Поглед од Акропол: на ридот Ликабетус, под него во десно се гледа Парламентот, во долната половина на сликата, населбата Плака и Монастираки |
Не мислам дека од секое патување треба да извлечеме некаква
поука за нас или за светот. Можеме едноставно да шетаме, гледаме, дишеме и тоа
да остане како спомен во времето. Па, така, кога некогаш на вести ќе има
извештај од Атина и ќе оди замрзната сликата на Парламентот со делови од
плоштадот Синтагма пред него, ќе можеш веднаш да си ги исцрташ другите улици и маала
во околината, ќе знаеш дека зад тебе – доколку си свртен кон Парламентот – продолжува
шетачката улица кон населбата Монастираки, која се протега некаде зад тебе и во
лево, на лево е другиот голем плоштад Омонија, од каде се стига до Археолошкиот
музеј и Политехничката школа, дека десно зад тебе е населбата Плака, во
подножјето на Акрополот, со тесни извиткани улички полни локали и таверни,
додека пред тебе лево, покрај Парламентот почнува елитната населба Колонаки, а
десно од Парламентот, следејќи ја главната улица, со делумни извртувања ќе
стигнеш до станот каде си бил сместен една недела. Нагоре се издига Акрополот,
надолу, кога ќе се симнеш во метро станицата под Синтагма, можеш да видиш
слоеви и слоеви од стари гробници на различни, меѓу нив – пат, секојдневни
предмети, вкопани во пресечената почва.
Поглед на Акропол од Монастираки |
Градот, погледнат од Акрополот, се распостила во недогледни
помалку или повеќе прави редици на бели, речиси исклучиво, бели згради, збиени,
прекинати само со поголеми парчиња од остатоци од некој антички храм или
институција, или, пак, некоја ретка византиска црква. Како острови во таа
белина се издигаат неколку ридови. Морето е некаде далеку, се насеќа и
подѕирнува позади некој рид.
Гледање на антички остатоци во Атина создава сосема поинакво
чувство и е вистинско задоволство, за разлика од каде било другде. Ги гледаш
столбовите и градбите во оригиналниот контекст, на извориштето. Од друга страна,
начинот на кој тие ископини и зданија комуницираат со денешните градби и како
им влијаат на модерните згради за мене беше неверојатно. Директното вилјание се
гледа во зградите од крајот на 19 и почетокот на 20 век, грчката преродба, кога
се направени главните институции, како веќе споменатиот Парламент, под
инспирација од античките градители. Друго нешто што го забележав беа модерните
згради, градени од 20-тиот век наваму. Кога ѕиркаш во нивните влезови можеш да
забележиш повеќеслојни простори: простор помеѓу двете врати, уште еден простор
внатре, најчесто каде што се сандачињата и некое цвеќе или клупа, потоа уште
еден простор пред скалите, па потоа скалите во свој простор... нешто што има
призвук на градењето на големите антички јавни згради.
![]() |
Зевс или Посејдон, бронзена скулптура, ран класицизам, Археолошки музиеј, Атина |
Значењето на Антиката и односот на Грците кон неа, се гледа
и во музеите. Археолошкиот музеј, Музејот на Акрополот и Бенаки музејот може да
посведочат за начинот на кој се чува и претставува ова наследство: крајно
внимателно и сериозно. Начинот на кој се поставени експонатите, приказната,
реконструкцијата и грижата за нив, предизвикува неминовна споредба со нас и
нашиот Археолошки музеј, на пример. Но, нема да одиме натаму: ја протресуваш
главата и забораваш, затоа што не се има време секогаш да се враќаме на веќе
излитени анализи и дискусии, сепак си на одмор и далеку од домашните
нелогичности.
Секое патување е различно: поводот, друштвото, годишно време, градот – дали го посетуваш прв пат, дали знаеш некого таму, дали знаеш нешто повеќе за градот, дали го знаеш јазикот, Атина, дополнително, е различна и во поглед на кој ден од неделата или денот или во какви временски услови шеташ по одредени улици. Изгледаат различно, како секој пат да поминуваш по различни улици, особено тесните улички во Монастираки и Плака. Ова доведува до губење, изненадување, наоѓање нешто ново, нов слој или пак постојано чувство дека шеташ сè на истото место. Го минуваш бувлјакот, тезгите стари книги, продавниците со најнови колекции на облека или оние со облека на старо, безбројни локали со графити, ѕидови со графити...
Плака, Атина |
Плака, Атина |
Монастираки, Атина |
Она што е најзабележително во Атина, покрај овие
трансформативни моќи, е ненаметливоста. Можеби токму заради овие две маала во
самиот центар на градот. Тие ја спуштаат малку топката: атмосферата се
поставува наспрема монументалноста, секојдневниот живот, современиот живот,
наспрема историски туристички прошетки. И таму, во тие улички што се менуваат,
најмногу ќе ја памтам Атина, како дупка која се отвара со многу паралелни
светови, секогаш различни.
No comments:
Post a Comment