Monday, February 22, 2016

Белград – град на распаѓање

Белград, досега за мене, освен што беше главен град на државата во која се родив, беше градот на две реки чие спојување прекрасно се гледа од Калемегдан, градот на книгите на Клио, книжарниците на Кнез Михајлова и градот на ЕКВ. Но, веќе подолго време за мене е далечен град, кој само е географски тука, блиску и за кој често слушам вести за слични политички случувања како нашите. Фразата Берлин на Балканот, за Белград е најновиот глас, па така ако во Солун одиме за шопинг и кафе покрај море, во Белград одиме за ноќна забава, концерти и културни настани. 

Влезот на Гнездо органик
Концептот на Берлин, поедноставен, прераскажан, изваден од контекст, е најновиот тренд во повеќето поголеми балкански градови. Концепт продавници, проектни барови, мали локални издавачи, продавачи на облека на старо, книги на старо, антиквитети, рачни изработки, дизајнерски облеки, принтови, слатки, органска храна и цедени сокови... Концепт е централниот збор. Концептот е тоа што ги разликува сите овие локали, а во најчест случај, концептот е тоа што ги прави исти. И само патем, во Берлин насоченоста кон културата и овозможувачката средина за развој на многубројни културни центри, мали галерии, прокетни-барови, книжарници и концепт продавници, е долгоорчна градска политика. Веројатно, во недостиг на една таква, треба да уживаме во концептите кои се нудат, расфрлани и извадени од оригиналниот контекст (ова важи, сè повеќе, и за Скопје, дури, најверојатно, и од втора рака, преку Белград).

Тој дел од градскиот живот во Белград, реално, имав и најмногу можност да го искусам за еден викенд. Белград е една забавна, жива, енергична сегашност. Барови, клубови, културни центри во стари и делумно распаднати згради, најчесто во Савамала, но и низ целиот центар на Белград: КЦГрад, Комунале (во Бетон хала, на Сава), Гнездо, Смоквица на Молерова, Строги центар. Кога се стемнува, Белград се менува, улиците стануваат спроводници од едно место до друго, а цел нов свет се отвора зад старите, изронети фасади и искршени дрвени прозори, во внатрешноста на зградите.

Доситејева улица
Она што остана како максима на мојот викенд во Белград  е град на распаѓањето (намерно не го ставам зборот распад за да не го ограничам, иако фактот за распаднатата поранешна Југославија, е дел од целото чувство). Нешто слично како за Неапол, чувството дека се наоѓам во голем и важен град, кој повеќе тоа не е, е мешано чувство. Романтизмот на старите згради чија фасада паѓа, а на здравите делови се оцртуваат релјефи, декорации, бели големи двокрилни прозорци, богати внатрешности, се судира со чувството на распад, минатост, мирис на старо, темност и трулост. Белград има забавна, жива и енергична сегашност. Но, зад тие фасади, во ходници со стари излижани плочки, високи плафони и минимални промени кои го покажуваат концептот на местото, е постојаното чувството на нејасна перспектива, на нешто кое е сега и тука, толку ефемерно, толку нејасно, толку минливо, како лист на ветер. Дали постои место за континуитет во таа ефемерност? Или распаѓањето е тој процес кој опстојува за да се судри со нешто друго, на пример, нешто наречено Београд на води?

Во суштина, проектот Београд на води, иако само вака нафрлен, може да биде еден одговор за развој на градот. Неповолен одговор. Проектот подразбира нови модерни и високи резиденцијални и комерцијални згради, хотели и шопинг центри, од двете страни на Сава, на просторот кај централната железничка станица, која би била преместена заради изградбата. Не само што е матен и очигледно криминален одговор, туку е одговор кој пресекува секаков континуитет. 

Од изложбата „Дизајн за нови свет“,
Музеј историје Југославије
Белград е шармантен град. И голем и историски значаен и полн со луѓе и енергија, која зрачи наоколу. Слободното движење низ улиците, со чувство дека го имаш целото време на светот, ме потсети на поранешните излегувања во Скопје. Затоа и кога се вратив неколку дена ме држеше исполнетоста која ја донесов од таму. Но, и покрај сета таа убава сегашност, не можам да го избришам силното чувство на распаѓање, со кое таа како да е испреплетена.  





Користените фотографии се направени од Лили!


No comments:

Post a Comment