Wednesday, January 21, 2015

Поезијата како инспирација, поезијата како баналност

Поезијата не е патетика, таа е сериозна работа; поезијата не е јаболки на сцената кои не се користат – вака некако звучеше реакцијата на Митко Гогов кога се качи на сцената во кино Фросина за својот настап на Песнило 

ПЕСНИЛО - концепт на неконвенционално поетско читање во вид на перформанс и поголема интеракција со публиката, кој го имаше првото издание 2010 година, обично за време на Роденденот на МКЦ

Ја споделувам оваа реакција за најголем дел од настапите.

Обично ми е непријатно на поетски читања, се чувствуам како на школска приредба: сцена и микрофон, поетот стои со листови испечатена песна, застанува пред публиката и со растреперени раце чита од поезијата создадена во сосема поинакви услови и состојба на ум, понекакогаш си велам, како да чита туѓа поезија, како да ја чита првпат. Понекогаш, ретко, поетите знаат да создадат вистински перформанси, да ја извлечат песната во сосема поинаква димензија и да ја интерпретираат во поинаков медиум. Нешто што е во самата идеја на овој поетски настан и што за мене беше најинтересното.

На последното издание на Песнило овие успешни и инспиративни перформанси беа ретки, беа во трагови. Напротив, она со што си заминав, по саат и половина настапи на дваесетина наши поети и прозаисти од различни генерации, беше вистинска вознемиреност не во позитивна смисла.

За мене поезијата, како и секој друг уметнички текст, е нешто што не е директен израз на авторот во смисла израз на неговите лични и секојдневни секирации. Постои нешто што ја одвојува личноста на авторот од нараторот/ликовите или поетскиот субјект, а тоа ги прави овие текстови уметнички издигнати на едно друго ниво од чистото изразување на чувствата на авторот, кои тој може да ги изрази и на друг начин: на пријатели, во есеи, на статус на Фејсбук. Она што беше најзабележително беа токму тие лични фрустрации и изрази на авторите, кои темите на песните ги доведуваа до брутална баналност.

Секојдневието, на пример, како една од најчестите теми на поезијата и прозата застапена на ова Песнило, беше третирано како разговор во кафеана, по испиени неколку чашки лошо вино. Секојдневието е тема која за мене е една од најпровокативните, токму заради ризикот лесно да се премине во баналност, постојано си во тензија со неа, затоа што, пак, ако претераш во спротивната насока, многу е можно да излезеш патетичен и претенциозен.

Баналноста и зголемена доза на патос се чувствуваше и во другата значајна спонтано одвоена тематска целина на ова Песнило, а тоа беа поезиите натопени со длбоки внатрешни превирања и немири посветени на тажни љубови, стравови од смртта и рефлексии за Бог. Два настапи се издвојуваат. Владимир Котески со својот перформанс со јаболки и кофа, кој за мене беше, исфорсиран и непотребно патетичен настап на темата соголување, живот и поезија (веројатно, затоа што се губев на моменти), а кулминацијата на перформансот беше со палење на листовите со поезија – затоа беше кофата на сцена, а не знаеме што беа јаболката кои останаа на столчето, а некои се истркалаа при настапот. Настапот на Мартин Богатиноски, беше вториот забележителен настап, а целиот може да се погледне ТУКА.

Не сакам да бидам разбрана погрешно, јас со душа чекам секаков вид на поинакво, мултимедијално и неконвенционално занимавање со пишан текст, мислам дека треба да се истражуваат границите на медиумите и да се внесува свежина од сите страни. Токму и заради тоа го пишувам овој текст, да не бевме на иста страна немаше воопшто да ме интересира. Но, кога се соочувам со банализирање на изразот и некреативни и речиси вознемирувачки интерпретации, секако морам да ја приложам и мојата реакција. И секако, не можам а да не го отворам прашањето за селекцијата на пријавените дела и настапи и нејзнината особена важност.

„Најчесто просторот на дејствување е помал од распонот на нашите крилја“ 
- Митко Гогов, стих од изведената песна. 
Се прашувам дали просторот кој се отвора е помал од распонот на крилјата на авторите кои треба да го запоседнат или пак крилјата не се доволно широки и силни.

Wednesday, January 14, 2015

Атина – улици на трансформации

Поглед од Акропол: на ридот Ликабетус, под него во десно се гледа Парламентот,
во долната половина на сликата, населбата Плака и Монастираки
Не мислам дека од секое патување треба да извлечеме некаква поука за нас или за светот. Можеме едноставно да шетаме, гледаме, дишеме и тоа да остане како спомен во времето. Па, така, кога некогаш на вести ќе има извештај од Атина и ќе оди замрзната сликата на Парламентот со делови од плоштадот Синтагма пред него, ќе можеш веднаш да си ги исцрташ другите улици и маала во околината, ќе знаеш дека зад тебе – доколку си свртен кон Парламентот – продолжува шетачката улица кон населбата Монастираки, која се протега некаде зад тебе и во лево, на лево е другиот голем плоштад Омонија, од каде се стига до Археолошкиот музеј и Политехничката школа, дека десно зад тебе е населбата Плака, во подножјето на Акрополот, со тесни извиткани улички полни локали и таверни, додека пред тебе лево, покрај Парламентот почнува елитната населба Колонаки, а десно од Парламентот, следејќи ја главната улица, со делумни извртувања ќе стигнеш до станот каде си бил сместен една недела. Нагоре се издига Акрополот, надолу, кога ќе се симнеш во метро станицата под Синтагма, можеш да видиш слоеви и слоеви од стари гробници на различни, меѓу нив – пат, секојдневни предмети, вкопани во пресечената почва.

Поглед на Акропол од Монастираки
Градот, погледнат од Акрополот, се распостила во недогледни помалку или повеќе прави редици на бели, речиси исклучиво, бели згради, збиени, прекинати само со поголеми парчиња од остатоци од некој антички храм или институција, или, пак, некоја ретка византиска црква. Како острови во таа белина се издигаат неколку ридови. Морето е некаде далеку, се насеќа и подѕирнува позади некој рид.

Гледање на антички остатоци во Атина создава сосема поинакво чувство и е вистинско задоволство, за разлика од каде било другде. Ги гледаш столбовите и градбите во оригиналниот контекст, на извориштето. Од друга страна, начинот на кој тие ископини и зданија комуницираат со денешните градби и како им влијаат на модерните згради за мене беше неверојатно. Директното вилјание се гледа во зградите од крајот на 19 и почетокот на 20 век, грчката преродба, кога се направени главните институции, како веќе споменатиот Парламент, под инспирација од античките градители. Друго нешто што го забележав беа модерните згради, градени од 20-тиот век наваму. Кога ѕиркаш во нивните влезови можеш да забележиш повеќеслојни простори: простор помеѓу двете врати, уште еден простор внатре, најчесто каде што се сандачињата и некое цвеќе или клупа, потоа уште еден простор пред скалите, па потоа скалите во свој простор... нешто што има призвук на градењето на големите антички јавни згради.

Зевс или Посејдон, бронзена скулптура,
ран класицизам, Археолошки музиеј, Атина
Значењето на Антиката и односот на Грците кон неа, се гледа и во музеите. Археолошкиот музеј, Музејот на Акрополот и Бенаки музејот може да посведочат за начинот на кој се чува и претставува ова наследство: крајно внимателно и сериозно. Начинот на кој се поставени експонатите, приказната, реконструкцијата и грижата за нив, предизвикува неминовна споредба со нас и нашиот Археолошки музеј, на пример. Но, нема да одиме натаму: ја протресуваш главата и забораваш, затоа што не се има време секогаш да се враќаме на веќе излитени анализи и дискусии, сепак си на одмор и далеку од домашните нелогичности.



Секое патување е различно: поводот, друштвото, годишно време, градот – дали го посетуваш прв пат, дали знаеш некого таму, дали знаеш нешто повеќе за градот, дали го знаеш јазикот, Атина, дополнително, е различна и во поглед на кој ден од неделата или денот или во какви временски услови шеташ по одредени улици. Изгледаат различно, како секој пат да поминуваш по различни улици, особено тесните улички во Монастираки и Плака. Ова доведува до губење, изненадување, наоѓање нешто ново, нов слој или пак постојано чувство дека шеташ сè на истото место. Го минуваш бувлјакот, тезгите стари книги, продавниците со најнови колекции на облека или оние со облека на старо, безбројни локали со графити, ѕидови со графити...

Плака, Атина
Плака, Атина










Монастираки, Атина
Она што е најзабележително во Атина, покрај овие трансформативни моќи, е ненаметливоста. Можеби токму заради овие две маала во самиот центар на градот. Тие ја спуштаат малку топката: атмосферата се поставува наспрема монументалноста, секојдневниот живот, современиот живот, наспрема историски туристички прошетки. И таму, во тие улички што се менуваат, најмногу ќе ја памтам Атина, како дупка која се отвара со многу паралелни светови, секогаш различни.