Showing posts with label став. Show all posts
Showing posts with label став. Show all posts

Friday, March 20, 2015

Секвенци сеќавања



Има некои нешта, многу емотивни, кога ќе се случат нè потресуваат целосно, поминува некое време ги средуваме и класифицираме, ги преминуваме, но многу често се враќаат како бранови, како секвенци од филмови. Не се менува состојбата, средени се, но се враќаат да нè потсетат. Некакви чудни мемориски бранови кои ни ги покажуваат емотивните удари во едно скратено и послабо издание. Можеби покажуваат дека не е сè преработено и сварено, можеби потсетуваат на научена лекција, можеби се појавуваат за да не се повторат, можеби потсетуваат дека тоа веќе не сме ние, или критикуваат како сме можеле да сме толку наивни или затворени или во илузии.

Некогаш овие бранови нè заплиснуваат со силни остатоци од слики и емоции делови од разговри и реакции за да ни покажат дека нашиот живот и комуникацијата со луѓето се во постојана промена, но и дека има периоди кога не сме паметни, спремни, осетливи на стварите околу нас, ниту пак сме во можност да одвоиме што е што. И кога ќе дојдат тие бранови чувството е одвратно, несигурно, дури и се мразиме за нештото што сме го направиле или сме си го направиле. Но, потоа, ја гледаме сегашната состојба и сфаќаме колку таа случка влијаела на нас, колку сме се смениле, продирајќи во причините за таквата ситуација и обидувајќи се да ги отстраниме.

Вака некако си мислам секогаш кога ги читам старите белешки, дневнички записи, текстови. Некои дури не сакам да ги прочитам, заради емотивниот полнеж што го носат. Така е и со дел од текстовите на овој блог. На некои не се навраќам, само ќе го видам насловот и одам понатаму, некои си ги доработувам во други формати, некои сакам да ги преработам на самиот блог, но ги оставам. Веќе две години! Прелистувајќи ги сите текстови, наназад до 20 март 2013, сите фотографии, мисли и безбројните белешки од кои изникнале, се потсетувам на таквите бранови на сеќавања... Си велам, што би правела без нив.

Но, ова се преработени текстови, раскази, патеписи, видувања, комбинирани белешки од различни времиња, кои се поврзале во еден момент. Приказните и секвенците кои ни доаѓаат и ги имаме само во нашата глава не се секогаш подложени на разумна преработка. Па, пак, состојбата во која се наоѓаме по едно такво скокнување во меморијата е слична, откината од сегашниот момент. Ни треба потоа време да сфатиме каде сме, да го сместиме чувството во контекст. И за тоа, повторно, пишувањето се појавува како најсоодветно средство.

Wednesday, January 21, 2015

Поезијата како инспирација, поезијата како баналност

Поезијата не е патетика, таа е сериозна работа; поезијата не е јаболки на сцената кои не се користат – вака некако звучеше реакцијата на Митко Гогов кога се качи на сцената во кино Фросина за својот настап на Песнило 

ПЕСНИЛО - концепт на неконвенционално поетско читање во вид на перформанс и поголема интеракција со публиката, кој го имаше првото издание 2010 година, обично за време на Роденденот на МКЦ

Ја споделувам оваа реакција за најголем дел од настапите.

Обично ми е непријатно на поетски читања, се чувствуам како на школска приредба: сцена и микрофон, поетот стои со листови испечатена песна, застанува пред публиката и со растреперени раце чита од поезијата создадена во сосема поинакви услови и состојба на ум, понекакогаш си велам, како да чита туѓа поезија, како да ја чита првпат. Понекогаш, ретко, поетите знаат да создадат вистински перформанси, да ја извлечат песната во сосема поинаква димензија и да ја интерпретираат во поинаков медиум. Нешто што е во самата идеја на овој поетски настан и што за мене беше најинтересното.

На последното издание на Песнило овие успешни и инспиративни перформанси беа ретки, беа во трагови. Напротив, она со што си заминав, по саат и половина настапи на дваесетина наши поети и прозаисти од различни генерации, беше вистинска вознемиреност не во позитивна смисла.

За мене поезијата, како и секој друг уметнички текст, е нешто што не е директен израз на авторот во смисла израз на неговите лични и секојдневни секирации. Постои нешто што ја одвојува личноста на авторот од нараторот/ликовите или поетскиот субјект, а тоа ги прави овие текстови уметнички издигнати на едно друго ниво од чистото изразување на чувствата на авторот, кои тој може да ги изрази и на друг начин: на пријатели, во есеи, на статус на Фејсбук. Она што беше најзабележително беа токму тие лични фрустрации и изрази на авторите, кои темите на песните ги доведуваа до брутална баналност.

Секојдневието, на пример, како една од најчестите теми на поезијата и прозата застапена на ова Песнило, беше третирано како разговор во кафеана, по испиени неколку чашки лошо вино. Секојдневието е тема која за мене е една од најпровокативните, токму заради ризикот лесно да се премине во баналност, постојано си во тензија со неа, затоа што, пак, ако претераш во спротивната насока, многу е можно да излезеш патетичен и претенциозен.

Баналноста и зголемена доза на патос се чувствуваше и во другата значајна спонтано одвоена тематска целина на ова Песнило, а тоа беа поезиите натопени со длбоки внатрешни превирања и немири посветени на тажни љубови, стравови од смртта и рефлексии за Бог. Два настапи се издвојуваат. Владимир Котески со својот перформанс со јаболки и кофа, кој за мене беше, исфорсиран и непотребно патетичен настап на темата соголување, живот и поезија (веројатно, затоа што се губев на моменти), а кулминацијата на перформансот беше со палење на листовите со поезија – затоа беше кофата на сцена, а не знаеме што беа јаболката кои останаа на столчето, а некои се истркалаа при настапот. Настапот на Мартин Богатиноски, беше вториот забележителен настап, а целиот може да се погледне ТУКА.

Не сакам да бидам разбрана погрешно, јас со душа чекам секаков вид на поинакво, мултимедијално и неконвенционално занимавање со пишан текст, мислам дека треба да се истражуваат границите на медиумите и да се внесува свежина од сите страни. Токму и заради тоа го пишувам овој текст, да не бевме на иста страна немаше воопшто да ме интересира. Но, кога се соочувам со банализирање на изразот и некреативни и речиси вознемирувачки интерпретации, секако морам да ја приложам и мојата реакција. И секако, не можам а да не го отворам прашањето за селекцијата на пријавените дела и настапи и нејзнината особена важност.

„Најчесто просторот на дејствување е помал од распонот на нашите крилја“ 
- Митко Гогов, стих од изведената песна. 
Се прашувам дали просторот кој се отвора е помал од распонот на крилјата на авторите кои треба да го запоседнат или пак крилјата не се доволно широки и силни.

Friday, March 28, 2014

Прва белешка за театарот

Вчера беше светскиот ден на театарот. Речиси и да го заборавив. Од денешен агол, ме потсетува на средно, на времето кога го засакав театарот и одев толку често и редовно, како кога се оди на аеробик. Тогаш, во моите дневници и тетратки, ги препишував пораките за театарот, македонската и светската, ги сечев, од весниците, статиите посветени на овој ден, читав критики и интервјуа и одев одев во театар. Не разбирав многу од тоа што го гледав, во смисла, не успевав да го изразам тоа на некаков начин, да запишам или да кажам нешто за тоа. Ги примав претставите и тие остануваа како лекции кои подоцна ги разбирам и совладувам до крај.
„Порив и страст е тоа, смисла и разум да не бараме!“ – Сашо Насев, 2002, Македонска порака за светскиот ден на театарот
Кога ќе ги прочитам кратките пишуванки во тетратрките и дневниците, по претставите што сум ги гледала од тие години, сфаќам дека и денес го памтам чувството од претставата, памтам многу слики и отсечоци, но тоа не е ни малку слично со текстот што го читам.

... монологот на Цвета во „Балканот не е мртов“ („Една ноќ се разбудив пред зори. Сонував еден цвет. Беше тоа убав сон. Мирен...“); целата „Диво месо“, која, да ја даваа уште, ќе ја гледав до ден денес барем еднаш месечно; топлата мекост на сцената на Драмски кога се играше „Дон Жуан“; јасноста и директноста на „Поблиску“; магичноста, гестот, говорот, трансформацијата на просторот, моментот кога ќе излезеш од театарот... 

Сето тоа се собира во глава и по некое време се средува како знаење. Сум го мислела, премислувала, но никогаш вистински не сум го запишала.


Така, убедена сум, дека за мене, освен естетско, театарот имаше и етичкото значење. Кога сум во гледалиштето сум дел од комуникацијата: седам немирно, гестикулирам, се мрштам, воздивнувам, кога ќе излезам надвор излегувам во другиот свет. Во тие неколку часа, глумците ни создаваат, тука, пред нас, на дофат на рака, нов свет, друг свет. Богатство од едно разновидно, фантастично друго, не-тука, не-реално... А, сепак, толку стварно и сугестивно!

Во театар директно се сретнуваме со две работи: уметничкиот, како-да свет, кој се создава пред нас, во реално време и дофатливото знаење, кое со себе лесно можеме да го понесеме дека отвореноста кон другите светови и другостите ни е и природна и потребна.

Денеска е веќе друга приказна. Детето пораснало ли или пак е нешто друго? Веројатно, како и со сите работи кои силно ги сакаме, се движиме на линија од љубов кон омраза, нема средина, нема рамнодушност! Па така, единствено се радувам на ретките добри претстави и на гостувањата, претежно на МОТ, но и на ентузијазмот на студентите од Факултетот за драмски и на претставите од нивната Академска сцена, а другото е тажно. Тажно е, затоа што, со многу ретки исклучоци, кога гледаме претстава, повеќе не сме соочени со отвореноста и разновидноста на светови, туку со тесноста на нашата реалност, која нè следи, и се создава пред нас, дури и на сцената.

Monday, February 17, 2014

Состав на слободна тема: страв

Сè уште бев во првите години на основното школо. Баба ми ми донесе урамен принт од икона на Богородица со Исус. Можеби, затоа што се викам Марија.

Во истите тие години, на екскурзија, најчесто, одевме во Лешок. Речиси и да не нè однесоа на некое друго место. Во црквата, покрај иконите, календарчињата и свеќите, се продаваа и картички со испринтана молитва за учење. Ни ги продаваа за десет денари.

Во исто време, веројатно, испровоцирана од овие инцидентни и, чинам, не толку наметливи случаи, се соочив за првпат толку јасно со религијата и начините на кои треба да се однесува еден верник. Не се сеќавам дали вистински се молев, ниту пак дали нешто кажував и дали тоа навистина беше молитва. Но, живо ја паметам вечерта, нешто подоцна, но, сè уште, во основно, кога пред да си легнам почнав да плачам. Незапирливо и ирационално, без да знам зошто, едноставно плачев. Од страв. Од непознат страв, ни тогаш јасен. Сум го запамтила само плачењето и стравот.

Гледано рационално и од неколкугодишна дистанца, веќе во средно, сфатив дека тоа бил почетокот на ослободувањето од нешто што не било конкретно наметнато, но, традиционално, се сметало за нормално: почеток на ослободување од стравот и од самата потреба за религија.

Иконата стоеше уште некое време, додека да решам да ја тргнам, да покажам и на другите што мислам. Сето тоа беше прифатено целосно нормално.

На ова се сетив, кога сега ја прекинав „Портрет на уметникот во младоста“ од Џојс, токму во оној момент кога дојдов до поглавјето за моралната вина и преиспитувањето на уметникот во младоста. Да бев десет години помала, тој дел ќе ми беше особено интересен. Тогаш ме возбудуваше себепронаоѓањето и изразот на индивидуалноста; бунтот против моралните вредности наметнати, особено, од црквата. Некако го пораснав тоа, иако бунт ме возбудува и сега, но интересите се други. Впрочем, и да се биде индивидуален во таа смисла кај нас денеска и не е така револуционерно; други наметнати морални, квази-морални и, општо, вредности се на дневен ред.

Сфаќам, со ослободувањето од тој страв, како да создадов начин на ослободување, или барем детектирање, на каков и да е друг страв кој се користи за да се наметнат морални, идентитетски, идеолошки вредности или паники. Ослободувачки е!

Monday, August 5, 2013

Градот не е град!



Одамна немам седнато да напишам текст во афект, буквално се тресам од потребата да го направам ова. Еве на пример овој, дел го пишувам накрај, откако главното помина. Сега можам на мирно да седнам и да го склопам текстот инспириран од статијата на Влада Урошевиќ „Денови без град“, пишувана во годините по скопскиот земјотрес, а објавена пред три дена на порталот Окно.

Градот веќе не е град, ми ѕвони во глава како сума сумарум на сето она што сум го собирала во врска со актуелните и не толку актуелни случувања во градот Скопје. Еве што пишува Урошевиќ:

„Разбудени среде урнатини, сè уште не сфаќавме дека она што до тоа утро беше град, сега веќе е, отстрана гледано, неупотреблив, несмасен украс фрлен врз јулската земја. До нас сè уште не беше стасана помислата дека повеќе не можеме да се сметаме за жители на еден град кој дотогаш беше наш: тој ја беше изгубил својата основна намена - способноста да ни даде покрив над главите, и сите ние бевме само збир луѓе што сè уште ги поврзува за едно место нешто помеѓу должност и сентименталност.
Уште не беше наполно јасно дека градот веќе не е град...“

Јас вака се чувствувам за мојот град. Како град кој не е град. Така го гледам неговиот идентитет и мислам дека прво што треба да направам е да го прифатам тоа. Мислам дека треба сите да го прифатиме тоа. Дека градот не е град. Да прекинеме да живееме во носталгија и сентименталност. Да сфатиме дека живееме во еден град кој не беше/не е тоа. Сурово е. Да! 
Ова нема никаква врска со т.н. проект/визија/симулација Скопје 2014, ниту пак со сечењето на сите дрвја во градот и нивна замена со цветни грмушки во форма на куче или други животни, нема врска со ниту една глупост што се случува во последниве години... туку е обратно, тие глупости се случуваат заради тоа што Скопје е градот кој не беше/е тоа. Да не беше така, немаше ништо од сето ова да се случи. Го дозволивме тоа! И сега треба да прифатиме дека Скопје не е град и да тргнеме од таму. Со колку и иронија, цинизам, пркос, дрскост, полемичност, отвореност и да треба.

Затоа што кога ќе помислам дека само пред пет години кога едно лето поминав во Италија, во моментите при крајот на август, кога веќе сакав да се вратам дома, во носот постојано ми се вртеше мирисот на липа. Тоа за мене беше Скопје. Дома, таму каде што ми мириса на липа. Таму каде што уживам во зајдисонцето на Партизанска, каде што обожавам да одам пешки дури и кога е премногу ладно или премногу топло. Нешто слично и за Урошевиќ било знак дека градот одново стануваше град:

„Градот бавно и незабележливо одново стануваше град. Мигот кога тоа конечно се случи не може прецизно да се одбележи. Впрочем, тој миг е за секого поинаков и друг. За мене тој миг се случи во една вечер во која сè уште се чувствуваше последниот топол здив на тоа толку упорно продолжувано лето. Одејќи помеѓу куќите (што денес веќе ги нема) кои стоеја меѓу хотелот Скопје и Работничкиот дом, покрај еден нејасно осветлен двор, застанав. До мене дојде, по толку денови во кои правта на малтерот го убиваше кај сите нас чувството за мирис, пробивајќи се низ острата бела прав која сè уште го исполнуваше млакиот воздух, мирисот на печени пиперки: топлиот, интимен, летен мирис на скопските вечери. По ѓаволите, помислив патетично, чувствувајќи се одеднаш во затемнетиот, разурнат град пак како дома, овој град почнува одново да прилега на себеси“.

Сега кога ќе помислам на оваа моја асоцијација станувам бескрајно автоцинична, се мавам себеси по тој глуп нос и таа глупа глава и се тресам од нервоза зошто тоа се случува, но морам да прифатам, дека градот не е град. Дека деновите без град траат, веројатно циклично се повторуваат, но исто така можно е и да се тука постојано, а ние да се залажуваме дека тоа не е така. Но, градот не е град. Треба тоа да се повторува како мантра, додека не стане јасно и од тука да се тргне.