Showing posts with label Рим. Show all posts
Showing posts with label Рим. Show all posts

Saturday, September 9, 2017

Книжарници. Приказни


Еднаш, сред новите преводи на Кундера, во предната соба на книжарницата Табернакул, напред на масата, најдов едно издание од 1969 на неговата „Шега“. Веднаш ја купив. Читајќи ја, помеѓу страниците, најдов испресувано ливче гинко. Тие и самите се испресувани, сплескани ливчиња, како ладало. Мора да било оставено од друга причина. Па, заборавено. Сакам да читам стари книги. Дури и да нема никакви потцртувања, ознаки, искинати страници, дамки, може да се почувствува претходно туѓо присуство. Малку подвиткани страници. Пожолтени. Брчки на кориците. Го извадив ливчето и го ставив некаде, за да не се оштети додека ја читам книгата. Никогаш повеќе не го видов. Но, се сетив, претходно, за време една средношколска екскурзија во ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет, првпат видов дрво гинко билоба. Земавме ливчиња од растенијата, ги стававме во тетратки и ги запишувавме нивните имиња до нив, правевме набрзински хербариум, за потоа дома да ги средиме детално. Го запамтив гинкото. Не знам каде ли отидоа потоа сите тие листови, но знам дека е многу можно, сѐ уште да ја чувам таа тетратка, со празни бели листови на кои се испишани, со брз нечиток ракопис, имиња на растенија.

Без доза на носталгија, признавам дека ми недостига Табернакул. Имаше книги кои не стигнав да си ги купам оттаму, или, барем, сакав само да проверувам дека ме чекаат. Имаше списанија, чии броеви чекав да ги стигнат календарските години, едиции на руски поети, македонски заборавени писатели, нови поетски, прозни книги. Обично прво одев во втората соба, кај македонските автори, не знам зошто. Табернакул ме потсетуваше на непрочитани книги на македонски. Потоа, малку се задржував кај постарите книги на Темплум. Списанијата понекогаш ги одбегнував, затоа што со поглед сфаќав дека не се сменети од претходниот пат кога сум била, потоа продолжував во предната просторија. Кај театарската, филмската, ликовната понуда, кај изданијата на Клио. И на крај ќе дојдев до книгите на Табернакул. Секогаш имав чувство дека книги извираат од полиците, дека треба да бидам толку многу внимателна, за да не испуштам некоја. И на крајот си одев со неколку книги, сосема интуитивно одбрани, си ги понесував во рака, затоа што не сум испланирала да земам поголема торба.

Да размислуваш за книжарниците во Скопје е како да се наоѓаш на тромеѓето меѓу идејата за тоа што е книжарница - носталгијата по неколку убави книжарници - фактичкот недостиг од вистински функционални волшебни книжарници. 

Во сите времиња и на сите места, книжарницата треба да привлекува, со понуда, носталгија, настан, амбиент, присуство. Сеедно. Потребно е да сакаме да сме таму, да сакаме да се задржиме таму. Секогаш да мислиме дека нешто пропуштаме, но да ја понесеме со себе сигурноста дека книгите ќе бидат таму и ќе нѐ чекаат следниот пат кога ќе поминеме.



Има една книжарница во Рим, во подземен пасаж, под сообраќајница, во стариот центар, на вкрстуваењето помеѓу виа дел Корсо и ларго Киџи, во близина на столбот на Марк Аврелиј и трговската галерија дела Колона. Поприлично прометно место, таму се слева една од главните попречни улици која тргнува од пјаца Барберини – виа дел Тритоне. Виа дел Корсо, пак, самата по себе е пренатрупана, трговска улица, која почнува од пјаца дел Пополо, а палацо Киџи е зградата на владата на Италија, со постојано полициско присуство, протести кои се одвиваат непосредно пред плоштадот. Оттука, пак, целиот стар град, почнува да се отплеткува кон реката со сиот свој туристички татнеж. Либрериа дел Чичероне е всушност по потекло од другата страна на Тибар, од под Ватикан. Создадена е во 1956 во виа Чичероне во областа Прати, резиденцијалниот дел под Ватикан. Потоа, во 1989 се преместила во пасажот под раскрсницата кај пјаца дела Колона, каде што е денеска. Имаше особена разлика кога првпат ја посетив во 2011 и потоа во 2015. Но, заедничкото е, што тој простор функционира и како пасаж. Па, додека луѓето разгледуваат книги, други едноставно претрчуваат за да преминат под прометната раскрсница. Прво ми изгледаше повеќе како премин отколку кножарница, пред две години, тоа беше сменето. Како да се нашминкале, потсредиле и дотерале. Имаше стари, ретки книги во стаклени витрини, мали џебни изданија за Рим по едно евро, многу мали тематски книжулиња за тајниот Рим, Рим на Караваџо и Бернини, старите кафеа на Рим, една прекрасна едиција. И слични други изненадувања. Излегуваш горе во градот и се враќаш во реалноста. Од спротива, во галеријата Колона, има голема книжарница Фелтринели, типична книжарница од трговски центар. Внатре, долу, во подрумот, полици со есеистика и филозофија, актуелност и политика, кои можеш со саати да ги разгледуваш. Може лесно да те стемни ако заглавиш во двете книжарници. Кога ќе излезеш од нив, можеш да бираш, дали да влезеш во Зара или да продолжиш преку виа дел Корсо, преку пјаца Колона, во уличката, па малку понатаму, до една слаткарница каде има волшебен сорбе од крушка и мандарина. 

Еднаш решив дека ќе го барам ливчето гинко во другите книги од мојата библиотека. Демек, сум го ставила во друга книга. Па почнав да ги протресувам како армоники. Нормално, набрзо, прекинав. Можеби ќе морам да се помирам со тоа дека го снемало засекогаш, можеби сум го измислила, а можеби и ќе се појави некогаш помеѓу две страници.

Не е потребна носталгија, ниту патос. Сакам инспиративни книжарници кои создаваат приказни, додека си внатре, додека се шеташ низ книгите, а кои продолжуваат во тебе да се развиваат и многу по тоа. Постојат книжарници кои пишуваат приказни, исто како и книгите кои се наоѓаат во нив, или пак, како градовите во кои живеат. Тоа се ненаметливи хетеротопии кои се покажуваат само откако ќе навлезеш во нив. Утопии – ако си дозволиш мал фантазерски каприц. 

Thursday, June 4, 2015

Рим: нурнување во слоевите

„Ќе пишувам кога ќе се вратам. Сега само фаќам белешки. Потоа ќе средувам, додавам. Мислам дека ако се пишува со носталгија е поемотивно, посилно се исцртуваат доживеаните впечатоци, ги евоцираш и преживуваш одново, збогатени со сето време, патување, искуство и знаење кое прошло од времето на доживувањата до враќањето дома.
Патувањето е друга состојба на ум. Помалку невротична“. 
Од белешките, 14.5.2015

Trastevere
Слоевитоста е првото нешто што те пречекува во Рим. Таа слоевитост на ископини во длабочина и на згради кои се пластат врз нив, е првиот впечаток кој го имам за Рим. Кога седиш пократко, таа слоевитост е доволна, ти дава доволен материјал за размислување за времето, минатото, пластењето и менувањето на животот. Но, кога ќе ги поминеш типично туристичките места, точките на интерес и локациите кои не смеат да се пропуштат, и особено, кога ќе се вратиш по трет, четврт или петти пат во истиот град, па уште и на подолго, забележуваш дека градот не ти дозволува да загребеш подлабоко, во некои други слоеви, кои сакаш да ги пронајдеш, за кои знаеш дека мора да се таму, некои места кои живеат денеска во целовитост и модерност. Градот како да те отфрла. Се судираш со порти, ѕидини и железнички раскрсници (три во самиот центар на градот: Термини, Тибуртина и Остиензе), брда и ридови, реки и реки на туристи, имаш чувство дека ќе те проголтаат – а ти спремен со адреси, локации, имиња кои не се наоѓаат во стандардните туристички водичи, се обидуваш да се снајдеш во конфузниот градски сообраќај и сите замки на градот кои не се обележани на ниедна негова мапа.

Рим е голем, гломазен град. Сфаќаш дека ќе мораш да најдеш начин да си го припитомиш ако сакаш да живееш во него. Да го организираш во главата, да си се организираш низ него. Оти целиот ден можеш да го изгубиш патувајќи со автобус, трамвај, метро или регионален воз.

Campo de' Fiori
Во Рим, освен ако не си качен на некој видиковец, гледаш нагоре. Историјата оди во длабочина, новите згради со балконите и крововските тераси и градини се издигаат во височина. И медитеранските борови ги кастрат за да растат нагоре, како извишени печурки. Фотографиите во најголем дел ми се вертикални. Ретко сликам така, затоа и приметувам.

"From the top of a terrace on the night following these celebrations I watched Rome ablaze. Those festive bonfires were surely as brilliant as the disastrous conflagrations lighted by Nero; they were almost as terrifying, too. Rome the crucible, but also the furnace, the boiling metal, the hammer, and the anvil as well, visible proof of the changes and the repetitions of history, one place in the world where man will have most passionately lived". 
Marguerite Yourcenar, Memoirs of Hadrian
Тераси кои гледаат на Тибар

Патиките се валкаат, нозете отекуваат и болат, жежат на топлото јужно сонце, макар што е мај. Ги учиме линиите на градскиот сообраќај, но и покрај тоа дистанците се големи. Рим е гломазен град. Музеј во кој се пластат слоеви и истории. Како да се стиснале на едно место: антиката, ренесансата, барокот, модерната...

"Rome does not need to make culture. It is culture. Prehistoric, classical, Etruscan, Renaissance, Baroque, modern. Every corner of the city is a chapter in an imaginary universal history of culture. Culture In Rome is not an academic concept. It’s not even a museum culture, even though the city is one enormous museum. It is a human culture, just because it is free of every form of cultural faddishness, or neurotic trendiness".   
Federico Fellini, interview

Fontana di Trevi се реконструира, направени се рампи за туристите, да можат да фрлат паричка, веројатно во некоја кофа со вода. Секој пат ја почитувам таа традиција и покрај несразмерната исполнетост на малиот плоштад: голема фонтана, цела трибина на ситно напикани луѓе. Овој пат одбивам да се пикам на тесни рампи, над празниот базен и не ја фрлам паричката. Ќе се вратам ли пак?

Си мислам, колку се среќни филмаџиите кои снимаат на одредени локации само за нив затворени. Кога ќе ги видиш местата си фасциниран, си ги запишуваш и кога ќе се најдеш во градот и ги посетиш во момент се разочаруваш затоа што се преполни со туристи и ниту тронка од она што те фасцинирало не можеш да забележиш.

Автобуската кај Torre Argentina, Centro storico
Во еден момент, без да забележиш, почнуваш да се движиш низ градот полн со самодоверба и без мапа. Во тој момент почнува неговото припитомување. Во тој момент, во мојата посета на Рим, тој стана не само дојдовна точка, туку и појдовна. Ги почнавме патувањата до Наполи и Тиволи.








Во Рим, нагоре се гледа и во црквите и во музеите. Мајсторството на архитектите се гледа во куполите. Предизвик финансиран од црквата. Како и некои од фреските и скулптурите. Но вилите на имотните римски фамилии: Villa Borghese, Villa Farnesina... „Аполон и Дафне“, на Бернини, во галеријата „Боргезе“, мермерот е и тело и дрво... Исцртаните ѕидови на вила Фарнезина... Караваџо, Канова, Бернини, Микеланџело... Можеш да ги сретнеш насекаде низ Рим. Особено Бернини.

Apollo e Dafne, Bernini, Galleria Borghese

"These paintings are like friends with whom one has long been acquainted through correspondence and now sees face to face for the first time. The difference when one lives with them is that one’s sympathies and antipathies are soon revealed". 
Johann Wolfgang Goethe, Italian Journey

Villa Farnesina, детал
Villa Farnesina





















„Се трудиш да ги реконструираш промените, но не е возможно, не можеш да ги одделиш слоевите, се напластувале едно на друго, се распаднале и сега останале такви, да те тераат да ги реконструираш. Времето, луѓето, вековите, пластеле и граделе. Можеш ли да го одделиш едниот слој од другиот“. 
Од белешките, по прошетката во Fori romani и Il Palatino, 14.5.2015
Fori romani и околината

"When we contemplate ruins, we contemplate our own future. To statesman, ruins predict the fall of Empires, and to philosophers the futility of mortal man’s aspirations. To a poet, the decay of a monument represents the dissolution of the individual ego in the flow of Time; to a painter or architect, the fragments of a stupendous antiquity call into question the purpose of their art. Why struggle with a brush or chisel to create beauty of wholeness when far greater works have been destroyed by Time?" 
Christopher Woodward, In Ruins






Рим, повеќе од кој било друг град, си размислувам, е точката од која почнуваат да се исцртуваат одредени животни промени. Дали е случајно или не, не знам. Но, секоја посета ја паметам како важен пресек на еден период. Така што, сигурна сум, ќе се вратам во Рим. А сега, читајќи за него, пишувајќи и враќајќи ги призорите, ќе се обидам да се задржам таму што подолго.
Галеб на оградата на Complesso del vittoriano, во позадина
зградите непосредно над и до Fori romani

"At last – for the time – I live! It beats everything: it leaves the
Rome of your fancy – your education – nowhere. It makes
Venice – Florence – Oxford – London – seem like little cities
of pasteboard. I went reeling and moaning thro’ the streets, in
a fever of enjoyment. In the course of four or five hours I
traversed almost the whole of Rome and got a glimpse of
everything – the Forum, the Coliseum (stupendissimo!)…
I’ve seen the Tiber hurrying along, as swift and dirty as
history!... In fine I’ve seen Rome, and I shall go to bed a

wiser man than I last rose – yesterday morning." 
Henry James, from a letter to his brother

Tuesday, November 12, 2013

Како да се пишува за уметност?

Од кого ли беше идејата дека е невозможно да се долови едно уметничко дело освен преку ново уметничко дело, инспирирано од првото, надоврзано на првото? Секогаш ми се врти во глава кога треба да напишам или кажам нешто за какво било уметничко дело, особено за ликовно. Се чувствувам неадекватно и покрај тоа што силно ме погодило. Како да се изрази тоа – моќта која ја има едно дело врз гледачот? Дали преку зјапањето во делото како да сакаме да го запамтиме секој детаљ и да ни остане пред нас и многу време откако сме го виделе? Дали со благата насмевка и гордоста што ја чувствуваме дека сме во иста соба со ремек дело? Дали е во сепнувањето на таа девојка од Galleria dell’Accademia во Фиренца кога на крајот од широкиот ходник ја здогледа скулптурата на Давид на Микеланџело? Дали е во чистото посочување на моќта на делото или пак во купот текстови изнапишани за него? Јас ги направив сите овие нешта пред делата и во музеите кои ги поминав во Рим и Фиренца, а еве сега се обидувам да го направам и последното. Зошто? Веројатно затоа што е премалку едно од овие за да се долови сензацијата што ја имав кога го видов „Повикувањето на св. Матеј“ на пример, во темната и задушлива црква San Luigi dei Francesi, недалеку од познатиот плоштад Навона во Рим или вознемиреноста пред идеалната скулптура на Давид во неверојатно осветлениот дел од Accademia во Фиренца, или пак возбудата од новите сознанија... Како да се пишува за уметност?

Две цркви во Рим: споменатата San Luigi dei Francesi и SantaMaria della Vittoria. Караваџо во првата, Бернини во другата. Двајцата автори што му го даваат барокот на Рим. Црквите веќе не припаѓаат на верниците туку на туристите и вљубениците во уметноста. Луѓето брзо поминуваат покрај редовите дрвени клупи, ретко се загледуваат во олтарот, се упатуваат во еден агол, една капела околу која е собрано најмногу народ. Тоа е вистинското место на поклонување! Santa Maria della Vittoria е толку барокна, повеќе не може да биде: облачиња со ангели и злато. Ми текнува на мојот лектор на факултет, кога ни предаваше за барокот, постојано повторуваше: Fa meraviglia! – Забезекнува! (во недостиг на подобар превод: многу е посилно од „зачудува“). Црквата го користи барокот во време на контрареформацијата како средство за воспоставување на својата моќ и кулиса за своето лицемерие. Народот е зачуден/зашеметен од раскошните ентериери, се чувствува ситно и сосема човечки соочен со тоа недофатливо божествено богатство, а црковните лица можат да продолжат со својата лицемерна игра на казнување на безбожниците, забранување на богохулни книги и практики... Во таа барокна црква Бернини ја поставува „Екстазата на св. Тереза“. Калуѓерката пластично го опишува своето поврзување со Бога во својата автобиографија, бестселер во времето на настанување на скулптурата – Бернини како да ја поистоветува спиритуалната со карналната екстаза па ја претставува светицата во грч кој може да биде и е интерпретиран двосмислено. Телесното: екстаза, болест, крв, смрт, страст... е тема на барокот. Бернини го метаморфозира ладниот мермер во видлива телесна експресија, а Караваџо тоа го прави на платното. Како да ни ја прикажуваат сликата на светот позади кулисите од чудесии на кои Црквата инсистира. Како ли се чувствувале тие свештеници и црковни кројачи на многу судбини, кога се гледале во огледалото на овие уметници!?

За разлика од телесноста толку човечки прикажана во барокот, во ренесансата, век и нешто порано – телото е идеал, симбол за совршена мерка и човечка божественост. Кога се стои пред „Давид“ на Микеланџело, се доживува meraviglia, но не како во барокната црква, туку заради совршенството на телото кое, веројатно, може во секој момент да мрдне. До Давид нè донесуваат две редици на недовршени скулптури на Микеланџело. Тела кои се обидуваат да се ослободат од вишокот на мермер. Микеланџело, сметал дека каменот или мермерот самиот во себе ја крие скулптурата, готова, скулпторот само требало да го тргне вишокот материјал од неа со раката која го следи интелектот на авторот.

"Non ha l'ottimo artista alcun concetto
ch'un marmo solo in sè non circoscriva
col suo superchio, e solo a quello arriva
la man che ubbidisce all'intelletto." - 
Michelangelo Buonarroti, Sonetto n. 151  

Овие недовршени скулптури кои почнуваат да излегуваат од големите мермерни форми се силна слика за тоа што Микеланџело сака да го каже. Дали останеле недовршени од оваа причина? Дали уметникот се зафатил со работа на нешто друго, изгубил интерес или пропаднала нарачката? Останува нејасно, но и неважно... Скулптурата на Давид која довршена до совршенство се издигнува високо во просторот под куполата од каде паѓа дневна светлина и идеално ја осветлува, е тоа што е важно. Толку е моќна што дополнителните слики и изложби кои се дел од оваа галерија како да стануваат непотребни. Толку е силно присуството на скулптурата во просторот. Останува во глава долго откако ќе се напушти галеријата, и тоа не е затоа што те следи од разгледниците, магнетите и другите сувенири на тезгите низ градот.

„Just how powerful is art? Can it feel like love, or grief? Can it change your life? Can it change the world?“ – Simon Schama

И кога ќе заврши патувањето и ќе продолжи нормалниот живот, кога повеќе не ни се пред очи овие дела, остануваат присутни, како љубов или болка. И затоа пак се прашувам, како да се пишува за уметност? Некако поинаку? Дали воопшто? Веројатно, ќе се обидувам пак и пак да го дофатам чувството на meraviglia.

Monday, November 11, 2013

Слоевите на Рим


Секоја приказна за Рим почнува во црно-бело, од Фелини и Dolce vita. Но никогаш нема да се разбере до крај филмот доколку не се отиде во Рим. Тогаш се гледа дека тоа што Фелини го претставува, тематизирајќи го животот во Рим од крајот на 50-тите, во суштина може да се види и денеска единствено ако се соочиш со градот: природата во Рим има една суптилна врска со неговиот секојдневен живот и изглед. Тоа го сфатив на моето прво патување во Рим. Можеби беше поизразено затоа што беше пролет, па природата напаѓаше посилно и со мириси и со сочни бои, но речиси на секоја фотографија што ја направив, секој призор, секој поглед во сокриен пасаж имаше по некој залутан медитерански бор или палма или барем некој багрем.  

Fontana di Trevi
Fori Romani

Fori Romani
Museo d'Arte Contemporanea di Roma











Рим тогаш го доживеав како музеј на отворено. И овој пат, на есен (римска есен: во ноември паѓа крајот на летото!) зимзелените крошни на боровите лебдеа како зелени облаци, но нешто многу посуштинско почна да се исцртува. Музејот кој го запаметив од пред неколку години, ми се виде како живот кој се надоврзува. Она што ми стана јасно е видливото сознание дека Рим е метропола непрекинато векови наназад. Наеднаш се отвори една многу сугестивна слоевитост како во длабочина (видлива во историските наслаги), така и во ширина (видлива во денешниот ритам на градот од еден до друг крај).

Не е толку фасцинантно кога ќе го видиш Колосеумот или Римските форуми од внатре. Вековите на незаштитеност ги растуриле камењата што биле ѕидови и столбови. Многу поинтересно е кога се шеташ по Via Imperiale – улицата изградена над римските форуми, и ги гледаш од горе античките згради и плоштади наместени во новиот град или, подобро, тој адаптиран на просторот, улиците и формите од античките времиња: новите улици ги следат старите, градските автобуси и трамваи кружат околу Колосеумот... логично и природно. И обратно, ако погледнеш од средето на Римскиот форум, нагоре, кон новиот град кој се издигнал над него: меморијалната зграда на Виторио Емануеле, ренесансните згради, прошарани со зелените печурки на боровите – се чини како да е отсечено парче од една висока многуслојна торта. Рим внатре во земјата со Рим над неа изгледа како да се надоврзува. 

Трајановиот столб
Поглед од Колосеумот











Поглед нагоре, Fori Romani
Покрај Castel di Sant'Angelo












Поглед од Palatino
Како метропола, шаренилото од различни луѓе не доаѓа само од туристите лоцирани исклучиво во тесниот центар помеѓу Ватикан, Шпанските скали, Фонтана ди Треви и Колосеумот. Кога ќе се излезе од овде, градот не прекинува, се отвора како да е бескраен. Одиш саати поминувајќи широки авении и мали затскриени плоштатчиња, богати резиденции и мали барови, од некаде доаѓа мирис на кафе, кари, кожа, чоколадо, паднати листови на трамвајски шини, долго барани клупи, луѓе кои брзаат за на работа, луѓе кои брзаат да го испијат кафето, насмеани луѓе кои продаваат сладолед кој не е од овој свет и пак, долги дрвореди, тесни улички...