Friday, March 20, 2015

Секвенци сеќавања



Има некои нешта, многу емотивни, кога ќе се случат нè потресуваат целосно, поминува некое време ги средуваме и класифицираме, ги преминуваме, но многу често се враќаат како бранови, како секвенци од филмови. Не се менува состојбата, средени се, но се враќаат да нè потсетат. Некакви чудни мемориски бранови кои ни ги покажуваат емотивните удари во едно скратено и послабо издание. Можеби покажуваат дека не е сè преработено и сварено, можеби потсетуваат на научена лекција, можеби се појавуваат за да не се повторат, можеби потсетуваат дека тоа веќе не сме ние, или критикуваат како сме можеле да сме толку наивни или затворени или во илузии.

Некогаш овие бранови нè заплиснуваат со силни остатоци од слики и емоции делови од разговри и реакции за да ни покажат дека нашиот живот и комуникацијата со луѓето се во постојана промена, но и дека има периоди кога не сме паметни, спремни, осетливи на стварите околу нас, ниту пак сме во можност да одвоиме што е што. И кога ќе дојдат тие бранови чувството е одвратно, несигурно, дури и се мразиме за нештото што сме го направиле или сме си го направиле. Но, потоа, ја гледаме сегашната состојба и сфаќаме колку таа случка влијаела на нас, колку сме се смениле, продирајќи во причините за таквата ситуација и обидувајќи се да ги отстраниме.

Вака некако си мислам секогаш кога ги читам старите белешки, дневнички записи, текстови. Некои дури не сакам да ги прочитам, заради емотивниот полнеж што го носат. Така е и со дел од текстовите на овој блог. На некои не се навраќам, само ќе го видам насловот и одам понатаму, некои си ги доработувам во други формати, некои сакам да ги преработам на самиот блог, но ги оставам. Веќе две години! Прелистувајќи ги сите текстови, наназад до 20 март 2013, сите фотографии, мисли и безбројните белешки од кои изникнале, се потсетувам на таквите бранови на сеќавања... Си велам, што би правела без нив.

Но, ова се преработени текстови, раскази, патеписи, видувања, комбинирани белешки од различни времиња, кои се поврзале во еден момент. Приказните и секвенците кои ни доаѓаат и ги имаме само во нашата глава не се секогаш подложени на разумна преработка. Па, пак, состојбата во која се наоѓаме по едно такво скокнување во меморијата е слична, откината од сегашниот момент. Ни треба потоа време да сфатиме каде сме, да го сместиме чувството во контекст. И за тоа, повторно, пишувањето се појавува како најсоодветно средство.

No comments:

Post a Comment