Monday, February 29, 2016

Комплексни приказни: Фондација Прада

Поглед од надвор, фото 
Претенциозно, но убаво. Мешано е чувството при посетата на Фондацијата Прада во Милано. Отворена е на 9 мај, минатата година. Пред тоа функционира како Фондација без сопствен простор. Сместена е во поранешен индустриски комплекс на дестилерија, подалеку од центарот, на самиот јужен раб на туристичките мапи. Самата поставеност, од една страна, за патувачот претставува повод за сосема нова организација во патувањето, како одење на екскурзија, особено што Фондацијата е комплекс од повеќе згради и простор за различни активности кои бараат повеќе време, а од друга страна, сепак, може да биде одвратен од таа идеја, среде големиот избор на активности во еден град како Милано. 

Во секој случај, за да стигнете до таму, треба да се качите на метро линијата 3, која ве носи до станицата Лоди, потоа преку мостот на железничката станица Милано Порта романа, десно по улицата Брембо, до Ларго Изарко 2, каде се наоѓа влезот на поранешната дестилерија. Веројатно кога ќе стигнете, сфаќате дека, сепак, вредело.

Фондација Прада, Рем Колхас. Фото: Шпигел
Надворешноста целосно одговара на атмосферата и мислата на самата програма на Фондацијата. Самата замисла на Фондацијата е да покаже една нова страна на прикажувањето на уметноста, како концентрат на целини кои функционираат заедно, овозможено, за овој конкретен случај, и заради различните форми на зградите во комплексот на музејот редизајниран и реконструиран од Rem Koolhaas.

Комплексот, или репертоар, од различни згради е составен издолжени ниски згради по границите на фондацијата, а во средината неколку згради со различни димензии, за на едниот агол да се издига кулата, која сè уште е во градба. Библиотеката, барот и сите надворешни површини се слободни и отворени за користење. Изложби има во седум галерии, претежно неповрзани, со различни димензии и изглед, но во основа ја задржуваат индустриската атмосфера на комплексот. Две се постојаните поставки, а една од зградите е кино во кое се одржуваат кураторски проекции, тематски филмски фестивали и други настани. Сите овие простори се достапни со истата дневна карта за комплексот.
Куќа со духови. Фото: Илија Прокопиев


Luce Bar, дизајниран од Вес Андерсон.
Фото: Илија Прокопиев



Главните атракции, секако, се барот Луче дизајниран од Wes Anderson, како да влегуваш во сцена од филм на Андерсон снимена во италијански бар од 50тите, како и тесната висока зграда, сместена помеѓу билетарата и централниот изложбен простор Подиум, а облепена со златни фолии. За мене, сепак, би било киното, со седишта со изразена препознатлива зелена боја и со самата функција. Обично кога се шеташ во музеј шеташ во осветлени простории, кои те носат од едно до друго место, киното, во овој комплекс, од статичната позиција во темницата те носи на друго место. Кога ќе излезеш на светлото, контрастот е особено интересен.






Она што е интересно е пристапот на наративни и истражувачки изложби, кој се гледа во поставките кои ги видов при мојата посета (во јуни минатата година), а и од сегашните и најваите за идните изложби. Соодветен пример е изложбата An Introduction, за која идејата потекнува од разговор меѓу Miuccia Prada (сопственичката на Групaцијата Прада), Germano Celant (долгогодишен куратор за Фондацијата), идејата е да се прикаже самиот процес на создавање на Фондацијата, односно на приватната колекција, која со текот на времето, добива музејски карактер.

Истражувачкиот и асоцијативен пристап се гледа и во првата централна изложба, во просторот Подиум, Serial Classic – концепирана да ги истражи копиите на античките скулптури и повторувањата на формите и позите од една во друга. Шетајќи низ другите музеи во Неапол и Рим, во истиот тој период, се среќававме со празни места на одредени класични репродукции, со назнака дека се земени за оваа изложба. Тоа беше и првиот допир со некој нов простор во Милано, кадешто отишле овие скулптури.

И кино-програмата ја има истата приказна. Roman Polanski беше во центарот на вниманието на првата филмска селекција. Концепирано околу филмот направен од Фондацијата „Моите инспирации“, во кој Полански зборува за филмовите кои низ годините го оформиле неговиот поглед кон филмот, влијаеле во одредени негови филмови или едноставно го инспирирале да твори. Програмата беше составена од филмови на Полански, но и оние кои биле негови инспирации. 

Десно дел од Подиум, право северната галерија
лево, стаклениот ѕид на киното.
Фото: Илија Прокопиев
Тој момент, тој пристап е многу интересен и се проникнува со сензационалноста која е во суштината на изложбите и на целиот настап на Фондацијата. Како да имаат желба да бидат и хип и авторитативно елитни во исто време. Но, овој пристап на истражување, есеистичко поставување, промислување, па макар и во рамки на скап, претенциозен музејски комплекс и бомбастично најавена програма, во суштината носи нешто позитивно и предизвикувачко.

Ретко кога се чувствувам опуштено во музеј. Можеби единствено во прекрасниот Археолошки музеј во Атина. Сè скоцкано и наредено е и во овој простор. Иако целиот дворишен простор заедно со барот и библиотеката се слободни за посета од секој, сепак просторот, поставеноста, барот, не ти дозволуваат да бидеш опуштен. Ти си во музеј. Сè е изложба. Веројатно само скалите на библиотеката дозволуваат подолго да се задржиш, да прочиташ нешто или да поразговараш. Но, посетата, во топлото јунско попладне, додека излегувајќи од една или поминуваќи низ друга зграда фаќаш делови од Миланското сонце кое полека се спушта, останува во сеќавањата како посета на свет кој пред тебе се шири, издолжува, изменува, те изненадува. 

Дуомо, Милано



ПРОГРАМА НА ФОНДАЦИЈА ПРАДА:

Постојани инсталации:

Processo Grottesco на Thomas Demand, во подземните простории во зградата на киното. Инсталација на пештера од Мајорка, која Деман, во 2006, ја работел според разгледница а со цел да ја фотографира; разгледници и туристички водичи, кои се изложени во рамки на инсталацијата.

Haunted house, Robert Gober и Louise Bourgeois, во златната тесна зграда. Посетите се закажуваат при купувањето на билетот, влезот е ограничен со посетители заради тесниот простор.

Тековни изложби:

9.5.2015-17.4.2016 – An IntroductionGermano Celant, куратор.

4.2.2015-19.6.2016 – To the Son of Man Who Ate the Scroll, Goshka Makuga, куратор. Изложбата се протега во централниот простор Подиум, во Цистерната, а прави и интервенција во поставката во јужната галерија. Зборува за големите теми и историјата на мислата, за свеста и реториката на човекот.

Идна изложба:

18.3-28.8.2016 – L’image volée, Thomas Demand, куратор. Колективна изложба, за која е предвиден посебен архитектонски план во северната галерија. На три нивоа е, секое ниво истражува посебен аспект на проблемот: украдена слика – физичка кражба, кражба на визуелни слики, преземање на знаци и сл. Оригиналност, концептуални инвенции и ширење на копии. Замислена како неконвенционално истражување, емпириски пристап, патување на откритие и уметничко истражување. 

Monday, February 22, 2016

Белград – град на распаѓање

Белград, досега за мене, освен што беше главен град на државата во која се родив, беше градот на две реки чие спојување прекрасно се гледа од Калемегдан, градот на книгите на Клио, книжарниците на Кнез Михајлова и градот на ЕКВ. Но, веќе подолго време за мене е далечен град, кој само е географски тука, блиску и за кој често слушам вести за слични политички случувања како нашите. Фразата Берлин на Балканот, за Белград е најновиот глас, па така ако во Солун одиме за шопинг и кафе покрај море, во Белград одиме за ноќна забава, концерти и културни настани. 

Влезот на Гнездо органик
Концептот на Берлин, поедноставен, прераскажан, изваден од контекст, е најновиот тренд во повеќето поголеми балкански градови. Концепт продавници, проектни барови, мали локални издавачи, продавачи на облека на старо, книги на старо, антиквитети, рачни изработки, дизајнерски облеки, принтови, слатки, органска храна и цедени сокови... Концепт е централниот збор. Концептот е тоа што ги разликува сите овие локали, а во најчест случај, концептот е тоа што ги прави исти. И само патем, во Берлин насоченоста кон културата и овозможувачката средина за развој на многубројни културни центри, мали галерии, прокетни-барови, книжарници и концепт продавници, е долгоорчна градска политика. Веројатно, во недостиг на една таква, треба да уживаме во концептите кои се нудат, расфрлани и извадени од оригиналниот контекст (ова важи, сè повеќе, и за Скопје, дури, најверојатно, и од втора рака, преку Белград).

Тој дел од градскиот живот во Белград, реално, имав и најмногу можност да го искусам за еден викенд. Белград е една забавна, жива, енергична сегашност. Барови, клубови, културни центри во стари и делумно распаднати згради, најчесто во Савамала, но и низ целиот центар на Белград: КЦГрад, Комунале (во Бетон хала, на Сава), Гнездо, Смоквица на Молерова, Строги центар. Кога се стемнува, Белград се менува, улиците стануваат спроводници од едно место до друго, а цел нов свет се отвора зад старите, изронети фасади и искршени дрвени прозори, во внатрешноста на зградите.

Доситејева улица
Она што остана како максима на мојот викенд во Белград  е град на распаѓањето (намерно не го ставам зборот распад за да не го ограничам, иако фактот за распаднатата поранешна Југославија, е дел од целото чувство). Нешто слично како за Неапол, чувството дека се наоѓам во голем и важен град, кој повеќе тоа не е, е мешано чувство. Романтизмот на старите згради чија фасада паѓа, а на здравите делови се оцртуваат релјефи, декорации, бели големи двокрилни прозорци, богати внатрешности, се судира со чувството на распад, минатост, мирис на старо, темност и трулост. Белград има забавна, жива и енергична сегашност. Но, зад тие фасади, во ходници со стари излижани плочки, високи плафони и минимални промени кои го покажуваат концептот на местото, е постојаното чувството на нејасна перспектива, на нешто кое е сега и тука, толку ефемерно, толку нејасно, толку минливо, како лист на ветер. Дали постои место за континуитет во таа ефемерност? Или распаѓањето е тој процес кој опстојува за да се судри со нешто друго, на пример, нешто наречено Београд на води?

Во суштина, проектот Београд на води, иако само вака нафрлен, може да биде еден одговор за развој на градот. Неповолен одговор. Проектот подразбира нови модерни и високи резиденцијални и комерцијални згради, хотели и шопинг центри, од двете страни на Сава, на просторот кај централната железничка станица, која би била преместена заради изградбата. Не само што е матен и очигледно криминален одговор, туку е одговор кој пресекува секаков континуитет. 

Од изложбата „Дизајн за нови свет“,
Музеј историје Југославије
Белград е шармантен град. И голем и историски значаен и полн со луѓе и енергија, која зрачи наоколу. Слободното движење низ улиците, со чувство дека го имаш целото време на светот, ме потсети на поранешните излегувања во Скопје. Затоа и кога се вратив неколку дена ме држеше исполнетоста која ја донесов од таму. Но, и покрај сета таа убава сегашност, не можам да го избришам силното чувство на распаѓање, со кое таа како да е испреплетена.  





Користените фотографии се направени од Лили!