Showing posts with label литература. Show all posts
Showing posts with label литература. Show all posts

Saturday, September 9, 2017

Книжарници. Приказни


Еднаш, сред новите преводи на Кундера, во предната соба на книжарницата Табернакул, напред на масата, најдов едно издание од 1969 на неговата „Шега“. Веднаш ја купив. Читајќи ја, помеѓу страниците, најдов испресувано ливче гинко. Тие и самите се испресувани, сплескани ливчиња, како ладало. Мора да било оставено од друга причина. Па, заборавено. Сакам да читам стари книги. Дури и да нема никакви потцртувања, ознаки, искинати страници, дамки, може да се почувствува претходно туѓо присуство. Малку подвиткани страници. Пожолтени. Брчки на кориците. Го извадив ливчето и го ставив некаде, за да не се оштети додека ја читам книгата. Никогаш повеќе не го видов. Но, се сетив, претходно, за време една средношколска екскурзија во ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет, првпат видов дрво гинко билоба. Земавме ливчиња од растенијата, ги стававме во тетратки и ги запишувавме нивните имиња до нив, правевме набрзински хербариум, за потоа дома да ги средиме детално. Го запамтив гинкото. Не знам каде ли отидоа потоа сите тие листови, но знам дека е многу можно, сѐ уште да ја чувам таа тетратка, со празни бели листови на кои се испишани, со брз нечиток ракопис, имиња на растенија.

Без доза на носталгија, признавам дека ми недостига Табернакул. Имаше книги кои не стигнав да си ги купам оттаму, или, барем, сакав само да проверувам дека ме чекаат. Имаше списанија, чии броеви чекав да ги стигнат календарските години, едиции на руски поети, македонски заборавени писатели, нови поетски, прозни книги. Обично прво одев во втората соба, кај македонските автори, не знам зошто. Табернакул ме потсетуваше на непрочитани книги на македонски. Потоа, малку се задржував кај постарите книги на Темплум. Списанијата понекогаш ги одбегнував, затоа што со поглед сфаќав дека не се сменети од претходниот пат кога сум била, потоа продолжував во предната просторија. Кај театарската, филмската, ликовната понуда, кај изданијата на Клио. И на крај ќе дојдев до книгите на Табернакул. Секогаш имав чувство дека книги извираат од полиците, дека треба да бидам толку многу внимателна, за да не испуштам некоја. И на крајот си одев со неколку книги, сосема интуитивно одбрани, си ги понесував во рака, затоа што не сум испланирала да земам поголема торба.

Да размислуваш за книжарниците во Скопје е како да се наоѓаш на тромеѓето меѓу идејата за тоа што е книжарница - носталгијата по неколку убави книжарници - фактичкот недостиг од вистински функционални волшебни книжарници. 

Во сите времиња и на сите места, книжарницата треба да привлекува, со понуда, носталгија, настан, амбиент, присуство. Сеедно. Потребно е да сакаме да сме таму, да сакаме да се задржиме таму. Секогаш да мислиме дека нешто пропуштаме, но да ја понесеме со себе сигурноста дека книгите ќе бидат таму и ќе нѐ чекаат следниот пат кога ќе поминеме.



Има една книжарница во Рим, во подземен пасаж, под сообраќајница, во стариот центар, на вкрстуваењето помеѓу виа дел Корсо и ларго Киџи, во близина на столбот на Марк Аврелиј и трговската галерија дела Колона. Поприлично прометно место, таму се слева една од главните попречни улици која тргнува од пјаца Барберини – виа дел Тритоне. Виа дел Корсо, пак, самата по себе е пренатрупана, трговска улица, која почнува од пјаца дел Пополо, а палацо Киџи е зградата на владата на Италија, со постојано полициско присуство, протести кои се одвиваат непосредно пред плоштадот. Оттука, пак, целиот стар град, почнува да се отплеткува кон реката со сиот свој туристички татнеж. Либрериа дел Чичероне е всушност по потекло од другата страна на Тибар, од под Ватикан. Создадена е во 1956 во виа Чичероне во областа Прати, резиденцијалниот дел под Ватикан. Потоа, во 1989 се преместила во пасажот под раскрсницата кај пјаца дела Колона, каде што е денеска. Имаше особена разлика кога првпат ја посетив во 2011 и потоа во 2015. Но, заедничкото е, што тој простор функционира и како пасаж. Па, додека луѓето разгледуваат книги, други едноставно претрчуваат за да преминат под прометната раскрсница. Прво ми изгледаше повеќе како премин отколку кножарница, пред две години, тоа беше сменето. Како да се нашминкале, потсредиле и дотерале. Имаше стари, ретки книги во стаклени витрини, мали џебни изданија за Рим по едно евро, многу мали тематски книжулиња за тајниот Рим, Рим на Караваџо и Бернини, старите кафеа на Рим, една прекрасна едиција. И слични други изненадувања. Излегуваш горе во градот и се враќаш во реалноста. Од спротива, во галеријата Колона, има голема книжарница Фелтринели, типична книжарница од трговски центар. Внатре, долу, во подрумот, полици со есеистика и филозофија, актуелност и политика, кои можеш со саати да ги разгледуваш. Може лесно да те стемни ако заглавиш во двете книжарници. Кога ќе излезеш од нив, можеш да бираш, дали да влезеш во Зара или да продолжиш преку виа дел Корсо, преку пјаца Колона, во уличката, па малку понатаму, до една слаткарница каде има волшебен сорбе од крушка и мандарина. 

Еднаш решив дека ќе го барам ливчето гинко во другите книги од мојата библиотека. Демек, сум го ставила во друга книга. Па почнав да ги протресувам како армоники. Нормално, набрзо, прекинав. Можеби ќе морам да се помирам со тоа дека го снемало засекогаш, можеби сум го измислила, а можеби и ќе се појави некогаш помеѓу две страници.

Не е потребна носталгија, ниту патос. Сакам инспиративни книжарници кои создаваат приказни, додека си внатре, додека се шеташ низ книгите, а кои продолжуваат во тебе да се развиваат и многу по тоа. Постојат книжарници кои пишуваат приказни, исто како и книгите кои се наоѓаат во нив, или пак, како градовите во кои живеат. Тоа се ненаметливи хетеротопии кои се покажуваат само откако ќе навлезеш во нив. Утопии – ако си дозволиш мал фантазерски каприц. 

Monday, November 24, 2014

Сам

Еден есенски ден излегов да се прошетам во паркот. Во мојот убав жолт парк. Прошетката траеше долго и во еден момент ми стана топло. Го извадив шалот го ставив на клупата на која седев и останав да гледам во езерото. Потоа се случи нешто. Видов некого. Не се сеќавам веќе кого видов. Во моментот тоа беше од неверојатна важност. Станав од клупата и забрзано тргнав по човекот. Може и не беше човек. Може беше некое куче. Како е можно да не се сеќавам на тоа?? Битно, тргнав и го заборавив шалот на клупата. Ми беше жал. Но што да се прави. Си реков, ќе се појави некогаш од некаде. Ништо загубено не останува засекогаш загубено.

И денеска ете, излегов да се прошетам на овој убав пролетен ден. Дојдов до клупата каде што пред неколку месеци го заборавив шалот. На местото каде што лежеше мојот шал сега седите Вие. Нели е тоа чудесно?

И беше чудесно, навистина! Но, ако некој во тој ист момент, додека се случува овој расказ, помине покрај таа клупа, ќе види маж во црн капут и до него сив шал, префлен преку потпирката на клупата. И сигурно ќе си продолжи по својот пат. Ако нешто, воопшто, помисли за оваа слика, некогаш некаде и во некаква прилика, тогаш тоа ќе биде само еден мал збор – сам.


5.12.2011

Tuesday, September 30, 2014

Сонце со заби

Цртеж на зградата на баба, веројатно, направен помеѓу 1992 и 1994 г.


Сончево но студено зимско утро во градинката „8-ми март“ во Кисела вода. Во пространата просторија, на ниски квадратни масички - стандарден дизајн со бела горна површина - се испоседнати триесеттина мали човечиња од по пет и шест години. До пред малку раштркани од едно до друго тематско катче: фризерница, кујна, амбуланта... сега се наредени на масичките во форма на развлечена буква П. 

- Некогаш кажуваме нешто, а мислиме на нешто друго – воспитувачката - бела коса, розеникав, но темен тен, коса во форма на триаголник до рамената - се обидува да ги воведе малите во светот на преносните значења – како на пример, сонце со заби...

Човечињата збунето гледаат во робусната фигура во светло розова униформа. 

- Дали сонцето има заби? Што кажуваме со тоа? Можете ли да наброите други примери? – упорна е воспитувачката.

Човечињата и понатаму ја гледаат збунето. Веројатно обесхрабрена или несигурна во својата педагошка техника, таа им вели да нацртаат што мислат на темата. Малите ги отвораат блокчињата бр. 2 и почнуваат да цртаат. Едно девојче црта сонце со заби, потоа облаци со заби, потоа, можеби, и кров со заби... забите се како запчаници. 

Цртежот заедно со блокчето завршува во подрум меѓу старите книги и тетратки од основно и средно. Едно топло попладне, враќајќи се од факултет, пораснатото девојче случајно се потсетува на оваа епизода, кога воспитувачката Бранка ги учи за метафората. Си ветува да го најде цртежот. Не успева. Можеби сето тоа го измислила. А можеби цртежот завршил изеден од некои други заби.





29.8.2010

Friday, July 25, 2014

Зборови



Од некој далечен прозорец се слуша Жак Брел. Музиката, поделена на безброј мали честици, полека се придвижува низ лепливиот неподвижен воздух на врелата летна ноќ. Се распрснува лебди се превртува: звуците на пијаното одат кон исток, гласот веројатно кон запад, тажното вибрирачко р си игра малку на средината, застанува и ги чека другите да го стигнат. Меко бавно мрзливо е движењето, како бавен танц на мраз. Така доспева и до нејзиниот стан, оваа музика со чуден призвук, полека поминува низ ширум отворениот прозорец. Помешана со мирисот на асфалт што испарува, сува трева и некој неодреден мирис на нешто старо, како оној од зградата на баба, помисли Лина. Не, не осети носталгија.

Погледот, за кратко оттргнат од книгата што ја читаше - како да сакаше да го види танцот музиката - повторно се врати на линиите зборови. Ѝ влеваа некоја чудна сигурност, тие црни низи. Како враќање дома или како отворање на прозорец со поглед на разбранувано море, сеедно. Удобно навалена во фотелјата, со чаша ладно пиво на масичката до неа, Лина, првпат по долго време, се почувствува на сигурно. Не, не осети мир.

...Moi je t'offrirai
Des perles de pluie
Venues de pays
Ou il ne pleut pas...

Го почувствува првото движење на воздухот од прозорецот: благо, речиси непостоечко, ветре влезе заедно со песната која уште траеше. И ѝ ги побрка редовите.

- Не си јасен! - му рече Лина.
- Кога не се случува нешто, тоа е исто јасно како и кога се случува - ѝ одговори тој. Спремно, некако, студено, дури. Сурово.
- Ова е првиот јасен муабет што го правиме
- Ова е првиот непотребен муабет што го правиме

„...женската фигура го остава тажниот инструмент на земјата и погледнува кон малечкиот облак кој поминува преку Месечината...“

- Некои нешта е битно да се кажат. Мора да се има, макар најмала, дефинираност на однсите - продолжи Лина со својот јасен, речиси деловен, израз.
- Нештата беа јасни и без да се дефинирани или кажани - продолжи тој со навидум истиот тон, ги бираше тешко зборовите и оставаше тишини.

 „...На сè сакаш да му погледнеш в лице, но некоја сила те тера да го вртиш погледот, да не можеш да видиш што навистина се случува“

Отсечоците од нивниот последен разговор се сплетоа со зборовите од книгата. Ѝ се исцрта неговиот лик, додека зборовите од разговорот по којзнае кој пат ѝ се превртуваа во глава. Зад студеноста која ѝ изгледаше така сурова, ја виде, скриена, неговата тага. Не, не осети болка... хм... не осети само болка.

...Je t'inventerai
Des mots insensés
Que tu comprendras...

Тука звуците остро се прекинаа. Воздухот стана бистар, црн и пропустлив. Пропаднаа во него сите делови на музиката и мирисите и сите зборови. Лина се осети... празна.  



(Пишуван летото 2011)

Wednesday, July 23, 2014

Тетратчето и раѓањето на зборовите

(извадоци од тетратките со белешки: преработени, преместени и без хронолошки ред)

Чади ноќта.
Зборот се двои од темнина.
Модар јаглен му гори во утробата.
О ти што постоиш зашто не постоиш,
небото го лулаш,
земјата ја вртиш.
    „Раѓање на зборот“ – Ацо Шопов

Зборот се раѓа тешко. Реченицата се реди и создава. Од нула. Како да се создава нов свет. Тежок е преводот на мислата и идејата во зборови. Не би требало да се залажуваме дека не е. И ова не важи само за уметничката литература. Тоа што денеска можеме лесно да ги запишеме и објавиме нашите мисли не значи и дека треба да ги оставиме така како што првично ќе се наредат.

На реченицата треба да се работи, да се препрочитува и менува! Ете, една таква реченица во еден веќе објавен мој текст. Таа се мачи, а јас сум измешала лица, па малку се губи во напливот со кој сум почнала да пишувам. Сфаќам, за среќа, дека тоа е само една реченица, другото во текстот е јасно, иако никогаш повторно така не би го напишала.

Некогаш пишувам махинално. Немам идеја која е незапирлива, која морам да ја оформам. Само знам дека морам да пишувам и да се надевам дека од негде ќе се појави.

***

Зошто си оди така!? Како да бега...

Не му го памтам ликот! Се исплашив утрово. Како вчера, воопшто, да не сум го погледнала в лице. Не се сеќавам ни на моето лице и израз. Како реагирав, дали се насмеав? Како сè да било во мојата глава, само осети и мисли, без да знам како ги кажувам или пак како изгледам. Како изгледа. Осетив лошење од овој страв.

Потоа, пак, (како потсетување ли?) ни надоаѓаат, како стари филмови, некои претходни слики на поранешни чувства, доживувања и болки. Многу е интересно како ги запаметуваме минатите движења и ситуации. За секого се различни. За некого се силни, за некого веќе заборавени.

***


Мирна и бистра река, личи на Рајна од онаа вечер во Базел, во Карго барот под мостот. Само е дење и е поплитка... или побистра. Многу светло сина, речиси проѕирна. Наеднаш, пред погледот, се оформуваат големи бели мазни камења. Растат и како да се приближуваат, веќе не се дел од реката. Како со погледот нагоре ја следам реката, стануваат уште поголеми, целосно се одвојуваат од неа и летнуваат еден по еден како чудни вселенски летала.

Wednesday, February 19, 2014

Пред Концерт

Вчера бев заглавена во расказот. Го имав присуството на двата лика, ја знаев нивната различност и приказна, но ја немав приказната. Причината да се создаде расказ. Тие ќе си живееја долго оставени сами на себе. Без расказ. Имав и две силни слики. Едната беше од Ернесто Сабато и неговиот роман „Тунел“ и се состоеше во темата/мотивот/прашањето: Колку навистина ја познава, колку некого навистина можеме да запознаеме? Или само се движиме во посебни тунели со мали процепи од каде што може само да ѕирнеме во соседниот тунел? Тоа ми наложуваше да го ширам расказот, а јас не сакав. Наложуваше и да се измисли дополнителна приказна која ќе го илустрира и разреши тоа прашање.

Втората слика беше една силна сензација што ја имав пред неколку години на концерт на „Летечки пекинезери“ во кино Фросина. За време на една тивка и нежна песна добив силно чувство дека врне снег. Беше зима и ладно, но беше суво. Кога излегов од концертот надвор врнеше снег. Сè уште многу живо го паметам моментот кога погледнав низ стаклото во фоајето кое гледаше кон скулптурата на малиот принц. Неговата планета и неговата круна беа побелени. Не ми се веруваше. Паѓаа лесни линии мали топчиња снег како од никаде.

И сето ова ми се мешаше во глава додека се враќавме од работилницата. Се сретнавме со една познаничка која нè викна на затворање на Неделата на дизајн во Куршумли ан. Свиреле „Летечки пекинезери“. Тогаш не помислив ништо. Си одев дома пешки, ги вртев сите опции измислував, ништо не ме возбудуваше. На крајот од никаде – мора да биде приказната за „Летечки“. И во глава ми се создаде расказ.

7.10.2013


ОВДЕ е расказот „Концерт“, објавен во „Нова Македонија“, 19.2.2014, а направен во рамки на работилницата „Напиши расказ“.


Monday, February 3, 2014

Првите книжевни списанија и кафеаните

Промените кои ги внесува појавата на печатницата во општествата се коренити и многубројни. Најзначајната промена е во преминот од пишување на рака кон печатарски букви, што овозможува пишаниот јазик да се стандардизира и обликува. Ова, подоцна, ќе се покаже како пресудно за дефинирање на националниот јазик. Книгата станува лесно пренослива и лесно се умножува, достапна е до пошироката публика и излегуваат надвор од црковните и академските кругови. Книгите се шират во градските средини, кои се во експанзија, а подвижноста и можноста за размена која ја нудат книгите, се во склад со овие градски средини. Пристапот до културата станува индивидуален, а националните граници се преминуваат со тоа што луѓето се препознаваат по заедничка наклонетост, без разлика на местото на живеење. Преминот од усното кон писменото изразување го има печатот како една значајна пресвртница и влез во модерното време. 

„После вековите на христијанско четиво, наеднаш страницата се претвора, од текст за побожно мрморење, во оптички организиран текст кој го употребуваат мислителите логичари (...) Книгата станува куќен предмет, може да се земе и повторно да се прочита кога и да се посака. Ерата на книгите обезбедува еден приватен простор и признание на правото на минути на тишина, а овозможува и постоење на здруженија како што се весниците, академиите, салоните (...). Читателот сега ги листа страниците. Неговите очи ја одразуваат дводимензионалната страница. Набрзо и свесно ќе го насочи својот разум кон ракописот. Читањето ќе стане индивидуална активност, однос помеѓу сопственото јас и една страница“ - Ivan Ilich
Но, писменоста меѓу широките маси е сè уште ниска, нејзиното згоменување доаѓа дури со модернизацијата кон средината на 19-тиот век, кога се воведува и задолжително образование во одредени земји. Книгите сè уште, пред овој период, се достапни на елитните слоеви од градското население, но бројот се зголемува, а огласите за нови книги во весниците стануваат сè побројни, интересот е присутен, па, логично, се создаваат и специјални изданија посветени на книжевноста, полни со текстови поврзани со новите книги, есеи и студии не само од литературата, туку и од природните и општествените науки. Идејата на првите книжевни списанија е тие да бидат инструменти за водење на интелектуалниот живот во средините во кои се појавуваат и да даваат свој придонес во книжевната република – сфатена како наднационална и слободна сфера, која се издигнува над границите на апсолутистичките монархии и државите во Европа и ги поврзува интелектуалците.

Оваа идеја за книжевната република, ја промвира првиот книжевен весник „Журнал де Савант“ (Journal des Savants), кој го означува почетокот на еден нов вид на периодика, целосно посветена на науката и уметностите, а претставува и првиот модел на книжевен весник, кој ќе биде широко распространет и преземен и од други земји во Европа.

Вториот модел доаѓа од Британија е книжевното списание „Спектатор“, кое е дел од новиот процес во англискиот печат од почетокот на 18-тиот век, тн. „ново новинарство“, кое се поврзува со авторите како што се Даниел Дефо, Џонатан Свифт и Џозеф Адисон: тоа е пристап кој не е особено близок до актуелната информација и повеќе е инспириран од жанрот на книжевниот есеј со морални и педагошки цели.  Секој број на списанието е тематски и е обмислен како замислен разговор за случувањата во уметничкиот, книжевниот, политичкиот живот, кој се одигрува во еден имагинарен клуб. Со ова, во печатот, се пресликува веќе постоечката практика на европските интелектуалци, собирајќи се во кафеаните и клубовите да учествуваат во размената на мислења и идеи, формирајќи така јавни сфери од кои се шири јавното мислење.

Spectator
Флит стрит (Fleet street) во Лондон, од самото појавување на печатницата е центар на печатот и новинарството и метоним за британскиот национален печат. Од 1500-тите до осумдесеттите години на 20-тиот век таму се наоѓаат главните весници. Пред појавата на печатницата, а и по тоа, Флит стрит е адвокатска улица, па печатот, се појавува на тоа место и во функција на секојдневните адвокатски обврски и ги опслужува многубројните канцеларии. Освен тоа, улицата е позната и по кафеаните и клубовите со кои е богата улицата, како и по познатите личности кои живееле таму или ги обиколувале кафеаните. Од средината на 19-тиот век, потекнуваат и приказните за берберот од Флит стрит, Свини Тод.

Затоа не е чудно тоа што во европските книжевни списанија клубот, разговорот и живата дебата се составни делови и како имиња на рубрики („Ривју“ на Дефо), но и како име на самото списание (на пример, во Лајпциг, се печати списанието „Чудесна кафеана во Венеција“, а еден од најпознатите и најбитните весници за италијанското просветителство се печати во Милано под името „Ил Кафе“).

Со ширењето на печатот во секојдневниот живот на граѓаните, во 18-тиот век се формираат институциите на јавната сфера, кои стојат помеѓу полето на приватното (полето на размената на стоки и труд, како и интимната сфера) и сферата на јавните власти (државата и судот), а се појавуваат во форма на кафеани, салони, библиотеки и театри, односно културни институции кои го карактеризираат градскиот живот каде што луѓето се собираат како приватни индивидуи да ги дискутираат прашањата од заеднички интерес. Весниците и списанијата во овие збиралишта имаат значајно место, тие ги поврзуваат луѓето, ги претставуваат нивните заеднички интереси, проблеми, прашања за кои имаат потреба од дискуисија и полемика. Во оваа светлина, можеме да ги погледнеме сите списанијата, не само од областа на книжевноста и културата. Тие се вид на центри, збирни точки на приватни индивидуи кои читаат, дознаваат, разменуваат, дискутираат на теми и прашања од заеднички интерес.


Преземено и адаптирано од магистерскиот труд „Книжевните списанија во рамки на македонската независна културна сцена“ (декември, 2013).

Продолжува со поимот заедница во рамките на новите медиуми...

Tuesday, January 14, 2014

Луѓе што се лулаат на жици


Посака да излета од балконот, да се дофати за жиците и да се залула. Да лебди во воздухот. Да биде човек. Ги гледаше нозете како ги допираат крововите, па го прегазуваат ридот и за миг стигаат до врвот, нагло летнуваат кон небото, се сепнуваат и се враќаат. Го прави ова често. Досега никој не ја забележал. Од долу се гледаат само стари патики закачени за жиците со врвките.

„Имав другар кој носеше вакви патики“, си помисли тој, спуштајќи го погледот од жиците кон растуреното ѓубре крај тротоарот. Ни тој не ја виде.  Една вечер, кога беше уште во основно, го пратија по брашно. Беше смрзнувачка. Тој одеше кон колонијалчето, гледајќи во работ на тротоарот. Алек беше постар од него. Наеднаш, пред очи му излегоа две сиви патики. Се сепна. Пред него стоеше Алек, само по јакна, без шал и капа. Се замрзна од темето до петите. Го погледна во насмеанотo и итро лице. Траеше само миг и веднаш истрча кон колонијалчето. Се сврте по неколку метри, забележа како Алек се оддалечува, станува црна дамка. По една година, станаа најдобри другари, но никогаш не ја спомнаа оваа случка. Се прашуваше дали тој ја памти. Што се случи со Алек?

Наеднаш пак го крена погледот и се сврте. Виде девојка во пижами како се лула на жиците. Тој можеше да ги види нив, луѓето што се лулаат на жици.

Посакуваше и тој ден да се залула на жицата. Толку силно го сакаше тоа, што во еден момент навистина се чинеше како да лебди, ја осети и острата жица како ѝ ги пресекува дланките. Се лулаше. Дури забележа и еден дечко како ја гледа.

Веќе долго зјапаше во патиките закачени на жицата. Се сепна и инстинктивно го спушти погледот барајќи го дечкото. Навистина ли некој можеше да ја види!? Тој веќе си беше продолжил по патот.

Се врати во собата осамена како никогаш дотогаш.

Friday, January 3, 2014

Кружниот тек на промените

Печатницата на Гутенберг
Насловна на „Тајм“, јануари, 1983


„Mедиумите нè напаѓаат од сите страни“, вели Маршал Меклуан, со секоја промена на медиумот, се менува и начинот на кој мислиме и делуваме, начинот на кој го перципираме светот, се менуваат луѓето.

Историјата на средствата за информирање и комуникацијата е проткаена со пронајдоци, промена на општествени состојби, технолошки револуции, промена на начинот на живот и употреба на медиумите. Овие промени секогаш биле и се во меѓусебно дејство. Од врските меѓу нив можат да се извлечат неколку точки за разгледување на овие феномени, во перспектива на историјата на комуникација, промените и нивните влијанија. Првата е за кружното движење на промената: медиумот изникнува од една средина, која понатаму претрпува промени под влијание на новиот медиум и е спремна да го повтори процесот; а другата е за стравот при средбата со новиот пронајдок, страв дека востановениот и познат систем на вредности ќе биде уништен од нешто ново и материјално. Умберто Еко во своето познато предавање „Од Интернет до Гутенберг“ одлучно одговара на стравот:

"...in the history if culture it has never happened that something has simply killed something else. Something has profoundly changed something else."

Стравот е исто толку неизбежен дел од процесите во историјата на медиумите, колку што е и прифаќањето на новиот пронајдок. Имајќи го сето ова на ум, го разгледувам примерот на книгата во дигиталниот свет.

Книгата: печатена, во корици, купена во книжарница или на интернет, со себе носи јасни материјални карактеристики кои доаѓаат од самото тоа дека во рака читателот држи книга – предмет: специфичен мирис, дебелина на листови, мекост, добар или лош повез, лесно се превиткува или не, лесно се држи во рака итн. Потоа читателот ги забележува употребните карактеристики: книгата му дозволува удобно да седне, да се намести во фотелја и да ги врти страниците со своите прсти, да подвлекува, да го подвитка крајчето на страницата за ознака, да остава траги, да ја позајмува на други луѓе кои на неа повторно ќе остават траги, да ја спакува во куфер или чанта. Така комуникацијата се одвива со пластење на суптилни (или не толку суптилни – ако се замислат чкртаниците и скинатите страници) но видливи траги од луѓето кои ја држеле в рака таа книга. Тоа е реален предмет, кој читателот може да го нареди на полица, да го разместува низ собата, да го подари за роденден (со персонализирана посвета), да го разменува, препродава, изнајмува од библиотека.

Уште пред појавата на компјутерите во широка потрошувачка и пред целата експлозија на интернетот и револуцијата која ја носи, се појавува идејата и потребата помеѓу авторите да внесат новини во своите дела. Тоа се почетоците на хипертекстот. Се појавуваат различни програми за создавање експериментални текстови кои не се читаат линеарно, туку хипертекстуално, со следење на мрежа од хиперлинкови, кои од една страница текст го  носат читателот на некоја сосема друга, следејќи пат на асоцијации кој никогаш не е ист со претходното читање.

Со појавата на интернетот сето ова добива поинакви размери и се одвива поприродно и далеку полесно. Освен што книгата како предмет може да се купи преку интернет, таа може да се симне и да се чита во дигитално издание. Ова издание самото по себе е хипертекстуално со можност за пренасочување на други страници, барање на непознат збор, пребарување на поим, име, читање повеќе за авторот, критики за делото и, секако, можност читателот сам да напише нешто за делото и многу едноставно да го објави во тој виртуелен свет каде што живеат милијарди страници текст, слики, звуци кои ни се така лесно достапни, со еден клик.

Кога од виртуелниот свет читателот се враќа на печатената книга, со себе ги понесува знаењата, очекувањата и новосоздадените барања. На пример, на компјутерскиот екран се навикнува да чита пократки текстови (секако, постојат долги студии, но тие обично се направени да се испечатат). Тука доаѓам до фазата кога новиот медиум го менува претходното. Текстовите кои обично се ставаат на интернет се пократки, фрагментарни и проткаени со слики, видеа или музика. Затоа воопшто не е чудно што краткиот расказ е особено во подем во последниве години. Од друга страна, визуелноста на интернет страниците, големата количина на слики, графика и бои кои се дел од секојдневието на читателите/корисници на интернет, им создаваат потреба тоа да го најдат и во книгите, па тешките, долги, книшки описи почесто се заменуваат со кратки, брзи, речиси, филмски секвенци. И мултимедијалноста се наметнува како логична и природна појава.

Со лесната достапноста на алатките за објавување на интернет, без потреба од издавачи и печатење, речиси, бесплатно, секој има чувство дека може да биде писател и самиздатот влегува во нова ера. Оваа практика, „публиката“ да стане автор може да се трасира наназад, до отворањето на весниците за писма и текстови од читателите, но со интернетот доживува огромно проширување. Границата помеѓу писател и читател станува сè понејасна. Блоговите, платформите за закачување на текстови, социјалните мрежи... тоа се местата на кои секојдневно се објавуваат илјадници текстови кои учествуваат во глобалната размена, меѓусебно дејство и влијание, конечно, глобалната комуникација. Петнаесетминутната слава сега станува – едвај триминутна. Дискусијата, во оваа состојба на наплив на текстови, се концентрира на вредностите и реперите, дали треба да се стават во преден план или да се остави од тоа мноштво на текстови, некако несредено раштркани низ виртуелниот простор, да се издвојат оние кои моментно или потрајно ќе извршат влијание и ќе предизвикаат промени.

Значајна карактеристика на новото време на комуникацијата е тоа што со новите медиуми, социјалните медиуми (блог-платформите, Facenook, Twitter, Youtube...) се надоврзуваат на некои стари практики кои се појавиле пред ерата на Facebook. На пример, идејата на фензините од крајот на 20-тиот век, самиздат магазини на еден или група автори може да се пронајдат во блог платформите – секој има свое катче каде секојдневно може да го креира својот магазин; сечењето од весници и списанија, на вести, интервјуа или интересни текстови, овој концепт може да се најде во концептот на Facebook и во можноста која му се дава на читателот/корисникот да одбере што ќе прочита и што ќе задржи, што е дел од неговите интереси; Youtube е едно големо радио (а сè повеќе и ТВ програма) каде корисниците самите ја креираат содржината, нешто налик на компилациските касети со избрани песни од веќе постојните радио станици.

Освен ова, суштината која се извлекува од целата кратка, но експлозиван историја на интернетот и социјалните мрежи, е тоа што самите корисници се креатори на тоа што ќе го читаат, гледаат, слушаат на интернет. Нивните информации, интереси, сето тоа може да се подеси така што ќе одговара на нивните дневни ритуали, обврски и задоволства. Тоа е голема разлика од масовната култура на телевизиските и радио програмите, како и од печатот.

Со новите технолошки пронајдоци, „децата“ на компјутерот, како што се лаптопот – пренослив компјутер, ноутпад, паметните телефони, електронските читачи на книги, проблемот со преносливоста се чини се надминува. Пречките на непреносливоста на компјутерот се премостуваат: сега со овие мали и лесни уреди, кои имаат подобрени карактеристики на екранот за долго читање, може лесно да се менува местото на читање (внатре или надвор: на клупа, на плажа и сл.)

И повторно, навиките се менуваат, но книгите не исчезнуваат. Еве и сега, додека ја пишувам оваа теза, наоколу имам многу книги и списанија, но знам дека ништо не можам да направам ако немам интернет. Проблемите кои се појавуваат и полемиките кои се водат се сосема нормални, единствено што треба да се прифати е дека тие се случуваат на многу сличен начин со секоја промена на свеста, со секој пронајдок кој ја менува перцепцијата за светот и начинот на кој се добиваат и разменуваат информациите. Секоја претходна промена била тешко прифаќана, но по одреден период на адаптација таа се усвојува и се заборава тоа што било претходно.

„Не треба да велиме имам, туку сум опкружување. За среќа, тоа опфаќа повеќе медиасфери (јас сум и велосипед и авион и перо од гуска и телефон и CCN и CD-ROM), што го зголемува степенот на мојата, условно речено, слобода. Но, таа надворешност ја проникнува мојата внатрешност“ (Режис Дебре).


Преземено од првото поглавје на магистерскиот труд „Книжевните списанија во рамки на македонската независна културна сцена“ (декември, 2013).

Sunday, November 24, 2013

Ѕидот што го потпира небото


Ѕид. Висок и долг, до бескрај долг и сив, влажен и мувлосан. Не е кружен. Бескрајно е долг и бескрајно е прав. Никој никогаш не стигнал до неговиот крај. Никој не ни знае дали има крај. Или, можеби, некој стигнал до неговиот крај, само што тој не знае.

Нагоре завршува во небото. Лево завршува во небото. Десно – небо. Назад е само патот за назад. Тој е стуткан во подножјето на ѕидот. Главата – потпрена на колената. Рацете ги гушкаат свитканите нозе. Сè е мирно и статично. Само, одвреме-навреме, праменче од косата која слободно му паѓа на челото пролебдува во воздухот, на неколку мигови, за потоа да се врати на своето место. Нема ниту дрво, ниту тревка, ниту гранче. Нема ништо што би можело да покаже дека има ветар, дека има живот. Само тоа негово праменче.

Сè е мирно и статично во пејзажот. Но, во неговата глава – во неговата глава мислите навираат и се прекршуваат, извртуваат, протекнуваат, но никогаш не престануваат. Тој ги брка, сака да си отидат и да го остават засекогаш мирен како пејзажот. Но, не, тие се тука како противтежа, или едноставно како присутност.

Мисли. Спомени. Таа лежи во поле од шарени цветови. Тој седи покрај неа. Зошто ја памти во поле од цветови? Таа е алергична на полен! Неговите дланки поминуваат по нејзиното лице. Меко и мазно. Нејзиниот мирис сè уште е на него. Му мириса на лага. Убавиот свет се раскршува, се руши и распаѓа, исчезнува од пред неговите очи. Пред него останува грд свет. Грда жена. Страшната вистина како склопчен еж се тркала по неговото тело. Прави длабоки рани по неговата кожа. Од тука води само еден пат. Дом. Град. Пат. Рид. Шумски пат. Шума. Тесен пат среде ниски грмушки. Пат. Сува трева. Пат среде пустелија. Сува земја. Уште малку пат. И ете го доаѓа до ѕидот.

Мало движење ја разбранува статичноста на пејзажот. Лесно и бавно тој ја одлепува главата од колената. Ветерот се засилува, како да сака да го освежи и расони од зашеметеноста. Преку очите, сè уште затворени, му поминуваат перчињата коса. Кога би можел да лебди како што лебдат тие! Да го понесе ветерот со својата магична сила, тоа би било прекрасно! Така би го победил ѕидот. Кога само би можел да оди по ѕидот, по највисоката точка на ѕидот! Тоа беа неочекувани мисли. Не знаеше од каде доаѓаат. Можеби беа дел од сонот. Како би било да можеше да се чекори по работ на ѕидот?

Мисли. Сон. Си беше еднаш еден ѕид по кој можеше да се чекори. Си беше тогаш и еден човек чии чекори оставаа траги по правливиот раб на високиот ѕид. Од едната страна на ѕидот – пат. Пат сред пустелија. Патот за назад. Од другата страна – море. Вода и луѓе со скршени светови. Море од бои, надежи, нови почетоци. Неговиот поглед – насочен кон тоа шаренило. Стапалата полека се одлепуваат од ѕидот, се одбиваат од каменот. Неговото тело паѓа во воздухот кон морето. Рацете, главата, целото тело се слизнуваат во водата. Неговите стапала повеќе никогаш нема да го допрат каменот. Неговото тело засекогаш ќе лебди во радоста на новата вистина, во боите на морето.

Но, тој стои исправен пред ѕидот. Неподвижно исправен. Не мисли свои мисли. Тоа се нечии други. Едноставно, тоа е само сон. Ги отвора очите. Ѕид. Висок и долг, до бескрај долг и сив, влажен и мувлосан... Горе до небото висок. Гледа во сивилото на ѕидот пред себе. Прави напор да си ги најде сопствените мисли. Си беше еднаш еден ѕид по чиј раб не можеше да се чекори бидејќи го допираше небото. Ѕидот го потпираше небото. До небото допираат само птиците. Си беше тогаш и еден човек чии чекори оставаа трага по сувата земја во подножјето на ѕидот. Тој беше човек, а не птица. А луѓето не летаат – чекорат по земјата. И тој почна да чекори по должината на ѕидот, можеби има крај. Да, луѓето не летаат – се надеваат, но не дека ќе летаат. Едноставно, се надеваат. Тоа доаѓа така природно. Тој чекори, дури не ни знае дека патем се надева. Никогаш нема да проба нешто друго. Ќе го заборави прашањето: како би било да можеше да се чекори по работ на ѕидот. Ќе се надева – ѕидот има крај.



Преуредено и прочистено од оригиналниот текст напишан во септември 2005. Иако имаше делови кои не можев да ги поднесам, па ги избришав, иако останаа и некои можеби непотребни повторувања, но има нешто во овој текст што мислам вреди да се сподели.

Sunday, November 17, 2013

Маче

Посветено на Виски, познато и како Смоки,
мачето од Менада.

На ваква магла нешто чудесно мора да се случи. Мостот е сам на светот. Го притиска длабока магла од сите страни. Низ неа успева да се пробие само пат осветлен од светилките на долниот дел од мостовата ограда. Наизменично се менуваат жолтеникави и зеленикави светла, како осветлување на театарска сцена. И патот завршува во густа темна магла. Ноќе, мрзелива темница. На тој мост, со таква магла, нешто чудесно мора да се случи.

- Што ќе се случи? – ја прашува тој.

- Некој мора да претрча и да ја раздвижи оваа миризлива непомерливост... (човек облечен во црно, претрча покрај нив) а жената во црн капут, што полека се движи накај нас од другата страна на мостот не се ни помрдна. Продолжи да оди полека речиси незабележливо, како ништо да не се случило.

- А ние, што ќе направиме?

- Еве го мачето, тоа убавото, жолтото, што секогаш го среќаваме на местата каде што се среќаваме...

- Каде е?

Таа полека ја движи раката од неговото лево рамо, околу вратот и со дланката завршува до неговото десно уво и образ. Го гали – Еве го, ти се испентери на вратот.

Тој се гали како маче. Ги затвора очите во две коси линии милно како маче. Времето се шири, претопува и преклопува, воздушесто како магла.

- Оп... сега рипна на оградата – ја спушта таа раката.

Тргнаа по мачето, меѓу жолтите и зелени светилки... Нема да ги однесе на никакво чудесно место. Напротив, ќе ги остави и самото ќе се изгуби по своите мачкини патеки. Ама пак ќе се појави на местата каде што тие се среќаваат.

Ги обвиткува топла тишина, како магла.

21.02.2011

Thursday, October 17, 2013

Алигатор

Не беше сигурен колку долго е внатре, во малата лабораторија на дедо му. Дедо му му ја остави заедно со љубовта за фотографијата. Не смени речиси ништо. Освен новите течности ништо друго ново немаше таму.  И светилката беше истата, старата. Му беше вистинска енигма како успева толку долго да не прегори. Ги развиваше сликите од роденденот. Само што разви една во поголем формат. Ја мешкаше фотографијата во белиот сад со фиксирот и се обидуваше да ги открие фигурите на неа, беше прилично матна. Не му беше јасно што сликал. Ги прибра сите хартии што можеа да се оштетат и го запали светлото. Ја залепи сè уште мократа фотографија на вратата (тоа му беше начин на сушење, кога ќе паднат на земја значи се исушиле) и се замрзна. Фотографијата беше очигледно матна, сите лица беа матни. Но, над главата, на фигурата која веднаш ја препозна како Лина, имаше нешто, нешто прилично изострено. Не знаеше што е тоа. Наеднаш силен блесок се одби од фотографијата. Како страшни жолти очи гледаат право во него и почнуваат да се шират и му се приближуваат со огромна брзина. Во мигот кога мислеше дека ќе го опфатат цел и кога срцето ќе му излета од градите, во мигот кога мислеше дека не видел толку светлина никогаш во својот живот, таа... се згасна. Со отсечен, одлучен, бучен тресок. Андреј остана во мртва темница.
Го бараше прекинувачот со рацете. Обично веднаш го наоѓаше. Сега го немаше. Го најде, конечно. Но, нормално, немаше струја. Можеби настанал некој спој. Излезе да провери. Се удри во сè што го пречека на патот. Да немаше столче, кутија или некаква ногарка на неговиот пат, ќе се создадеше токму на тоа место каде што неговото тело реши да се постави, само за да го удри. Никаде во куќата немаше струја. Погледна низ прозор. Комшиите имаа. Отиде да ги провери осигурувачите. Сè беше во ред со нив. Немаше поим од електрика. Немаше никого дома. Немаше шанса сега да седи сам во темница. Се упати кон Лаика на пијачка. 
Дури кога излезе на улица, му текна дека е излезен со фармерките и блузата кои ги облекува за работа. Ишарани со бели дамки во различни форми. Продолжи да чекори без да помисли да се врати внатре.
It's a fear, it is near, the shape becomes ever clear.
Токму овој стих од Алигатор на Grizzly Bear, дојде до него кога се приближи доволно до Лаика. Идеално! Вистинскиот саундтрак за неговата вечер. Се приближи до масата на двајцата свои пријатели што ги забележа од далеку. И додека чекаше да му го донесат пивото, со насмевка ја дослуша песната.
It bares teeth, extra sharp, that'll cut you in the heart.
It attacks, really quick, try and fight it with a stick.
There’s no use, give it up, this is life and this is love
You are my alligator.
И потоа се преправаше дека не е ништо. Ќе се преправа уште некое време дека не му беше страв да се врати дома. Но сите ќе ги тера да останат со него уште малку подолго. Ќе сака да остане до изгрејсонце надвор или барем да не биде сам дома. Но ќе се прави дека ништо не е. Нема да си признае сè додека некаде околу 4 часот наутро, сите ќе сакаат да си одат дома а тој нема да ги пушта. И баш тогаш ќе се погоди сите да треба да станат рано и никој да не сака да дојде кај него. Последното познато лице што го виде таа доцна вечер, барем да беше многу рано наутро, беше Лина, како влегува во такси и едвај чека да си легне.
You are my alligator.
И тогаш остана замрзнат на тротоарот покрај фонтаната на почетокот на паркот. И морници му поминуваа низ целото тело и остана парализиран и смрзнуваше и срцето му лупаше и паранои му се вртеа во глава и сè по ред, како на човек што доживува напад на паника.
Но беше по 4 часот, во студена есенска вечер. Сонцето немаше да изгрее уште барем два саати. Реши да го рационализира стравот додека се движеше низ улиците накај дома. Имаше блага магла.  Ја отвори вратата од дворот. Се слушна само нејзиното чкрипење. Потоа шушкањето на листовите под неговите чекори. И... на крај го подигна погледот кон куќата... Светилката на влезот. Работеше. И внатре беше сè во ред. Ги провери сите соби на спратот, секаде имаше струја. Не се симна долу во лабораторијата. Седна на една фотелја, пушти некоја серија на телевизија и чекаше да се раздени. Се потсмири, но чувствуваше обврска, солидарност кон параноичниот Андреј од пред неколку часови: мораше да го чека изгрејсонцето и помисли на Лина.
- Хах, не си се пресоблекол од работа... – наместо поздрав му рече Лина кога дојде во Лаика, неколку минути по него.
- Па, ги разви ли конечно сликите од роденденот? – по некое време, Лина ја прекина тишината помеѓу нив двајцата.
- Почнав, но ми прегореа сијалиците – ѝ одговори Андреј, опуштено и сè уште со слој иронија на себе.
- Конечно, прегоре сијалицата на дедо ти! Па тоа е за славење – целосно развеселена и опуштена продолжи Лина.
- Па изгледа и сите други прегореа, ама утре ќе мислам на тоа.
- Не, стварно! Тоа е сијалицата која гореше... Колку? 30 години? – Лина мораше да ја слушне целата приказна за сијалицата... за дедо му на Андреј, овој пат немаше да го остави на мир додека не ѝ ја раскаже. Па реши да почне со сијалицата.
- Па дедо ми, уште додека беше жив се чудеше колку долго горат сијалиците во лабораторијата. Не се сеќавам баш оваа кога ја имаше сменето, ама починат е веќе четри години, а таа тек сега прегорува. Не знам ни дали знам да ја сменам – некако прилично лесно ѝ го прифати разговорот.
- А кажи ми за тоа кога првпат си се симнал во лабораторијата? – продолжи со љубопитноста Лина.
- Не знам, имав десетина години. Дедо ми развиваше портрет на некое девојче, нешто помало од мене. Дури и ми беше познато од маало. Ама не ми беше тогаш тоа интересно, интересното беше како под проѕирната течност полека на белата хартија почнуваат да се појавуваат сенки, па некои неодредени форми и фигури, за на крајот да се добие некоја слика која сè уште не можеш убаво да ја видиш, заради слабото светло, но веќе имаш претстава што е – зборуваше Андреј, помалку занесено.
- Андреј, а таа е сликата со девојчето што јаде цреши и наеднаш забележува на улица огромно куче како стои многу блиску до неа и ја гледа? – го знаеше, Лина, тоа девојче како голема девојка. Ја имаше видено фотографијата која Андреј ја сликал десетина години подоцна. И на таа јадеше цреши, можеби и на истата улица како на претходната.  Не знаеше зошто, но таа фотографија секогаш ѝ создаваше, нејасно чувство на љубомора.
- Да да, таа е... – зашеметено одговори Андреј.
You are my alligator.
- И после? – праша неодредено Лина, очекувајќи дека можеби Андреј ќе и каже уште нешто за дедо му и фотографијата.
- И после одиме во МЦМ, така? – се слушнаа нивните пријатели од спротивната страна на масата.
- Да, да одиме... – се сложија сите.
- Сакам некогаш да гледам како се појавува сликата... – го затвори разговорот Лина, додека полека тргаа кон новото место.
За првпат таа вечер, Андреј, се насмеа, неиронично.

Monday, September 30, 2013

Кругот на црешите

Лина премногу брзо, некако интуитивно, одлучи дека ќе ја прифати понудата за работа во Рим. Десет месеци во Рим. Ѝ се чинеше како идеална опција за дистанца од сè што ѝ се случуваше годината. Пред Нова година одлучи, после Божиќ веќе беше на авионот Скопје – Рим. Овој пат сама. Се почувствува како лик пред крајот на романот. Знаеше како ќе заврши. Чувствуваше дека тоа е единствениот пат. Затворање на кругот. Знаеше дека оваа одлука влијае и на неа и на Андреј и дека Рим не е случаен. Ѝ се вртеше во глава фотографијата што Андреј ја направил пред пет години од девојката со цреши. Заради црешите, си помисли. Во зима најнормално нешто на светот е да мислиш на цреши. Но која беше девојката со црешите? Реши да остави кругот да се затвори без да го сфати до крај. Сепак се чинеше дека тоа беше негов круг, не мораше таа сè веднаш да сфати.

Андреј лежеше гол во креветот. Вратата од балконот беше подотворена. Надвор беше замрзната магла. Слушаше возови. Чувствуваше како таа да заминува со воз. Полека бучно и тешко се одлепува од неговото тело. И заминува. Си замина од неговата соба така брзо, тој немаше време ни да стане. И остана да лежи така додека целосно не замрзна.

Треба да си ја замислите оваа состојба баш вака, со целата оваа смрзнатост и патос. И да си ја пуштите Cosmic Dancer на T. REX. Значи, таа гледа низ стаклото на колата што ја носи на аеродром, па низ стаклото на авионот, а тој лежи така замрзнато и гледа во таванот. И оди песната...

Никогаш не ѝ кажа дека му беше страв да ја фати во кадар. Само таа во правоаголник. Никогаш не успеа да ја фотографира. Го имаше нејзиниот портрет на своето тело. Мекоста на нејзината коса меѓу прстите, топлината на здивот на неговите гради, нејзината кожа и мирис насекаде по него. Апаратот му излгедаше како страшно чудовиште што ќе уништи сè само ако шкрапне со прстот. Му се врати во глава фотографијата на Даниела, девојката со црешите. Нешто што никогаш не го беше разрешил и го остави да заврши само од себе. Почна со кадар, заврши без да може вистински да почне. Па, мислата, дека никогаш не ја фатил Лина во кадар, наместо да му прави немир, конечно, го смири. Прерасна во некоја негова интимна метафора. Знаеше дека кругот нема повторно да се преврти. Нејзиното отсуство му стана поподносливо. Конечно стана од креветот, ја затвори вратата, се облече и се симна во подрумот, во својата фото-лабораторија.

Некој ја пречека на аеродромот во Рим. Македонка. Ја препозна. Девојката со црешите. Не чувствува ништо. Главата ѝ создава долги текстови. Сака да ги запише. Си вика, ајде вечер. Рим е тмурен. Не сакаше, но помисли на топлината од претходниот април кога беа таму со Андреј. Сега е ладен. Познат, а сепак целосно нов. Андреј не ѝ излегуваше од глава никако. Постојано го мислеше, за време на целиот пат. Ќе го мисли и понатаму. Само тивко. Сама за себе. Дури и од себе подалеку. Во некои чудни далечни фиоки кои самата ги создаде. Мораше да почне сама. Од Рим.

I was dancing when I was twelve…


Sunday, August 18, 2013

Marla




МКЦ, платото, преполно со луѓе и отприлика ист број на точаци. Гласна музика и разговор со до пред тоа непознат човек. Некаде од лево, од кај МАНУ, поминува постар човек, се загледува во гужвата пред себе, подзастанува, па продолжува. Гледам преку рамото на мојот нов познаник, чиј лик ми оди надвор од фокус – го избиструвам постариот човек малку подалеку од нас. Има долга сива блуза со долги ракави и темно сиви панталони, проседена коса и очила. Се движи подзгрбавено, со остри но спори чекори, подзастанувајќи и љубопитно гледајќи.

- Го познавам човекот – му велам на новиот познаник, за да се оправдам дека го изгубив вниманието во разговорот – не сум сигурна. Ако е тој, го знам како енергичен човек.
- Кој? Ова осаменово човече? – ме прашува тој. 

Не обрнав внимание на забелешката. „Човечето“ продолжи по патеката истапкана во тревникот помеѓу МАНУ и МКЦ. Веројатно се подзамисли дали да продолжи кон МКЦ и да види што се случува, но сепак се откажа од идејата. Продолжи да се движи во правец спротивен од местото на кое стоев, влегувјќи така во клишеизирана меланхолична слика: згрбавено човече полека се движи по истпкано патче. Станува сива дамка, па се изгубува полека и некако тажно.

29.05.2013

Monday, June 3, 2013

Како да го гледа за првпат

Се зачуди како да го гледаше првпат... Не: Ја зачуди тоа што ѝ се причини како да го гледа за првпат... Или: Ја зачуди импресијата. Како да го гледа за првпат…– Лина продолжи да ја превртува во умот првата реченица од вчерашниот расказ со која не беше задоволна. Се движеше по малите улици со силна сензација како да е лик од расказ. Реченицата уште се превртуваше во сите можни варијанти. Сензацијата беше многу интензивна. Не се обидуваше да најде поврзаност меѓу нив. Само одеше.

„Таа е една неубава, се знае со Клара...“ – дојде до неа отсечок од телефонски разговор на девојката во бел капут која само што помина покрај неа.
Како може некој да опише некого, што другиот веројатно не го знае, со придавката неубав!? Може ли да биде тоа објективен опис? Кога ќе ја прашаа дали некој е убав или не, секогаш мислеше на енергијата: убава или неубава енергија. Целосно ја презираше поделбата на изглед и ум или дух или што и да е. Луѓето се целини, неделиви. Можат да имаат убава или грда енергија, додуша и еден куп нијанси на енергија меѓу тие два спротивставени пола.
Чувствуваше како промените на нејзиното лице да ги опишува раскажувач. Проаѓајќи покрај фото-студиото/фризерница „Лик“ се насмеа на една случка со него, од пред неколку дена. Никој не помина во моментот за да ја погледне чудно. Кога луѓето одат намуртени по улица тоа е сосема нормално; целосно е чудно некој да се насмее, сам со себе. Но, ете, баш никој не помина, за да ѝ ја потврди уште еднаш теоријата.
Малку понатаму, минувајќи покај пилјарниците, лицето ѝ стана тмурно. Луѓето ѝ доаѓаа во пресрет, ја одминуваа, двајца покрај комбито за достава зборуваа за брокула, вработените во парфимеријата се мачеа да ги закачат новогодишните светилки на стаклото на излогот, ја расположија трите сијалици со различна форма закачени под натписот на една продавница... Сред таа бркотница од кратки и брзи импресии, Лина почувствува како ја стега десната нога. Ја префрли чантата на левата рака. Не помага. Но сензацијата е сè уште интензивна. Ќе го види вечер! Ќе го види вечер! Мора да го види. Тој мора да го дофати брошот со цветови на нејзиниот црно-сив шал. Сигурно ќе му биде интересен.
Ја зачуди импресијата: како да го гледаше за првпат. Како да не беше тој. Но, беше тој. Се зачуди дека заборавила колку ѝ е убав.
Откако ја одмина бившата сапунара. Таа косо поставена чудна градба што се распаѓа, сакаше да ја мисли како театар со неодоливо бифе. Си помисли дека сензацијата ќе заврши. Ќе ја заборави и нема да може да ја запише. Брзаше да ја запише и се обидуваше да се одржи во чувството. Ако дојде порано во кафèто ќе ја запише. Ако не го види ќе ја запише. Нема да го види! Ќе го запише расказот и сензацијата ќе исчезне. Нема да го види!
Неповрзани остри болки во мускулите. Сега не е само ногата. Дали е тоа симптом за пад од фикцијата?

8.12.2010

Thursday, May 23, 2013

Пруст за на плажа


Кога почнува да се стоплува и во делот од денот кога е најтопло немаш желба ништо да правиш, во тој период од годината секогаш го читам Пруст. Многу убаво оди и на плажа, под чадор со чаша ладно кафе забиена во песокот. Па, еве, да се потрудам да бидам во тек со клишеата и да излезам со предлог книга за ова лето - „Комбре“ од Пруст.

Комбре е првата книга од седумтомниот роман  „Во потрага по загубеното време“. Дело кое трага во сеќавањата. Дело напишано од и за сеќавањето. Пруст е долг, развлечен и спор, досаден, многу често. Долгите страници за тоа како главниот лик во детството го чекал доаѓањето на мајка си да го бакне пред спиење, долгите описи на прошетките во шумата околу Комбре, описот на мирисот на мадленот натопен во липов чај кој тетка Леони му го давала при секоја посета, летата поминати во Комбре – пишувањето на Пруст е развлечено и споро, досадно, многу често. Најчесто книгата ја оставаме по само една прочитана страница (и тоа прекинуваме да читаме некаде на средина на текстот, затоа што нема поглавја, само еден долг непрекинат текст!). Најчесто. Но, не и на плажа под чадор, со студено кафе покрај лежалката и мирисот на морето толку блиску. Оваа состојба на духот, погодна за читање на Пруст, може да се постигне и во други случаи, така што може примерот со плажата да се земе само како пример, погоден заради временските услови периодов. Можеби таа смиреност и потреба да не се поместиме од местото ја имаме во некоја друга ситуцаија: викендица на планина, долго неделно попладне поминато на балкон, тмурен зимски ден замотани во ќебе... Најбитно е да не постои желбата да бидеме на ниедно друго место, освен таму каде што сме. Тоа е убава состојба. Не само за читање на Пруст!


И кога ќе останеме така во таа состојба, сфаќаме дека целата содржина сите тие лавиринти во кои се губи ликот следејќи ги сеќавањата, не се најбитни. Не е важно дали ќе ги запамтиме сите ликови, сите раскажани приказни и истории, сите описи; битното е во тоа, што тие описи, таа нарација и тој тек на свест предизвикуваат кај нас: паралелно со главниот лик нè тераат да ги мислиме нашите сеќавања, да доаѓаме до нашите вистини и да трагаме по нашето детство, минато, заборавени средби, слики, мириси, познаници или блиски пријатели. Сите тие долги и напорни реченици, реков, досадни описи, лавиринти, нè губат и нас како читатели во сопствениот внатрешен свет. Се одвива еден паралелен, огледален процес: главниот лик и неговата потрага се отсликува во нашата сопствена. На крајот на книгата, сфаќаме дека авторот како да го направил тоа намерно со нас, не ни дал готови вистини за времето и сеќавањата, за детството, за битните работи и суштини во животот, туку нè однел во потрага, самите да ги најдеме во нас.

Пруст е еден од оние стожерни автори со кои можеме да се занимаваме од најразлични аспекти, да го разгледуваме во наратологијата, во контекстот на новиот роман и текот на свеста, да истражуваме колку е автобиографски... Но, и не мораме. Можеме да не прочитаме ниедна рецензија, ниедна студија, ниту текст за Пруст или за неговото дело и повторно да уживаме во него, да имаме што да кажеме и запамтиме и делото да постане битно за нашиот живот. Затоа што не е битно ако нешто не ни е јасно, не се така битни тие детали содржани во долгите реченици и бескрајните пасуси без поглавја, битно е што тие реченици будат кај нас. Пруст пишува за напливот на сеќавања што се будат преку мирисот на едно колаче мадлен потопено во липов чај. Тоа се случило секому. Дозволете му на мирисот да ве допре, пробајте од чајот, слушнете го шумот на морето и нурнете во сеќавањата...


Wednesday, April 17, 2013

Додека се чита една книга (2)

Откако ќе се прочита

Што останува? Ми се допаѓа кога по завршувањето на последната страница од една книга, се осеќам тажно и се нервирам дека во текот на читањето сум се влечкала, сум оставала неубаво прочитани делови, сум била невнимателна. Ако е добра книгата нема да фалат тие делови, но сепак се туфкам: што ако нешто преубаво сум испуштила!?

Имам прочитано многу од оние книги што ги цитираш потоа, чии слики те следат и ги пронаѓаш во одредени животни моменти. И секоја од тие книги, сега да земам да ја читам нема да ја доживеам исто како тогаш, нема да ги запамтам истите слики, нема да ја цитирам, можно е и да не ми се допадне. Сакам да кажам, за некои книги има точно одредено време, како и за филмови, разговори, дејства. „Мемоарите на Хадријан“ од Маргарит Јурсенар, сè си мислам, е една од тие книги.


Продолжетоци на историјата

Неодамна видов една авионска снимка на Рим, со Пантеонот (изграден во времето на Хадријан) во фокус. Зградите околу него се наредени така како таа голема округла зграда да ги истиснала за да си направи простор. Природно ја следат нејзината форма. Истото се случува со патот околу Колосеумот (завршен 40-тина години пред Пантеонот). Се извива на еден логичен начин околу ова огромно овално здание, дури не се ни изненадуваш кога ќе го здогледаш оддалеку, сосе туристите и тезгите на ширината пред него. Во Рим така се укуткани зданија и споменици од векови наназд. Изникнуваат помеѓу редовите медитерански борови со крошни како печурки. Рим – музејот на отворено со мирис на еспресо! Тоа беше мојот впечаток од овој град кога бев таму пред некоја година.

Ставот на Хадријан за продолжетоците на историјата ме потсети толку на овој мој впечаток од Рим од почетокот на 21-от век. Тој практично кажува дека сè што е направено пред нас треба да го земеме, да го премериме, да го вклопиме, заедно со нашето, новото, кое потоа ќе биде на ист начин превреднувано од идните генерации. Така историјата се продолжува, во редица од подадени раце, преку кои сите сме поврзани. Е сега, ова слика на подадените раце може да биде сфатена и малку патетично или излитено, но, сепак, замислете си ја таа редица на луѓе кои пред нас шетале по улиците, подигале споменици, граделе куќи, палати, сликале и пишувале...

„Дури и таму каде што внесував новини, сакав да се чувствувам пред се како продолжувач. Преку Трајан и Нерва, кои официјално ми станаа татко и дедо, бев поврзан дури и со оние дванаесет цезари што Светониј толку пакосно ги нападна: луцидноста на Тибериј, без неговата немилосрдност, наукот на Клавдиј, без неговата слабост, вкусот за уметност на Нерон, но исчистен од сета глупава суета, добрината на Тит, без неговата безбојност, штедливоста на Веспазијан, без неговата смешна скржавост, беа примери на кои самиот си укажував. Тие владетели имаа своја ролја во човечката исторја; натаму, на мене остануваше да направам избор на нивните дела што требаше да се продолжат, да се утврдат најдобрите, да се поправат лошите, се до денот кога други луѓе, повеќе или помалку повикани за тоа, но подеднакво одговорни, ќе се погрижат да го сторат истото со моите дела“.



Јурсенар во овој роман се обидува да влезе внатре во тој свет, да го реконструира обичниот живот, да ги согледа тие ликови од високото или од ниското општество, како се движат низ Рим, како патуваат, како мислат, се радуваат, умираат. Извлекувајќи го она што е најтрајно, најзначајно, универзално од нивните животи, таа, преку тие фатени раце, доаѓа до Хадријан и ни го донесува неговиот живот, близок, јасен, разбирлив... „тие луѓе, како и ние, јаделе маслинки, пиеле вино, прстите им се лепеле од медот, се бореле против остриот ветар и дождот што обневидува, лете ја барале ладовината на чинарите, се насладувале и мислеле, старееле и умирале“ – вели авторката во својот Бележник. Врските кои можеме да ги воспоставиме со луѓе со кои нè делат векови, можат да бидат подлабоки, отколку со луѓето – наши современици. 

Гласот на Хадријан, гласот на Јурсенар

Бележникот, што го споменував и во претходниот текст, е неверојатна можност да се влезе во главата на авторката. Со него добиваме прекрасен баланс помеѓу гласот на Хадријан и гласот на Јурсенар: нејзините дилеми, патешествието на идејата за романот, долгото спремање, трагањето по вистинскиот агол, патувањата и истражувањата, животот... неговите дилеми, патешествието на неговото владеење, барањето на вистинскиот начин, патувањата и љубовта, смртта, животот. Дополнително, на крајот, се поместени и забелешки во врска со историските факти и користените извори. Таа детално објаснува кои материјали ги користела за секоја одделна тема во романот, кои факти се вистинити, кои измислени, кои припишани на други ликови за замислата да се изведе соодветно. 

Овие два дела, додадени на текстот, даваат слоевитеост на целата книга, која не би можела инаку да ја има. Од една страна имаме увид во начинот на кој делото било создавано, а од друга се воспоставува уште една димензија на комуникација помеѓу читателот и делото во која, за прашањата кои си ги поставуваме додека ги читаме мемоарите, потоа во другите два дела ги наоѓаме одговорите, но и додатно се раѓаат нови прашања и размислувања. Се отвара и можност за дополнително истражување на темите од интерес на читателите, преку дадените користени материјали.


Интересна тема, што произлегува од овие делови е и родовата. Главниот лик е маж, нарацијата се одвива во прво лице еднина. Пишува жена. Ликот на Хадријан, начинот на раскажување, потоа и структурата на мемоарите, се во склад со машкиот лик Хадријан. Видливи се кратки проблесоци од искуството на авторката, каде што на момент се одигрува некоја конфликтна ситуација помеѓу родовите – да бидам малку драматична – но тоа е толку малку и суптилно. Во времето кога го пишувала романот (објавен е 1951, а пишуван и работен децении наназад; чисто колку за илустрација, во Франција, прва жена која влегува во Академијата е токму Јурсенар – во 1980 година) авторката се соочува со неможноста за главен лик да земе жена. Таа вели: „Животот на жените е многу ограничен или многу таинствен. Ако жена раскажува за себе, првиот прекор што ќе и се упати е дека повеќе не е жена“. Тргнувајќи од ова, таа го раскршува романот на претходно споменатите делови и автореферентно го вградува својот глас во Бележникот. Гледано од овој агол, Бележникот ни ја дава и оваа димензија. Авторката, која, секако, е вградена и во главниот лик, со својот Бележник, застанува покрај него, со својот глас и тело, живот и имагинација.

Можеби ќе биде продолжено...

Додека се чита една книга (1)