Showing posts with label Скопје. Show all posts
Showing posts with label Скопје. Show all posts

Thursday, March 16, 2017

Улица Козјак - Кисела вода

Има некои улици и места кои ги поминувам постојано, барем еднаш во текот на денот. Со години. Од кога памтам. Тие повторни поминувања создаваат еден вид огледална илузија на бесконечност: местото се повторува и повторува едно во друго, едно до друго, во далечина, во длабочина.

Некако со неповикана доза на носталгија гледам на овој остров во Кисела вода, кој останува да расте како неоткоренлива дива трева меѓу неколкуте нови пренаселени населби згради. Ова  маало од бараки на улицата Козјак е заградено од сите страни, речиси невидливо од надвор. Од две страни го оградуваат зградите на прометните улици Георги Димитров и Сава Ковачевиќ (така ќе ја викам, по старо), а од другите две пазарчето на Френк Харкорт Маниниг и пространиот двор на домот за слепи. Му пристапувам од уличето во кое се влегува преку тротоар – не е ни улица – пред пазарчето на улицата со најнеизговорливо име Френк Харкорт Манинг. Никогаш ја немам кажано, иако тоа е една симпатична улица која ги пресекува другиве две прометни улици. Можно е и на Манинг да ѝ е сменето името, но и без тоа таа никогаш не се памти по името. Никогаш името не било одредница. Кажуваме кај пазарчето, кај Тинексот, кај паркот, кај градинката...

Но, ова не се само неколку бараки на улицата која како камп уличка се движи во правоаглник меѓу нив, туку, со тие мои оминувања, набрзина, на препат низ нив, се повторуваат во ситни и многубројни обрасци. Важноста на овие бараки, за мене е чисто случајна, сплет на околности. Се наоѓаат на една стратешка позиција во моето маало, па за да го скратам патот по дијагонала низ уличката меѓу бараките, поминувам често оттаму. Го шетам кучето, одам на автобуска, некогаш на гости, јога, до продавница, до центар, порано на училиште. Аглите, оградите, празните плацеви обраснати со дива трева, грмушки, дрвја, дворови, обоени дрвени летви, зумбули и лалиња, натрупани гаражи од каде непрепознатлив отпад се раширил и зафаќа добар дел и од дворот, една стара кафено-бежова монтажна продавничка за која не сум сигурна дека некогаш работела, раскаллавени површини што служат за паркинг. Тука промените и грижливоста се неприметни, распаѓањето е главната карактерна црта. Таму каде што има волја на жителите нешто да променат, да доградат, подсредат, уредат, тоа и го прават, другото е оставено да скапува обраснато во трева, грмушки и дрвја, кои еднаш до двапати годишно се средуваат од општинските работници. Но овие неколку уличиња се свет за себе. Се поминува низ нив со чувство на романтизам што секогаш извира од ваквите места, но некаде отишло сѐ во неповрат. Некои од луѓето што живеат таму сигурно се надеваат дека еден ден ќе се договорат со инвеститор за да се изгради зграда на местото на нивната барака. Со задоволство ќе го дадат за градба во замена за стан, но има и такви кои ги доградиле бараките го средиле дворот ја обоиле оградата си купиле кутре. Има и такви во кои сум убедена дека никој не живее, туку ги користат можеби за остава на стар раскршен мебел, картонски кутии преполни со непотребни работи и сличен отпад, но често гледам дека светлото внатре навечер свети. Има жители коишто сакаат мачки, има такви што хранат кучиња, ги пуштаат да шетаат бездомно, па потоа ги снемува. На местото на, чинам беа, две бараки сега се издига една од најгрдите згради што сум ги видела, со една резеда-тиркизна боја и некакви баџи и двојни поткровја, никому потребни. Овие улички секогаш имаат проблем со поплави и мразови. Има цели периоди од годината кога не може да се помине таму.

Овој мал комплекс во распаѓање, сепак, ме предизвикува да пишувам, не за минливост и носталгија туку за другост, атмосфера и парчиња скриени од брзината, главните текови и потрагата по повеќе простор да ги ставиме нашите ствари. Може да се каже дека сме заглавени помеѓу две крајности: спороста на промената кога сме оставени на сопствена волја и средства и неприродната брзина со која се прават промените кога некој организирано и инвеститорски ќе ги направи. Првото личи на несмасно и негрижливо распаѓање, второто на нелогичен и непромислен прогрес. Отсекогаш ни недостигала организирана заедница, маало, улица, зграда. Линијата на помал отпор прави од населбите и маалата такви промени и длабоки пресеци, што веќе не само што не се препознатливи, туку се и невозможни за живот. Затоа во Скопје една до друга живеат, куќи во распаѓање со дворови натрупани ѓубре и комплекси згради со дворови натрупани коли. Одам пешки многу, овие остри разлики и тегнења ми пречат во чекорот и погледот. Затоа влегувам во странични улици. Имав цела мрежа од странични улици преку кои доаѓав до центар или до друго место. Сега на тие мрежи ми се испречуваат ѕидови, градби и коли. 

Баракиве и призорите што се копираат во недоглед со секое поминување, ги ископирале едно врз друго и направиле длабока трага на листот од слики, отсечоци: агол со улична светилка, гипсана декорирана тркалезна маса, ограда декорирана со керамиди... знаци на препознавање, отклучувачи на други подлабоки чувства, поврзани со друго нешто, нешто на што во тие поминувања сум мислела, мисли што минувале низ годините.



И продолжувам да одам низ уличките Козјак, од каде нагоре се гледаат врвовите на околните згради, заедно со повеќедецениските дрвја во дворовите на бараките, како граница од горе. И се плашам дека и ова мало островче ќе се распадне во некое ново маало од повеќекатници, исто како што се плашам дека можеби има змии и глувци во купон од стари талпи, парчиња од мебел, кутии и други непрепознатливи нешта во дворот на онаа барака. Но, продолжувам да поминувам низ овие улички, како во некаков несвесен ритуал, затоа што таму следам една веќе силно развиена природна нарација, која инспирира, како пребарување низ нечија стара библиотека, како моќен збор што се издвојува од море од непрепознатлив џагор или како игра со огледала.

Sunday, August 18, 2013

Marla




МКЦ, платото, преполно со луѓе и отприлика ист број на точаци. Гласна музика и разговор со до пред тоа непознат човек. Некаде од лево, од кај МАНУ, поминува постар човек, се загледува во гужвата пред себе, подзастанува, па продолжува. Гледам преку рамото на мојот нов познаник, чиј лик ми оди надвор од фокус – го избиструвам постариот човек малку подалеку од нас. Има долга сива блуза со долги ракави и темно сиви панталони, проседена коса и очила. Се движи подзгрбавено, со остри но спори чекори, подзастанувајќи и љубопитно гледајќи.

- Го познавам човекот – му велам на новиот познаник, за да се оправдам дека го изгубив вниманието во разговорот – не сум сигурна. Ако е тој, го знам како енергичен човек.
- Кој? Ова осаменово човече? – ме прашува тој. 

Не обрнав внимание на забелешката. „Човечето“ продолжи по патеката истапкана во тревникот помеѓу МАНУ и МКЦ. Веројатно се подзамисли дали да продолжи кон МКЦ и да види што се случува, но сепак се откажа од идејата. Продолжи да се движи во правец спротивен од местото на кое стоев, влегувјќи така во клишеизирана меланхолична слика: згрбавено човече полека се движи по истпкано патче. Станува сива дамка, па се изгубува полека и некако тажно.

29.05.2013

Monday, August 5, 2013

Градот не е град!



Одамна немам седнато да напишам текст во афект, буквално се тресам од потребата да го направам ова. Еве на пример овој, дел го пишувам накрај, откако главното помина. Сега можам на мирно да седнам и да го склопам текстот инспириран од статијата на Влада Урошевиќ „Денови без град“, пишувана во годините по скопскиот земјотрес, а објавена пред три дена на порталот Окно.

Градот веќе не е град, ми ѕвони во глава како сума сумарум на сето она што сум го собирала во врска со актуелните и не толку актуелни случувања во градот Скопје. Еве што пишува Урошевиќ:

„Разбудени среде урнатини, сè уште не сфаќавме дека она што до тоа утро беше град, сега веќе е, отстрана гледано, неупотреблив, несмасен украс фрлен врз јулската земја. До нас сè уште не беше стасана помислата дека повеќе не можеме да се сметаме за жители на еден град кој дотогаш беше наш: тој ја беше изгубил својата основна намена - способноста да ни даде покрив над главите, и сите ние бевме само збир луѓе што сè уште ги поврзува за едно место нешто помеѓу должност и сентименталност.
Уште не беше наполно јасно дека градот веќе не е град...“

Јас вака се чувствувам за мојот град. Како град кој не е град. Така го гледам неговиот идентитет и мислам дека прво што треба да направам е да го прифатам тоа. Мислам дека треба сите да го прифатиме тоа. Дека градот не е град. Да прекинеме да живееме во носталгија и сентименталност. Да сфатиме дека живееме во еден град кој не беше/не е тоа. Сурово е. Да! 
Ова нема никаква врска со т.н. проект/визија/симулација Скопје 2014, ниту пак со сечењето на сите дрвја во градот и нивна замена со цветни грмушки во форма на куче или други животни, нема врска со ниту една глупост што се случува во последниве години... туку е обратно, тие глупости се случуваат заради тоа што Скопје е градот кој не беше/е тоа. Да не беше така, немаше ништо од сето ова да се случи. Го дозволивме тоа! И сега треба да прифатиме дека Скопје не е град и да тргнеме од таму. Со колку и иронија, цинизам, пркос, дрскост, полемичност, отвореност и да треба.

Затоа што кога ќе помислам дека само пред пет години кога едно лето поминав во Италија, во моментите при крајот на август, кога веќе сакав да се вратам дома, во носот постојано ми се вртеше мирисот на липа. Тоа за мене беше Скопје. Дома, таму каде што ми мириса на липа. Таму каде што уживам во зајдисонцето на Партизанска, каде што обожавам да одам пешки дури и кога е премногу ладно или премногу топло. Нешто слично и за Урошевиќ било знак дека градот одново стануваше град:

„Градот бавно и незабележливо одново стануваше град. Мигот кога тоа конечно се случи не може прецизно да се одбележи. Впрочем, тој миг е за секого поинаков и друг. За мене тој миг се случи во една вечер во која сè уште се чувствуваше последниот топол здив на тоа толку упорно продолжувано лето. Одејќи помеѓу куќите (што денес веќе ги нема) кои стоеја меѓу хотелот Скопје и Работничкиот дом, покрај еден нејасно осветлен двор, застанав. До мене дојде, по толку денови во кои правта на малтерот го убиваше кај сите нас чувството за мирис, пробивајќи се низ острата бела прав која сè уште го исполнуваше млакиот воздух, мирисот на печени пиперки: топлиот, интимен, летен мирис на скопските вечери. По ѓаволите, помислив патетично, чувствувајќи се одеднаш во затемнетиот, разурнат град пак како дома, овој град почнува одново да прилега на себеси“.

Сега кога ќе помислам на оваа моја асоцијација станувам бескрајно автоцинична, се мавам себеси по тој глуп нос и таа глупа глава и се тресам од нервоза зошто тоа се случува, но морам да прифатам, дека градот не е град. Дека деновите без град траат, веројатно циклично се повторуваат, но исто така можно е и да се тука постојано, а ние да се залажуваме дека тоа не е така. Но, градот не е град. Треба тоа да се повторува како мантра, додека не стане јасно и од тука да се тргне.

Thursday, May 16, 2013

Ориентот дома


Во рамницата на реката По, во ѕидини недопрени и денес е утврден ренесансниот град Ферара. Чуден град. Во јулското попладне, за време на сиестата кога сите продавници се затворени, а луѓето прибрани на семеен ручек, може да заличи на мало мирно гратче во кое штотуку влегува Таличниот Том во потрага по браќата Далтон. Веднаш потоа, како што авенијата на Кавур те носи подлабоко кон центарот, се преобразува во град од приказните со замоци, палати и паркови речиси целосно зачувани од времето на ренесансните владетели на градот, семејството Есте. Нивна е заслугата што Ферара го добила првиот урбанистички план, кој ја вброил меѓу првите градови во Европа кои биле проширени и изградени според претходно утврден план, а денес и ја овозможува титулата светско културно наследство под заштита на УНЕСКО. Ферара е чуден италијански град и покрај тоа што ренесансата се поврзува со Италија како амамот со Турција. 

Ферара

Ферара, знае да подзаличи и на дома. На јужната страна од градската романескно-готско-ренесансно-барокна катедрала е залепена низа од дуќани: мали со ориентални елементи. Првото што го помислив кога ги здогледав, исто како дома, исто како во чаршија! Недостигаа само букетите од опинци и лимените садови. И така, не толку темпераментите Италијанци, не турканицата и ѓубрето по улиците – карактеристични за повеќето италијански градови, колку оваа линија од стотина метри ориентални дуќани шлапнати среде овој ренесансен, хармоничен, мирен град, ме потсетија на дома. Затоа и не ме зачуди целосно непотребниот податок дека Ферара е збратимен град, меѓу другите, и со Битола и Сараево. 

1658 км воздушна линија југоисточно од Ферара се наоѓа Мармарис. Еден од ретките азиски градови што сум ги посетила. Бев мала, беше врело лето, имаше море, пристаниште со јахти и базар: различни везени платна што се веат на тезгите, вреќи со јаткасти овошја и недогледни пластични канчиња со зачини. И ништо не ме потсеќаше на дома, сè ми беше ново исто како што веројатно тогаш нов ми бил и мојот град. Но она што ми остана од мојата прва средба со Ориентот беа фстаците. Ги купувавме на рефус од големите вреќи од пред дуќаните на базарот. Во пластични кеси за замрзнување. И на балконот од апартманот – ист како и сите други од светските приморски градови, учев да ги вадам зеленкастите плодови од цврстата корупка без да си ги изгребам прстите или да си скршам заб.

Чифте амам
Потоа ги наоѓав и во Скопје. И засекогаш влегоа во множеството нешта кои говорат ориентално, а мене ми се дома. Заедно со кафето, леблебијата помешана со суво грозје, сармата, дуќаните, сокаците, чаршијата...

Ориентот дома. Никогаш не го гледав Скопје ориентално, пред да стигнам до катедралата на Св. Ѓорѓи во Ферара. Никогаш не размислував дека со кафето кое го пијам секое утро, повторувам некој ориентален ритуал. Впрочем, секое утро од голема порцеланска чаша, пијам турско кафе направено во Србија, додека прелистувам македонски, балкански, европски весници на интернет. А мајка ми сармата ја прави со телешко мелено месо на кое му додава парчиња свинска сланина. Мојот домашен ориент е испреплетен со мириси, вкусови и предмети од други места и времиња. И убаво е што мирисот на кафето се меша со мирисот на липите во јуни, а амамите се полни со слики, скулптури, музика, книги од вчера денес утре. И времињата и навиките се претопуваат природно, нежно и спонтано – дури и денес! Навистина, дури и денес, само многу ретко и понекаде.




Wednesday, March 27, 2013

Низ Скопје пешки


Од мојата куќа во Кисела вода што гледа накај ридот Марково крувче – каде порано со цемент сред ниските грмушки беше испишано едно големо ТИТО,  што потоа стана ГИГО, а сега се останати само грмушките – од дома, значи, до центар пешки се стигнува за отприлика половина час. Кога сакам да ги избегнам главните улици одам низ едно мало уличе, во кое тук-таму помеѓу новите куќи се гледа и по некоја постара со мала градина со марула, кромид или патлиџани, како остатк од минатото, кога во Кислеа вода куќните градини не биле реткост. Уличево завршува во ќор-сокак, но ако свртиш десно, низ еден тесен преми се излегува точно пред зградата на средното економско училиште. Да се помине редицата мали продавници кои наизменично се менуваат со новите згради изградени на местото на старите куќи, зградата на поранешната сапунара и дојдовме до центар.

Одењето пешки е едно од моите омилени превозни средства. Со друштво, со кучето или сама со шише вода во ташна, се пробивам цик-цак помеѓу паркираните коли, ги прерипувам вировите, се борам со кесите и различно ѓубре што лета по тротоарите и некогаш знае да се замота за ногата, со задоволство ги поднесувам промените на мирисите, од пријатни во непријатни, во одвратни и изненадувачките дози на некој залутан мирис на цвеќе...


Од мојата дома, до зградата каде живееше баба ми има некаде педесеттина минути. Тоа го знам сега, порано ме носеа со кола или одев со автобус (шест постојки, спреми се за излегување кога ќе го пројдеш пазарот, се симнуваш на станицата на Градежен). Железничката зграда со двор во средина ми беше втор дом. Кога бевме мали со брат ми и децата од зградата беа мали, а дрвените лулашките беа живи и здрави. И дворот под голема светилка, која закачена на две жици лебдеше точно на средината, беше весел и разигран. Сега зградата ја стекнува својата слава како погодна сценографија за снимање филмови, децата пораснаа, а лулашките и добар дел од фасадата се минато.

До Драмски театар, пак, од дома стиганувам за отприлика еден час. Најмногу сакам да одам од Жена парк, покрај сендвичарите, па низ плоштад, по Максим Горки особено кога целата е розева од расцветаните јапонски цреши и оттука на Партизанска особено ако е јуни: сонцето заоѓа точно во средината на булеварот, а мирисот на липа мислиш ќе ти се пикне најдлабоко во тебе и таму ќе остане засекогаш. Одењето пешки до Драмски знае да биде поголемо задоволство и од претставата која сум тргнала да ја гледам. 



Некој би го отфрлил овој начин на движење како губење време. Би влегол во својата кола и, празнејќи го пепелникот на првиот семафор или фрлајќи непотребни хартии низ прозорот, би се упати кон саканото место (неколку минути возење). Не знам, отсекогаш сум мислела дека времето е во главата и не е објективна категорија.

До Куршумли ан, не би знаела да кажам колку време ми е потребно, редовно го утнувам патот, тоа е единственото место кое не може да се вдоми во мојата лична мапа заедно со тоа како се стигнува до него. Колку што имам чуено на многумина природни им се омразата на секоја основа и стравот да се премине Камени мост.  Тие никогаш ја немаат доживеано една од најубавите алхемии во Скопје: џез концерт во стариот турски ан, во врела летна вечер. Една од најприродните скопски спојки, нешто слично како концерт во парк (педесеттина минути од дома) преку ден, навечер или преку ноќ. Дури и не мора да има концерт, седење во парк од април до средина на октомври е логично како лето на море.


И на некое од тие шпартања, кога по којзнае кој пат си ја утнала уличката и се вртам во круг, но затоа откривам ново ќоше или некоја невидена комбинација – во тие „спори“ придвижувања помеѓу две точки, ми стануваат јасни суптилните премини, споеви, особини, промените на мирисите и боите. И освен што си ги средувам мислите, до најситни детали разглобувам некој проблем, истовремено сум и за и против некоја ситуација – со секоја нова моја пешачка патека, сфаќам дека тие најситни парченца од секојдневието на мојот град, доживеани во тоа, како што некој би рекол, безделничење, создаваат спомени - потребни се и важни!