- кон изложбата „Секогаш другите се оние што умираат“ на
Илија Прокопиев
![]() |
Фото: Петар Тасевски |
Нормално дека не можам да пишувам за внатрешно-техничките
димензии на ликовните дела. Не го знам тоа. Но можам да пишувам за нешто што многу
ме привлекува за анализа – процесот на создавање: како се поврзуваат коцките за
од цртежи, дури и скици, да се дојде до изложба, или, пак, од фрагменти текст
до роман.
Процесот на создавањето на документарната изложба „Секогаш
другите се оние што умираат“ на Илија Прокопиев, го следев, помалку или повеќе
од внатре, од самиот негов почеток, па сè до закачувањето на последната рамка и
отворањето на изложбата за посетители. Некои од цртежите на оваа изложба ги
знам од кога беа бела хартија. Ги имам пред очи сцените од музеите кои се
прикажани на нив, во моментот кога беа создавани. Ги гледав погледите на првите
љубопитни набљудувачи на скиците, посетителите кои се нашле во истото време на
тоа место. Потоа, ги гледав како се поврзуваат со некои други цртежи од други
посети, како полека формираат целина, како се оформува концепт и како тој се
поврзува со една подолга истражувачка работа на Илија, чиј резултат е „Атласот
на човековото тело по Аристотел“.
На моменти си велев дека би сакала да не го знаев процесот,
да ја гледам изложбата како онаа негова изложба од пред 5 години, да ги гледам
делата за првпат. Какви впечатоци тогаш ќе имав?
Но, од друга страна, имајќи го овој привилегиран увид во
процесот на создавање на една заокружена креација, како изложба, си наоѓам
сличности со мојот начин на создавање на еден расказ или подолга целина –
парчиња текст што некогаш биле фрагментарни импресии од различни времиња и,
веројатно, пишувани со различно чувство, по некое време успеваат да се поврзат
едни со други, во целина која може да нема врска со првичната идеја на секое од
тие делчиња, а секако нема врска со чувството или импресијата што сум ги имала
кога настанале тие фрагменти.
Фото мое. Од подготовките на изложбата |
Затоа што концептот не е само нешто што од горе се става,
најчесто во форма на текст или наслов, за да ги дефинира делата, туку се
создава на малку покомплициран начин: интуитивно, спонтано, но и со уредување
на мислата и постојано преобмислување на целиот процес на работа. Така ми се
чини дека настануваше и концептот за изложбата „Секогаш другите се оние што
умираат“ ненаметливо, обмислено и интуитивно.
Делата од кои се состои оваа изложба (28 цртежи и скици
направени во музеи, 4 објекти-инстаалации и 1 книга-Атлас) не се случајни.
Леснотијата и игривата дистанца на делата во себе носат луцидно и опсежно
истражени знаења и идеи и даваат лична боја на фактите, правејќи ги само еден
елемент од делото.
Концептот не смее да гуши, мора да остава простори за
слободни интерпретации. Тој треба да понуди идеја, форма во која ќе се наредат
делата, но да не наметнува.
Гледајќи наназад, лоцирам моменти на создавање на цртежи и скици, отфрлања, размислувања, застанувања, повторни создавања, оформување и поврзувње, сè до крајот, кога изложбата се растура и сите дела си тргнуваат по својот пат, за да се вклопат во некоја друга целина.
Изложбата е отворена до 17 април, галерија „Ко-Ра“, Дом на градежници, Скопје.
No comments:
Post a Comment