Puglia, 2016 |
Порано светот изгледаше магичен. Секое излегување од дома ми беше битно. Слушав и запамтував цели разговори, призори, ситуации, ретко лица, не сакам да гледам во нечиј непознат лик, освен кога знам дека не ме гледаат. Обични разговори ми беа возбудливи отсечоци од реалноста. Никогаш не сакав да слушам музика додека одам пешки или со автобус, баш за да слушам. Да слушам туѓи муабети. Сега сѐ ми се чини банално. Нема магичност во обичните работи. Сѐ помалку ме интересираат секојдневните призори. Случајните совпаѓања не ми значат ништо. Се возам со 24-ка по барем 30 минути дневно. Читам вести на мобилниот доколку има простор. Се трудам да ги избегнам луѓето. Бегам од гужва. Не ме интересираат баналните секојдневности. Но, сѐ уште, потајно ја барам приказната што ќе ме натера да ја прераскажувам на пријателите. Или да ја запишам. Да направам расказ. Неверојатен лик, енергија поразлична од едноличноста на движењето од станица до станица.
Порано светот
беше магичен. Едно излегување од дома и значајни работи се случуваа. Слушав и
памтев цели разговори. Со задоволство одев пешки со километри, вртејќи по тивки
улички каде што речиси можеш да ги чуеш луѓето кога разговараат во своите
домови, а особено кога се расправаат. Обични разговори и секојдневни призори ми
оставаа впечаток, ги прераскажував, ги користев во раскази. Никогаш не слушав
музика додека одев пешки или со автобус. Ни сега не слушам, но сега ми е сето
тоа банално. Не гледам магичност во обичните работи. Барам нешто зад тоа. Барам
да биде поинакво, исполнето, длабоко. Случајните совпаѓања не ми значат ништо.
Се возам со автобус и читам. На мобилен или книга. Се трудам да ги избегнам
луѓето. Бегам од гужви. Но, сѐ уште, како да сакам да ја најдам
приказната што ќе ме натера да ја вртам во глава, да ја прераскажам, да ја
напишам, да ја преработам, продолжам...
Порано имаше
магија во обичните денови. Само што ќе излезев од дома се случуваше сѐ.
Слушав и паметев отсечоци од разговори со денови. Ги запишував. Одев и шетав
низ градот. Се возев со автобус и слушав наоколу. Седев во некој бар и слушав
туѓи муабети, фаќав секвенци од нечиј лик, ситуација, енергија. Секојдневни
мали работи беа впечатоци што ги барав и кои ме радуваа. Правев цели филмови
околу нив. Мали коинциденции, совпаѓања, нелогичности. Сето тоа беше магија.
Сега се возам со автобус и читам, одам по улица и сум задлабочена во моите
мисли, брзам да стигнам директно каде што сум тргнала, како коњ со штитници што
го исклучуваат периферниот поглед. Ги избегнувам луѓето. Бегам од гужви. Но, ја
барам приказната. Ја чекам, копам, некогаш, не во случајности, не во
секојдневности, во некои минливи, моментални, кратки, длабоки вистини.
Како кога седиш
обратно од движењето на автобусот, возот. Порано не сакав да седам на тоа
седиште, сакав да гледам во природниот правец, кон напред, во правец на
движењето. Но сѐ полесно ми е да сфатам дека кога ќе седнам
спротивно од движењето, многу е слично како да лежам на грб на мирно море.
Мислиш дека ќе пропаднеш, затоа што ја немаш контролата на погледот во правецот
на природното движење. Тоа би можело да биде магично.
No comments:
Post a Comment