот пазар, на отворено или пак во театарот. „Акто“ фестивалот се одржува во Битола, и е регионален фестивал на современа уметност, кој вклучува визуелни и изведувачки уметности, музика како и теорија на култура, а секогаш се концепира под една тема.
Средствата се малку, организацијата и структуирањето се учат во од. Сè уште е рано да го видиме влијанието на Асоцијацијата за независна култура „Јдро“, во овој контекст, но разликата би требало да се види првично во сфаќањето на поимот независна култура и нејзиниот однос кон сите слоеви на општествената организација, а потоа и во здружувањето и заедничките проекти, децентрализацијата на културата како во вертикала висока-ниска, така и во хоризонтала Скопје – другите градови. Исто така, информациите би циркулирале побрзо, резултатите би биле подостапни, а искуствата би циркулирале помеѓу различните чинители и актери на нашата независна културна сцена, додека пак, културната политика не би се креирала еднострано, од власта надолу.
Преземено и адаптирано од магистерскиот труд „Книжевните списанија во рамки на македонската независна културна сцена“ (декември, 2013).
Претходно:
„Кружниот тек на промените“„Првите книжевни списанија и кафеаните“
„Поимот заедница во дигиталниот простор“