Friday, June 19, 2015

Додека дождот истура

Седеа на малата тераса од барот, молчејќи. Го слушаа дождот, што истураше некаде преку малото шанкче, зад настрешницата, се слеваше од неа, правеше езера по улиците и ги прободуваше со уште и уште тешки капки. Луѓето си доаѓаа и си одеа, сè уште е ладно за седење цела вечер надвор.

Линиите дожд ја враќаа од еден до друг балкон или прозорец од каде таа година го гледала дождот. „Многу патував годинава и времето не ми се погоди баш!“ – рече гласно, но како за себе. 

Нејзиниот пријател остана да гледа во цигарата која гореше во пепелникот без желба да повлече дим.

Таа си помисли како секогаш го има исотото чувство на некаква свечена посебност, секогаш кога врне, а таа не е во својата соба. Во ова мало лично истражување, мора да се напомне, вклучени се само дождовите кои ја затекле внатре или под стреа. Кога врне а таа е надвор, нервозна е, чевлите ѝ пропуштаат, ракавите ѝ се мокри, колите безмилосно прскаат. Кога е внатре го сака дождот. Како да е на вистинското место во вистинско време. И како времето да го снемува, застанува или нешто така, таа стои и гледа во капките што паѓаат, ги следи со поглед и не мисли. Тоа е чисто чувствување. Тогаш мора да биде смирена. На сигурно е. Тоа е задолжително, мора да е така. 

„Ни во Кипар?“ – нејзиниот пријател ја прекина тишината.

„Беше премногу топло...“ – набрзина одговори таа.

„Годината уште не е завршена.“ – безенергично заклучи тој.

Разговорот одеше тешко. Таа продолжи да ги прелистува сите соби и прозорци од каде го гледала дождот, загледана во овој сегашниот. Тој продолжи, молкум и замислено, да пуши. Главата почна да ѝ се дуе.

Ако излеземе на дождот и погледнеме кон терасата од барот, под настрешницата, а зад малото шанкче, седат неподвижни, една девојка со малку подуена глава и еден дечко со запалена цигара. Околу нив како мали виорчиња се движат другите луѓе. Меѓу нас и нив, дождот, истура.

No comments:

Post a Comment