Thursday, October 23, 2014

Џезот на Скопје му прилега

На Скопскиот џез фестивал годинава видов три концерти: Fire! Orchestra, 17.10.2014 @Универзална сала; Dans Dans, 17.10.2014 @CityHallCenter; Red Snapper, 18.10.2014 @CityHallCenter. Ова е кратко лично доживување за фестивалот преку тие три концерти, истовремено и прв текст во новата рубрика на блогов: настан.

Скопскиот џез фестивал е еден од најпрепознатливите настани во Скопје. Програмата се знае недели однапред, со нетрпение се чекаат концертите, минимализмот на плакатите како да стои во контраст со целата околина на градот и бликнува како зрак од билбордите, ѕидовите и локалите каде се поставени... Но, научена сум да немам никакви очекувања пред кој било настан. Така, впечатокот е слободен и оригинален.

Концерт на Fire! Orchestra, Универзална сала

Првиот концерт што го видов на овој Џез фестивал беше тој на Fire! Orchestra. Обично кога одам на концерт, претстава, филм ретко се спремам претходно, читам кратка информација и толку. Сакам да се изненадам и да се соочам со прв впечаток. Потоа ќе читам и слушам и барам повеќе. Ако има потреба. Некогаш нема и тоа е доволно и добро, некогаш има и тоа е добро, некогаш е лошо. Овој пат беше првото. Немам потреба да прочитам ништо за Fire, барем не сега. Не слушав ништо од нив по концертот. Ми остана импресијата од една незапирлива и силно исконтролирана енергија на дваесеттина луѓе. Првичната гласност и тешкотија да се следи музиката ми создава чувство дека се губам, но не како во медитација, во длабочината на себеси, туку како поврзување со цел универзум од звуци и неповрзани мисли. Целиот концерт има периоди тешки за следење и периоди на одмор, силните интензивни периоди, потоа во олабавеноста на следната нумера, те пленуваат целосно. Во еден момент на исклучително интензивно пеење, неколкумина стануваат да си одат, а од карши, во ходникот над последните редови во блоковите на Универзална, гледам како една девојка во црно целосно препуштено игра. Потоа ти треба време да се навикнеш дека музиката завршила. Моќно!

Концертот на Белгијците Dans Dans, неколку часа подоцна, беше сосема спротивен: чист едноставен, елегантен, нежен и луциден. Нив продолжив да ги слушам по концертот, одлични се за слушање по дома или во кола. Неколку песни не можам од глава да извадам. Се сеќавам дека дел од музиката ми звучеше генеричка за време на концертот, како да сум ја слушала веќе, но овие неколку песни се прекрасни, едноставно прекрасни. Еве една...



И за крај на мојот престој во светот на Џез фестивалот – Red Snapper. Немам многу зборови за нив. Кога следам концерт го следам единствено од перспектива на гледач. Не навлегувам во техничкиот дел, не би знаела како. Можам да насетам, но тоа не ми е најбитно во најголем дел од случаите. Го следам чувството. А овој концерт беше создаден за играње, онака, без запирање, до самиот крај.

И потоа, додека со пријателите, по кој знае кој пат, ги преслушуваме Dans Dans, сфаќаме дека џезот по атмосфера и чувство му одговара на Скопје. А градот заслужува еден клуб, топол и со мека, кадифена атмосфера, каде преку цела година ќе биде како во средината на октомври, како за време на Џез фестивал.

No comments:

Post a Comment