Tuesday, September 30, 2014

Сонце со заби

Цртеж на зградата на баба, веројатно, направен помеѓу 1992 и 1994 г.


Сончево но студено зимско утро во градинката „8-ми март“ во Кисела вода. Во пространата просторија, на ниски квадратни масички - стандарден дизајн со бела горна површина - се испоседнати триесеттина мали човечиња од по пет и шест години. До пред малку раштркани од едно до друго тематско катче: фризерница, кујна, амбуланта... сега се наредени на масичките во форма на развлечена буква П. 

- Некогаш кажуваме нешто, а мислиме на нешто друго – воспитувачката - бела коса, розеникав, но темен тен, коса во форма на триаголник до рамената - се обидува да ги воведе малите во светот на преносните значења – како на пример, сонце со заби...

Човечињата збунето гледаат во робусната фигура во светло розова униформа. 

- Дали сонцето има заби? Што кажуваме со тоа? Можете ли да наброите други примери? – упорна е воспитувачката.

Човечињата и понатаму ја гледаат збунето. Веројатно обесхрабрена или несигурна во својата педагошка техника, таа им вели да нацртаат што мислат на темата. Малите ги отвораат блокчињата бр. 2 и почнуваат да цртаат. Едно девојче црта сонце со заби, потоа облаци со заби, потоа, можеби, и кров со заби... забите се како запчаници. 

Цртежот заедно со блокчето завршува во подрум меѓу старите книги и тетратки од основно и средно. Едно топло попладне, враќајќи се од факултет, пораснатото девојче случајно се потсетува на оваа епизода, кога воспитувачката Бранка ги учи за метафората. Си ветува да го најде цртежот. Не успева. Можеби сето тоа го измислила. А можеби цртежот завршил изеден од некои други заби.





29.8.2010

Thursday, September 25, 2014

Прага во боја на пиво

Првата средба со Чешка е симпатичниот кондуктер од возот Будимпешта-Прага на Чешки железници. Насмеано и зацрвенето средовечно човече кое зборува на еклектичен странски јазик: англиско-германско-чешки со големи дози на насмевки таму каде што нема зборови…

Од Унгарија до Чешка, премините на државите се гледаат во смената на имињата на станиците и местата… 

Многу жолти полиња што ме потсеќаат на Англија, само попространи… Многу гнезда на дрвјата покрај пругата... Кули за вода, насекаде и со различни специфични дизајни, како тоа да било тренд...

Таман малку нешто да ти каже дека не си дома. Некогаш мали работи ни стануваат синоними за разликата: кровови на куќи, полиња или гнезда. Ама гнезда големи што не личат на гнезда туку на грмушки во дрвото. Тука живеат некои чудни птици што си сакаат своја сопствена крошна во крошна. Или некоја чудна болест ги фатила дрвјата во Словачка. 

Како што возот се приближува до Прага, станува посончево.

Прага не е златна поради златните кровови, туку поради бојата на пивото... 

Во пивницата „Под Сметанкоу“
Во пабот „Lokál Dlouhá“, едно од местата со најголема традиција во Прага. Пиеме пиво на шанк, под кој се гледаат три огромни метални буриња со пиво.  
                           


Пиво се пие од доцниот доручек некаде на пладне па сè до ноќните лутања. Кога се шеташ низ Прага, ја гледаш низ тој слој на блага замаеност од лесното и сеприсутно пиво. Од првото пиво земено за носење во еден премин близу најтуристичкиот дел од Прага, веднаш помеѓу локалите околу астролошкиот саат, па сè до последната кригла во еден локален паб близу зградата каде што бевме сместени во Прага 6, засолнети од неверојатно ладната последна вечер на почетокот на мај – паралелно со секојдневните делници низ различните делови на овој град со повеќе градчиња во него, имавме и спонтани пивски тури, предизвикани од секвенци на дожд или од желба да се направи пауза.

Пабовите и пивниците, најчесто се прилично стандардни: дрвени маси, неколку основни јадења (гулаш, колбаси, тестенини). Но, има и сосема поинакви локали. Барот Пропаганда е сместен во пространи подрумски простории, прилично темни и целите излепени со постери од комунистичкото минато... Кафеаната „Под сметанкоу“ однадвор е обоен во силна тиркизна боја, а внатре се шири во ходници полни со тежок мирис на цигари и храна, темен стар мебел многу сличен на оној од старата куглана во ГТЦ и репродукции на Јан Саудек по ѕидовите... 

Бевме и на некои чудни места, еден индијански паб, под ридот Петрин... една мала винарија во квартот Винохради, каде влеговме од немукает поради дождот и нè дочека уште една маса со двајца сериозни господа и прекрасна чаша сладок мускат... кафаната во која Ентони Бордејн јадеше свинска коленица „У Медвидку“... една прекрасна кафеана во склоп на некој музеј, пред плоштадот Мала страна... 

 На тарабите во Прага7

И тука сум во овој град со историја толку слична и исто толку различна од мојата, јазик кој има конструкции и лексика кои ги разбирам, комунистичко наследство кое ми е познато, но и силна култура и бројни индивидуалци чии траги се собрани и се чуваат како бесценети камења токму тука низ и во градот, на улиците, по фасадите, во музеите. Град во кој туристичка атракција е да се отиде на концерт на дела од Дворжак или на поставката на Дон Џовани која Моцарт ја правел за Прашката опера.

Споменикот на Антонин Дворжак, пред Чешката филхармонија
Но, приказната која, веројатно, долго време ќе ми биде синоним за Прага, покрај приказните за пивото и пивниците, секако е циклусот „Словенска епопеја“ на Алфонс Муха, уште еден прашки индивидуалец, од преминот кон 20-тиот век. Познат е по сликите и дизајните во артнуво стил, но создавањето на овој споменат циклус, за него претставува најбитно дело. Го работи од 1910 до 1928 со грант од американскиот бизнисмен Чарлс Ричард Крејн, чии широки бизнис интереси го носат кон Источна Европа и Средниот Исток, меѓудругото се интересира и за словенската култура. Идејата е по завршувањето да циклусот да се предаде во сопственост на градот Прага со аманет да се изгради специјален павилјон за негово постојано излагање. Една година отакако е завршен циклусот првпат е изложен во Прага. Но, набрзо доаѓа Втората светска војна и сликите од циклусот се чуваат спакувани за да не бодат очи на нацистичкиот режим, со оглед на тоа што нивниот автор, малку пред да почине во 1939 година, е испрашуван од Гестапо како претставник на јавниот живот во Чехословачка. По доаѓањето на новиот комунистички режим по војната, градот нема интерес за градење на дом за циклусот на Муха и тој останува заборавен сè до 1963 кога е изложен во замокот во градот Моравски Крумлов. Дури во 2012, по долг судски процес на градот Прага и фондацијата Муха, околу сопственоста на циклусот, платната доаѓаат во Прага во посебно крило на Националната галерија. 

Словенската епопеја на Алфонс Муха, 20 големи и неочекувано наративни платна во просторија со темни ѕидови и паноа, е изложена во посебно крило на галеријата, како правоаголен лавиринт од лицата и приказните од историјата на словенските народи. Немам фотографии од овој дел од Националната галерија во Велетржната палата, Прага 7. Се осеќаш  мал и несигурен со апаратот во рака, како пред фрески, сфаќаш дека боите и нијансирањата на просторот нема да можат да се дофатат на фотографија. Како би кадрирал, како би се поставил на светлината, кој детал би го штракнал? Па само гледам. И во право сум. Се сеќавам кога се вратив дома веднаш го побарав на интернет она платно на кое е насликана внатрешност на црква во Светагора, со зелени снопови светлина што влегува од прозорците. Зелена како апсинт. Целата слика е зелена во различни нијанси. На репродукциите не се гледа ниту половина од тоа што беше мојот впечаток. Запамти го!

Склулптури расфрлани низ една тврдина
на патот за Вишеград. Не сфатив чии се.











На пат за дома, долг едно попладне и цела ноќ, нè испраќа вистински студено време, во мај... И ние ги испраќаме сите Праги, 6, 1, 2, 3, 7, 4, 9 и засекогаш ги земаме со нас нивните отисоци и неверојатна атмосфера на чудновен град, кој ти нуди толку многу богатство во нешто толку едноставно и секојдневно како шпартање по улици, разгледување на музеи и седнување на пиво.

Friday, July 25, 2014

Зборови



Од некој далечен прозорец се слуша Жак Брел. Музиката, поделена на безброј мали честици, полека се придвижува низ лепливиот неподвижен воздух на врелата летна ноќ. Се распрснува лебди се превртува: звуците на пијаното одат кон исток, гласот веројатно кон запад, тажното вибрирачко р си игра малку на средината, застанува и ги чека другите да го стигнат. Меко бавно мрзливо е движењето, како бавен танц на мраз. Така доспева и до нејзиниот стан, оваа музика со чуден призвук, полека поминува низ ширум отворениот прозорец. Помешана со мирисот на асфалт што испарува, сува трева и некој неодреден мирис на нешто старо, како оној од зградата на баба, помисли Лина. Не, не осети носталгија.

Погледот, за кратко оттргнат од книгата што ја читаше - како да сакаше да го види танцот музиката - повторно се врати на линиите зборови. Ѝ влеваа некоја чудна сигурност, тие црни низи. Како враќање дома или како отворање на прозорец со поглед на разбранувано море, сеедно. Удобно навалена во фотелјата, со чаша ладно пиво на масичката до неа, Лина, првпат по долго време, се почувствува на сигурно. Не, не осети мир.

...Moi je t'offrirai
Des perles de pluie
Venues de pays
Ou il ne pleut pas...

Го почувствува првото движење на воздухот од прозорецот: благо, речиси непостоечко, ветре влезе заедно со песната која уште траеше. И ѝ ги побрка редовите.

- Не си јасен! - му рече Лина.
- Кога не се случува нешто, тоа е исто јасно како и кога се случува - ѝ одговори тој. Спремно, некако, студено, дури. Сурово.
- Ова е првиот јасен муабет што го правиме
- Ова е првиот непотребен муабет што го правиме

„...женската фигура го остава тажниот инструмент на земјата и погледнува кон малечкиот облак кој поминува преку Месечината...“

- Некои нешта е битно да се кажат. Мора да се има, макар најмала, дефинираност на однсите - продолжи Лина со својот јасен, речиси деловен, израз.
- Нештата беа јасни и без да се дефинирани или кажани - продолжи тој со навидум истиот тон, ги бираше тешко зборовите и оставаше тишини.

 „...На сè сакаш да му погледнеш в лице, но некоја сила те тера да го вртиш погледот, да не можеш да видиш што навистина се случува“

Отсечоците од нивниот последен разговор се сплетоа со зборовите од книгата. Ѝ се исцрта неговиот лик, додека зборовите од разговорот по којзнае кој пат ѝ се превртуваа во глава. Зад студеноста која ѝ изгледаше така сурова, ја виде, скриена, неговата тага. Не, не осети болка... хм... не осети само болка.

...Je t'inventerai
Des mots insensés
Que tu comprendras...

Тука звуците остро се прекинаа. Воздухот стана бистар, црн и пропустлив. Пропаднаа во него сите делови на музиката и мирисите и сите зборови. Лина се осети... празна.  



(Пишуван летото 2011)

Wednesday, July 23, 2014

Тетратчето и раѓањето на зборовите

(извадоци од тетратките со белешки: преработени, преместени и без хронолошки ред)

Чади ноќта.
Зборот се двои од темнина.
Модар јаглен му гори во утробата.
О ти што постоиш зашто не постоиш,
небото го лулаш,
земјата ја вртиш.
    „Раѓање на зборот“ – Ацо Шопов

Зборот се раѓа тешко. Реченицата се реди и создава. Од нула. Како да се создава нов свет. Тежок е преводот на мислата и идејата во зборови. Не би требало да се залажуваме дека не е. И ова не важи само за уметничката литература. Тоа што денеска можеме лесно да ги запишеме и објавиме нашите мисли не значи и дека треба да ги оставиме така како што првично ќе се наредат.

На реченицата треба да се работи, да се препрочитува и менува! Ете, една таква реченица во еден веќе објавен мој текст. Таа се мачи, а јас сум измешала лица, па малку се губи во напливот со кој сум почнала да пишувам. Сфаќам, за среќа, дека тоа е само една реченица, другото во текстот е јасно, иако никогаш повторно така не би го напишала.

Некогаш пишувам махинално. Немам идеја која е незапирлива, која морам да ја оформам. Само знам дека морам да пишувам и да се надевам дека од негде ќе се појави.

***

Зошто си оди така!? Како да бега...

Не му го памтам ликот! Се исплашив утрово. Како вчера, воопшто, да не сум го погледнала в лице. Не се сеќавам ни на моето лице и израз. Како реагирав, дали се насмеав? Како сè да било во мојата глава, само осети и мисли, без да знам како ги кажувам или пак како изгледам. Како изгледа. Осетив лошење од овој страв.

Потоа, пак, (како потсетување ли?) ни надоаѓаат, како стари филмови, некои претходни слики на поранешни чувства, доживувања и болки. Многу е интересно како ги запаметуваме минатите движења и ситуации. За секого се различни. За некого се силни, за некого веќе заборавени.

***


Мирна и бистра река, личи на Рајна од онаа вечер во Базел, во Карго барот под мостот. Само е дење и е поплитка... или побистра. Многу светло сина, речиси проѕирна. Наеднаш, пред погледот, се оформуваат големи бели мазни камења. Растат и како да се приближуваат, веќе не се дел од реката. Како со погледот нагоре ја следам реката, стануваат уште поголеми, целосно се одвојуваат од неа и летнуваат еден по еден како чудни вселенски летала.

Monday, June 9, 2014

„Здраво млади“ – фестивал кој се чека со нетрпение

Важен актер на нашата музичка сцена

„ЗДРАВО МЛАДИ“ – ФЕСТИВАЛ КОЈ СЕ ЧЕКА СО НЕТРПЕНИЕ

Раздвижување на независната музичка сцена. Но, каква е таа навистина?


Со светски познатата американска група „!!!“ (или: Чк чк чк), фестивалот на современа алтернативна музика „Здраво млади“, на 23 мај се излеа на улицата пред својот дом, Младинскиот културен центар (МКЦ) и ги раздвижи скопјани. Силната музичка програма поддржана со квалитетна техника и оригинално визуелно решение, денс натпреварот, наградните игри, штандовите со ЦД-а и маички од изведувачите и секако самото проширување на просторот на фестивалот кон кејот, направија ова издание да биде незаборавно за бројната публика, фестивалот го ставија на листата на најбитни настани за нашата музичка сцена, а Скопје на европската концертна мапа.

Фестивалот расте


„Здраво млади“ се прошири на
улицата пред МКЦ
И публиката и познавачите, по четвртото издание на фестивалот, го забележуваат неговиот физички раст, развојот во квалитет и веќе јасниот идентитет ориентиран кон свежа независна музика. 

- За нас како организатори никогаш нема да важи правилото само да се пополни изборот на изведувачи. Главна цел е да понудиме нешто ново, нова музика, современа, свежа – велат Маргарита Радовиќ и Владица Младеновски, од МКЦ.

Важноста на последното издание на фестивалот во изградувањето на негов препознатлив лик, нашите соговорници ја истакнуваат како една од неговите најбитни карактеристики.

- „Здраво млади“ е фестивал кој сè повеќе го дефинира својот бренд. Луѓето разбираат за што стои фестивалот – вели Божидар Христов, диџеј Ултериор, кој лани настапи на фестивалот.

Милан Дамјановски, проследувач на музичката сцена и дел од тимот на веб-сајтот „Плагијат“, пак, смета дека со ова издание и особено со настапот на светски познатиот и музички релевантен бенд „!!!“, фестивалот, но Скопје, се издига во квалитетна концертна дестинација.

Ѓорѓи Јаневски, од радиото Канал 103, нашето единствено радио каде алтернативната музика зазема значајно место, вели дека „Здраво млади“ е фестивал кој се чека со нетрпение. За него, ова издание е значајно со тоа што успеа да се прошири, не само просторно, туку и во смисла на публика, да се отвори кон поразлична публика. Од друга страна, според него, важноста на фестивалот е и во можноста за комуникација помеѓу нашите музичари и странските групи кои доаѓаат. 

- Добро е кога ќе се соочиме со тоа што доаѓа од надвор, за да видиме до каде сме – заклучува тој.

Организаторите велат дека е логично бројноста на публиката да расте. Ако, првото издание, во денсинг салата на МКЦ беше посетено од скромни 250 луѓе, второто кое се прошири и во фоајето на центарот имаше дупло повеќе, а лани, кога фестивалот првпат излезе надвор, на просторот пред МКЦ, бројката се качи на 900. Годинава, според организаторот, на фестивалот присуствувале близу 2000 посетители.


Зад ентузијазмот предизвикан од последното издание на фестивалот, дел од познавачите и публиката посочува забелешки единствено во однос на изборот на изведувачи. Христов го коментира изборот на српскиот состав од 80-тите, „Дисциплина кичме“, како несоодветен за овој фестивл посветен на нова и свежа музика. Тој предлага поголемо вклучување на публиката во изборот на артисти. 

Во оваа насока е и коментарот на нашата соговорничка Илина, која го следи фестивалот од првото издание.

- Сега кога технички и визуелно добивме фестивал очекувањата за листата на изведувачи за наредната година се уште поголеми.

Просторни и медиумски предизвици на нашата независна музичка сцена


„Здраво млади“ се наметнува како светол пример на нашата независна музичка сцена. Но, каква е таа, навистина? 

Нашите соговорници ги забележуваат недостиг од концертен простор, особено за помали клупски настапи, но и затворениот медиумски простор за критичко и сериозно проследување на сцената, како главни нешта што би помогнале за развој и поголема раздвиженост на музичката култура.

Освен МКЦ, кој има музичка програма во текот на целата година, за концертни настапи и клупски свирки во нашиот град се користат кафе-баровите и дискотеките чија примарна намена не е концертна. 

За Милан Дамјановски, повеќето простори кои постоеја порано, паднаа како жртви на комерцијализацијата на ноќниот живот, а некои од просторите како Музеј на современа уметност, Кинотеката, локации во Градскиот парк не се користат, иако би можеле. Според него, потребно е да се олабават строгите правила за отварање на клубови, што би овозможило отворање на нови места.


Како втор главен недостаток на сцената, според познавачите, е речиси непостоечкото музичко новинарство, односно незаинтересираноста на медиумите за посериозно проследување на независната музика. 

Младеновски и Радовиќ сметаат дека медиумите имаат игнорантен, па дури и срамен однос кон независната музика, за која, според нив, воопшто не се одвојува простор ниту се посветува внимание. Според нив, интересот не може да се создаде само со концертна понуда, за тоа е потребна целосна поддршка, од градот, медиумите, публиката. 

- Од наша страна се бориме колку можеме, но тој наш крик мора некаде и да одекне. Сите сме заедно во ова, никој не е исклучен – велат тие. 

И размислувањата на Христов одат во оваа насока, тој, недостигот на сцената не го гледа во понудата на бендови, туку во платформите за нивно претставување на музичката сцена. Покрај настаните во МКЦ, емитувањата на Канал 103 и настаните во клубот „Хавана“, каде, според него, бендовите добиваат ужасни финансиски услови, речиси и да немаме промоција на независна музика. 

- Изненадувачки е како скоро сите останати концертни простори, радио и ТВ станици тотално ја игнорираат независната музичка сцена – коментира тој.

И Ѓорѓи Јаневски го истакнува квалитетно и издржано музичко новинарство, како битен услов за независната музичка сцена навистина да биде сцена. Тој забележува голем недостиг на вакво проследување кај нас и вели дека едно музичко радио (Канал 103) и неколку инцидентни објави на блоговите или најави за настани во никој случај не се доволни. 

Тој истакнува и дека, освен концертен и медиумски простор, за развој на независната музичка сцена битни се и други услови: самите бендови да имаат свест за себе и за својата позиција, но и настаните да се децентрализираат, односно, и другите градови во Македонија да заживеат со целогодишна концертна понуда. Тој, сепак, забележува:

- Има раздвижување на сцената или можеби сакам да верувам дека има. Среќавам нови бендови, како и нови проекти на веќе етаблирани музичари. Но, тоа се случува на микро ниво.. Треба повеќе да се работи на видливост.

До наредното издание...


Нашите соговорници заклучуваат дека нашата независна музичка сцена ја одликуваат инцидентни појави и настани, но сепак, провејува и оптимизам за нејзината иднина.

Денс натпреварот внесе раздвиженост на
паузите помеѓу изведувачите
- По годинешното издание - нема назад. Веќе се дискутираат и разгледуваат концепти за следното издание, се надеваме ќе го најдеме вистинското и најдобро решение за мини јубилејното петто издание – велат организаторите за перспективата на фестивалот, но сепак заклучуваат дека – конкретни можности не гледаме – само искри. Многу е тешко да се зборува за целосната слика кога составните делови и нивните составни делови не чинат.

На ова се надоврзува и пораката на Јаневски: 

- Треба посериозно да се работи и да се сфати музичката култура. Секој во своето дворче да си копка, па така ќе се добие и подобра поширока слика.

А Дамјановски, оптимистички заклучува:

- Јас мислам и претчуствувам дека нè очекува добар и креативен период во наредните неколку години на музичката сцена и дека ќе имаме публика тоа да го проследи и поддржи.



Колку пари толку музика? 

Музичката понуда на Младинскиот културен центар (МКЦ), во последните пет години, е пример дека идејата и желбата знае да биде посилна од немањето на доволни финансиски средства. Но, овој проблем е незаобиколен. Иако МКЦ е јавна институција под закрила на градот, за одржување на целогодишна музичка програма и два музички фесривали („Здраво млади“ и „Земјотрес“, посветен на македонската независна продукција) потребен е дополнителен буџет. 
- Музичката програма во МКЦ, веќе петта година по ред добива 0 (читај: нула) денари и секој концерт е во целосна продукција и на трошок на МКЦ и на нашите сопствени сили и средства – велат Младеновски и Радовиќ, од МКЦ. 
Тие посочуваат и дека по ова, четврто издание на фестивалот и видно зголемениот интерес од страна на публиката, нивните напори ќе бидат насочени кон тоа тој да биде препознаен и од институциите и се надеваат на таква поддршка, бидејќи, како што велат, единствен буџет за изминатите изданија бил исклучиво приходот од продадените билети.



Текстот е работен во рамки на обуката „Млади луѓе пишуваат за заедниците“, организирана од здружението „Член 16“, април-јуни 2014.  

Thursday, May 8, 2014

Први мај – Ден на љубовта во Прага

Заљубени парови од сите возрасти, со букети пролетно цвеќе во рака, се движат кон ридот Петрин, во самиот центар на Прага и бараат расцветана цреша, или барем костен, за да споделат бакнеж, кој ќе им донесе среќа во љубовта цела година. Вака изгледа први мај во Прага, каде Денот на трудот е само официјален државен празник, кој повеќе никој не го есапи – сите го празнуваат Денот на љубовта.

„Горките спомените од комунистички паради за Денот на трудот се сè уште свежи за пражани, па логично е тие да се определат за поинаква традиција на Први мај“ – го појаснува овој обичај Павел, енергичен локален туристички водич за New Europe tours Прага, европска мрежа која организира бесплатни туристички разгледи во европските градови. Тој додава и дека тие паради за време на комунистичкиот режим во Чехословачка, биле задолжителни и сите, за да немаат проблеми со институциите на режимот, морале да присуствуваат на нив. Овие прослави традиционално се одржувале во паркот Летна, каде се наоѓала и грандиозната скулптура на Сталин. Старо и младо, со знаменца и цвеќиња мавтале на парадата која поминувала во чест на работникот и во слава на комунизмот.

Местото каде што се издигал споменикот на Сталин,
парк Летна
За разлика од југословенските прослави на Први мај, на кои, претежно, се присетуваме со носталгија, граѓаните на Чешка имаат сосема поинакво искуство од режимот на Советскиот сојуз, па по падот на режимот, почнувајќи од деведесеттите години, бегајќи од лошите спомени и искуства, слободно одлучуваат да ја прославуваат љубовта на Први мај. Но, оваа традиција, не паднала од небо пред дваесеттина години. Се вели дека потекнува од паганските обичаи на прославувањето на доаѓањето на пролетта, а својот денешен облик, најверојатно, го добива во 19-тиот век. Во тоа време твори и Карел Хинек Маха (Karel Hynek Mácha), чешки романтичар, наречен и поет на љубовта, чија песна, чешката класика, „Мај“, посветена на трагична љубовна приказна која се одигрува на првиот ден од мај, е многу блиска до овој начин на празнување на првиот ден од мај. Иако не е документирана директна врска помеѓу песната и традициите, ниту пак се знае дали песната ја инспирирала традицијата или пак поетот бил инспириран од веќе постојните практики, повеќемина се согласуваат дека овие традиции датираат од овој период. Па, така и споменикот на Маха си го наоѓа своето место на ридот Петрин, каде што заљубените двојки, поминуваат на својата прошетка и му оддаваат почит на поетот.

Меморијален споменик за жртвите на комунизмот,
Петрин, 2002; скулптор: Олбрам Зубек,
архитекти: Јан Керел и Зденек Холзел
И оваа година бројни заљубени двојки жители на Прага, но и туристи, одат во традиционална прошетка по виугавите патеки на ридот, кој се издига над прашката четврт Мала страна, која го зазема просторот помеѓу Прашкиот замок и Петрин. Кога ќе се искачат на врвот на Петрин, до каде што може да се дојде и со жичарница, ги пречекува весела атмосфера на музички настапи, тезги со јадење, пиво, сувенири, балони. Во овој парк има и две атракции кулата која потсетува на мини Ајфеловата и лавиринтот со огледала, што го надополнуваат задоволството од убавиот ден

Така е за Први мај во Прага. Датум кој во официјалниот работен календар е запишан како Ден на трудот, во практика е романтичен и цветен ден на љубовта. Сликите од демонстрации и протести кои се традиција во други европски земји и градови како Берлин, Копенхаген, во Прага речиси и да не постојат. Но, сепак, како што ни раскажува Павел, минатата година, во паркот Летна, зборното место на првомајската комунистичка парада, се одржаа масовни антикомунистички демонстрации. Очигледно е дека раните од комунистичкиот режим сè уште печат и потребно ќе биде уште многу време за да заборавот да го направи своето.

Friday, March 28, 2014

Прва белешка за театарот

Вчера беше светскиот ден на театарот. Речиси и да го заборавив. Од денешен агол, ме потсетува на средно, на времето кога го засакав театарот и одев толку често и редовно, како кога се оди на аеробик. Тогаш, во моите дневници и тетратки, ги препишував пораките за театарот, македонската и светската, ги сечев, од весниците, статиите посветени на овој ден, читав критики и интервјуа и одев одев во театар. Не разбирав многу од тоа што го гледав, во смисла, не успевав да го изразам тоа на некаков начин, да запишам или да кажам нешто за тоа. Ги примав претставите и тие остануваа како лекции кои подоцна ги разбирам и совладувам до крај.
„Порив и страст е тоа, смисла и разум да не бараме!“ – Сашо Насев, 2002, Македонска порака за светскиот ден на театарот
Кога ќе ги прочитам кратките пишуванки во тетратрките и дневниците, по претставите што сум ги гледала од тие години, сфаќам дека и денес го памтам чувството од претставата, памтам многу слики и отсечоци, но тоа не е ни малку слично со текстот што го читам.

... монологот на Цвета во „Балканот не е мртов“ („Една ноќ се разбудив пред зори. Сонував еден цвет. Беше тоа убав сон. Мирен...“); целата „Диво месо“, која, да ја даваа уште, ќе ја гледав до ден денес барем еднаш месечно; топлата мекост на сцената на Драмски кога се играше „Дон Жуан“; јасноста и директноста на „Поблиску“; магичноста, гестот, говорот, трансформацијата на просторот, моментот кога ќе излезеш од театарот... 

Сето тоа се собира во глава и по некое време се средува како знаење. Сум го мислела, премислувала, но никогаш вистински не сум го запишала.


Така, убедена сум, дека за мене, освен естетско, театарот имаше и етичкото значење. Кога сум во гледалиштето сум дел од комуникацијата: седам немирно, гестикулирам, се мрштам, воздивнувам, кога ќе излезам надвор излегувам во другиот свет. Во тие неколку часа, глумците ни создаваат, тука, пред нас, на дофат на рака, нов свет, друг свет. Богатство од едно разновидно, фантастично друго, не-тука, не-реално... А, сепак, толку стварно и сугестивно!

Во театар директно се сретнуваме со две работи: уметничкиот, како-да свет, кој се создава пред нас, во реално време и дофатливото знаење, кое со себе лесно можеме да го понесеме дека отвореноста кон другите светови и другостите ни е и природна и потребна.

Денеска е веќе друга приказна. Детето пораснало ли или пак е нешто друго? Веројатно, како и со сите работи кои силно ги сакаме, се движиме на линија од љубов кон омраза, нема средина, нема рамнодушност! Па така, единствено се радувам на ретките добри претстави и на гостувањата, претежно на МОТ, но и на ентузијазмот на студентите од Факултетот за драмски и на претставите од нивната Академска сцена, а другото е тажно. Тажно е, затоа што, со многу ретки исклучоци, кога гледаме претстава, повеќе не сме соочени со отвореноста и разновидноста на светови, туку со тесноста на нашата реалност, која нè следи, и се создава пред нас, дури и на сцената.