Tuesday, July 30, 2013

Вафли и пиво


Влеговме во кафеаната пред чиј влез имаше голем вол. Лево од влезот, поставен на куп сено. Името на кафеаната – Амадеус. Ни рекоа дека таму ги има најдобрите ребра на скара во Брисел. Бевме сите петнаесет колеги од семинарот. Внатре: маси од двете страни и еден мал тесен простор за движење. Како во воз. Ентериерот беше рустикален (за да го оправда полнетиот вол надвор!?), дрвени маси со чаршави на црвени и бели квадрати. Келнерите нè упатија во другиот дел од кафеаната: по неколку скалички, па лево. Идентичен ходник како претходниот, паралелен со него. Најнакрај, најдовме поголема маса. Не сакам да сум тука, ова е место за туристи. Јас не јадам ребра. Тебе не те гледав. Поточно: не те чувствував. Беше тука, седеше некаде десно на спротивната страна од масата, нарача ребра и пиво, малку зборуваше со колегите до тебе, излезе неколку пати на цигара, не ме погледна. Ни јас не те погледнав (ова го забележав од страна, споредно, со периферниот дел на погледот). Нарачав компир во фолија – единственото јадење без месо – и пиво. Се радував на пивото и малку зборував со колегите околу мене. Се зборуваше за тоа каде ќе се оди подоцна. Го спомнаа оној клуб, исто така прилично туристички, со послужавници со марки на пиво на ѕидовите и таванот. Не сакав таму. Решив кога ќе заврши оваа вечера да се вратам во хотелот. Можеби и да прошетам малку низ улиците.

По извесно време, што ми изгледаше вечно, станавме и бучно излеговме од Амадеус. Без збор се одделив од групата и тргнав во спротивната насока. Ти тргна по мене. Сега ме гледаше, не прашално, туку со олеснување и со доза на барање дозвола. Немо ја свртев главата напред и ја спуштив. Како кимање. Одевме тивко некое време. Како две сенки. Знаев каде одам. Ми кажуваа за едно убаво место, бутнато во тесно уличе – паб во куклен театар. Ги поминавме долгите и тесни улици преполни со кафеани, продолживме уште малку право и таму некаде, по неколкуте слаткарници, навистина се појави едно мало бело уличе што завршуваше во ѕид со голема дрвена врата. Изгледаше празно. Но, кога ја отворив вратата, внтре нè дочека благ џагор и прекрасна топло жолта светлина. Нарачавме пиво. Јас црвено, ти некое светло. Но и светлото белгиско пиво е прилично густо и силно. Се осетив целосно мирна. Ме гледашe насмеано и зацрвенето. Можеби и јас така те гледав. 

- Зошто не јадеше ребра? – го слушнав твојот глас.

- Убави беа? – ти одговорив со прашање.

- Па, да. Не сакам јас многу ребра, но ми се јадеше месо – се насмеа.

- Не јадам ребра.

- Зошто?

- Не ми се допаѓаат, жилави се и не сакам да јадам со раце. Би пиела пиво по цел ден – се насмеав сега јас.



Се запознаа претходната година на еден ваков сличен семинар. Во Рим. Тој работеше во организација за деца. Претежно им држеше часови по јазик, цртање, граѓанско образование на дечиња до десет години. Оттогаш, некако преќутно, како случајно, ги бираа истите конференции и семинари. Сега се погоди да се на два исти едноподруго. 

Следниот ден тој одеше во Белград да ја посети тетка си, а таа си продолжуваше во Скопје. Доцна попладне ќе слетаат на аеродромот во Белград и ќе го фатат автобусот кон центарот. Ќе дојдат до автобуската. Таа ќе си купи карта за Скопје. Можеби ќе испијат едно кафе додека го чекаат автобусот. Тој ќе ја испрати и ќе се упати кон станот на тетка си. Нешто ќе се смени. Нешто веќе се смени. 

Тоа што ги тера да се однесуваат како сенки беше една мала, речиси неважна случка. Сосема вообичаена, мала случка. Претходниот ден, пред овој со Амадеус и куклениот театар, беа излезени на паузата за ручек. Си купија пржени компири од киоскот на блискиот плоштад. Додека чекаа да се оладат, дувајќи де во компирите де во прстите што го држеа фишекот, таа го бакна. Тој беше толку блиску до неа, се смееја, беше ладно наоколу и врелото во рацете. Тоа беше толку мал бакнеж. На крајот на усната, на самото ќоше. 

Прво ти се насмеа или тоа беше инерција од муабетот што траеше. Прво јас се повлеков изненадена од тоа што го направив. Потоа ти се повлече, а јас се насмеав. Во таа благо панична атмосфера, несакајќи ни се допреа и прстите што ги држеа фишеците со компири. Е, тогаш станавме одвоени сенки. 

- Што правеше денес? Не те видов по последното предавање – праша, отпивајќи од второто штотуку донесено пиво.

- Бев во музејот на Магрит...

- Стварно!? Кога? И јас бев.

- Па веднаш кога излеговме. Бев до хотел да ги оставам брошурите и отидов пешки. 

- А, веројатно јас сум стигнал пред тебе. Веднаш фатив метро.

- И како, ти се свиѓаше?

- Интересно. Лавиринтски.

- Да, баш лавиринтски. Јас кога сум се симнувала надолу со ескалаторот за да дојдам до почетокот на музејот, ти си се качувал нагоре со лифтот кон првата сала... 

- ... а кога јас сум се симнувал надолу по спратовите, ти тогаш си влегла во лифтот.

- Не го прави тоа! Никогаш немој да го правиш тоа! 

- Што, тоа?!

- Да се плашиш од мене...

- Не е тоа...

Си ја намести устата да каже „Што е?“, но не кажа. Не беше спремна на сите одговори на тоа прашање. Немаше идеја што би можел да одговори. Не сакаше да има. Барем не таа вечер, кога се осеќаше мирна, смирена, на сигурно, како штотуку излезена од лавиринт. 

Нарачаа уште пиво. Таа пиеше црвено, па уште едно друго црвено, па на крај црно. Тој остана на истото. Го сакаше тоа некое негово пиво. Зборовите прекинаа да им имаат тежина од значења. 

Кога некого не знам доволно добро, а го осеќам близок и сакам да го запознаам, како ти еве на пример, тогаш сакам да знам во секој момент од денот што прави. Не да те прашувам, а сега што правиш, не да се слушаме постојано, туку едноставно да знам. Да замислам, да ја сложам слагалката од тоа што ми го кажуваш. Не мора ни да е точно, само да го имам чувството дека е тоа. Како некоја сигурност. Дека разбирам што би направил.

Си дојдоа во хотелот со раце полни свежи и топли вафли. Секако, вафли, белгиски помфрит, вафли и пиво, тоа е клишето кое секој кој доаѓа во Брисел треба да го помине. Собите им беа една до друга. Таа застана пред својата, го бараше клучот со слободната рака, во другата сè уште го држеше чиничето со вафли. Тој тргна, па застана. Не се гледаа. Ѝ падна клучот. Реши да ја дојаде вафлата, па да влезе. Тој стоеше на два метра од неа, со рацете во џебот го допираше својот клуч и гледаше во фотографија на некој зимски пејзаж на ѕидот до својата соба. Две сенки. Се сврте кон неа во моментот кога таа ја отклучи вратата. Му рече „добра ноќ“, но без да го погледне влезе во собата. Тој на прстите го осети истото чувство како претходниот ден, кога се допреа држејќи ги топлите фишеци со компири. Се сврте и влезе во својата соба.

Веднаш легнувам на креветот. Ти прво палиш светло, па ги миеш дланките лепливи од вафли. Потоа што? Се тушираш или се пакуваш? Не, рече утре рано ќе се спакуваш.... Што? Ги облекуваш пижамите без да се истушираш, без да ја измиеш шминката и се фрлаш во креветот? Дали, за да заспиеш полесно, пушташ телевизија? Или сакаш тишина и темница? Го слушаш ли мојот телевизор? Јас не можам да спијам во тишина и спијам со отворени завеси. Го знаеш тоа? Сакаш да знаеш што правам... Не можеш никогаш да дознаеш. Никој никогаш не знае. Одвоени сенки. Не го прави тоа? Немој да го правиш тоа?

*

- Ѝ се јави на тетка ти? – го праша таа кога се сместија во полупразниот аеродромски автобус за центарот на Белград.

- Да, ме очекува после 8. Ќе те испратам, па ќе одам. 

- Ја мразам автобуската во Белград.

- Да, гадна е.

- А да одам со воз? – рече таа како да размислува на глас.

- Ќе заглавиш до сабајле со воз, ако и има сега...

- Па и со ова автобусите на Ниш експрес, 9-10 саати пат...

- Ако сакаш оди со воз, ќе провериме.

- Ти до кога си тука?

- Не знам, неколку дена.

Се симнаа пред железничката станица. Таа ја отфрли идејата да оди со воз, сепак многу е подолго. Купи карта за следниот автобус. Поаѓаше за пола саат. Додека го убедуваше да ја остави и да оди накај тетка си, си мислеше колку би сакала да си најде некое заборавено чоколадо во ранецот. На крајот, таа сепак го убеди, излезе на пероните, го најде автобусот за Скопје, го остави куферот во багажникот. Тој веќе беше дојден до оградата крај нејзиниот перон. Си мафнаа. Во прстите – истото тоа чувство од пред два дена.

Додека таа се смести во своето седиште и пробуричка во ранецот, тој веќе чекаше на семафорот пред железничката и со слободната рака буричкаше во страничниот џеб од својот ранецот. Сè уште ѝ се јадеше чоколадо. Знаеше дека има таму од чоколадото што го купи на аеродромот.


Првично објавен на блогот Challenge Future Chapter Skopje, на 23 декември 2012.

Thursday, July 18, 2013

Тетратчето и времето

Август 2010

1. Не знам како да ги поврзам двете чудни случки од вчера. Не знам ни колку се чудни. Не знам ни дали би требало да барам поврзаност меѓу нив. Не знам ни дали би послужило тоа за нешто. Не можам ни да ги напишам. Нема да ги напишам. Треба да одлежат, да се преработат, да се извлечат сами од себе, да станат приказна, да добијат форма. Вака се само импресии кои многу силно ти стојат пред очи, но силното чувство бледнее кога ќе се обидеш да ги опишеш. Рационално да ги срочиш во зборови. Или не треба да е тешко или не го наоѓам начинот, или не сум способна да ги напишам?

2. Кога читаш по пет-шест часа на ден, а и онака не си многу по зборувањето, многу е веројатно, попладнето по читањето да ти кажат: не се откажувај од зборување!

3. Често кога изгледам како да сум длабоко замислена, всушност не мислам на ништо. Гледам наоколу или сум сконцентрирана на ветерот што ми дува в лице. Но, баш тогаш, кога го напуштам текот на моите мисли, како лизгач на мраз, кој од никаде изведува три скока едно подруго, доскокнува некоја прилично изненадувачка мисла. Веројатно другите од текот на мислите не успеале да ја победат мојата незаинтересираност...  

Декември 2012

4. Чекање! Особено во сабота попладне кога ГТЦ станува река и тече од луѓе, деца што врискаат... Ракавиците ми се цели со туфни, си извадив едно ластиче од ластикот и сега морам нови да си купам. Има и кучиња и кеси, костени, крештави деца со балони, пенкало кое не пишува како што треба, тефтерчето е нерамно... воопшто се осеќам многу нелагодно. И циганчиња што просат. Костените убаво мирисаат барем. Други чекачи. Пред мене сувенири од Македонија: шлемот на Александар и знамето на НАТО. Уште пет минути. Врапче се пикнало во една грмушка како во кафез. Една нестрплива девојка шетка и врти на телефон. Луѓето не знаат да чекаат. Не, не сум немирна заради чекањето, туку заради хаосот. Саботниот трговски хаос. Луѓето не знаат да чекаат сами или зборуваат на телефон или пушат цигара. Јас обично сум чудакот со тефтерчето. Така го напишав и првиот расказ. Чекајќи, тука во ова мало тефтерче што собира едвај 10 зборви на една страница. Замисли Пруст да пишувал во вакво тетратче!

Февруари 2013

5. Седеше сама во лобито на хотелот додека другите правеа што имаа за правење. Обично таа чека додека другите живеат: така си мислеше кога беше депресивна и лута на себеси и на својата мрза и безенергичност. Но, кога се осеќаше убаво, сфаќаше дека тоа седење не е губење време. Тогаш тоа ѝ беше одмор на умот, одмор од другите, соочување со себе, губење во своите мисли... Тогаш го земаше тефрерот во своите раце (да алузијата со иднината е намерна) и пишуваше и најчесто од тоа излегуваше нешто добро.

Раскази во чекање
Расказите на чекачот
Помеѓу две погледнувања во саатот

Затоа што, сфаќаше, дека смислата не е смао во трката со времето. Да се направи што е можно повеќе во што е можно помалку време. Ако не - губиш време. Ѝ беа потребни тие моменти на „губење време“. Го осеќаше како поминува покрај неа заедно со сите „пропуштени“ можности и авантури. Ѝ беше потребно да седи сама во лобито на хотелот за во таа „загуба“ да го осети времето. Тоа беше една комплексна, конфликтна состојба во која, меѓу другото, доаѓаше до израз и нејзиниот мазохизам. Наоѓаше задоволство во тоа да си ускратува работи кои другите сакаат да ги прават и ги прават додека таа седи во лобито на хотелот и го пишува ова.

Раскази на пропуштеното време
Во потрага по загубеното време (?!)

Разликата е што Пруст се сеќава, а таа во реално време го чувствува загубеното време и го негира, му пркоси, не е битно, само сака да седи и да го осети и да пишува...

Синоличка и житен клас

Лина се роди од синоличка. Баба ѝ од житен клас. Кога беше мала често ги поминуваше распустите кај баба, не на село, туку во центарот на градот. Баба ѝ живееше во една од најубавите згради во Скопје, таа со квадратен внатрешен двор во кој се влегува од голема црна метална порта па низ неколку редови од големи столбови. Станот на баба ѝ е на најгорниот кат, во влезот карши столбовите. Во спарните летни вечери, седат со баба на ниски дрвени столчиња, меѓу саксиите со мали патлиџанчиња, пиперки и сардели. Балконот е тесен и омеѓен со не многу висока ограда од црни дебелки шипки. Бидејќи трите шипки кои ја прават оградата се поставени на големо растојание, за заштита, на оградата е додадена мрежа од метална жица. Низ баклавите на мрежата, точно на висина на окото, кога се седи на малите столчиња, лебди светилката. Точно на средина над дворот. И една таква вечер, додека светилката како театарска сцена го осветлува дворот сосе дрвените лулашки, во темнината на балконот, не е воопшто чудно, ако се погледне внимателно, да се видат мала синоличка и извишен житен клас.

Уште од почетокот на летото, баба оди до некоја трафика и заедно со весниците зема и програма за Скопско лето. Никогаш потоа, кога Лина порасна, не сфати во која трафика има програма за Скопско лето. Баба ѝ секогаш имаше. Па така, приквечер, кога топлото ќе попушти, баба ѝ знае да испука пуканки, да ги стави во кесичка, па во чантата. Потоа го облекува летниот темно розев фустан со црни папратови листови, а Лина ја облекува во кратки зелени панталонки и портокалова маичка со мајмунче (сукња или фустан не доаѓаат во предвид). Ја зема за рака, полека се симнуваат по скалите осветлени со цел ѕид мали правоаголни прозорци и облеани со мирис кој, потоа секогаш на Лина ќе ѝ предизвикува носталгија. Тоа е мирисот кој некои несонувачи го викаат мирис на старо. Глупости. Така обично мирисаат скалишта на некои постари згради поплочени со тој сив мазен материјал кој изгледа како од него да ѕиркаат милион мали каменчиња. Излегуваат од задниот излез, па покрај зградата на улицата. Од десна страна им остануваат ниските дуќани. Во еден се продаваат кори. Другиот е нешто друго, некоја работилница. Не е битно што. Битно, таму секогаш има многу мачки и една жена, постара, чудно - помалку лудо - облечена, со темна виткана коса и стаклено око. Била поранешна мисица, вели баба. Од тесните улички зад трговскиот центар Буњаковец излегуваат на Партизанска. Зад нив ги оставаат остатоците на летното зајдисонце, а тие продолжуваат кон плоштадот.



Концертот е закажан на импровизираниот брод од дрвени греди изграден под Камениот мост. Влезот на бродот е од другата страна на мостот, на кејот каде лежи големото црно сидро. На малиот дрвен брод се влегува преку мовче направено од истите греди. Таму баба ѝ се наоѓа со неколку пријателки сите дојдени со своите внуци. Концертот веќе не е битен, за Лина и за нејзините нови другарчиња. Тие се на брод. Има едно чудо неверојатни работи што можат да се случат и направат. Бабите се цело време на штрек: овој брод под Камениот мост нема гуми за спасување. Што ако на некое внуче занесено во играта му се причини дека бродот е поголем од тоа што е?

Преку ден, во темнината од ролетните, Лина најмногу сака да си игра со шпилот карти. Сликите на дамите и кралевите од картите на баба се чудесни. Лина најмногу ја сака дамата пик, но баш таа карта од синиот шпил се изгуби. Црвениот шпил се чува во фиока за да не се расипе и тој. По неколку години - тоа беше многу весел ден за Лина - баба ѝ и дозволи да си игра и со црвениот шпил. Ја беше заборавила дамата пик. Навистина беше најубава, со црна мазна коса и блага, одмерена насмевка, за разлика од лошата кралица, дамата баклава, со остра и подмолна насмевка. Многу приказни се плетеа од овие хартиени ликови во топлите летни пладниња, додека баба плетеше топли џемпери и шалови. Бајките добиваа правоаголна форма.

Еден ден, Лина сфати дека баба е болна. Баба доаѓаше многу почесто кај нив и мораше да се одмора. Кога ѝ падна косата, Лина беше целосно свесна дека нешто навистина сериозно се случува со баба, иако не знаеше што. Имаше девет години. На децата не треба да им се кажуваат сите работи со вистинското име. Кога нештото ќе се именува станува стварно. Но болеста неминовно е тука, во слабоста на баба, во косата која почна да ѝ паѓа. Некое неодредено време, баба носеше перика. Рамна темна перика, а нејзината коса беше виткана и посветла. Но, периката ја носеше само за пред луѓе. Дома си носеше црвена марама. Не помина многу време и косата почна повторно да ѝ расте. На Лина ѝ олесна.

Кујната на баба почна да мириса на секакви чаеви. Постојано си правеше домашни чаеви, кои беа со одвратен вкус, па не ѝ даваше на Лина да пие. Ги пиеше од едно кафено стаклено шише кое секаде го носеше со себе. Мајка ѝ на Лина знаеше да каже, кога сите на маса, на некој семеен собир ќе ги кренат чашите со вино или пиво, баба си го вади шишето и си сипнува од својот чај за да наздрави.



Секој викенд баба одеше на различни излети со група пензионери планинари. Еден топол летен ден, кога тие прошетки почнаа да се проретчуваат, баба ги однесе Лина и мајка ѝ во селото во кое живеела кога се омажила. Живеела во кметовата куќа, која се наоѓа на една возвишинка, во непосредна близина на школото кое е на соседното ридче. Куќата е со приземје и кат, сега целосно разрушена и обрасната од суви и високи треви. Баба ѝ, веќе тогаш многу ослабната од болеста, тој топол летен ден, ѝ ги раскажуваше на Лина, приказните за животот во таа куќа. Тие оживуваа пред очите на Лина, во топли тонови. Звукот се губеше и се спојуваше со шумот на тревите и пиштењето на летните инсекти. Ѝ кажуваше како се месел леб за цела недела крај оганот и се редел на ленени крпи на една греда. За куќната змија која живеела во подрумот, ако ја убиеш значи несреќа во домот, за чешмата...

Некогаш во спарните летни попладниња, веќе пораснатата Лина, знае да скршне од Партизанска во малата споредна уличка и да се упати кон дворот на зградата на баба. Го подига погледот. Воопшто не е чудно, тогаш, ако се погледне внимателно, да се видат мала синоличка и извишен житен клас. Сеќавањата на Лина за баба ѝ се редат во низи од слики, мириси и меки џемпери. Звуците, пак, одамна се претопиле во шум на житно поле, разбранувано од ветер.

Thursday, July 11, 2013

Зошто баш Загреб?

Не сум сигурна од кога потекнува мојата фасцинација од Загреб. Долго пред да го посетам, за него дознавав од филмовите на Далибор Матаниќ: Fine mrtve djevojke, Sto minuta Slave и Volim te... од прекрасниот документарец Sretnodjiete, посветен на музиката и културата на новиот бран во Загреб – музика и движење неразделно поврзано со градот, следствено или првенстевно не е баш јасно, музиката на тие бендови стана дел од моето секојдневие. Потоа и граѓанските акции за бесплатно образование – окупираниот Филозофски, па за гаражата што требаше да се гради на Цветниот плоштад и протестите организирани од иницијативата Право на град и Зелената акција... ме фасцинираа со начинот на кој функционираа и креативноста во акцијата и ги следев како да сум таму. Не сум сигурна ниту зошто баш Загреб, од каде Загреб. Не верувам дека има некоја посебна причина, едноставно, случајно сум го одбрала.



Но, никогаш не бев отишла во Загреб. Мојата блага опсесија си траеше и тлееше и кога, пред три години, првпат можев да одам, бев и возбудена и вознемирена дека сето тоа што сум го слушала, читала и замислила за Загреб, ќе се покаже дека е илузија и ќе се сруши кога ќе излезам надвор од автобуската станица. Но, не се случи тоа, напротив. Ме фасцинираа нови работи: ненапнатоста и лежерноста на луѓето, вкусот на кафето со млеко („нашето“ макијато) направено со Франк еспресо, достапноста на градот и движењето низ него со уживање... Тогаш бев во февруари, автобусот Скопје – Загреб пристугнува некаде во 6 часот наутро, па стигнав во темни мугри малку пред да се раздени. Стихот Kada Zagreb izranja iz sna од тогаш засекогаш ми е врежан кога ќе помислам на Загреб.

Овој пат, три години подоцна, одам во лето, изгрејсонцето нè стигнува на некои десетина километри пред Загреб, но повторно тој стих. Не знам како оди понатаму, не знам ни која песна е... нешто со кондуктери, трамваи и фрикови... Радосна сум. Не само заради градот туку и заради причината која ме носи таму: концерт на The National, за кои да мислам и мислам нема да ми текне поубав град каде би ги слушала пред Загреб. Повторно случаен избор, интуитивен.


Музика, пиво и музеи

Секој престој во некој град создава посебен вид на спомени, од него си понесуваш сувенири кои никаде никогаш никој не ги спомнал во туристичките водичи, ниту пак можат да се искусат при посетите со организирани тури. Кога сам откриваш нов град, секое ќоше, секој мирис, случајна посета на музеј, паб или концерт може да стане спомен кој неочекувано ќе те следи долго. Па така, The National, разбирливо, беа саундтракот на престојот; хортензиите станаа личен симбол за Загреб: ги имаше секаде, во нашиот двор (розеви), во паркот Зрињевац (бели) и на еден куп други сокриени или отворени места; мирисот и вкусот на Франк Супериоре еспресото со млеко испиено во кафéто на Музејот на современа уметност е личен спомен за мирисот и вкусот на Загреб, заедно со прекрасните пива од пивницата Mali medo на Ткалчичиќевата улица.



Музејот на современа уметност во оваа посета инспирирана од музиката на The National се вклопува многу природно и ненаметливо. Прво, сместен е далеку од центарот, на половина час возење со трамвај (може да се фати број 14, од пред Hrvatsko narodno kazalište, кој оди по Савска, до реката Сава, потоа врти по Дубровачка Авенија и на втората станица по загрепскиот Велесаем е станицата МСУ). Патувањето до оваа претежно резиденцијална и комерцијална област, со огромни булевари и зелени површини, може да даде нова нијанса на градот кој го знаеме само во неговиот центар. Разликата што се чувствува кога ќе се помине под железничката пруга е голема – нешто како таа линија: Железничката, хотелот Еспленад и Ботаничката градина (кои го означуваат крајот на центарот на Загреб на јужната страна), да претставува реска граница, зад која градот се развивал на сосема поинаков начин. Но, музејот супер се вклопува во тоа опкуружување, со својата фасада од плексиглас и широкиот простор пред влезот на кој има надворешни уметнички инсталации. Првото што се забележува уште од трамвајот е тобоганот, во средината на музејот. Идејата е: ја разгледуваш постојаната поставка, завршуваш и наместо да ги бараш скалите, можеш да се спуштиш со тобоган долу и веднаш да си седнеш во кафéто и да се напиеш кафе имајќи ги сè уште пред очи и во глава делата што си ги видел. Самиот тобоган е дело на уметникот Carsten Höller специјално нарачан за музејот. Постојаната поставка на музејот е концепирана тематски не хронолошки, во привремен распоред обединет под името „Збирки во движење“. Ова ми се виде многу интересно затоа што во една соба или еден дел од музејот можеш да најдеш поврзани дела меѓу кои ниедно не штрчи и шетањето низ музејот забавно искуство.


Сеедно, впечатокот што ми го остава Загреб е впечаток на нормален град. Во најубава смисла на зборот. Не обичен град. Само нормален. Секоја градина, плоштад, зграда, тезга, трамвај и човек имаат своја јасна поставеност, која не пречи, не е нападна, која е во склад со околината, која е само присутна, незаобиколна. Ништо не ти пречи на видот, не треба да се поместиш во десно за да видиш што има лево, сè што треба да видиш, мириснеш и почувствуваш во одреден квадрат од градот е таму каде што баш и треба да биде. Не знам, веројатно претерувам. Но тоа не е битно. Чувството на разлика помеѓу мојот град и Загреб е пресилно, токму во оваа смисла. Шокот кога се враќам во Скопје по престој во Загреб не можам да го опишам и да сакам. Загреб е град во кој фасадата е направена од плексиглас ако треба да биде направена од плексиглас; хортензиите растат на поголемки теписи од зелена искосена трева, надвиснати од огромни стари чинари во паркот во кој традиционално постои еден обичен железен летниковец каде се одржуваат концерти; јагоди, малини и капини се продаваат на една тезга на работ на Cvjetni trg; а наоколу гледаш луѓе со китка лаванда во рака... Знаеш кое годишно време е и кој историски период. Јасно е и лесно. Ненападно и природно.


Friday, June 14, 2013

Пост број 10

Не дека имам цел и желба да бројам, туку можам да ја видам бројката на постови веднаш штом го отворам блогспот.ком. Па си реков, една ваква заокружена бројка би можела да се означи. И во таа чест, еве еден пост за постовите.

Блогот кај нас направи бум некаде пред 7-8 години, кога блогерите беа присутни во телевизиски емисии и како колумнисти во печатените медиуми: на пр. „Неделно Време“ (неделник на веќе непостоечкиот дневен ведник „Време“) отстапуваше две големи страници за колумни на блогерите. Блог платформите денеска се лесно употребливи за тематски или општи информативни портали и онлајн весници, како и за ќошиња посветени на колумни во склоп на постојните информативни сајтови. Непосредноста и секојдневноста на Facebook и Twitter го преземаа приматот – еве и јас, ги ширам текстовите од мојот блог преку другите социјални мрежи. Ова ги става блоговите некако како во сенка, во заветрина, што овозможува да бидат преобмислени, да се направи пауза од нагли промени и да се искористи тоа што веќе го носат со себе.

Блогот може да биде дневник, нотес, плејлиста, лексикон, скрапбук, книга со есеи, раскази, секакви преводи, весник... Без разлика што ќе биде, самиот медиум бара авторот да има личен пристап, самиот те тера да пишуваш на одреден начин, да вметнеш лични приказни и примери, да внесеш проѕирност во начинот на кој се создава текстот, да овозможиш увид во она што се случува во главата... Секој пост во себе, не задолжително, но најчесто, го содржи и неговиот making of…



Индивидуалност и расцепканост, многу повеќе го опишуваат блогот, отколку да кажеме дека тој е само простор за искажување на својот став, денеска многу лесно е да се искаже став на кој било начин. Блогот дава можност сам да го уредуваш, да го претставиш ставот и да се заплеткаш помеѓу термините јавно и приватно, за да сфатиш, дека кога застануваш со еден текст, слика, песна на интернет, настапуваш јавно и имаш одговорност. Многу повеќе отколку на Facebook, што сега е веќе секојдневна алатка, овде сфаќаме дека тоа што го кажуваме го кажуваме во некој етер, некој го чита, до некого допираме и останува подолго, имаме можност да направиме влијание – потребно е да сме одговорни!

Блогот е еден поглед на еден човек. Секогаш различен и неповторлив. Како таков, тој дозволува да се пишуваат и потешки текстови. Но сепак, за мене, и тешките текстови не треба да бидат тешки, треба да се пишувани за поширока публика, не за специфична. Не е потребно да се употребуваат прецизни термини за да биде јасен некој концепт, може тоа и на поинаков начин. Луѓето се плашат да објавуваат потешки текстови, затоа што тие не носат со себе голем број на кликови – публиката не ги сака (!?). Да не генерализираме дека секој лесен текст треба да биде неписмена вест од две реченици. Па, сепак тие се најнајбројни. И затоа секој ден на мојот home page ме дочекуваат само исти исти исти вести од еден ред со десет граматички грешки во тој еден ред и со потекло од исти исти исти портали кои се појавуваат секој ден. Кога сето ова доаѓа преку глава, логично следува: не ги читај, пишувај!

На мене ми е најјасно на светот дека оваа состојба е наше секојдневие и не ни помислувам на некој радикален пристап на укинување. Тоа е во ред. Сосема во ред. Но, секогаш ме замислувале две работи: како да навигирам низ сите тие информации, кои ми се крајно непотребни и како тие кратки мали вести ја потценуваат публиката. И сфаќам дека пристапот мора да биде современ. На луѓето им е здосадено од напорни, спори текстови кои се пишувани како за пред најмалку 20 години кога информациите не нè бомбардираа така како денес. Треба да бидеме современи и снаодливи. Современи во пишувањето, снаодливи со навигирањето на информациите.

И решив да пишувам блог, да придонесам кон објавување на уште повеќе информации – колку ова и да изгледа иронично, може да биде и вистинскиот начин, кон едно средување на тие информации, копање на свој пат, канализирање и редење во главата. Мојата глава. Со создавање на мое место среде тој сајбер простор полн најразлични текстови, си го фокусирам моето лутање низ информациите, си го наоѓам патот, ја пишувам мојата приказна и се надевам на идни вкрстувања на патишта и приказни на други луѓе. Ова е мојот начин, да го доловам погледот на еден човек.

Monday, June 10, 2013

Лесно како цртичка на „е“

Страница со убаво испишан текст. Точна реченица, со внимателно избрани зборови, при што се внимава на звучноста, на поставување на еден збор до друг, на нагласувањето на одреден збор. Окото не смее да се мачи додека чита, умот не смее да се навраќа за да сфати, сè треба да тече природно и јасно. Тоа е за мене добро напишана страница текст, на каков било текст. И не е само до доброто пишување. Јазикот е многу повеќе од средство за разбирање меѓу луѓето или пак средство за добро пишување. Јазикот е свет. Без разлика дали е пишан или говорен, тој е свет за себе кој создава светови; кој кажува многу, дефинира, определува. Ме определува мене, тебе, ова време денес, она од пред години и децении, тоа што ќе дојде. Тој е богатство кое го сфаќаме здраво за готово, нешто што доаѓа природно, само од себе, го користиме во нашите дневни обврски, во секојдневните проблеми што ги среќаваме, во убавите вести кои ги читаме, во најсреќните моменти, тој е ние. И многу слично како и со себеси, така и со него постапуваме. Деструктивно, невнимателно, неодговорно.

Која е разликата помеѓу „се“ и „сè“? Зошто е битно наводниците да се пишуваат „“ наместо ““? Зошто е битно да посветуваме внимание кога ќе напиешеме една реченица, кога ќе објавиме една реченица? Од кога стана побитна веста од тоа како таа е пренесена? Само на мене ли ми пречи кога гледам крајно неписмен текст објавен во дневен весник? Лошо преведен текст, лошо составен текст ми ги напаѓа ушите како кога со влиљушка се гребе по чинија. Правилата се битни. Тие ја даваат структурата, тие ја создаваат рамката во која се создава тој свет. Ни ја даваат структурата на нашето мислење, во крајна линија.

Првично граматиката на нашиот јазик, структурата, корпусот на правила, ги осознаваме интуитивно, како мали, кога го учиме говорниот јазик. Тогаш светот добива име. Во исто време додека учиме да дишеме, јадеме и да се движиме во просторот, да го осознаваме допирајќи го или мирисајќи го, ние го учиме и јазикот. Та-те, ма-ма, па-па... Марија. И влегуваме во светот. Тоа е нашата иницијација. Без тоа знаење не можеме да преживееме! Светот добива име ние добиваме име.

Со јазикот го добиваме првото изразно средство. Првиот механизам кој ни овозможува да ги искажеме нашите чувства, ставови, стравови и да бидеме разбрани. Првиот комуникативен механизам, кој е најважен за прифаќање на сите наредните, затоа што јазикот и усвојувањето на неговата конструкција ни ја дава основата на која ги надградуваме перцепцијата и восприемањето на светот и неговото разбирање и ни ги дава механизмите за да влеземе во него, да учествуваме, да комуницираме. Ни го дава контекстот!

Кога ќе научиме да читаме, почнуваме рационално и свесно да ја восприемаме структурата на јазикот. Пишуваме, одговараме на прашања, расудуваме, размислуваме, се изразуваме. Јазикот од само именувач на светот станува идентитет. Го разбираме како определувачки фактор, нè дефинира. Ние, наспрема тие/другите. Учиме за разликите на јазикот низ вековите, за тоа како се користел за изразно средство, за важноста на јазикот за зачувување на идентитетот и за изразување на бунт. Јазикот станува симбол! „Слобода или смрт“ извезено на црвено знаме.

Учиме друг јазик. Англиски, најчесто. Го користиме во кореспонденцијата со странство или кога сме на пат во друга земја, за да се разбереме со светот. Не размислуваме премногу подалеку од оваа функција. Но, во некои малечки моменти, можеби сме се запрашале, зошто оваа реченица е ваква а не како во нашиот јазик? Зошто ова зборче оди на крај? Сфаќаме дека странскиот јазик е некоја поинаква песна. Дека тој зборува, исто како и мојот јазик, со гласот од минатото и сегашноста. Од едно специфично минато и сегашност. Исто како и со мојот јазик.

А кога ќе помислиме на имигрантите, луѓето кои во себе содржат два или повеќе јазици, во себе ја имаат границата на две или повеќе земји, култури и народи, сфаќаме дека јазикот со себе, како нераскинлив дел, не ја носи само историјата и културата на еден народ, тој ја изразува и личната историја, култура и патешествијата на еден човек. Содржи милиони различни гласови, акценти, илјадници различни дијалекти, начини на кажување на О, на Ќ, на У, еден куп различни нијанси на чувства, на немири и ставови. Јазикот сум јас. Јазикот се менува. Не сме ние назадни полицајци кои се придржуваат кон правила од пред еден век. Правила, кои и самите се менувале. Не заговарам слепо држење за правила. Јас зборувам за имање свест, дека јазикот сум јас. Дека тој е дел од нас и дека ние го создаваме како што се создаваме себеси. Дека е важен и незанемарлив. Дека една напишана точна реченица не е непотребен луксуз, туку нешто многу важно.

Кога бев на почетен курс по германски на факултет, професорката бараше од нас да напишеме една реченица. Една единствена граматички точна реченица со точка на крајот. Тоа беше голем успех. Една точна реченица со точка на крајот. Беше пресреќна.

Ајде почесто да ја бараме таа една точна реченица со точка на крајот и во нашиот јазик – и нека нè прави среќни. 

Monday, June 3, 2013

Како да го гледа за првпат

Се зачуди како да го гледаше првпат... Не: Ја зачуди тоа што ѝ се причини како да го гледа за првпат... Или: Ја зачуди импресијата. Како да го гледа за првпат…– Лина продолжи да ја превртува во умот првата реченица од вчерашниот расказ со која не беше задоволна. Се движеше по малите улици со силна сензација како да е лик од расказ. Реченицата уште се превртуваше во сите можни варијанти. Сензацијата беше многу интензивна. Не се обидуваше да најде поврзаност меѓу нив. Само одеше.

„Таа е една неубава, се знае со Клара...“ – дојде до неа отсечок од телефонски разговор на девојката во бел капут која само што помина покрај неа.
Како може некој да опише некого, што другиот веројатно не го знае, со придавката неубав!? Може ли да биде тоа објективен опис? Кога ќе ја прашаа дали некој е убав или не, секогаш мислеше на енергијата: убава или неубава енергија. Целосно ја презираше поделбата на изглед и ум или дух или што и да е. Луѓето се целини, неделиви. Можат да имаат убава или грда енергија, додуша и еден куп нијанси на енергија меѓу тие два спротивставени пола.
Чувствуваше како промените на нејзиното лице да ги опишува раскажувач. Проаѓајќи покрај фото-студиото/фризерница „Лик“ се насмеа на една случка со него, од пред неколку дена. Никој не помина во моментот за да ја погледне чудно. Кога луѓето одат намуртени по улица тоа е сосема нормално; целосно е чудно некој да се насмее, сам со себе. Но, ете, баш никој не помина, за да ѝ ја потврди уште еднаш теоријата.
Малку понатаму, минувајќи покај пилјарниците, лицето ѝ стана тмурно. Луѓето ѝ доаѓаа во пресрет, ја одминуваа, двајца покрај комбито за достава зборуваа за брокула, вработените во парфимеријата се мачеа да ги закачат новогодишните светилки на стаклото на излогот, ја расположија трите сијалици со различна форма закачени под натписот на една продавница... Сред таа бркотница од кратки и брзи импресии, Лина почувствува како ја стега десната нога. Ја префрли чантата на левата рака. Не помага. Но сензацијата е сè уште интензивна. Ќе го види вечер! Ќе го види вечер! Мора да го види. Тој мора да го дофати брошот со цветови на нејзиниот црно-сив шал. Сигурно ќе му биде интересен.
Ја зачуди импресијата: како да го гледаше за првпат. Како да не беше тој. Но, беше тој. Се зачуди дека заборавила колку ѝ е убав.
Откако ја одмина бившата сапунара. Таа косо поставена чудна градба што се распаѓа, сакаше да ја мисли како театар со неодоливо бифе. Си помисли дека сензацијата ќе заврши. Ќе ја заборави и нема да може да ја запише. Брзаше да ја запише и се обидуваше да се одржи во чувството. Ако дојде порано во кафèто ќе ја запише. Ако не го види ќе ја запише. Нема да го види! Ќе го запише расказот и сензацијата ќе исчезне. Нема да го види!
Неповрзани остри болки во мускулите. Сега не е само ногата. Дали е тоа симптом за пад од фикцијата?

8.12.2010