Средувајќи ги
белешките на компјутерот, наоѓам два почетоци за нешто, кои, во еден
молскавичен момент, сфаќам дека можат да се поврзат во еден подолг расказ. Веројатно,
но исто толку е можно и никогаш да не се поврзат.Реално, во овој период на летна
жештина, не би ги ни терала со сила на ништо. Ќе видиме во наредните
продолженија.
Фуснота
Веќе е многу рано во новиот ден. Речиси насилно останувам сè
уште седнат на работната маса, со тежок џемпер на мене и мала греалка насочена
кон нозете. Ја пишувам првата фуснота во трудот. Труд! Толку претенциозен збор.
Досега беше целиот текст во еден непрекинат след. Фрагментарен само по
природата, не и по формата. Низа од испишани страници хаотични во истотата, но
сирово убави и вистинити. Кога ќе ја ставиш првата фуснота тогаш завршува
целото задоволство на истражувањето. Крајот е тука и целото тоа обликување веќе
е како да дотеруваш мртовец.
„Како одлучуваш што да ставиш во фуснота? Ако толку тој дел
го отежнува читањето зошто да ставиш фуснота за, уште повеќе, целосно да го
укочиш читањето!“ – ми се враќаат во глава исечок од жестока дискусија за
фуснотата од пред некоја година. Знаев, порано, жолчно да се фатам за речиси
небитни теми и страсно да изложувам теории и ставови за нив. „Во име на
необременување на текстот користиме техника за целосно обременување на окото и
на логиката на читање. Фусноти што продолжуваат на другата страна, текстот оди
горе во неколку реда сето друго е фуснота, тоа веќе преоѓа во огледален текст.
Би било прекрасно доколку намерата е таква, да се фрагментираат два побитни
текстови, но да ставаш огромно, непотребно набројување на дела, примери кои не
се толку битни, анегдоти и слично со ситни букви напишан текст подреден на
„главниот“ едноставно е непристојно, претенциозно и бесмислено.“
Со овие реминисценции речиси секогаш доаѓа и напливот на
топлина кога ќе ме обзеде темата и силната желба за пркос кон спротивното
мислење, намерата да одам до крај во дискусијата по цена на сè и задоволството
кога ќе го заведам противникот во нешто кое не му ни паднало на памет дека ќе
го прави тој ден. Потоа и двајцата ќе се мразиме за тоа што сме дозволиле да
изгубиме толку нерви енергија и зборови за тема која тоа воопшто не го
заслушува.
Додека ја моделирам првата фуснота, одвоена со црта, но со
иста големина на букви како основниот текст, навлегувам длабоко во таа
лицемерност која ја мразам кај себеси. – „Не ставај фусноти! Зарем не се слушаш
себеси како гњавиш цело време. Всушност, многу е едноставно“ – би рекол Иво.
„Тебе секогаш ти изгледа светот едноставен, затоа
што работиш со деца од прво до четврто“ – јас би му рекол со лажно претенциозен
тон, за да го нервирам. Го имавме тој учителски хумор кога се чадевме во
пушалната (мала просторија 3 на метро ипол, веднаш до големата соба за
состаноци). Јас, Иво, Данче музичко, Перо физичко – редовните пушачи, плус уште
некој инцидентно залутан.
***
Невидлив град
Никој не знаеше за тоа, но Маја имаше една, така да речеме,
опсесија развиена уште од кога имаше 10 години и седеше со саати гледајќи ги
привлечните слики од една голема книга од библиотеката на дедо. Дедо ѝ почина
кога таа уште не беше заинтересирана да погледне подлабоко во книгата, па
остана сама со неа. Тоа беше книга за едно место, истражено научно од мешана
група научници, кои повеќе години во почетокот на минатиот век работеле на
откривање на тајната на тоа место на еден остров во Индискиот океан, кое се
чинело како да постоело во друго време-простор во истиот период кога околните
места сосема поинаку се развивале. Дури и не беше сигурно дека тоа некогаш
постоело, впрочем, истражувањето на научниците секогаш било проследено со
контроверзи.
Има веќе еден месец откако првпат помисли дека тоа можеби е
вистина. За неа секогаш постоело, но, објективно, вистина постана кога знаците
се натрупаа и сега веќе ништо не можеше да ја поколеба. Желбата да трага по ова
место ја засили до максимум опсесијата која ѝ висеше на глава секоја минута од
денот. Местото вистински постоеше. Знаеше дека е само прашање на време кога ќе
ги спакува големата книга од старата библиотека на дедо ѝ, синџирчето-компас
кое случајно го купи во една старинарница пред една година и мапата која ѝ
падна в раце пред еден месец и ќе отпатува. Веќе изгледаше сосема лесно.