Поезијата не е патетика, таа е сериозна работа; поезијата не
е јаболки на сцената кои не се користат – вака некако звучеше реакцијата на
Митко Гогов кога се качи на сцената во кино Фросина за својот настап на Песнило
ПЕСНИЛО - концепт на неконвенционално поетско читање во вид на перформанс и поголема интеракција со публиката, кој го имаше првото издание 2010 година, обично за време на Роденденот на МКЦ
Ја споделувам оваа реакција за најголем дел од
настапите.
Обично ми е непријатно на поетски читања, се чувствуам како
на школска приредба: сцена и микрофон, поетот стои со листови испечатена песна,
застанува пред публиката и со растреперени раце чита од поезијата создадена во
сосема поинакви услови и состојба на ум, понекакогаш си велам, како да чита
туѓа поезија, како да ја чита првпат. Понекогаш, ретко, поетите знаат да
создадат вистински перформанси, да ја извлечат песната во сосема поинаква
димензија и да ја интерпретираат во поинаков медиум. Нешто што е во самата
идеја на овој поетски настан и што за мене беше најинтересното.
На последното издание на Песнило овие успешни и инспиративни
перформанси беа ретки, беа во трагови. Напротив, она со што си заминав, по саат
и половина настапи на дваесетина наши поети и прозаисти од различни генерации,
беше вистинска вознемиреност не во позитивна смисла.
За мене поезијата, како и секој друг уметнички текст, е
нешто што не е директен израз на авторот во смисла израз на неговите лични и
секојдневни секирации. Постои нешто што ја одвојува личноста на авторот од
нараторот/ликовите или поетскиот субјект, а тоа ги прави овие текстови
уметнички издигнати на едно друго ниво од чистото изразување на чувствата на
авторот, кои тој може да ги изрази и на друг начин: на пријатели, во есеи, на
статус на Фејсбук. Она што беше најзабележително беа токму тие лични фрустрации
и изрази на авторите, кои темите на песните ги доведуваа до брутална баналност.
Секојдневието, на пример, како една од најчестите теми на
поезијата и прозата застапена на ова Песнило, беше третирано како разговор во
кафеана, по испиени неколку чашки лошо вино. Секојдневието е тема која за мене
е една од најпровокативните, токму заради ризикот лесно да се премине во
баналност, постојано си во тензија со неа, затоа што, пак, ако претераш во
спротивната насока, многу е можно да излезеш патетичен и претенциозен.
Баналноста и зголемена доза на патос се чувствуваше и во
другата значајна спонтано одвоена тематска целина на ова Песнило, а тоа беа
поезиите натопени со длбоки внатрешни превирања и немири посветени на тажни
љубови, стравови од смртта и рефлексии за Бог. Два настапи се издвојуваат.
Владимир Котески со својот перформанс со јаболки и кофа, кој за мене беше,
исфорсиран и непотребно патетичен настап на темата соголување, живот и поезија
(веројатно, затоа што се губев на моменти), а кулминацијата на перформансот
беше со палење на листовите со поезија – затоа беше кофата на сцена, а не
знаеме што беа јаболката кои останаа на столчето, а некои се истркалаа при
настапот. Настапот на Мартин Богатиноски, беше вториот забележителен настап, а
целиот може да се погледне ТУКА.
Не сакам да бидам разбрана погрешно, јас со душа чекам
секаков вид на поинакво, мултимедијално и неконвенционално занимавање со пишан
текст, мислам дека треба да се истражуваат границите на медиумите и да се
внесува свежина од сите страни. Токму и заради тоа го пишувам овој текст, да не
бевме на иста страна немаше воопшто да ме интересира. Но, кога се соочувам со
банализирање на изразот и некреативни и речиси вознемирувачки интерпретации,
секако морам да ја приложам и мојата реакција. И секако, не можам а да не го
отворам прашањето за селекцијата на пријавените дела и настапи и нејзнината
особена важност.
„Најчесто просторот на дејствување е помал од распонот на нашите крилја“
- Митко Гогов, стих од изведената песна.
Се прашувам дали просторот кој се отвора е помал од распонот
на крилјата на авторите кои треба да го запоседнат или пак крилјата не се
доволно широки и силни.
No comments:
Post a Comment