Monday, February 22, 2016

Белград – град на распаѓање

Белград, досега за мене, освен што беше главен град на државата во која се родив, беше градот на две реки чие спојување прекрасно се гледа од Калемегдан, градот на книгите на Клио, книжарниците на Кнез Михајлова и градот на ЕКВ. Но, веќе подолго време за мене е далечен град, кој само е географски тука, блиску и за кој често слушам вести за слични политички случувања како нашите. Фразата Берлин на Балканот, за Белград е најновиот глас, па така ако во Солун одиме за шопинг и кафе покрај море, во Белград одиме за ноќна забава, концерти и културни настани. 

Влезот на Гнездо органик
Концептот на Берлин, поедноставен, прераскажан, изваден од контекст, е најновиот тренд во повеќето поголеми балкански градови. Концепт продавници, проектни барови, мали локални издавачи, продавачи на облека на старо, книги на старо, антиквитети, рачни изработки, дизајнерски облеки, принтови, слатки, органска храна и цедени сокови... Концепт е централниот збор. Концептот е тоа што ги разликува сите овие локали, а во најчест случај, концептот е тоа што ги прави исти. И само патем, во Берлин насоченоста кон културата и овозможувачката средина за развој на многубројни културни центри, мали галерии, прокетни-барови, книжарници и концепт продавници, е долгоорчна градска политика. Веројатно, во недостиг на една таква, треба да уживаме во концептите кои се нудат, расфрлани и извадени од оригиналниот контекст (ова важи, сè повеќе, и за Скопје, дури, најверојатно, и од втора рака, преку Белград).

Тој дел од градскиот живот во Белград, реално, имав и најмногу можност да го искусам за еден викенд. Белград е една забавна, жива, енергична сегашност. Барови, клубови, културни центри во стари и делумно распаднати згради, најчесто во Савамала, но и низ целиот центар на Белград: КЦГрад, Комунале (во Бетон хала, на Сава), Гнездо, Смоквица на Молерова, Строги центар. Кога се стемнува, Белград се менува, улиците стануваат спроводници од едно место до друго, а цел нов свет се отвора зад старите, изронети фасади и искршени дрвени прозори, во внатрешноста на зградите.

Доситејева улица
Она што остана како максима на мојот викенд во Белград  е град на распаѓањето (намерно не го ставам зборот распад за да не го ограничам, иако фактот за распаднатата поранешна Југославија, е дел од целото чувство). Нешто слично како за Неапол, чувството дека се наоѓам во голем и важен град, кој повеќе тоа не е, е мешано чувство. Романтизмот на старите згради чија фасада паѓа, а на здравите делови се оцртуваат релјефи, декорации, бели големи двокрилни прозорци, богати внатрешности, се судира со чувството на распад, минатост, мирис на старо, темност и трулост. Белград има забавна, жива и енергична сегашност. Но, зад тие фасади, во ходници со стари излижани плочки, високи плафони и минимални промени кои го покажуваат концептот на местото, е постојаното чувството на нејасна перспектива, на нешто кое е сега и тука, толку ефемерно, толку нејасно, толку минливо, како лист на ветер. Дали постои место за континуитет во таа ефемерност? Или распаѓањето е тој процес кој опстојува за да се судри со нешто друго, на пример, нешто наречено Београд на води?

Во суштина, проектот Београд на води, иако само вака нафрлен, може да биде еден одговор за развој на градот. Неповолен одговор. Проектот подразбира нови модерни и високи резиденцијални и комерцијални згради, хотели и шопинг центри, од двете страни на Сава, на просторот кај централната железничка станица, која би била преместена заради изградбата. Не само што е матен и очигледно криминален одговор, туку е одговор кој пресекува секаков континуитет. 

Од изложбата „Дизајн за нови свет“,
Музеј историје Југославије
Белград е шармантен град. И голем и историски значаен и полн со луѓе и енергија, која зрачи наоколу. Слободното движење низ улиците, со чувство дека го имаш целото време на светот, ме потсети на поранешните излегувања во Скопје. Затоа и кога се вратив неколку дена ме држеше исполнетоста која ја донесов од таму. Но, и покрај сета таа убава сегашност, не можам да го избришам силното чувство на распаѓање, со кое таа како да е испреплетена.  





Користените фотографии се направени од Лили!


Wednesday, October 21, 2015

Берлин – отворена приказна



When the child was a child
It walked with its arms swinging,
wanted the brook to be a river,
the river to be a torrent,
and this puddle to be the sea.

When the child was a child,
it didn’t know that it was a child,
everything was soulful,
and all souls were one.



Преку Меморијалниот споменик
на убиените Евреи во Европа
Небото над Берлин“ е првото нешто кое ме спреми за градот. Посетата беше прекратка за да се тргне во потрага по местата од филмот, беше прекратка и да се штиклираат сите точки од листите на моите пријатели, кои ентузијастички со часови ми раскажувале и раскажуваа за градот кој го сакаат. За мене Берлин остана убава и недоистражена, а со тоа и отворена приказна. Недели подоцна, повторно, прво ми дојде во глава „Небото над Берлин“ и „кога детето беше дете“...

Затоа што кога детето беше дете...



had no habits,
it often sat cross-legged,
took off running,
had a cowlick in its hair,
and made no faces when photographed



Можеби сакам да најдам нешто таму каде што тоа го нема, но овие зборови многу лесно се лепат за мојот впечаток за Берлин: природност на првичниот импулс, леснотија во нелицемерноста, леснотија во прифаќањето (шаренилото од јаки бои во Берлин, како во никој друг град, е од огромно симболично значење!), од друга страна: прекршеноста, дисконтинуитетот, прекинатоста на линиите со големи празни простори кои на одредени места значат физички показатели на блиската историја на ѕидот.

Schlesische Strasse, Friedrichshain-Kreuzberg


When the child was a child,
It was the time for these questions:
Why am I me, and why not you?
Why am I here, and why not there?
When did time begin, and where does space end?
Is life under the sun not just a dream?
Is what I see and hear and smell
not just an illusion of a world before the world?
Given the facts of evil and people.
does evil really exist?
How can it be that I, who I am,
didn’t exist before I came to be,
and that, someday, I, who I am,
will no longer be who I am?


Во преминот на Cafè Cinema,
Hackescher Markt


Луѓето, како никаде каде што сум била, доаѓаат во преден план, пред зградите и улиците. Навиките, секојдневните обврски и начин на живот, треба зад нив да пробуричкаш за да ги најдеш познатите линии згради од крајот на 19-тиот и 20-тиот век. Локалите (кафеа, слаткарници, ресторани) не се само тоа, тие, речиси во секој случај, се проширени со продажба на стара облека и предмети, изложби, секакви други настани, продажба на домашно приготвена храна... природноста на овие концепти е еднаква со природноста со која секаде можеш да бидеш добредојден како да влегуваш во својот маалски бар. Секаде си на вистинското место. Градот и луѓето успеваат, во тоа мноштво од историски епизоди и срцепарателни приказни, да создадат место кое пулсира со живот, креативност и, речиси, детска природност.





When the child was a child, 
(...)
It awaited the first snow,
And waits that way even now.
             
     * извадоци од „Песна за детството“, Петер Хандке - целата тука!

Не смеам да ве оставам без еден од оние прекрасни филмски монолози, продолжението на видеото од почетокот... Дамиел со карирано палто во силни бои и Марион со обетки со ангелски крилја, во „Небото над Берлин“, на Вим Вендерс. Го пуштам и јас одново и одновно, веројатно, додека не почнам да го кажувам заедно со Марион на германски и ја оставам берлинската приказна отворена, до следниот пат.


Thursday, July 23, 2015

Мрзелив расказ во продолженија (1)

Средувајќи ги белешките на компјутерот, наоѓам два почетоци за нешто, кои, во еден молскавичен момент, сфаќам дека можат да се поврзат во еден подолг расказ. Веројатно, но исто толку е можно и никогаш да не се поврзат.Реално, во овој период на летна жештина, не би ги ни терала со сила на ништо. Ќе видиме во наредните продолженија.

Фуснота

Веќе е многу рано во новиот ден. Речиси насилно останувам сè уште седнат на работната маса, со тежок џемпер на мене и мала греалка насочена кон нозете. Ја пишувам првата фуснота во трудот. Труд! Толку претенциозен збор. Досега беше целиот текст во еден непрекинат след. Фрагментарен само по природата, не и по формата. Низа од испишани страници хаотични во истотата, но сирово убави и вистинити. Кога ќе ја ставиш првата фуснота тогаш завршува целото задоволство на истражувањето. Крајот е тука и целото тоа обликување веќе е како да дотеруваш мртовец.

„Како одлучуваш што да ставиш во фуснота? Ако толку тој дел го отежнува читањето зошто да ставиш фуснота за, уште повеќе, целосно да го укочиш читањето!“ – ми се враќаат во глава исечок од жестока дискусија за фуснотата од пред некоја година. Знаев, порано, жолчно да се фатам за речиси небитни теми и страсно да изложувам теории и ставови за нив. „Во име на необременување на текстот користиме техника за целосно обременување на окото и на логиката на читање. Фусноти што продолжуваат на другата страна, текстот оди горе во неколку реда сето друго е фуснота, тоа веќе преоѓа во огледален текст. Би било прекрасно доколку намерата е таква, да се фрагментираат два побитни текстови, но да ставаш огромно, непотребно набројување на дела, примери кои не се толку битни, анегдоти и слично со ситни букви напишан текст подреден на „главниот“ едноставно е непристојно, претенциозно и бесмислено.“

Со овие реминисценции речиси секогаш доаѓа и напливот на топлина кога ќе ме обзеде темата и силната желба за пркос кон спротивното мислење, намерата да одам до крај во дискусијата по цена на сè и задоволството кога ќе го заведам противникот во нешто кое не му ни паднало на памет дека ќе го прави тој ден. Потоа и двајцата ќе се мразиме за тоа што сме дозволиле да изгубиме толку нерви енергија и зборови за тема која тоа воопшто не го заслушува.

Додека ја моделирам првата фуснота, одвоена со црта, но со иста големина на букви како основниот текст, навлегувам длабоко во таа лицемерност која ја мразам кај себеси. – „Не ставај фусноти! Зарем не се слушаш себеси како гњавиш цело време. Всушност, многу е едноставно“ – би рекол Иво.

Тебе секогаш ти изгледа светот едноставен, затоа што работиш со деца од прво до четврто“ – јас би му рекол со лажно претенциозен тон, за да го нервирам. Го имавме тој учителски хумор кога се чадевме во пушалната (мала просторија 3 на метро ипол, веднаш до големата соба за состаноци). Јас, Иво, Данче музичко, Перо физичко – редовните пушачи, плус уште некој инцидентно залутан.

***

Невидлив град

Никој не знаеше за тоа, но Маја имаше една, така да речеме, опсесија развиена уште од кога имаше 10 години и седеше со саати гледајќи ги привлечните слики од една голема книга од библиотеката на дедо. Дедо ѝ почина кога таа уште не беше заинтересирана да погледне подлабоко во книгата, па остана сама со неа. Тоа беше книга за едно место, истражено научно од мешана група научници, кои повеќе години во почетокот на минатиот век работеле на откривање на тајната на тоа место на еден остров во Индискиот океан, кое се чинело како да постоело во друго време-простор во истиот период кога околните места сосема поинаку се развивале. Дури и не беше сигурно дека тоа некогаш постоело, впрочем, истражувањето на научниците секогаш било проследено со контроверзи.

Има веќе еден месец откако првпат помисли дека тоа можеби е вистина. За неа секогаш постоело, но, објективно, вистина постана кога знаците се натрупаа и сега веќе ништо не можеше да ја поколеба. Желбата да трага по ова место ја засили до максимум опсесијата која ѝ висеше на глава секоја минута од денот. Местото вистински постоеше. Знаеше дека е само прашање на време кога ќе ги спакува големата книга од старата библиотека на дедо ѝ, синџирчето-компас кое случајно го купи во една старинарница пред една година и мапата која ѝ падна в раце пред еден месец и ќе отпатува. Веќе изгледаше сосема лесно. 

Friday, July 10, 2015

За светот кој сакаш да го истражуваш

Кон роман на Петар Андоновски , „Телото во кое треба да се живее“, Или-или, Скопје 2015

Бригита е шеесетгодишна судијка, која при крајот на својата кариера, исполнета со безначајни и непредизвикувачки случаи, го добива својот прв сложен случај. Во рамките на овој судски (општествен) процес, се следи нејзината внатрешна драма, себеиспитување и поглед наназад. Во кусиот роман, втор по ред на Петар Андоновски, „Телото во кое треа да се живее“, се соочуваме со темите на телото и постоењето, на смислата и апсурдноста, на одговорноста и себеосмислувањето.



На самиот почеток на летото, романот излегува од печат, под ставот – пркос, „позитивен инает“, против начинот на кој се распределуваат јавните средства за култура. Андоновски, како и за претходниот, и за овој роман не добива средства од Министерството. Како резултат на тоа, во една заедничка акција на пркос, авторот и соработниците се откажуваат од хонорарите, а романот се продава по цена од 50 денари, доволна да ги покрие трошоците за печат.

Но, да се посветиме на романот.

Со големо задоволство и без размислување ги купувам книгите на Петар. Уживам во приказната. Мислам дека е реткост добра, неизнасилена, издржана приказна во нашата понова проза. Обично се става акцент на мислата, на ставот, на извесна тегобна и сеприсутна автореференцијалност. Некако како од наративните дела да ја снемува нарацијата.

Приказната во овој роман е јасна, прецизна, директна и одмерена. Без одолговлекувања и без замки, ни се прикажува приказната за Бригита судијката, нејзините длабоки внатрешни соочувања и само-судења. Од таму поаѓаат, потоа, нишки на теми кои се спремни за расплетување и на пошироката уметничко-општествена сцена. Како на пример, телото во општеството, гледањето, посматрањето, внатре наспрема надвор – теми кои се присутни во двата романи на Петар, а во овој роман, присутни и во самиот наслов. Телото во кое треба да се живее: треба како задолженост и треба како прифаќање на даденост.

Провејуваат суптилно тие општествено насочени теми, така што во ликовите од двата романа, можеме да ги најдеме несигурностите и потрагите, во кои е лесно да се пронајдеме, а приказната која ја носат можеме да ја доживееме и лично, но која можеме да ја промислиме и општествено. И тоа не ни е наметнато, туку природно доаѓа од самата поставеност на нештата во романот.

Размислувајќи наназад, откако ја завршувам последната страница, во занесеноста од текот на настаните и расплетот, сфаќам дека единствено ми фали извесна продлабоченост на места или, пак, на тие места им фали повеќе време, во самиот роман, за таа продлабоченост да се појави. Значењето на присуството на Вера во развојот на ликот на Бригита, како и самиот лик на Вера, на пример, оставаат простор за доречување.

Но, книгите на Петар, една по друга, се прекрасно ветување дека следната ќе ме израдува со уште нешто повеќе, уште нешто различно, а од истото место, од истиот свет. Неверојатно искуство е да се има увид во развојот на еден автор. Убаво е да се знае дека следното дело, ќе биде само уште една станица во еден свет кој сакаш да го истражуваш.

Sunday, July 5, 2015

Скица за расказ

Дебар маало, квечерина
Сакам да споделам една приказна за двајца кои никогаш нема да се сретнат. Би биле совршени еден за друг. Но,една траума во детството, погрешна доверба во некој другар од средно, залажување со нејасни желби и цели и слични секојдневности ги држат засекогаш далеку еден од друг. Далеку зашто не постои можност или пукнатина да се видат, вистински да се видат, и покрај тоа што се движат на истите места, дури неколку месеци работеа и во истата зграда, дури и што живеат во Скопје, каде ако двајца, кои одат под дефиниција дека би биле совршени еден за друг, мора да имаат приближни афинитети за движење низ градот и за забава.

И така разминувајќи се една вечер ги наоѓаме на само дваесеттина сантиметри еден од друг во едно уличе во чаршијата. Друг пат, пак, беа на истиот концерт во МКЦ на некој бенд, интересното е што и двајцата по една недела заборавија кој бенд беше. Но, се сеќаваат на еден друг концерт на истото место, пред десет години, таа беше прва на филозофски, тој трета на политички науки. Концертот беше еден од најдобрите во нивниот живот. Секако, тогаш мислеа дека ќе има и други, но денеска го паметат најдобро само тој.

Еднаш, дури и го забележа. Тоа беше во времето кога работеа во иста зграда. Имаше пекарница долу и на паузата и двајцата го сакаа последното лиснато со зденка и маслинка. Но, тој се премисли пред да имаат шанса да се спротивстават. Еднаш за малку ќе се случеше да бидат на ист панел на конференција за нешто. Но, во последен момент тој мораше да замине на неодложно патување и на панелот учествуваше негова колешка од институтот.

Во еден момент таа, одејќи по улицата на градски ѕид, си замислуваше како, по некоја чудна игра на случајот, во моментот некаде на паралелната улица поминува некој кој би можела да го сака. Тој во истиот момент излезе од такси кај Рамстор и се упати во правец на полициската Беко.

Би можела да редам до бескрај. Овој своевиден феномен на двајца кои толку блиску се движат низ градот, но не успеваат вистински да се видат и подлабоко да се спознаат, ме потсетува на една слика од една книга читана одамна, на која често се сеќавам, два воза кои одат низ паралелни тунели и само на моменти, преку малкуте процепи, може да се ѕирне во соседниот воз.

Би сакала да сум од оние автори кои ќе ги задоволат читателите со ненадејна средба, случаен спој на двајца кои се толку совршени еден за друг. Но, нема тоа да се случи. Она што им останува е да се ѕиркаат низ малите процепи, да не можат никогаш вистински да се сретнат и спознаат, да не можат да дојдат до миг во просторот и времето кога нивната енергија, дух и ум ќе се намести така да можат вистински да се сретнат и спознаат. Не го измислувам тоа јас, така тоа обично бидува. 

Friday, June 19, 2015

Додека дождот истура

Седеа на малата тераса од барот, молчејќи. Го слушаа дождот, што истураше некаде преку малото шанкче, зад настрешницата, се слеваше од неа, правеше езера по улиците и ги прободуваше со уште и уште тешки капки. Луѓето си доаѓаа и си одеа, сè уште е ладно за седење цела вечер надвор.

Линиите дожд ја враќаа од еден до друг балкон или прозорец од каде таа година го гледала дождот. „Многу патував годинава и времето не ми се погоди баш!“ – рече гласно, но како за себе. 

Нејзиниот пријател остана да гледа во цигарата која гореше во пепелникот без желба да повлече дим.

Таа си помисли како секогаш го има исотото чувство на некаква свечена посебност, секогаш кога врне, а таа не е во својата соба. Во ова мало лично истражување, мора да се напомне, вклучени се само дождовите кои ја затекле внатре или под стреа. Кога врне а таа е надвор, нервозна е, чевлите ѝ пропуштаат, ракавите ѝ се мокри, колите безмилосно прскаат. Кога е внатре го сака дождот. Како да е на вистинското место во вистинско време. И како времето да го снемува, застанува или нешто така, таа стои и гледа во капките што паѓаат, ги следи со поглед и не мисли. Тоа е чисто чувствување. Тогаш мора да биде смирена. На сигурно е. Тоа е задолжително, мора да е така. 

„Ни во Кипар?“ – нејзиниот пријател ја прекина тишината.

„Беше премногу топло...“ – набрзина одговори таа.

„Годината уште не е завршена.“ – безенергично заклучи тој.

Разговорот одеше тешко. Таа продолжи да ги прелистува сите соби и прозорци од каде го гледала дождот, загледана во овој сегашниот. Тој продолжи, молкум и замислено, да пуши. Главата почна да ѝ се дуе.

Ако излеземе на дождот и погледнеме кон терасата од барот, под настрешницата, а зад малото шанкче, седат неподвижни, една девојка со малку подуена глава и еден дечко со запалена цигара. Околу нив како мали виорчиња се движат другите луѓе. Меѓу нас и нив, дождот, истура.

Monday, June 15, 2015

Роман кој се чита со треперливо чувство во стомакот

Кон „Враќањето на зборовите“, Гоце Смилевски, Дијалог, Скопје, 2015.

„Што е ова?“, ја прашав.
„Небо,“  одговори таа и го стави небото на дланката од мојата десна рака. Ми се причини дека мајка ми, изговарајќи „небо“, со својот глас го отвори таванот над нас, направи круг околу небото, и потоа го спушти небото на мојата дланка, токму таму каде што го имаше ставено и кружниот метален предмет.
„Небо,“ повторив, а таа додаде:
„Го викаат астролаб.“
„Астралаб,“ реков јас, за една буква менувајќи го зборот. 
(еден од омилени делови, „Враќањето на зборовите“, стр. 20)


„Враќањето на зборовите“ е виснински убав роман, кој целосно вовлекува. Го отвораш и од него излегува цел зборовен свет, кој ти се отвора кон различни страни, продлабочувајќи се на одредени места, враќајќи се на други. Со секое повторно отворање на книгата, се раѓа чувство дека тоа е свет кој постои, а достапен ти е на едно посегнување по неа.

Одамна немам прочитано таква книга, која ќе ме натера да пишувам за неа. Уште од „Мемоарите на Хадријан“ на Маргерит Јурсенар. Интересно е што методот на креирање на приказната, инспирирана од историски факти и сместена векови пред нашето време, на новиот роман на Гоце Смилевски, „Враќањето на зборовите“, е во корелација со тој на Јурсенар, и самиот тој ја споменува токму „Мемоарите на Хадријан“ во својата белешка кон овој роман.

„... во Брисел. Таму во родниот град на Маргерит Јурсенар, се сеќавав на некои нејзини мисли од белешките кон романот „Мемоарите на Хадријан“: дека е едноставно да се смали растојанието меѓу вековите, и дека меѓу неа и времето за кое пишува, од кое ја делат осумнаесет векови, се само дваесет и пет поколенија, а тоа се дваесетина пара старечки раце кои ја поврзуваат со Хадријан“  
(од Белешката на авторот: Лицето на Елоиза и маската на Абелар, „Враќањето на зборовите“, стр. 215)

Кога се чита романот не се има чувство дека се чита за случувања од 12-тиот век: историските настани и начин на живот се исчистени и суптилно се оставаат во позадина, а приказната излегува во преден план, како и ликовите. Прекрасните и секогаш темелно разработени ликови, стануваат живи. Ги слушаш како ти раскажуваат за своите дилеми, искушенија и морални погледи и мислиш дека се тука до тебе, на каучот, во возот или на работната маса, ти раскажуваат или те понесуваат со себе таму каде што се: Париз, манастирите, патувањата, Богородичната црква, нивното време, ти ги покажуваат своите лични предмети, простори. Ова има силна моќ да те внесе сигурно во приказната, да не можеш да избегаш на заклучоците и да не можеш а да не понесеш дел од тој свет со себе.

И самата структурата на романот има таков ефект, со краткиот влез во кој накратко се раскажува текот на приказната, а која понатаму се шири и продлабочува во различни насоки, онака како што е избрано од авторот, онолку колку што е избрано да се каже за неа. Потоа мораш да го дочиташ романот. Потоа немаш причини да се враќаш надвор, затоа што си веќе фатен.

На овој начин, со повторувањата и забележливите продлабочувања на приказната, од поглавје во поглавје, авторот како да сака да го претстави полнењето на самата приказна (останата од записите на Абелар и писмата помеѓу него и Елоиза). За на крај да имаме книга во која не само што веруваме, туку и ја сакаме, и која нè допира денеска и тука. Затоа што ситуациите се јасни, разбирливи, и покрај тоа што се дел од некое друго време векови пред нашето. Исчистени, со суптилна поврзаност со нашите денешни: се чувствува и коментар кон денешните општествени ситуации, или пак, исчистеноста на нарацијата и идеите допушта размислувања кои нè водат кон денешното време. На крајот, всушност, ние сме соочени со една етичка ситуација, како поединци во општеството; сме соочени со една толку човечка потрага по одржување на сопствените етички начела и достонство, како и со вечната тема на осмислување на животот.

Додека ја читав книгата ми остана најжива етиката како главна тема, вредностите на човекот, според кои живее во светот и се соочува со животот. И тоа најмногу преку развојот на ликот на Елоиза, ми се чини, како нејзината осетливост за неправдите на светот, да се храни од неправдата која таа ја претрпела, задолжителноста на разделбата од својот син, неможноста, како жена, да го искористи своето знаење во светот, обесправеноста од страна на црквата, владетелите, општеството, Абелар...

Кога, пак, се навраќав на романот, на одредени негови делови, припремајќи го овој текст, се заглавив во концептот на тишината наспрема зборот: тонењата на Елоиза и конечното враќање на зборовите, нејзиниот однос со Абелар и начинот на кој тој однос се менува во текот на нивната разделба, сите фази на нивната љубов.

Пред ваква книга, со која длабоко се поврзуваш, си мислиш дека сите поделби и класификации, сите теории и интерпретации, се небитни и непотребни. Секогаш постоеле книги од различни времиња и простори, со различни ликови и приказни, со кои сме се поврзувале на истиот длабок, интуитивен, близок начин и сме си ги чувале и сакале, како нешто свое. Таков е овој роман за мене.

Со секое отворање на книгата, ете ги, повторно, светот кој привлекува и истото чувство на поместување и треперење во стомакот. Не знам дали истото и вам ќе ви се случи. Можеби не. Можеби други книги вам тоа чувство ви го носат. Можеби тоа чувство никогаш не е такво, туку друго. Јас вака ја прочитав книгата. Вакви се моите доживувања. Ова е мое читање на „Враќањето на зборовите“, новиот роман на Гоце Смилевски... со мои зборови.