![]() |
Поглед од надвор, фото |
Претенциозно, но убаво. Мешано е чувството при посетата на Фондацијата Прада во Милано. Отворена е на 9 мај, минатата година. Пред тоа функционира како Фондација без сопствен простор. Сместена е во поранешен индустриски комплекс на дестилерија, подалеку од центарот, на самиот јужен раб на туристичките мапи. Самата поставеност, од една страна, за патувачот претставува повод за сосема нова организација во патувањето, како одење на екскурзија, особено што Фондацијата е комплекс од повеќе згради и простор за различни активности кои бараат повеќе време, а од друга страна, сепак, може да биде одвратен од таа идеја, среде големиот избор на активности во еден град како Милано.
Во секој случај, за да стигнете до таму, треба да се качите
на метро линијата 3, која ве носи до станицата Лоди, потоа преку мостот на
железничката станица Милано Порта романа, десно по улицата Брембо, до Ларго
Изарко 2, каде се наоѓа влезот на поранешната дестилерија. Веројатно кога ќе стигнете,
сфаќате дека, сепак, вредело.
![]() |
Фондација Прада, Рем Колхас. Фото: Шпигел |
Надворешноста целосно одговара на атмосферата и мислата на
самата програма на Фондацијата. Самата замисла на Фондацијата е да покаже една
нова страна на прикажувањето на уметноста, како концентрат на целини кои
функционираат заедно, овозможено, за овој конкретен случај, и заради различните
форми на зградите во комплексот на музејот редизајниран и реконструиран од Rem Koolhaas.
Комплексот, или репертоар, од различни згради е составен
издолжени ниски згради по границите на фондацијата, а во средината неколку
згради со различни димензии, за на едниот агол да се издига кулата, која сè
уште е во градба. Библиотеката, барот и сите надворешни површини се слободни и
отворени за користење. Изложби има во седум галерии, претежно неповрзани, со различни
димензии и изглед, но во основа ја задржуваат индустриската атмосфера на
комплексот. Две се постојаните поставки, а една од зградите е кино во кое се
одржуваат кураторски проекции, тематски филмски фестивали и други настани. Сите
овие простори се достапни со истата дневна карта за комплексот.
![]() |
Куќа со духови. Фото: Илија Прокопиев |
![]() |
Luce Bar, дизајниран од Вес Андерсон. Фото: Илија Прокопиев |
Главните атракции,
секако, се барот Луче дизајниран од Wes Anderson, како да влегуваш во сцена од филм
на Андерсон снимена во италијански бар од 50тите, како и тесната висока зграда,
сместена помеѓу билетарата и централниот изложбен простор Подиум, а облепена со
златни фолии. За мене, сепак, би било киното, со седишта со изразена препознатлива
зелена боја и со самата функција. Обично кога се шеташ во музеј шеташ во
осветлени простории, кои те носат од едно до друго место, киното, во овој
комплекс, од статичната позиција во темницата те носи на друго место. Кога ќе
излезеш на светлото, контрастот е особено интересен.
Она што е интересно е пристапот на наративни и истражувачки
изложби, кој се гледа во поставките кои ги видов при мојата посета (во јуни
минатата година), а и од сегашните и најваите за идните изложби. Соодветен пример
е изложбата An Introduction, за која
идејата потекнува од разговор меѓу Miuccia Prada (сопственичката на Групaцијата Прада),
Germano Celant (долгогодишен куратор за Фондацијата), идејата е да се прикаже
самиот процес на создавање на Фондацијата, односно на приватната колекција,
која со текот на времето, добива музејски карактер.
Истражувачкиот и асоцијативен пристап се гледа и во првата
централна изложба, во просторот Подиум, Serial Classic – концепирана да ги
истражи копиите на античките скулптури и повторувањата на формите и позите од
една во друга. Шетајќи низ другите музеи во Неапол и Рим, во истиот тој период,
се среќававме со празни места на одредени класични репродукции, со назнака дека
се земени за оваа изложба. Тоа беше и првиот допир со некој нов простор во
Милано, кадешто отишле овие скулптури.
И кино-програмата ја има истата приказна. Roman Polanski беше во центарот на вниманието на првата филмска селекција. Концепирано околу
филмот направен од Фондацијата „Моите инспирации“, во кој Полански зборува за
филмовите кои низ годините го оформиле неговиот поглед кон филмот, влијаеле во
одредени негови филмови или едноставно го инспирирале да твори. Програмата беше
составена од филмови на Полански, но и оние кои биле негови инспирации.
![]() |
Десно дел од Подиум, право северната галерија лево, стаклениот ѕид на киното. Фото: Илија Прокопиев |
Тој момент, тој пристап е многу интересен и се проникнува со
сензационалноста која е во суштината на изложбите и на целиот настап на
Фондацијата. Како да имаат желба да бидат и хип и авторитативно елитни во исто
време. Но, овој пристап на истражување, есеистичко поставување, промислување,
па макар и во рамки на скап, претенциозен музејски комплекс и бомбастично
најавена програма, во суштината носи нешто позитивно и предизвикувачко.
Ретко кога се чувствувам опуштено во музеј. Можеби единствено
во прекрасниот Археолошки музеј во Атина. Сè скоцкано и наредено е и во овој
простор. Иако целиот дворишен простор заедно со барот и библиотеката се
слободни за посета од секој, сепак просторот, поставеноста, барот, не ти
дозволуваат да бидеш опуштен. Ти си во музеј. Сè е изложба. Веројатно само
скалите на библиотеката дозволуваат подолго да се задржиш, да прочиташ нешто
или да поразговараш. Но, посетата, во топлото јунско попладне, додека
излегувајќи од една или поминуваќи низ друга зграда фаќаш делови од Миланското
сонце кое полека се спушта, останува во сеќавањата како посета на свет кој пред
тебе се шири, издолжува, изменува, те изненадува.
Дуомо, Милано |
ПРОГРАМА НА ФОНДАЦИЈА ПРАДА:
Постојани инсталации:
Processo Grottesco на Thomas Demand, во подземните простории во зградата на киното. Инсталација на пештера од Мајорка, која
Деман, во 2006, ја работел според разгледница а со цел да ја фотографира;
разгледници и туристички водичи, кои се изложени во рамки на инсталацијата.
Haunted
house, Robert Gober и Louise Bourgeois, во златната тесна зграда. Посетите се закажуваат при купувањето
на билетот, влезот е ограничен со посетители заради тесниот простор.
Тековни изложби:
9.5.2015-17.4.2016 – An Introduction, Germano
Celant, куратор.
4.2.2015-19.6.2016 – To the Son of Man Who Ate the Scroll, Goshka Makuga, куратор.
Изложбата се протега во централниот простор Подиум, во Цистерната, а прави и
интервенција во поставката во јужната галерија. Зборува за големите теми и
историјата на мислата, за свеста и реториката на човекот.
Идна изложба:
18.3-28.8.2016 – L’image volée, Thomas Demand, куратор. Колективна изложба, за која е предвиден посебен
архитектонски план во северната галерија. На три нивоа е, секое ниво истражува
посебен аспект на проблемот: украдена слика – физичка кражба, кражба на
визуелни слики, преземање на знаци и сл. Оригиналност, концептуални инвенции и
ширење на копии. Замислена како неконвенционално истражување, емпириски
пристап, патување на откритие и уметничко истражување.
No comments:
Post a Comment