„Секое човечко суштество е амбис. Ти се врти кога гледаш надолу.“- Војцек, игран од Клаус Кински, во истоимениот филм на Херцог.
![]() |
Вернер Херцог со гризли |
Тешко ми е да пишувам за Вернер Херцог.
Неговите филмови можеби не се најбитните дела во историјата на филмот, но носат
нешто многу позначајно од таква висока задача. Носат поглед на светот кој е
автентичен и органиски, со кој можеме лесно да се соживееме и кој лесно може да
се вгради под нашата кожа. Носат ослободување од концепт, ослободување од
рамки, од системи на градење на приказна, на развивање на филм или општо какво
и да е друго креативно дело. Херцог настапува како автор во една многу природна
смисла. Тој ја преработува темата преку и низ себеси. Најчесто и самиот е
наратор на филмовите, во документарците обично ја вградува и надворешната
приказна на настанување на тој филм, а во некои и глуми. Има многу силна
субјективност во неговиот пристап, која може да биде универзална, во која може
секој да си пронајде нешто, која може да се соголи до принцип, кој потоа би
можеле да го употребиме за да дојдеме до свој став, јазик, дело.
Тешко ми е да пишувам за Херцог и
неговите филмови, затоа што силно верувам во творењето преку неговиот принцип.
Силно верувам дека едно заокружено дело, било тоа да е есеј, расказ, слика,
песна, секогаш треба органски да потекнува од авторот. Секој елемент од делото
да стои таму со причина, во природна корелација со другите. И како сега да
пишувам за нешто со кое сум се поврзала на несвесно ниво, кое можеби е вградено
како алатка во мојата мисла?
![]() |
Пештера од мраз, „Средби на крајот на светот“ |
Во суштината на светогледот на
Херцог е принципот на движењето, чекорењето. Бавното движење низ просторот,
времето и приказните на ликовите. Во „Средби на крајот на светот“, прекрасниот
документарец за луѓето и живиот свет на Антарктикот, има една сцена при крајот
на филмот, која може да биде илустрација за пристапот на Херцог. Еден од
научниците вулканолози се спушта низ пештера од мраз создадена на вулканската
планина Монт Еребус. Вакви пештери се создаваат заради издувните гасови на
вулканот и го обликуваат мразот над земјата во речиси уметнички форми. Некаде тој
е понизок, некаде прави простран свод. Сцената има само музика и движење, споро
движње во благо, а некаде и стрмно, спуштање надолу кон изворот на воздух од
земјата кој ја има создадено целата пештера и до каде може единствено да се
пријде. Така Херцог им пристапува на луѓето, местата, животните, идеите,
знаењето во своите филмови. Бавно, органиски, љубопитно и со голема почит и
емпатија, до самиот извор.
„Нашиот концепт на пејзаж се разликуваше суштински. Кински сакаше кадарот да ја опфати целата околина на Мачу Пикчу, вклучувајќи го и врвот кој нè интересираше, исто како што би се случило во холивудски филм, каде пејзажот е убава позадина, во функција на сцената. Рекламите функционираат на тој начин. Разгледниците изгледаат така. Јас пак сакав еден екстатичен детал од тој пејзаж каде целата драма, страст и човечки патос беше видлива. Тој едноставно не го разбираше ова, но за мене беше од круцијално значење. Пејзаж со речиси човечки карактеристики.“- Херцог го опишува својот концепт на пејзаж, наспрема идејата на Кински: „КлаусКински мојот најдобар пријател“
![]() |
Првата сцена од „Агире, бесот на боговите“ |
Темите кои не сум мислела дека ме
интересираат баш толку многу за да ги гледам на филм, како морските длабочини,
изолацијата на еден човек кој решава да живее со мечките, животот во руско
село, или, пак, што сум ги оставала за друг пат затоа што биле премногу силни и
емотивни, како темата за смртната казна или судирот на цивилизации во Перу,
заради тој пристап, добиваат ургентност каква што не сум можела да замислам.
Сакам да знам сè за нив, ги мислам со денови, ги раскажувам, стануваат значајни
полнежи на знаење.
Сонот е суштински елемент во
светот на Херцог, може да се каже и врзно ткиво. Речиси сите филмови, без
разлика дали се документарни или фикција, настануваат од потрагата по она што
лежи зад: зад појавноста, под
дебелиот слој на мраз, од другата страна на дофатливото, нормалното,
стандардното. Херцог патува во длабочина.
Христијански мисионер во Перу: Се чини не можеме да ги излечиме од идејата дека нашиот секојдневен живот е само илузија зад која се наоѓа реалноста од соништа.Фитцкаралдо: Многу ме заинтересираа овие идеи.- Дел од дијалог од филмот „Фитцкаралдо“, за еден од ликовите кои и за Херцог претставува значаен, дури и на парадигматско ниво, Брајан Свини Фитцџералд -Фитцкаралдо, човекот со сон да направи голема оперска куќа во џунглата, а за да го оствари сонот и да дојде до средства презема потфат со еден преубав пароброд, во деловите од Перу каде живеат домородни племиња и има и планина преку која треба да го пренесе бродот.
„Ова место функционира речиси како природна селекција на луѓе кои имаат тенденција да рипнат од маргините на мапата и сите се среќаваме тука, каде сите линии на мапата се спојуваат. Патувачи на полно работно време, а работници на скратено, тоа се професионалните сонувачи.“- Зборува филозофот, а возач на Антарктикот во документарецот „Средби на крајот на светот“, местото на крајот на светот каде сите линии се поврзуваат, од каде нема појужна точка, каде се собрани луѓе кои се препознаваат, професионални патувачи, доктори на науки кои се занимаваат со возење големи автобуси или миење садови, лингвисти доаѓаат на континентот без јазици. Невкоренети луѓе кои паднале на дното на светот.
![]() |
Група на биолози ги слушаат звуците на фоките под замрзнатиот слој на океанот, „Средби на крајот на светот“ |
Пингвинот решава да не оди
накај морето, застанува на пола пат и, наместо кон океанот или кон
колонијата, тргнува кон планините во внатрешноста на континентот, каде го чека сигурна смрт. И да дојдеме
да го запреме и да го вратиме во неговата колонија, тој пак ќе се упати кон
планините. Го фасцинира Херцог овој пингвин, а и нас заедно со него, затоа што
зборува за природата од која сме ние дел, која ја разбираме, која е дел од нас.
Херцог е неумолив во потрагата да
го објасни секој аспект од природата и човекот преку своите алатки, преку
себеси. Во потрага е по луѓе и места во кои ќе се препознае, како сонувач и
чудак, или ќе ги најде тие особини во нив, длабоко под слоевите на нормалност. Таа
потрага нè носи и нас со него пред неговата тешка и шаренолика лична енциклопедија на светот, каде
секој детал е допрен со гола рака, виден со сопствени очи, почувствуван и
проживеан.