![]() |
Дебар маало, квечерина |
Сакам да споделам една приказна за двајца кои
никогаш нема да се сретнат. Би биле совршени еден за друг. Но,една траума во
детството, погрешна доверба во некој другар од средно, залажување со нејасни
желби и цели и слични секојдневности ги држат засекогаш далеку еден од друг. Далеку
зашто не постои можност или пукнатина да се видат, вистински да се видат, и
покрај тоа што се движат на истите места, дури неколку месеци работеа и во
истата зграда, дури и што живеат во Скопје, каде ако двајца, кои одат под
дефиниција дека би биле совршени еден за друг, мора да имаат приближни
афинитети за движење низ градот и за забава.
И така разминувајќи се една вечер ги наоѓаме на само
дваесеттина сантиметри еден од друг во едно уличе во чаршијата. Друг пат, пак,
беа на истиот концерт во МКЦ на некој бенд, интересното е што и двајцата по
една недела заборавија кој бенд беше. Но, се сеќаваат на еден друг концерт на
истото место, пред десет години, таа беше прва на филозофски, тој трета на
политички науки. Концертот беше еден од најдобрите во нивниот живот. Секако,
тогаш мислеа дека ќе има и други, но денеска го паметат најдобро само тој.
Еднаш, дури и го забележа. Тоа беше во времето кога
работеа во иста зграда. Имаше пекарница долу и на паузата и двајцата го сакаа
последното лиснато со зденка и маслинка. Но, тој се премисли пред да имаат
шанса да се спротивстават. Еднаш за малку ќе се случеше да бидат на ист панел
на конференција за нешто. Но, во последен момент тој мораше да замине на
неодложно патување и на панелот учествуваше негова колешка од институтот.
Во еден момент таа, одејќи по улицата на градски
ѕид, си замислуваше како, по некоја чудна игра на случајот, во моментот некаде
на паралелната улица поминува некој кој би можела да го сака. Тој во истиот
момент излезе од такси кај Рамстор и се упати во правец на полициската Беко.
Би можела да редам до бескрај. Овој своевиден
феномен на двајца кои толку блиску се движат низ градот, но не успеваат
вистински да се видат и подлабоко да се спознаат, ме потсетува на една слика од
една книга читана одамна, на која често се сеќавам, два воза кои одат низ
паралелни тунели и само на моменти, преку малкуте процепи, може да се ѕирне во
соседниот воз.
Би сакала да сум од оние автори кои ќе ги задоволат
читателите со ненадејна средба, случаен спој на двајца кои се толку совршени
еден за друг. Но, нема тоа да се случи. Она што им останува е да се ѕиркаат низ
малите процепи, да не можат никогаш вистински да се сретнат и спознаат, да не
можат да дојдат до миг во просторот и времето кога нивната енергија, дух и ум
ќе се намести така да можат вистински да се сретнат и спознаат. Не го
измислувам тоа јас, така тоа обично бидува.
No comments:
Post a Comment