Tuesday, January 14, 2014

Луѓе што се лулаат на жици


Посака да излета од балконот, да се дофати за жиците и да се залула. Да лебди во воздухот. Да биде човек. Ги гледаше нозете како ги допираат крововите, па го прегазуваат ридот и за миг стигаат до врвот, нагло летнуваат кон небото, се сепнуваат и се враќаат. Го прави ова често. Досега никој не ја забележал. Од долу се гледаат само стари патики закачени за жиците со врвките.

„Имав другар кој носеше вакви патики“, си помисли тој, спуштајќи го погледот од жиците кон растуреното ѓубре крај тротоарот. Ни тој не ја виде.  Една вечер, кога беше уште во основно, го пратија по брашно. Беше смрзнувачка. Тој одеше кон колонијалчето, гледајќи во работ на тротоарот. Алек беше постар од него. Наеднаш, пред очи му излегоа две сиви патики. Се сепна. Пред него стоеше Алек, само по јакна, без шал и капа. Се замрзна од темето до петите. Го погледна во насмеанотo и итро лице. Траеше само миг и веднаш истрча кон колонијалчето. Се сврте по неколку метри, забележа како Алек се оддалечува, станува црна дамка. По една година, станаа најдобри другари, но никогаш не ја спомнаа оваа случка. Се прашуваше дали тој ја памти. Што се случи со Алек?

Наеднаш пак го крена погледот и се сврте. Виде девојка во пижами како се лула на жиците. Тој можеше да ги види нив, луѓето што се лулаат на жици.

Посакуваше и тој ден да се залула на жицата. Толку силно го сакаше тоа, што во еден момент навистина се чинеше како да лебди, ја осети и острата жица како ѝ ги пресекува дланките. Се лулаше. Дури забележа и еден дечко како ја гледа.

Веќе долго зјапаше во патиките закачени на жицата. Се сепна и инстинктивно го спушти погледот барајќи го дечкото. Навистина ли некој можеше да ја види!? Тој веќе си беше продолжил по патот.

Се врати во собата осамена како никогаш дотогаш.

Friday, January 3, 2014

Кружниот тек на промените

Печатницата на Гутенберг
Насловна на „Тајм“, јануари, 1983


„Mедиумите нè напаѓаат од сите страни“, вели Маршал Меклуан, со секоја промена на медиумот, се менува и начинот на кој мислиме и делуваме, начинот на кој го перципираме светот, се менуваат луѓето.

Историјата на средствата за информирање и комуникацијата е проткаена со пронајдоци, промена на општествени состојби, технолошки револуции, промена на начинот на живот и употреба на медиумите. Овие промени секогаш биле и се во меѓусебно дејство. Од врските меѓу нив можат да се извлечат неколку точки за разгледување на овие феномени, во перспектива на историјата на комуникација, промените и нивните влијанија. Првата е за кружното движење на промената: медиумот изникнува од една средина, која понатаму претрпува промени под влијание на новиот медиум и е спремна да го повтори процесот; а другата е за стравот при средбата со новиот пронајдок, страв дека востановениот и познат систем на вредности ќе биде уништен од нешто ново и материјално. Умберто Еко во своето познато предавање „Од Интернет до Гутенберг“ одлучно одговара на стравот:

"...in the history if culture it has never happened that something has simply killed something else. Something has profoundly changed something else."

Стравот е исто толку неизбежен дел од процесите во историјата на медиумите, колку што е и прифаќањето на новиот пронајдок. Имајќи го сето ова на ум, го разгледувам примерот на книгата во дигиталниот свет.

Книгата: печатена, во корици, купена во книжарница или на интернет, со себе носи јасни материјални карактеристики кои доаѓаат од самото тоа дека во рака читателот држи книга – предмет: специфичен мирис, дебелина на листови, мекост, добар или лош повез, лесно се превиткува или не, лесно се држи во рака итн. Потоа читателот ги забележува употребните карактеристики: книгата му дозволува удобно да седне, да се намести во фотелја и да ги врти страниците со своите прсти, да подвлекува, да го подвитка крајчето на страницата за ознака, да остава траги, да ја позајмува на други луѓе кои на неа повторно ќе остават траги, да ја спакува во куфер или чанта. Така комуникацијата се одвива со пластење на суптилни (или не толку суптилни – ако се замислат чкртаниците и скинатите страници) но видливи траги од луѓето кои ја држеле в рака таа книга. Тоа е реален предмет, кој читателот може да го нареди на полица, да го разместува низ собата, да го подари за роденден (со персонализирана посвета), да го разменува, препродава, изнајмува од библиотека.

Уште пред појавата на компјутерите во широка потрошувачка и пред целата експлозија на интернетот и револуцијата која ја носи, се појавува идејата и потребата помеѓу авторите да внесат новини во своите дела. Тоа се почетоците на хипертекстот. Се појавуваат различни програми за создавање експериментални текстови кои не се читаат линеарно, туку хипертекстуално, со следење на мрежа од хиперлинкови, кои од една страница текст го  носат читателот на некоја сосема друга, следејќи пат на асоцијации кој никогаш не е ист со претходното читање.

Со појавата на интернетот сето ова добива поинакви размери и се одвива поприродно и далеку полесно. Освен што книгата како предмет може да се купи преку интернет, таа може да се симне и да се чита во дигитално издание. Ова издание самото по себе е хипертекстуално со можност за пренасочување на други страници, барање на непознат збор, пребарување на поим, име, читање повеќе за авторот, критики за делото и, секако, можност читателот сам да напише нешто за делото и многу едноставно да го објави во тој виртуелен свет каде што живеат милијарди страници текст, слики, звуци кои ни се така лесно достапни, со еден клик.

Кога од виртуелниот свет читателот се враќа на печатената книга, со себе ги понесува знаењата, очекувањата и новосоздадените барања. На пример, на компјутерскиот екран се навикнува да чита пократки текстови (секако, постојат долги студии, но тие обично се направени да се испечатат). Тука доаѓам до фазата кога новиот медиум го менува претходното. Текстовите кои обично се ставаат на интернет се пократки, фрагментарни и проткаени со слики, видеа или музика. Затоа воопшто не е чудно што краткиот расказ е особено во подем во последниве години. Од друга страна, визуелноста на интернет страниците, големата количина на слики, графика и бои кои се дел од секојдневието на читателите/корисници на интернет, им создаваат потреба тоа да го најдат и во книгите, па тешките, долги, книшки описи почесто се заменуваат со кратки, брзи, речиси, филмски секвенци. И мултимедијалноста се наметнува како логична и природна појава.

Со лесната достапноста на алатките за објавување на интернет, без потреба од издавачи и печатење, речиси, бесплатно, секој има чувство дека може да биде писател и самиздатот влегува во нова ера. Оваа практика, „публиката“ да стане автор може да се трасира наназад, до отворањето на весниците за писма и текстови од читателите, но со интернетот доживува огромно проширување. Границата помеѓу писател и читател станува сè понејасна. Блоговите, платформите за закачување на текстови, социјалните мрежи... тоа се местата на кои секојдневно се објавуваат илјадници текстови кои учествуваат во глобалната размена, меѓусебно дејство и влијание, конечно, глобалната комуникација. Петнаесетминутната слава сега станува – едвај триминутна. Дискусијата, во оваа состојба на наплив на текстови, се концентрира на вредностите и реперите, дали треба да се стават во преден план или да се остави од тоа мноштво на текстови, некако несредено раштркани низ виртуелниот простор, да се издвојат оние кои моментно или потрајно ќе извршат влијание и ќе предизвикаат промени.

Значајна карактеристика на новото време на комуникацијата е тоа што со новите медиуми, социјалните медиуми (блог-платформите, Facenook, Twitter, Youtube...) се надоврзуваат на некои стари практики кои се појавиле пред ерата на Facebook. На пример, идејата на фензините од крајот на 20-тиот век, самиздат магазини на еден или група автори може да се пронајдат во блог платформите – секој има свое катче каде секојдневно може да го креира својот магазин; сечењето од весници и списанија, на вести, интервјуа или интересни текстови, овој концепт може да се најде во концептот на Facebook и во можноста која му се дава на читателот/корисникот да одбере што ќе прочита и што ќе задржи, што е дел од неговите интереси; Youtube е едно големо радио (а сè повеќе и ТВ програма) каде корисниците самите ја креираат содржината, нешто налик на компилациските касети со избрани песни од веќе постојните радио станици.

Освен ова, суштината која се извлекува од целата кратка, но експлозиван историја на интернетот и социјалните мрежи, е тоа што самите корисници се креатори на тоа што ќе го читаат, гледаат, слушаат на интернет. Нивните информации, интереси, сето тоа може да се подеси така што ќе одговара на нивните дневни ритуали, обврски и задоволства. Тоа е голема разлика од масовната култура на телевизиските и радио програмите, како и од печатот.

Со новите технолошки пронајдоци, „децата“ на компјутерот, како што се лаптопот – пренослив компјутер, ноутпад, паметните телефони, електронските читачи на книги, проблемот со преносливоста се чини се надминува. Пречките на непреносливоста на компјутерот се премостуваат: сега со овие мали и лесни уреди, кои имаат подобрени карактеристики на екранот за долго читање, може лесно да се менува местото на читање (внатре или надвор: на клупа, на плажа и сл.)

И повторно, навиките се менуваат, но книгите не исчезнуваат. Еве и сега, додека ја пишувам оваа теза, наоколу имам многу книги и списанија, но знам дека ништо не можам да направам ако немам интернет. Проблемите кои се појавуваат и полемиките кои се водат се сосема нормални, единствено што треба да се прифати е дека тие се случуваат на многу сличен начин со секоја промена на свеста, со секој пронајдок кој ја менува перцепцијата за светот и начинот на кој се добиваат и разменуваат информациите. Секоја претходна промена била тешко прифаќана, но по одреден период на адаптација таа се усвојува и се заборава тоа што било претходно.

„Не треба да велиме имам, туку сум опкружување. За среќа, тоа опфаќа повеќе медиасфери (јас сум и велосипед и авион и перо од гуска и телефон и CCN и CD-ROM), што го зголемува степенот на мојата, условно речено, слобода. Но, таа надворешност ја проникнува мојата внатрешност“ (Режис Дебре).


Преземено од првото поглавје на магистерскиот труд „Книжевните списанија во рамки на македонската независна културна сцена“ (декември, 2013).

Sunday, November 24, 2013

Ѕидот што го потпира небото


Ѕид. Висок и долг, до бескрај долг и сив, влажен и мувлосан. Не е кружен. Бескрајно е долг и бескрајно е прав. Никој никогаш не стигнал до неговиот крај. Никој не ни знае дали има крај. Или, можеби, некој стигнал до неговиот крај, само што тој не знае.

Нагоре завршува во небото. Лево завршува во небото. Десно – небо. Назад е само патот за назад. Тој е стуткан во подножјето на ѕидот. Главата – потпрена на колената. Рацете ги гушкаат свитканите нозе. Сè е мирно и статично. Само, одвреме-навреме, праменче од косата која слободно му паѓа на челото пролебдува во воздухот, на неколку мигови, за потоа да се врати на своето место. Нема ниту дрво, ниту тревка, ниту гранче. Нема ништо што би можело да покаже дека има ветар, дека има живот. Само тоа негово праменче.

Сè е мирно и статично во пејзажот. Но, во неговата глава – во неговата глава мислите навираат и се прекршуваат, извртуваат, протекнуваат, но никогаш не престануваат. Тој ги брка, сака да си отидат и да го остават засекогаш мирен како пејзажот. Но, не, тие се тука како противтежа, или едноставно како присутност.

Мисли. Спомени. Таа лежи во поле од шарени цветови. Тој седи покрај неа. Зошто ја памти во поле од цветови? Таа е алергична на полен! Неговите дланки поминуваат по нејзиното лице. Меко и мазно. Нејзиниот мирис сè уште е на него. Му мириса на лага. Убавиот свет се раскршува, се руши и распаѓа, исчезнува од пред неговите очи. Пред него останува грд свет. Грда жена. Страшната вистина како склопчен еж се тркала по неговото тело. Прави длабоки рани по неговата кожа. Од тука води само еден пат. Дом. Град. Пат. Рид. Шумски пат. Шума. Тесен пат среде ниски грмушки. Пат. Сува трева. Пат среде пустелија. Сува земја. Уште малку пат. И ете го доаѓа до ѕидот.

Мало движење ја разбранува статичноста на пејзажот. Лесно и бавно тој ја одлепува главата од колената. Ветерот се засилува, како да сака да го освежи и расони од зашеметеноста. Преку очите, сè уште затворени, му поминуваат перчињата коса. Кога би можел да лебди како што лебдат тие! Да го понесе ветерот со својата магична сила, тоа би било прекрасно! Така би го победил ѕидот. Кога само би можел да оди по ѕидот, по највисоката точка на ѕидот! Тоа беа неочекувани мисли. Не знаеше од каде доаѓаат. Можеби беа дел од сонот. Како би било да можеше да се чекори по работ на ѕидот?

Мисли. Сон. Си беше еднаш еден ѕид по кој можеше да се чекори. Си беше тогаш и еден човек чии чекори оставаа траги по правливиот раб на високиот ѕид. Од едната страна на ѕидот – пат. Пат сред пустелија. Патот за назад. Од другата страна – море. Вода и луѓе со скршени светови. Море од бои, надежи, нови почетоци. Неговиот поглед – насочен кон тоа шаренило. Стапалата полека се одлепуваат од ѕидот, се одбиваат од каменот. Неговото тело паѓа во воздухот кон морето. Рацете, главата, целото тело се слизнуваат во водата. Неговите стапала повеќе никогаш нема да го допрат каменот. Неговото тело засекогаш ќе лебди во радоста на новата вистина, во боите на морето.

Но, тој стои исправен пред ѕидот. Неподвижно исправен. Не мисли свои мисли. Тоа се нечии други. Едноставно, тоа е само сон. Ги отвора очите. Ѕид. Висок и долг, до бескрај долг и сив, влажен и мувлосан... Горе до небото висок. Гледа во сивилото на ѕидот пред себе. Прави напор да си ги најде сопствените мисли. Си беше еднаш еден ѕид по чиј раб не можеше да се чекори бидејќи го допираше небото. Ѕидот го потпираше небото. До небото допираат само птиците. Си беше тогаш и еден човек чии чекори оставаа трага по сувата земја во подножјето на ѕидот. Тој беше човек, а не птица. А луѓето не летаат – чекорат по земјата. И тој почна да чекори по должината на ѕидот, можеби има крај. Да, луѓето не летаат – се надеваат, но не дека ќе летаат. Едноставно, се надеваат. Тоа доаѓа така природно. Тој чекори, дури не ни знае дека патем се надева. Никогаш нема да проба нешто друго. Ќе го заборави прашањето: како би било да можеше да се чекори по работ на ѕидот. Ќе се надева – ѕидот има крај.



Преуредено и прочистено од оригиналниот текст напишан во септември 2005. Иако имаше делови кои не можев да ги поднесам, па ги избришав, иако останаа и некои можеби непотребни повторувања, но има нешто во овој текст што мислам вреди да се сподели.

Sunday, November 17, 2013

Маче

Посветено на Виски, познато и како Смоки,
мачето од Менада.

На ваква магла нешто чудесно мора да се случи. Мостот е сам на светот. Го притиска длабока магла од сите страни. Низ неа успева да се пробие само пат осветлен од светилките на долниот дел од мостовата ограда. Наизменично се менуваат жолтеникави и зеленикави светла, како осветлување на театарска сцена. И патот завршува во густа темна магла. Ноќе, мрзелива темница. На тој мост, со таква магла, нешто чудесно мора да се случи.

- Што ќе се случи? – ја прашува тој.

- Некој мора да претрча и да ја раздвижи оваа миризлива непомерливост... (човек облечен во црно, претрча покрај нив) а жената во црн капут, што полека се движи накај нас од другата страна на мостот не се ни помрдна. Продолжи да оди полека речиси незабележливо, како ништо да не се случило.

- А ние, што ќе направиме?

- Еве го мачето, тоа убавото, жолтото, што секогаш го среќаваме на местата каде што се среќаваме...

- Каде е?

Таа полека ја движи раката од неговото лево рамо, околу вратот и со дланката завршува до неговото десно уво и образ. Го гали – Еве го, ти се испентери на вратот.

Тој се гали како маче. Ги затвора очите во две коси линии милно како маче. Времето се шири, претопува и преклопува, воздушесто како магла.

- Оп... сега рипна на оградата – ја спушта таа раката.

Тргнаа по мачето, меѓу жолтите и зелени светилки... Нема да ги однесе на никакво чудесно место. Напротив, ќе ги остави и самото ќе се изгуби по своите мачкини патеки. Ама пак ќе се појави на местата каде што тие се среќаваат.

Ги обвиткува топла тишина, како магла.

21.02.2011

Tuesday, November 12, 2013

Како да се пишува за уметност?

Од кого ли беше идејата дека е невозможно да се долови едно уметничко дело освен преку ново уметничко дело, инспирирано од првото, надоврзано на првото? Секогаш ми се врти во глава кога треба да напишам или кажам нешто за какво било уметничко дело, особено за ликовно. Се чувствувам неадекватно и покрај тоа што силно ме погодило. Како да се изрази тоа – моќта која ја има едно дело врз гледачот? Дали преку зјапањето во делото како да сакаме да го запамтиме секој детаљ и да ни остане пред нас и многу време откако сме го виделе? Дали со благата насмевка и гордоста што ја чувствуваме дека сме во иста соба со ремек дело? Дали е во сепнувањето на таа девојка од Galleria dell’Accademia во Фиренца кога на крајот од широкиот ходник ја здогледа скулптурата на Давид на Микеланџело? Дали е во чистото посочување на моќта на делото или пак во купот текстови изнапишани за него? Јас ги направив сите овие нешта пред делата и во музеите кои ги поминав во Рим и Фиренца, а еве сега се обидувам да го направам и последното. Зошто? Веројатно затоа што е премалку едно од овие за да се долови сензацијата што ја имав кога го видов „Повикувањето на св. Матеј“ на пример, во темната и задушлива црква San Luigi dei Francesi, недалеку од познатиот плоштад Навона во Рим или вознемиреноста пред идеалната скулптура на Давид во неверојатно осветлениот дел од Accademia во Фиренца, или пак возбудата од новите сознанија... Како да се пишува за уметност?

Две цркви во Рим: споменатата San Luigi dei Francesi и SantaMaria della Vittoria. Караваџо во првата, Бернини во другата. Двајцата автори што му го даваат барокот на Рим. Црквите веќе не припаѓаат на верниците туку на туристите и вљубениците во уметноста. Луѓето брзо поминуваат покрај редовите дрвени клупи, ретко се загледуваат во олтарот, се упатуваат во еден агол, една капела околу која е собрано најмногу народ. Тоа е вистинското место на поклонување! Santa Maria della Vittoria е толку барокна, повеќе не може да биде: облачиња со ангели и злато. Ми текнува на мојот лектор на факултет, кога ни предаваше за барокот, постојано повторуваше: Fa meraviglia! – Забезекнува! (во недостиг на подобар превод: многу е посилно од „зачудува“). Црквата го користи барокот во време на контрареформацијата како средство за воспоставување на својата моќ и кулиса за своето лицемерие. Народот е зачуден/зашеметен од раскошните ентериери, се чувствува ситно и сосема човечки соочен со тоа недофатливо божествено богатство, а црковните лица можат да продолжат со својата лицемерна игра на казнување на безбожниците, забранување на богохулни книги и практики... Во таа барокна црква Бернини ја поставува „Екстазата на св. Тереза“. Калуѓерката пластично го опишува своето поврзување со Бога во својата автобиографија, бестселер во времето на настанување на скулптурата – Бернини како да ја поистоветува спиритуалната со карналната екстаза па ја претставува светицата во грч кој може да биде и е интерпретиран двосмислено. Телесното: екстаза, болест, крв, смрт, страст... е тема на барокот. Бернини го метаморфозира ладниот мермер во видлива телесна експресија, а Караваџо тоа го прави на платното. Како да ни ја прикажуваат сликата на светот позади кулисите од чудесии на кои Црквата инсистира. Како ли се чувствувале тие свештеници и црковни кројачи на многу судбини, кога се гледале во огледалото на овие уметници!?

За разлика од телесноста толку човечки прикажана во барокот, во ренесансата, век и нешто порано – телото е идеал, симбол за совршена мерка и човечка божественост. Кога се стои пред „Давид“ на Микеланџело, се доживува meraviglia, но не како во барокната црква, туку заради совршенството на телото кое, веројатно, може во секој момент да мрдне. До Давид нè донесуваат две редици на недовршени скулптури на Микеланџело. Тела кои се обидуваат да се ослободат од вишокот на мермер. Микеланџело, сметал дека каменот или мермерот самиот во себе ја крие скулптурата, готова, скулпторот само требало да го тргне вишокот материјал од неа со раката која го следи интелектот на авторот.

"Non ha l'ottimo artista alcun concetto
ch'un marmo solo in sè non circoscriva
col suo superchio, e solo a quello arriva
la man che ubbidisce all'intelletto." - 
Michelangelo Buonarroti, Sonetto n. 151  

Овие недовршени скулптури кои почнуваат да излегуваат од големите мермерни форми се силна слика за тоа што Микеланџело сака да го каже. Дали останеле недовршени од оваа причина? Дали уметникот се зафатил со работа на нешто друго, изгубил интерес или пропаднала нарачката? Останува нејасно, но и неважно... Скулптурата на Давид која довршена до совршенство се издигнува високо во просторот под куполата од каде паѓа дневна светлина и идеално ја осветлува, е тоа што е важно. Толку е моќна што дополнителните слики и изложби кои се дел од оваа галерија како да стануваат непотребни. Толку е силно присуството на скулптурата во просторот. Останува во глава долго откако ќе се напушти галеријата, и тоа не е затоа што те следи од разгледниците, магнетите и другите сувенири на тезгите низ градот.

„Just how powerful is art? Can it feel like love, or grief? Can it change your life? Can it change the world?“ – Simon Schama

И кога ќе заврши патувањето и ќе продолжи нормалниот живот, кога повеќе не ни се пред очи овие дела, остануваат присутни, како љубов или болка. И затоа пак се прашувам, како да се пишува за уметност? Некако поинаку? Дали воопшто? Веројатно, ќе се обидувам пак и пак да го дофатам чувството на meraviglia.

Monday, November 11, 2013

Слоевите на Рим


Секоја приказна за Рим почнува во црно-бело, од Фелини и Dolce vita. Но никогаш нема да се разбере до крај филмот доколку не се отиде во Рим. Тогаш се гледа дека тоа што Фелини го претставува, тематизирајќи го животот во Рим од крајот на 50-тите, во суштина може да се види и денеска единствено ако се соочиш со градот: природата во Рим има една суптилна врска со неговиот секојдневен живот и изглед. Тоа го сфатив на моето прво патување во Рим. Можеби беше поизразено затоа што беше пролет, па природата напаѓаше посилно и со мириси и со сочни бои, но речиси на секоја фотографија што ја направив, секој призор, секој поглед во сокриен пасаж имаше по некој залутан медитерански бор или палма или барем некој багрем.  

Fontana di Trevi
Fori Romani

Fori Romani
Museo d'Arte Contemporanea di Roma











Рим тогаш го доживеав како музеј на отворено. И овој пат, на есен (римска есен: во ноември паѓа крајот на летото!) зимзелените крошни на боровите лебдеа како зелени облаци, но нешто многу посуштинско почна да се исцртува. Музејот кој го запаметив од пред неколку години, ми се виде како живот кој се надоврзува. Она што ми стана јасно е видливото сознание дека Рим е метропола непрекинато векови наназад. Наеднаш се отвори една многу сугестивна слоевитост како во длабочина (видлива во историските наслаги), така и во ширина (видлива во денешниот ритам на градот од еден до друг крај).

Не е толку фасцинантно кога ќе го видиш Колосеумот или Римските форуми од внатре. Вековите на незаштитеност ги растуриле камењата што биле ѕидови и столбови. Многу поинтересно е кога се шеташ по Via Imperiale – улицата изградена над римските форуми, и ги гледаш од горе античките згради и плоштади наместени во новиот град или, подобро, тој адаптиран на просторот, улиците и формите од античките времиња: новите улици ги следат старите, градските автобуси и трамваи кружат околу Колосеумот... логично и природно. И обратно, ако погледнеш од средето на Римскиот форум, нагоре, кон новиот град кој се издигнал над него: меморијалната зграда на Виторио Емануеле, ренесансните згради, прошарани со зелените печурки на боровите – се чини како да е отсечено парче од една висока многуслојна торта. Рим внатре во земјата со Рим над неа изгледа како да се надоврзува. 

Трајановиот столб
Поглед од Колосеумот











Поглед нагоре, Fori Romani
Покрај Castel di Sant'Angelo












Поглед од Palatino
Како метропола, шаренилото од различни луѓе не доаѓа само од туристите лоцирани исклучиво во тесниот центар помеѓу Ватикан, Шпанските скали, Фонтана ди Треви и Колосеумот. Кога ќе се излезе од овде, градот не прекинува, се отвора како да е бескраен. Одиш саати поминувајќи широки авении и мали затскриени плоштатчиња, богати резиденции и мали барови, од некаде доаѓа мирис на кафе, кари, кожа, чоколадо, паднати листови на трамвајски шини, долго барани клупи, луѓе кои брзаат за на работа, луѓе кои брзаат да го испијат кафето, насмеани луѓе кои продаваат сладолед кој не е од овој свет и пак, долги дрвореди, тесни улички...   

Thursday, October 17, 2013

Алигатор

Не беше сигурен колку долго е внатре, во малата лабораторија на дедо му. Дедо му му ја остави заедно со љубовта за фотографијата. Не смени речиси ништо. Освен новите течности ништо друго ново немаше таму.  И светилката беше истата, старата. Му беше вистинска енигма како успева толку долго да не прегори. Ги развиваше сликите од роденденот. Само што разви една во поголем формат. Ја мешкаше фотографијата во белиот сад со фиксирот и се обидуваше да ги открие фигурите на неа, беше прилично матна. Не му беше јасно што сликал. Ги прибра сите хартии што можеа да се оштетат и го запали светлото. Ја залепи сè уште мократа фотографија на вратата (тоа му беше начин на сушење, кога ќе паднат на земја значи се исушиле) и се замрзна. Фотографијата беше очигледно матна, сите лица беа матни. Но, над главата, на фигурата која веднаш ја препозна како Лина, имаше нешто, нешто прилично изострено. Не знаеше што е тоа. Наеднаш силен блесок се одби од фотографијата. Како страшни жолти очи гледаат право во него и почнуваат да се шират и му се приближуваат со огромна брзина. Во мигот кога мислеше дека ќе го опфатат цел и кога срцето ќе му излета од градите, во мигот кога мислеше дека не видел толку светлина никогаш во својот живот, таа... се згасна. Со отсечен, одлучен, бучен тресок. Андреј остана во мртва темница.
Го бараше прекинувачот со рацете. Обично веднаш го наоѓаше. Сега го немаше. Го најде, конечно. Но, нормално, немаше струја. Можеби настанал некој спој. Излезе да провери. Се удри во сè што го пречека на патот. Да немаше столче, кутија или некаква ногарка на неговиот пат, ќе се создадеше токму на тоа место каде што неговото тело реши да се постави, само за да го удри. Никаде во куќата немаше струја. Погледна низ прозор. Комшиите имаа. Отиде да ги провери осигурувачите. Сè беше во ред со нив. Немаше поим од електрика. Немаше никого дома. Немаше шанса сега да седи сам во темница. Се упати кон Лаика на пијачка. 
Дури кога излезе на улица, му текна дека е излезен со фармерките и блузата кои ги облекува за работа. Ишарани со бели дамки во различни форми. Продолжи да чекори без да помисли да се врати внатре.
It's a fear, it is near, the shape becomes ever clear.
Токму овој стих од Алигатор на Grizzly Bear, дојде до него кога се приближи доволно до Лаика. Идеално! Вистинскиот саундтрак за неговата вечер. Се приближи до масата на двајцата свои пријатели што ги забележа од далеку. И додека чекаше да му го донесат пивото, со насмевка ја дослуша песната.
It bares teeth, extra sharp, that'll cut you in the heart.
It attacks, really quick, try and fight it with a stick.
There’s no use, give it up, this is life and this is love
You are my alligator.
И потоа се преправаше дека не е ништо. Ќе се преправа уште некое време дека не му беше страв да се врати дома. Но сите ќе ги тера да останат со него уште малку подолго. Ќе сака да остане до изгрејсонце надвор или барем да не биде сам дома. Но ќе се прави дека ништо не е. Нема да си признае сè додека некаде околу 4 часот наутро, сите ќе сакаат да си одат дома а тој нема да ги пушта. И баш тогаш ќе се погоди сите да треба да станат рано и никој да не сака да дојде кај него. Последното познато лице што го виде таа доцна вечер, барем да беше многу рано наутро, беше Лина, како влегува во такси и едвај чека да си легне.
You are my alligator.
И тогаш остана замрзнат на тротоарот покрај фонтаната на почетокот на паркот. И морници му поминуваа низ целото тело и остана парализиран и смрзнуваше и срцето му лупаше и паранои му се вртеа во глава и сè по ред, како на човек што доживува напад на паника.
Но беше по 4 часот, во студена есенска вечер. Сонцето немаше да изгрее уште барем два саати. Реши да го рационализира стравот додека се движеше низ улиците накај дома. Имаше блага магла.  Ја отвори вратата од дворот. Се слушна само нејзиното чкрипење. Потоа шушкањето на листовите под неговите чекори. И... на крај го подигна погледот кон куќата... Светилката на влезот. Работеше. И внатре беше сè во ред. Ги провери сите соби на спратот, секаде имаше струја. Не се симна долу во лабораторијата. Седна на една фотелја, пушти некоја серија на телевизија и чекаше да се раздени. Се потсмири, но чувствуваше обврска, солидарност кон параноичниот Андреј од пред неколку часови: мораше да го чека изгрејсонцето и помисли на Лина.
- Хах, не си се пресоблекол од работа... – наместо поздрав му рече Лина кога дојде во Лаика, неколку минути по него.
- Па, ги разви ли конечно сликите од роденденот? – по некое време, Лина ја прекина тишината помеѓу нив двајцата.
- Почнав, но ми прегореа сијалиците – ѝ одговори Андреј, опуштено и сè уште со слој иронија на себе.
- Конечно, прегоре сијалицата на дедо ти! Па тоа е за славење – целосно развеселена и опуштена продолжи Лина.
- Па изгледа и сите други прегореа, ама утре ќе мислам на тоа.
- Не, стварно! Тоа е сијалицата која гореше... Колку? 30 години? – Лина мораше да ја слушне целата приказна за сијалицата... за дедо му на Андреј, овој пат немаше да го остави на мир додека не ѝ ја раскаже. Па реши да почне со сијалицата.
- Па дедо ми, уште додека беше жив се чудеше колку долго горат сијалиците во лабораторијата. Не се сеќавам баш оваа кога ја имаше сменето, ама починат е веќе четри години, а таа тек сега прегорува. Не знам ни дали знам да ја сменам – некако прилично лесно ѝ го прифати разговорот.
- А кажи ми за тоа кога првпат си се симнал во лабораторијата? – продолжи со љубопитноста Лина.
- Не знам, имав десетина години. Дедо ми развиваше портрет на некое девојче, нешто помало од мене. Дури и ми беше познато од маало. Ама не ми беше тогаш тоа интересно, интересното беше како под проѕирната течност полека на белата хартија почнуваат да се појавуваат сенки, па некои неодредени форми и фигури, за на крајот да се добие некоја слика која сè уште не можеш убаво да ја видиш, заради слабото светло, но веќе имаш претстава што е – зборуваше Андреј, помалку занесено.
- Андреј, а таа е сликата со девојчето што јаде цреши и наеднаш забележува на улица огромно куче како стои многу блиску до неа и ја гледа? – го знаеше, Лина, тоа девојче како голема девојка. Ја имаше видено фотографијата која Андреј ја сликал десетина години подоцна. И на таа јадеше цреши, можеби и на истата улица како на претходната.  Не знаеше зошто, но таа фотографија секогаш ѝ создаваше, нејасно чувство на љубомора.
- Да да, таа е... – зашеметено одговори Андреј.
You are my alligator.
- И после? – праша неодредено Лина, очекувајќи дека можеби Андреј ќе и каже уште нешто за дедо му и фотографијата.
- И после одиме во МЦМ, така? – се слушнаа нивните пријатели од спротивната страна на масата.
- Да, да одиме... – се сложија сите.
- Сакам некогаш да гледам како се појавува сликата... – го затвори разговорот Лина, додека полека тргаа кон новото место.
За првпат таа вечер, Андреј, се насмеа, неиронично.