Кон „Враќањето на зборовите“, Гоце Смилевски, Дијалог,
Скопје, 2015.
„Што е ова?“, ја прашав.„Небо,“ одговори таа и го стави небото на дланката од мојата десна рака. Ми се причини дека мајка ми, изговарајќи „небо“, со својот глас го отвори таванот над нас, направи круг околу небото, и потоа го спушти небото на мојата дланка, токму таму каде што го имаше ставено и кружниот метален предмет.„Небо,“ повторив, а таа додаде:„Го викаат астролаб.“„Астралаб,“ реков јас, за една буква менувајќи го зборот.
(еден од омилени делови, „Враќањето на зборовите“, стр. 20)
„Враќањето на зборовите“ е виснински убав роман, кој целосно
вовлекува. Го отвораш и од него излегува цел зборовен свет, кој ти се отвора
кон различни страни, продлабочувајќи се на одредени места, враќајќи се на
други. Со секое повторно отворање на книгата, се раѓа чувство дека тоа е свет
кој постои, а достапен ти е на едно посегнување по неа.
Одамна немам прочитано таква книга, која ќе ме натера да
пишувам за неа. Уште од „Мемоарите на Хадријан“ на Маргерит Јурсенар. Интересно
е што методот на креирање на приказната, инспирирана од историски факти и
сместена векови пред нашето време, на новиот роман на Гоце Смилевски,
„Враќањето на зборовите“, е во корелација со тој на Јурсенар, и самиот тој ја
споменува токму „Мемоарите на Хадријан“ во својата белешка кон овој роман.
„... во Брисел. Таму во родниот град на Маргерит Јурсенар, се сеќавав на некои нејзини мисли од белешките кон романот „Мемоарите на Хадријан“: дека е едноставно да се смали растојанието меѓу вековите, и дека меѓу неа и времето за кое пишува, од кое ја делат осумнаесет векови, се само дваесет и пет поколенија, а тоа се дваесетина пара старечки раце кои ја поврзуваат со Хадријан“
(од Белешката на авторот: Лицето на Елоиза и маската на Абелар, „Враќањето на зборовите“, стр. 215)
Кога се чита романот не се има чувство дека се чита за
случувања од 12-тиот век: историските настани и начин на живот се исчистени и
суптилно се оставаат во позадина, а приказната излегува во преден план, како и
ликовите. Прекрасните и секогаш темелно разработени ликови, стануваат живи. Ги
слушаш како ти раскажуваат за своите дилеми, искушенија и морални погледи и
мислиш дека се тука до тебе, на каучот, во возот или на работната маса, ти
раскажуваат или те понесуваат со себе таму каде што се: Париз, манастирите, патувањата,
Богородичната црква, нивното време, ти ги покажуваат своите лични предмети,
простори. Ова има силна моќ да те внесе сигурно во приказната, да не можеш да
избегаш на заклучоците и да не можеш а да не понесеш дел од тој свет со себе.
И самата структурата на романот има таков ефект, со краткиот
влез во кој накратко се раскажува текот на приказната, а која понатаму се шири
и продлабочува во различни насоки, онака како што е избрано од авторот, онолку
колку што е избрано да се каже за неа. Потоа мораш да го дочиташ романот. Потоа
немаш причини да се враќаш надвор, затоа што си веќе фатен.
На овој начин, со повторувањата и забележливите
продлабочувања на приказната, од поглавје во поглавје, авторот како да сака да
го претстави полнењето на самата приказна (останата од записите на Абелар и
писмата помеѓу него и Елоиза). За на крај да имаме книга во која не само што
веруваме, туку и ја сакаме, и која нè допира денеска и тука. Затоа што ситуациите
се јасни, разбирливи, и покрај тоа што се дел од некое друго време векови пред
нашето. Исчистени, со суптилна поврзаност со нашите денешни: се чувствува и коментар
кон денешните општествени ситуации, или пак, исчистеноста на нарацијата и
идеите допушта размислувања кои нè водат кон денешното време. На крајот,
всушност, ние сме соочени со една етичка
ситуација, како поединци во општеството; сме соочени со една толку човечка
потрага по одржување на сопствените етички начела и достонство, како и со вечната
тема на осмислување на животот.
Додека ја читав книгата ми остана најжива етиката како главна
тема, вредностите на човекот, според кои живее во светот и се соочува со
животот. И тоа најмногу преку развојот на ликот на Елоиза, ми се чини, како
нејзината осетливост за неправдите на светот, да се храни од неправдата која
таа ја претрпела, задолжителноста на разделбата од својот син, неможноста, како
жена, да го искористи своето знаење во светот, обесправеноста од страна на
црквата, владетелите, општеството, Абелар...
Кога, пак, се навраќав на романот, на одредени негови
делови, припремајќи го овој текст, се заглавив во концептот на тишината
наспрема зборот: тонењата на Елоиза и конечното враќање на зборовите, нејзиниот
однос со Абелар и начинот на кој тој однос се менува во текот на нивната
разделба, сите фази на нивната љубов.
Пред ваква книга, со која длабоко се поврзуваш, си мислиш
дека сите поделби и класификации, сите теории и интерпретации, се небитни и
непотребни. Секогаш постоеле книги од различни времиња и простори, со различни
ликови и приказни, со кои сме се поврзувале на истиот длабок, интуитивен,
близок начин и сме си ги чувале и сакале, како нешто свое. Таков е овој роман
за мене.
Со секое отворање на книгата, ете ги, повторно, светот кој
привлекува и истото чувство на поместување и треперење во стомакот. Не знам дали
истото и вам ќе ви се случи. Можеби не. Можеби други книги вам тоа чувство ви
го носат. Можеби тоа чувство никогаш не е такво, туку друго. Јас вака ја
прочитав книгата. Вакви се моите доживувања. Ова е мое читање на „Враќањето на
зборовите“, новиот роман на Гоце Смилевски... со мои зборови.
No comments:
Post a Comment