Friday, July 29, 2016

Кутија од ѕидови и прозорци

Кога би знаела да сликам оваа текстура од паралелни линии и мазни површини би била една од основните елементи на моите дела. Одблесок од детството. Сеќавање во една чиста и силна форма. Дали затоа што не знам да сликам седам сега овде горе на гранките на старото големо црешово дрво во средината на мојот двор, точно на гранката каде беа заврзани двете ортоми кои држеа едно седало од расклопен стар стол. Ете ги и ортомите, надолу го гледам зелениот кожен материјал на седалото. Од под него се ѕирка жолт сунѓер. Како во магиска бајка на седалото, во еден замав, се создава мало девојче со куси панталони на жолто-кафени ленти и бела маичка. Се лула и гледа нагоре кон мене. Ги затвора очите. Ортомата шкрипи. Дали се замислува возрасна како седи на таа дебела гранка: стапалата едно пред друго на гранката, рацете на друга гранка речиси ја гушкаат. Ќе мисли ли ако се пушти каде ќе падне. Можеби ќе се задржи на ортомата и ќе си направи рани. Или ќе плесне на циментото, ќе се парализира. Ќе седи вака фатена за гранката и нема да мрде. Ги осеќам нерамнините на кората под рацете. Нерамно, па мазно. Како ли се качив тука? Па дрвото не ни постои веќе. Прво веќе не постоеше девојчето, па лулашката и звукот на ортомите, па потоа и целото дрво. Како ли се качив тука? Морам да знам. Инаку, како ќе се симнам? Замижувам и јас како малото девојче. Во дланките ми се втиснуваат кората на црешата, шкрипотот на ортомата полека се губи во силно шушкање на листовите, како да станале метални ленти на ветер. Во исто време паѓаат жолти листови, презреани цреши и розеникави цветови. Јас се држам цврсто за гранката до мене, стуткана на природното седиште од стеблото и гранката. Ветерот е силен. Нема да паднам!

Ветерот е силен. Внесува топки прашина, прачки и листови од балконската врата. И мирис на дожд. Според светлината што доаѓа до креветот, сонцето само што изгреало. Уште е рано. Лежи немо во средината на креветот. Чека саатот да заѕвони, да ја разбуди за на работа.

Светлината на денот полека го осветлува во портокалово целиот кревет. Бела крцкава постелина, како облаци од памук околу неа. Светлината се шири во целата соба како кога се одзумира кадар. Површините на масата за шминкање, натказните, фиоките се чисти и уредно наместени. На подот, како ветер да ги расфрлал: книги, весници, бележници, црна торба за лап-топ, хулахопки замотани во чвор, падната наметка, перници за седење, шолја со засушено кафе... Потоа светлината удира по бели ѕидови. На крајот излегува во внатрешноста на станот низ подотворената врата.

Мирната, тивка, мека светлина е вознемирена од иритирачки звук на аларм. На кратко. Се прекинува. По кратко светлината се шири во поголем сноп во внатрешноста на станот. Таа ја отвора вратата и полека, целиот ѕид на кој е продупчена врата, нежно паѓа за да го отвори остатокот од станот. Дневна соба со кауч и фотелја, мала маса, голема трпезариска маса и кујна. Неколку врати и прозорци. Најголемиот ѕид, тој кој падна за да се отвори просторот, е всушност ѕид на библиотека. Остануваат книгите да се нишаат на незацврстените полици. Светлината од отворената спална се пробива низ нив и фрла решеткасти сенки на подот и мебелот од просторијата. Тие на кратко се прекинати од фигурата која ја пресекува просторијата и се упатува кон кујната. Решеткастата светлина паѓа на неа и ја осветлува. Можеме да ги видиме очите, сè уште поспани, отечени, сини, онаа светла сина која изгледа како безбојна. Косата фатена во реп, кафена и долга, а движењата низ решетката од светлини и сенки изгледаат како испрекинати, но сепак спори, уморни.

На подот, фигурата здогледува паднати фотографии. Биле закачени на истиот ѕид, кој нежно се спушти. Ги подигна, ја избриша прашината и ги нареди пред книгите на едната полица од библиотеката. Во благото тресење кое сè уште ги вознемируваше полиците и книгите, можеа сепак да се забележат призорите од фотографиите. Беа тоа пет фотографии во различни големини. Стара куќа во црно-бело. Лик на момче, млад, темен, во морнарска маица. Млада девојка во летен фустан на една издолжена висока фотографија која добила розеви тонови. Група од неколку ликови кои не се гледаат убаво, но боите на фотографијата се силни, како да е нова. Една стара жена во црнина, сликана на клупа покрај ѕид на куќа.

Мирис на кафе и џем од праски ја обвива просторијата, додека женската фигура се движи наваму натаму, отвора врати, влегува излегува, сега веќе со повеќе енергија. По некое време, прелистувајќи некакви бели хартии со малку текст на нив, се движи кон вратата лево од кујната. Во рака ја има црната торба за лап-топ, кратко палто и листовите, кои се труди да ги вметне во торбата. Погледнува кон часовникот на подот. Не го видела, паднал од ѕидот. Ја врти главата за да го намести во правилната положба. Се сепнува и набрзина излегува.

Вратата лево од кујната се затвора и по неколку секунди повторно се отвора. Се појавува женската фигура со краткото палто на неа и црната торба во десната рака, истрчува во спалната да земе нешто и се враќа назад. Вратата се затвора.

Светлината полека се менува низ целиот мебел, подот, ѕидовите, книгите, фотографиите. Некој трча по скалите. Чекорите се губат нагоре. Низ цевките на парното допираат гласови од утринска програма на телевизија, па почнуваат вести. Се слушаат отчукувања на часовникот оставен на подот. Следува некоја гласна расправија, која доаѓа преку отворениот прозорец од спалната. Поминуваат возила. Кочење. Свирење. На програмата има документарна програма. Не се слуша за што. Ѕвони домофонот. Повторно ѕвони. По кратко затишје, се чини од сите страни, ѕвони телефонот. Се вклучува секретарката. Светлината без да ги почитува законите на физиката си игра во несигурни игри низ станот, како носена од неодлучен ветар. Брзи чекори по скалиштето. Некој заѕвонува на ѕвончето од станот. Кратко. Па се слуша ѕвонење на соседниот стан. Клучот се завртува во клучалката, па се слуша отворање на врата. Нема поместување во нејзиниот стан. Се слушаат гласови преку ѕидот на кујната. Два женски гласа. Тропкање со нешто стаклено. Смеа. Па детски плач. Па лаење на куче. Па повторно тропкање со чаши или чинии. Па смеа. Светлината во станот носи сенки на некакво дрво. Листовите се проектираат на ѕидот позади каучот. Во моментот кога последните попладневни светлини моќни да направат сенки ги истиснаа листовите на дрвото од ѕидот, се слушна вртење на клуч во клучалка. Вратата лево од кујната се подотвори. Па се затвори. Се слушна нејзиниот глас. Некој од соседната врата имаше нешто за неа.

Врата повторно се отвори. Па се затвори. Се слушна тропкање на нешто стаклено. Немаше смеа. Немаше детски плач. Ни лаење на куче. Се слушна повторно тропкање на чинии и чаши. Па шушкање на хартија. Таа стоеше во кујната со писмо во рацете. Две бели страници во А4 формат превиткани по должина и по ширина, се мрдаа од движењата на нејзините раце. Се прошетаа до спалната, каде малку полежаа на креветот, додека таа се преслекуваше во домашната облека. Потоа се вратија во кујната. Да беа огледала, во нив ќе се одразеа најразлични промени во ликот на жената. Како да чита роман. Прво ѝ требаше време да влезе во содржината на писмото, да се навикне на тонот, причините, приказната, потоа, се предаде и на неа се гледаше насмевка, која преминуваше во загриженост, па во вознемиреност, па во носталгија, тага, искрена детска радост, енергичност...

Го остави писмото на трпезариската маса. До него постави една длабока чинија, една вилушка и една чаша за вино. Го извади од фрижидерот вчерашниот ручек оставен во длабоко тенџере, го стави на ринглата за да се загрее. Писмото стоеше од нејзината лева страна додека јадеше. Погледнуваше накај него додека ја земаше чашата да се напие вино. Додека го наведнуваше погледот кон чинијата за да земе од компир манџата. Писмото се пресели на малата масичка пред каучот. Во исто време се чу почеток на филм од телевизорот. Звуците од надвор полека се намалуваа. Светлината на денот, целосно се замени со белата светлина од неонките во станот. Писмото стоеше отворено на масичката, а нејзните очи не се помрднуваа од подвижните слики на екранот. Како намерно да избегнуваше средба со тоа писмо. Како да му пркосеше, па го приковуваше погледот на екранот. Не е јасно дали вистински толку многу ја привлече филмот. Во еден момент попушти и фрли еден поглед на писмото. Па несвесно го сврте потоа кон библиотеката, кон врамените фотографии. Како во некој слободен тек на погледот, тој се спушти на часовникот кој сè уште лежеше на подот. Филмот уште траеше, но таа веќе не го гледаше. Стана го подигна часовникот и го стави до фотографиите на полицата. Со оглед на тоа дека беше тркалезен, тој се заврте и се допре до првата фотографија, поместувајќи ги бројките на саати, како да почнуваат од 12. Не го помести.

Ја зеде торбата која остана покрај влезната врата. Извади неколку листови од неа, споени со црвена спојувалка и ги остави на малата масичка преку писмото. Торбата ја врати во спалната, на своето место, покрај креветот. Се врати кај документите. Со очила и пенкало. Внимателно ги читаше, писмото се ѕиркаше под нив. Потцртуваше нешто, ги превртуваше, запишуваше нешто на маргините. Филмот сè уште одеше во позадината. Телефонот заѕвони. Разговорот беше краток. Во врска со листовите. Го спушти телефонот. Продолжи со работата, па наеднаш се сепна.

Ѝ текна дека кога ја земаше торбата забележа порака на телефонската секретарка. Одложувајќи го преслушувањето, отиде до фрижидерот, ја надополни чашата со вино и со неа се доближи до телефонот. „Кире, помислив на тебе денеска. Помислувам денови наназад. Побарај ме“. Се слушна целосно непознат женски глас од таа светло сива пластична машина. Грешен број. Не беше за неа. Кој е Кире? Која е таа жена? Се растрепери на кратко. Ги прибра листовите за работа. Седна на каучот и отпи од виното. Намерно ја остави чашата врз писмото. Филмот завршуваше со сцена на море. На пристаниште. Водата удираше речиси нечујно, а толку оглушувачки во бетонот на пристаништето. Звукот се изгуби во музиката од одјавната шпица.

Го згаси телевизорот и неонките во просторијата. Гласовите од надвор се вратија. Колите поминуваа. Соседите се расправаа како да се расправаа точно пред нејзината врата. Од некаде се слушаше гласен спортски коментар. Влезе во спалната, ја затвори вратата и ѕидот почна да се крева меѓу библиотеката и креветот. Писмото го остави под чашата со вино. Се пикна во крцкавиот бел памук на постелата. Темница и тишина ја обли собата.  

Wednesday, April 6, 2016

Луна и Јан

Облаци на нивоа. Се ѕиркаат планински врвови под ниски облаци. Еден слој на повисоки облаци се гледа точно под авионот, а над нив, во висина на авионското прозорче – полна месечина. Мојата страна од авионот гледа кон исток. Од другата страна – зајдисонце. Влегуваат продорни зраци низ спротивните прозорци. Би требало да е некаде накај 6.30. Се наоѓаме над Алпите.

Патувам од Берлин за Рим. Јан патува од Венеција за Рим. Пред тоа не знам каде бил. Се среќаваме во различни градови. Средбите ги паметиме според поклопувањата на печатите во пасошот.

Целиот призор со месечината и облаците личи на залез на сонце над море.

Сега облаците се мазно бели. Хоризонтот е темна линија. Ноќта доаѓа од исток. Над неа во светлиот дел е месечината. Ноќта се гледа на оваа висина. Се радувам на таа слика. Од десно, од кај шпицот на авионот, доаѓаат пурпурни тонови од залезот. Сакам што сум на оваа страна. Сум гледала илјадници зајдисонца, но никогаш вакво јасно доаѓање на ноќта. Како да тонеме. Осетно се зголемува темнината. И сега веќе е речиси темно. Облаците се бисерно бели и мазни како свила. Небото е замаглено сино. Месечината свети бледо жолтеникаво. Тоновите од западот стануваат постудено виолетови. Длабока убавина. Веќе сме накај Рим. Полека слетуваме.

Облаците остануваат на север над Алпите. Долу, низ бистриот воздух, веќе се гледаат жолтите светилки на градот.

Јан го паметам во исечоци вчитани во моите сеќавања.

Скопје 2005, бифето на Драмски. Во позадина се гледа дел од воденичката во дворот на бифето и зеленика. Пред нив, со наведната глава, три-четвртини свртена кон камерата, насмеаното лице на Јан. Фатен е спонтано, младо лице, широка насмевка, замислен поглед, подрасната коса со обелено праменче кое паѓа во горниот дел од челото. Или можеби го шатирал. Бела маичка на зелени риги.

Се чекаме на железничката Термини. Јан доаѓа на главните перони со интерсити возот од Трст. Јас пристигнувам на источниот терминал, каде стига возот од аеродромот. Железничката во Рим обично епрвата состојба на на градот, која ме дочекува. Огромна е и конфузна. Се пробивам меѓу луѓето во правец кон главниот влез. Луѓе излегуваат и влегуваат од станицата или се движат несмасно барајќи слободен автомат да купат карти, па да купат нешто за јадење, кафе или карта за метро, па потоа други луѓе кои излегуваат во групи од скалите кои водат кон метро станицата. Конечно, преку две големи сали со продавници, барови и трафики, излегувам на пероните.

Il treno Intercity 594, delle ore 13 e 10, proveniente da Trieste Centrale, arriva al binario 3, con 10 minuti di ritardo.

Се слушна на разгласот во истиот момент кога го погледнав екранот. Возот на Јан. Доцни. Луѓе има насекаде. Испоседнати покрај стаклените излози на продавниците кои гледаат на пероните, чекаат во мали групи собрани околу куферите, чепкаат нешто нервозно по мобилните, разговараат гласно, се довикуваат, брзаат кон некој перон.

Ќе го познаам ли? Некогаш луѓето кои живеат на само неколку минути од нас ги гледаме најмалку. Често си пишуваме, ама кога ли се видовме последен пат? Се среќаваме повеќе по други градови отколку дома. Дома? Кога последен пат ми збореше за себе и јас за мене?

Јан седи на клупа во школскиот двор. Дошол порано на училиште. Доцна есен или рана зима, рано наутро, облачно, па изгледа како уште да е ноќе. 1997 година. Под плетената капа се ѕиркаат врвчињата на светли праменчиња коса. Загледан е во ранецот, пребарува нешто, со ракавиците, не успева да дофати нешто. Или нешто му снемало од торбата. Му се приближувам.

„Те немаше денеска, кај раскрсницата мислев нема да дојдеш“, му проговорувам, додека тој сè уште е нурнат во ранецот.

„Ме донесе татко ми со кола“, без да ја подигне главата, ми одговара.

„Што бараш?“

„Една книга... ја нема. Беше тука вчера. Сакав да ти ја дадам да ја видиш. Баба ми ми ја донесе. Ја нашла во старата куќа. Можеби била на мајка ми, можеби на вујко ми. Не се сеќаваа“. 

„Каква книга?“

„Со слики... Ја нема, ја ставив со другите книги од масата. Пред да си легнам“, речиси расплачен, конечно ме погледна.

„Добро. Ќе ја најдеш дома, сигурно ти е дома. Ќе ја видам утре“, му реков и го потфатив за раката за да тргнеме.

Никогаш не ја најде таа книга. Набрзо заборави на неа. Или повеќе не зборувавме, не знам. Но повремено, кога зборувавме за нешто друго, почнуваше да опишува некој цртеж од неа. Беа тоа фантастични цртежи, со чудовишта и растенија кои зборуваат, јунаци со големи раце и убавици без коса, невремиња од замрзнати топки сладолед и мирни мориња мазни како сино небо без облаци... чудесна книга. Можеби никогаш не постоела, си помислував, секогаш кога ми ги опишуваше цртежите, иако никогаш не кажуваше дека опишува цртежи од книгата која никогаш не ја најде. Некогаш кога мислам на моето детство, покрај другите слики, ми доаѓа и сликата на Јан со таа книга во рацете, како седи на лулашката на терасата, во топло сончево летно попладне и ги гледа цртежите на големите страници.

Treno in arrivo al binario 3. Allontanarsi dalla linea gialla. Возот на Јан.

Една издолжена глава со светло кафена коса погледна од вратата на вагонот преку еден лево од мене. Ранец и пред него, симнувајќи го прво, црн поголем куфер. Мојот најдобар пријател од детството. На левото рамо здогледав светло зелена птица што седеше како човек со скрстени нозе, а на главата имаше некоја црвена дамка.

Првпат е во Рим. Сакам сè да му раскажам. Но, тој зборува за патот со воз, повеќе од пет часа, на топлото.

„Сакав да ја видам Венеција, иако сум бил неколку пати. Цел пат со воз навака си викав што ми требаше што ми требаше... Но, се деси. Пак ја видов Сан Марко со мозаиците кои ме потсеќаат на небо со ѕвезди. Јадев кокоси од тезга, онакви пресечени на парчиња и наредени во пирамида со вода која капе одозгора... и толку беше“, раскажуваше Јан, додека се движевме низ луѓето во железничката кон скалите за метрото.

Може многу да се каже за просторот, луѓето и градот во град како Венеција. Целосна неприродност е морето да биде точно под тебе и секаде околу тебе, неверојатна контрадикција. Но, повеќе како луда идеја, ајде да видиме дали може да направиме град на море, отколку во смислата на напредокот и скротувањето на природата. Градот опстоил низ многу болести, корозија и плима и секогаш бил туристичка мета. Туристите се тие кои го формираат просторот на градот. Така е, претпоставувам, и со Рим, Фиренца. Сликата на градот без туристи е само една празна театарска сцена. Може да се види во документарците и филмовите, кога одредени простори се празнат заради снимањето. Ме привлекува таа слика, но тоа не е вистинскиот простор, тоа е шематски приказ: исчистен и поедноставен за да можат да се видат одредена скулптура, некоја зграда или призор.

Зборуваше Јан како да цитира некакво истражување, како да сакаше сè што собрал во мислите додека патувал дента да го извади надвор. Си мислам, но не го слушам детално. Веќе сме во метрото, куферот го придржувам со нога, а ранецот врз него со едната рака, со другата се придржувам себеси за металната шипка. Prossima stazione Barberini. Spagna. Flaminio.

Но, ова што го зборуваше беше многу блиску до мојата тема на истражување, па во моментот кога вложив дополнителен напор за вистински да се сконцентрирам, тој продолжи со друга. Зборуваше за тоа како сите во купето биле дојдени од друго место, биле мигранти. Но, според начинот на кој изгледале, претпоставуваше дека секој од нив е различно снајден во Италија, но ниеден не беше турист. Имаше студент, некаков канцелариски работник, продавач на пазар или маркет... и како си ги замислувал на нивните работни места. Потоа си ги замислил и сите оние кои немаат ни работно место ни дом. Веројатно, и тие го поставувале него некаде, си помислив. Белец млад, можеби, турист, не, сам патуваше...

Излегуваме над Тибар. Накратко. Потоа повторно под земја. Lepanto. Uscita lato destro. Ottaviano.

„Си мислев, колку граници има во купето? Азија, Сахарска Африка, Супсахарска Африка, Западен Балкан... во купето во интерсити возот кој патува некаде низ Тоскана, во правец кон Рим, во времето кога сонцето полека се симнуваше и преку западниот прозорец влегуваше со своите благи тонови јас размислувам за граници“, занесен во зборвањето и без моја интервенција во разговорот, тој заврши поетски.

Брзо се сменуваат длабоки кривини. Се гледа возот по неговата должина, во брзи промени на перспективата. Ја најавуваат Cipro. Uscita lato sinistro.

„Нашата станица“, беше единственото што успеав да го кажам во текот на целото возење и со ранецот на грб се упатувам кон левата врата.

Утрото додека пиеме кафе на балконот од нашиот привремен дом во Рим, Јан за првпат, на дневна светлина ги гледа куќите наредени во долината под нас, па тие кои се искачуваат по ридот од лево. Се среќава со боите толку својствени за Рим, како целото зајдисонце да се истурило по ѕидовите на куќите. Портокалово, црвено, розево. Јас дојдов од источната страна на авионот, од страната на ноќта, како да паднав во изворот на сонцето. Двете слики, двете страни, си постоеја во мојата глава до крајот на денот. Чувството за надреалност, за поместеност и постојано движење, остана многу подолго.

Но, во тоа утро, прво на Јан во Рим, додека замислив дека слушам како некој свири на контрабас во соседните куќи, Јан од торбата извади една голема книга со слики. Ја гледав пред мене и не можев да поверувам дека навистина постои. Бев убедена дека тој ја направил години подоцна. На корицата, во облак од сладолед беа собрани сите чудовишта, принцови, ѕверови, убавици и човеколики растенија. Ги вртам растреперено и со детска возбуда страниците. Како да вртам низ патиштата на едно детство, еден живот. Ги следам авантурите на јунаците по мориња, неизмислени земји и небесни ширини, како да ги следам моите патувања и заминувања.

They are also compulsive travelers; and in Sherpa-country every track is marked with cairus and prayer-flags, reminding you that Man’s real home is not a house, but the Road, and that life itself is a journey to be walked on foot. Мислам на еден есеј на Брус Четвин, патувач-писател и мој чест сопатник. 

Поклопување на печати во пасош. Се среќаваме во различни градови. Сепак, суштествата од книгите и нивните патешествија се секогаш со нас.


Friday, March 11, 2016

Во амбисот кој може да се нарече душа

„Секое човечко суштество е амбис. Ти се врти кога гледаш      надолу.“    
- Војцек, игран од Клаус Кински, во истоимениот филм на Херцог.
Вернер Херцог со гризли
Тешко ми е да пишувам за Вернер Херцог. Неговите филмови можеби не се најбитните дела во историјата на филмот, но носат нешто многу позначајно од таква висока задача. Носат поглед на светот кој е автентичен и органиски, со кој можеме лесно да се соживееме и кој лесно може да се вгради под нашата кожа. Носат ослободување од концепт, ослободување од рамки, од системи на градење на приказна, на развивање на филм или општо какво и да е друго креативно дело. Херцог настапува како автор во една многу природна смисла. Тој ја преработува темата преку и низ себеси. Најчесто и самиот е наратор на филмовите, во документарците обично ја вградува и надворешната приказна на настанување на тој филм, а во некои и глуми. Има многу силна субјективност во неговиот пристап, која може да биде универзална, во која може секој да си пронајде нешто, која може да се соголи до принцип, кој потоа би можеле да го употребиме за да дојдеме до свој став, јазик, дело.

Тешко ми е да пишувам за Херцог и неговите филмови, затоа што силно верувам во творењето преку неговиот принцип. Силно верувам дека едно заокружено дело, било тоа да е есеј, расказ, слика, песна, секогаш треба органски да потекнува од авторот. Секој елемент од делото да стои таму со причина, во природна корелација со другите. И како сега да пишувам за нешто со кое сум се поврзала на несвесно ниво, кое можеби е вградено како алатка во мојата мисла?

Пештера од мраз, „Средби на крајот на светот“
Во суштината на светогледот на Херцог е принципот на движењето, чекорењето. Бавното движење низ просторот, времето и приказните на ликовите. Во „Средби на крајот на светот“, прекрасниот документарец за луѓето и живиот свет на Антарктикот, има една сцена при крајот на филмот, која може да биде илустрација за пристапот на Херцог. Еден од научниците вулканолози се спушта низ пештера од мраз создадена на вулканската планина Монт Еребус. Вакви пештери се создаваат заради издувните гасови на вулканот и го обликуваат мразот над земјата во речиси уметнички форми. Некаде тој е понизок, некаде прави простран свод. Сцената има само музика и движење, споро движње во благо, а некаде и стрмно, спуштање надолу кон изворот на воздух од земјата кој ја има создадено целата пештера и до каде може единствено да се пријде. Така Херцог им пристапува на луѓето, местата, животните, идеите, знаењето во своите филмови. Бавно, органиски, љубопитно и со голема почит и емпатија, до самиот извор.

„Нашиот концепт на пејзаж се разликуваше суштински. Кински сакаше кадарот да ја опфати целата околина на Мачу Пикчу, вклучувајќи го и врвот кој нè интересираше, исто како што би се случило во холивудски филм, каде пејзажот е убава позадина, во функција на сцената. Рекламите функционираат на тој начин. Разгледниците изгледаат така. Јас пак сакав еден екстатичен детал од тој пејзаж каде целата драма, страст и човечки патос беше видлива. Тој едноставно не го разбираше ова, но за мене беше од круцијално значење. Пејзаж со речиси човечки карактеристики.“
- Херцог го опишува својот концепт на пејзаж, наспрема идејата на Кински: „КлаусКински мојот најдобар пријател
Првата сцена од „Агире, бесот на боговите“
Темите кои не сум мислела дека ме интересираат баш толку многу за да ги гледам на филм, како морските длабочини, изолацијата на еден човек кој решава да живее со мечките, животот во руско село, или, пак, што сум ги оставала за друг пат затоа што биле премногу силни и емотивни, како темата за смртната казна или судирот на цивилизации во Перу, заради тој пристап, добиваат ургентност каква што не сум можела да замислам. Сакам да знам сè за нив, ги мислам со денови, ги раскажувам, стануваат значајни полнежи на знаење.

Сонот е суштински елемент во светот на Херцог, може да се каже и врзно ткиво. Речиси сите филмови, без разлика дали се документарни или фикција, настануваат од потрагата по она што лежи зад: зад појавноста, под дебелиот слој на мраз, од другата страна на дофатливото, нормалното, стандардното. Херцог патува во длабочина. 

Христијански мисионер во Перу: Се чини не можеме да ги излечиме од идејата дека нашиот секојдневен живот е само илузија зад која се наоѓа реалноста од соништа.
Фитцкаралдо: Многу ме заинтересираа овие идеи.
- Дел од дијалог од филмот „Фитцкаралдо“, за еден од ликовите кои и за Херцог претставува значаен, дури и на парадигматско ниво, Брајан Свини Фитцџералд -Фитцкаралдо, човекот со сон да направи голема оперска куќа во џунглата, а за да го оствари сонот и да дојде до средства презема потфат со еден преубав пароброд, во деловите од Перу каде живеат домородни племиња и има и планина преку која треба да го пренесе бродот.
„Ова место функционира речиси како природна селекција на луѓе кои имаат тенденција да рипнат од маргините на мапата и сите се среќаваме тука, каде сите линии на мапата се спојуваат. Патувачи на полно работно време, а работници на скратено, тоа се професионалните сонувачи.“
- Зборува филозофот, а возач на Антарктикот во документарецот „Средби на крајот на светот“, местото на крајот на светот каде сите линии се поврзуваат, од каде нема појужна точка, каде се собрани луѓе кои се препознаваат, професионални патувачи, доктори на науки кои се занимаваат со возење големи автобуси или миење садови, лингвисти доаѓаат на континентот без јазици. Невкоренети луѓе кои паднале на дното на светот.
Група на биолози ги слушаат звуците на фоките
под замрзнатиот слој на океанот,
„Средби на крајот на светот“
Пингвинот решава да не оди накај морето, застанува на пола пат и, наместо кон океанот или кон колонијата, тргнува кон планините во внатрешноста на континентот, каде го чека сигурна смрт. И да дојдеме да го запреме и да го вратиме во неговата колонија, тој пак ќе се упати кон планините. Го фасцинира Херцог овој пингвин, а и нас заедно со него, затоа што зборува за природата од која сме ние дел, која ја разбираме, која е дел од нас.

Херцог е неумолив во потрагата да го објасни секој аспект од природата и човекот преку своите алатки, преку себеси. Во потрага е по луѓе и места во кои ќе се препознае, како сонувач и чудак, или ќе ги најде тие особини во нив, длабоко под слоевите на нормалност. Таа потрага нè носи и нас со него пред неговата тешка и шаренолика лична енциклопедија на светот, каде секој детал е допрен со гола рака, виден со сопствени очи, почувствуван и проживеан.

Monday, February 29, 2016

Комплексни приказни: Фондација Прада

Поглед од надвор, фото 
Претенциозно, но убаво. Мешано е чувството при посетата на Фондацијата Прада во Милано. Отворена е на 9 мај, минатата година. Пред тоа функционира како Фондација без сопствен простор. Сместена е во поранешен индустриски комплекс на дестилерија, подалеку од центарот, на самиот јужен раб на туристичките мапи. Самата поставеност, од една страна, за патувачот претставува повод за сосема нова организација во патувањето, како одење на екскурзија, особено што Фондацијата е комплекс од повеќе згради и простор за различни активности кои бараат повеќе време, а од друга страна, сепак, може да биде одвратен од таа идеја, среде големиот избор на активности во еден град како Милано. 

Во секој случај, за да стигнете до таму, треба да се качите на метро линијата 3, која ве носи до станицата Лоди, потоа преку мостот на железничката станица Милано Порта романа, десно по улицата Брембо, до Ларго Изарко 2, каде се наоѓа влезот на поранешната дестилерија. Веројатно кога ќе стигнете, сфаќате дека, сепак, вредело.

Фондација Прада, Рем Колхас. Фото: Шпигел
Надворешноста целосно одговара на атмосферата и мислата на самата програма на Фондацијата. Самата замисла на Фондацијата е да покаже една нова страна на прикажувањето на уметноста, како концентрат на целини кои функционираат заедно, овозможено, за овој конкретен случај, и заради различните форми на зградите во комплексот на музејот редизајниран и реконструиран од Rem Koolhaas.

Комплексот, или репертоар, од различни згради е составен издолжени ниски згради по границите на фондацијата, а во средината неколку згради со различни димензии, за на едниот агол да се издига кулата, која сè уште е во градба. Библиотеката, барот и сите надворешни површини се слободни и отворени за користење. Изложби има во седум галерии, претежно неповрзани, со различни димензии и изглед, но во основа ја задржуваат индустриската атмосфера на комплексот. Две се постојаните поставки, а една од зградите е кино во кое се одржуваат кураторски проекции, тематски филмски фестивали и други настани. Сите овие простори се достапни со истата дневна карта за комплексот.
Куќа со духови. Фото: Илија Прокопиев


Luce Bar, дизајниран од Вес Андерсон.
Фото: Илија Прокопиев



Главните атракции, секако, се барот Луче дизајниран од Wes Anderson, како да влегуваш во сцена од филм на Андерсон снимена во италијански бар од 50тите, како и тесната висока зграда, сместена помеѓу билетарата и централниот изложбен простор Подиум, а облепена со златни фолии. За мене, сепак, би било киното, со седишта со изразена препознатлива зелена боја и со самата функција. Обично кога се шеташ во музеј шеташ во осветлени простории, кои те носат од едно до друго место, киното, во овој комплекс, од статичната позиција во темницата те носи на друго место. Кога ќе излезеш на светлото, контрастот е особено интересен.






Она што е интересно е пристапот на наративни и истражувачки изложби, кој се гледа во поставките кои ги видов при мојата посета (во јуни минатата година), а и од сегашните и најваите за идните изложби. Соодветен пример е изложбата An Introduction, за која идејата потекнува од разговор меѓу Miuccia Prada (сопственичката на Групaцијата Прада), Germano Celant (долгогодишен куратор за Фондацијата), идејата е да се прикаже самиот процес на создавање на Фондацијата, односно на приватната колекција, која со текот на времето, добива музејски карактер.

Истражувачкиот и асоцијативен пристап се гледа и во првата централна изложба, во просторот Подиум, Serial Classic – концепирана да ги истражи копиите на античките скулптури и повторувањата на формите и позите од една во друга. Шетајќи низ другите музеи во Неапол и Рим, во истиот тој период, се среќававме со празни места на одредени класични репродукции, со назнака дека се земени за оваа изложба. Тоа беше и првиот допир со некој нов простор во Милано, кадешто отишле овие скулптури.

И кино-програмата ја има истата приказна. Roman Polanski беше во центарот на вниманието на првата филмска селекција. Концепирано околу филмот направен од Фондацијата „Моите инспирации“, во кој Полански зборува за филмовите кои низ годините го оформиле неговиот поглед кон филмот, влијаеле во одредени негови филмови или едноставно го инспирирале да твори. Програмата беше составена од филмови на Полански, но и оние кои биле негови инспирации. 

Десно дел од Подиум, право северната галерија
лево, стаклениот ѕид на киното.
Фото: Илија Прокопиев
Тој момент, тој пристап е многу интересен и се проникнува со сензационалноста која е во суштината на изложбите и на целиот настап на Фондацијата. Како да имаат желба да бидат и хип и авторитативно елитни во исто време. Но, овој пристап на истражување, есеистичко поставување, промислување, па макар и во рамки на скап, претенциозен музејски комплекс и бомбастично најавена програма, во суштината носи нешто позитивно и предизвикувачко.

Ретко кога се чувствувам опуштено во музеј. Можеби единствено во прекрасниот Археолошки музеј во Атина. Сè скоцкано и наредено е и во овој простор. Иако целиот дворишен простор заедно со барот и библиотеката се слободни за посета од секој, сепак просторот, поставеноста, барот, не ти дозволуваат да бидеш опуштен. Ти си во музеј. Сè е изложба. Веројатно само скалите на библиотеката дозволуваат подолго да се задржиш, да прочиташ нешто или да поразговараш. Но, посетата, во топлото јунско попладне, додека излегувајќи од една или поминуваќи низ друга зграда фаќаш делови од Миланското сонце кое полека се спушта, останува во сеќавањата како посета на свет кој пред тебе се шири, издолжува, изменува, те изненадува. 

Дуомо, Милано



ПРОГРАМА НА ФОНДАЦИЈА ПРАДА:

Постојани инсталации:

Processo Grottesco на Thomas Demand, во подземните простории во зградата на киното. Инсталација на пештера од Мајорка, која Деман, во 2006, ја работел според разгледница а со цел да ја фотографира; разгледници и туристички водичи, кои се изложени во рамки на инсталацијата.

Haunted house, Robert Gober и Louise Bourgeois, во златната тесна зграда. Посетите се закажуваат при купувањето на билетот, влезот е ограничен со посетители заради тесниот простор.

Тековни изложби:

9.5.2015-17.4.2016 – An IntroductionGermano Celant, куратор.

4.2.2015-19.6.2016 – To the Son of Man Who Ate the Scroll, Goshka Makuga, куратор. Изложбата се протега во централниот простор Подиум, во Цистерната, а прави и интервенција во поставката во јужната галерија. Зборува за големите теми и историјата на мислата, за свеста и реториката на човекот.

Идна изложба:

18.3-28.8.2016 – L’image volée, Thomas Demand, куратор. Колективна изложба, за која е предвиден посебен архитектонски план во северната галерија. На три нивоа е, секое ниво истражува посебен аспект на проблемот: украдена слика – физичка кражба, кражба на визуелни слики, преземање на знаци и сл. Оригиналност, концептуални инвенции и ширење на копии. Замислена како неконвенционално истражување, емпириски пристап, патување на откритие и уметничко истражување. 

Monday, February 22, 2016

Белград – град на распаѓање

Белград, досега за мене, освен што беше главен град на државата во која се родив, беше градот на две реки чие спојување прекрасно се гледа од Калемегдан, градот на книгите на Клио, книжарниците на Кнез Михајлова и градот на ЕКВ. Но, веќе подолго време за мене е далечен град, кој само е географски тука, блиску и за кој често слушам вести за слични политички случувања како нашите. Фразата Берлин на Балканот, за Белград е најновиот глас, па така ако во Солун одиме за шопинг и кафе покрај море, во Белград одиме за ноќна забава, концерти и културни настани. 

Влезот на Гнездо органик
Концептот на Берлин, поедноставен, прераскажан, изваден од контекст, е најновиот тренд во повеќето поголеми балкански градови. Концепт продавници, проектни барови, мали локални издавачи, продавачи на облека на старо, книги на старо, антиквитети, рачни изработки, дизајнерски облеки, принтови, слатки, органска храна и цедени сокови... Концепт е централниот збор. Концептот е тоа што ги разликува сите овие локали, а во најчест случај, концептот е тоа што ги прави исти. И само патем, во Берлин насоченоста кон културата и овозможувачката средина за развој на многубројни културни центри, мали галерии, прокетни-барови, книжарници и концепт продавници, е долгоорчна градска политика. Веројатно, во недостиг на една таква, треба да уживаме во концептите кои се нудат, расфрлани и извадени од оригиналниот контекст (ова важи, сè повеќе, и за Скопје, дури, најверојатно, и од втора рака, преку Белград).

Тој дел од градскиот живот во Белград, реално, имав и најмногу можност да го искусам за еден викенд. Белград е една забавна, жива, енергична сегашност. Барови, клубови, културни центри во стари и делумно распаднати згради, најчесто во Савамала, но и низ целиот центар на Белград: КЦГрад, Комунале (во Бетон хала, на Сава), Гнездо, Смоквица на Молерова, Строги центар. Кога се стемнува, Белград се менува, улиците стануваат спроводници од едно место до друго, а цел нов свет се отвора зад старите, изронети фасади и искршени дрвени прозори, во внатрешноста на зградите.

Доситејева улица
Она што остана како максима на мојот викенд во Белград  е град на распаѓањето (намерно не го ставам зборот распад за да не го ограничам, иако фактот за распаднатата поранешна Југославија, е дел од целото чувство). Нешто слично како за Неапол, чувството дека се наоѓам во голем и важен град, кој повеќе тоа не е, е мешано чувство. Романтизмот на старите згради чија фасада паѓа, а на здравите делови се оцртуваат релјефи, декорации, бели големи двокрилни прозорци, богати внатрешности, се судира со чувството на распад, минатост, мирис на старо, темност и трулост. Белград има забавна, жива и енергична сегашност. Но, зад тие фасади, во ходници со стари излижани плочки, високи плафони и минимални промени кои го покажуваат концептот на местото, е постојаното чувството на нејасна перспектива, на нешто кое е сега и тука, толку ефемерно, толку нејасно, толку минливо, како лист на ветер. Дали постои место за континуитет во таа ефемерност? Или распаѓањето е тој процес кој опстојува за да се судри со нешто друго, на пример, нешто наречено Београд на води?

Во суштина, проектот Београд на води, иако само вака нафрлен, може да биде еден одговор за развој на градот. Неповолен одговор. Проектот подразбира нови модерни и високи резиденцијални и комерцијални згради, хотели и шопинг центри, од двете страни на Сава, на просторот кај централната железничка станица, која би била преместена заради изградбата. Не само што е матен и очигледно криминален одговор, туку е одговор кој пресекува секаков континуитет. 

Од изложбата „Дизајн за нови свет“,
Музеј историје Југославије
Белград е шармантен град. И голем и историски значаен и полн со луѓе и енергија, која зрачи наоколу. Слободното движење низ улиците, со чувство дека го имаш целото време на светот, ме потсети на поранешните излегувања во Скопје. Затоа и кога се вратив неколку дена ме држеше исполнетоста која ја донесов од таму. Но, и покрај сета таа убава сегашност, не можам да го избришам силното чувство на распаѓање, со кое таа како да е испреплетена.  





Користените фотографии се направени од Лили!