Monday, June 9, 2014

„Здраво млади“ – фестивал кој се чека со нетрпение

Важен актер на нашата музичка сцена

„ЗДРАВО МЛАДИ“ – ФЕСТИВАЛ КОЈ СЕ ЧЕКА СО НЕТРПЕНИЕ

Раздвижување на независната музичка сцена. Но, каква е таа навистина?


Со светски познатата американска група „!!!“ (или: Чк чк чк), фестивалот на современа алтернативна музика „Здраво млади“, на 23 мај се излеа на улицата пред својот дом, Младинскиот културен центар (МКЦ) и ги раздвижи скопјани. Силната музичка програма поддржана со квалитетна техника и оригинално визуелно решение, денс натпреварот, наградните игри, штандовите со ЦД-а и маички од изведувачите и секако самото проширување на просторот на фестивалот кон кејот, направија ова издание да биде незаборавно за бројната публика, фестивалот го ставија на листата на најбитни настани за нашата музичка сцена, а Скопје на европската концертна мапа.

Фестивалот расте


„Здраво млади“ се прошири на
улицата пред МКЦ
И публиката и познавачите, по четвртото издание на фестивалот, го забележуваат неговиот физички раст, развојот во квалитет и веќе јасниот идентитет ориентиран кон свежа независна музика. 

- За нас како организатори никогаш нема да важи правилото само да се пополни изборот на изведувачи. Главна цел е да понудиме нешто ново, нова музика, современа, свежа – велат Маргарита Радовиќ и Владица Младеновски, од МКЦ.

Важноста на последното издание на фестивалот во изградувањето на негов препознатлив лик, нашите соговорници ја истакнуваат како една од неговите најбитни карактеристики.

- „Здраво млади“ е фестивал кој сè повеќе го дефинира својот бренд. Луѓето разбираат за што стои фестивалот – вели Божидар Христов, диџеј Ултериор, кој лани настапи на фестивалот.

Милан Дамјановски, проследувач на музичката сцена и дел од тимот на веб-сајтот „Плагијат“, пак, смета дека со ова издание и особено со настапот на светски познатиот и музички релевантен бенд „!!!“, фестивалот, но Скопје, се издига во квалитетна концертна дестинација.

Ѓорѓи Јаневски, од радиото Канал 103, нашето единствено радио каде алтернативната музика зазема значајно место, вели дека „Здраво млади“ е фестивал кој се чека со нетрпение. За него, ова издание е значајно со тоа што успеа да се прошири, не само просторно, туку и во смисла на публика, да се отвори кон поразлична публика. Од друга страна, според него, важноста на фестивалот е и во можноста за комуникација помеѓу нашите музичари и странските групи кои доаѓаат. 

- Добро е кога ќе се соочиме со тоа што доаѓа од надвор, за да видиме до каде сме – заклучува тој.

Организаторите велат дека е логично бројноста на публиката да расте. Ако, првото издание, во денсинг салата на МКЦ беше посетено од скромни 250 луѓе, второто кое се прошири и во фоајето на центарот имаше дупло повеќе, а лани, кога фестивалот првпат излезе надвор, на просторот пред МКЦ, бројката се качи на 900. Годинава, според организаторот, на фестивалот присуствувале близу 2000 посетители.


Зад ентузијазмот предизвикан од последното издание на фестивалот, дел од познавачите и публиката посочува забелешки единствено во однос на изборот на изведувачи. Христов го коментира изборот на српскиот состав од 80-тите, „Дисциплина кичме“, како несоодветен за овој фестивл посветен на нова и свежа музика. Тој предлага поголемо вклучување на публиката во изборот на артисти. 

Во оваа насока е и коментарот на нашата соговорничка Илина, која го следи фестивалот од првото издание.

- Сега кога технички и визуелно добивме фестивал очекувањата за листата на изведувачи за наредната година се уште поголеми.

Просторни и медиумски предизвици на нашата независна музичка сцена


„Здраво млади“ се наметнува како светол пример на нашата независна музичка сцена. Но, каква е таа, навистина? 

Нашите соговорници ги забележуваат недостиг од концертен простор, особено за помали клупски настапи, но и затворениот медиумски простор за критичко и сериозно проследување на сцената, како главни нешта што би помогнале за развој и поголема раздвиженост на музичката култура.

Освен МКЦ, кој има музичка програма во текот на целата година, за концертни настапи и клупски свирки во нашиот град се користат кафе-баровите и дискотеките чија примарна намена не е концертна. 

За Милан Дамјановски, повеќето простори кои постоеја порано, паднаа како жртви на комерцијализацијата на ноќниот живот, а некои од просторите како Музеј на современа уметност, Кинотеката, локации во Градскиот парк не се користат, иако би можеле. Според него, потребно е да се олабават строгите правила за отварање на клубови, што би овозможило отворање на нови места.


Како втор главен недостаток на сцената, според познавачите, е речиси непостоечкото музичко новинарство, односно незаинтересираноста на медиумите за посериозно проследување на независната музика. 

Младеновски и Радовиќ сметаат дека медиумите имаат игнорантен, па дури и срамен однос кон независната музика, за која, според нив, воопшто не се одвојува простор ниту се посветува внимание. Според нив, интересот не може да се создаде само со концертна понуда, за тоа е потребна целосна поддршка, од градот, медиумите, публиката. 

- Од наша страна се бориме колку можеме, но тој наш крик мора некаде и да одекне. Сите сме заедно во ова, никој не е исклучен – велат тие. 

И размислувањата на Христов одат во оваа насока, тој, недостигот на сцената не го гледа во понудата на бендови, туку во платформите за нивно претставување на музичката сцена. Покрај настаните во МКЦ, емитувањата на Канал 103 и настаните во клубот „Хавана“, каде, според него, бендовите добиваат ужасни финансиски услови, речиси и да немаме промоција на независна музика. 

- Изненадувачки е како скоро сите останати концертни простори, радио и ТВ станици тотално ја игнорираат независната музичка сцена – коментира тој.

И Ѓорѓи Јаневски го истакнува квалитетно и издржано музичко новинарство, како битен услов за независната музичка сцена навистина да биде сцена. Тој забележува голем недостиг на вакво проследување кај нас и вели дека едно музичко радио (Канал 103) и неколку инцидентни објави на блоговите или најави за настани во никој случај не се доволни. 

Тој истакнува и дека, освен концертен и медиумски простор, за развој на независната музичка сцена битни се и други услови: самите бендови да имаат свест за себе и за својата позиција, но и настаните да се децентрализираат, односно, и другите градови во Македонија да заживеат со целогодишна концертна понуда. Тој, сепак, забележува:

- Има раздвижување на сцената или можеби сакам да верувам дека има. Среќавам нови бендови, како и нови проекти на веќе етаблирани музичари. Но, тоа се случува на микро ниво.. Треба повеќе да се работи на видливост.

До наредното издание...


Нашите соговорници заклучуваат дека нашата независна музичка сцена ја одликуваат инцидентни појави и настани, но сепак, провејува и оптимизам за нејзината иднина.

Денс натпреварот внесе раздвиженост на
паузите помеѓу изведувачите
- По годинешното издание - нема назад. Веќе се дискутираат и разгледуваат концепти за следното издание, се надеваме ќе го најдеме вистинското и најдобро решение за мини јубилејното петто издание – велат организаторите за перспективата на фестивалот, но сепак заклучуваат дека – конкретни можности не гледаме – само искри. Многу е тешко да се зборува за целосната слика кога составните делови и нивните составни делови не чинат.

На ова се надоврзува и пораката на Јаневски: 

- Треба посериозно да се работи и да се сфати музичката култура. Секој во своето дворче да си копка, па така ќе се добие и подобра поширока слика.

А Дамјановски, оптимистички заклучува:

- Јас мислам и претчуствувам дека нè очекува добар и креативен период во наредните неколку години на музичката сцена и дека ќе имаме публика тоа да го проследи и поддржи.



Колку пари толку музика? 

Музичката понуда на Младинскиот културен центар (МКЦ), во последните пет години, е пример дека идејата и желбата знае да биде посилна од немањето на доволни финансиски средства. Но, овој проблем е незаобиколен. Иако МКЦ е јавна институција под закрила на градот, за одржување на целогодишна музичка програма и два музички фесривали („Здраво млади“ и „Земјотрес“, посветен на македонската независна продукција) потребен е дополнителен буџет. 
- Музичката програма во МКЦ, веќе петта година по ред добива 0 (читај: нула) денари и секој концерт е во целосна продукција и на трошок на МКЦ и на нашите сопствени сили и средства – велат Младеновски и Радовиќ, од МКЦ. 
Тие посочуваат и дека по ова, четврто издание на фестивалот и видно зголемениот интерес од страна на публиката, нивните напори ќе бидат насочени кон тоа тој да биде препознаен и од институциите и се надеваат на таква поддршка, бидејќи, како што велат, единствен буџет за изминатите изданија бил исклучиво приходот од продадените билети.



Текстот е работен во рамки на обуката „Млади луѓе пишуваат за заедниците“, организирана од здружението „Член 16“, април-јуни 2014.  

Thursday, May 8, 2014

Први мај – Ден на љубовта во Прага

Заљубени парови од сите возрасти, со букети пролетно цвеќе во рака, се движат кон ридот Петрин, во самиот центар на Прага и бараат расцветана цреша, или барем костен, за да споделат бакнеж, кој ќе им донесе среќа во љубовта цела година. Вака изгледа први мај во Прага, каде Денот на трудот е само официјален државен празник, кој повеќе никој не го есапи – сите го празнуваат Денот на љубовта.

„Горките спомените од комунистички паради за Денот на трудот се сè уште свежи за пражани, па логично е тие да се определат за поинаква традиција на Први мај“ – го појаснува овој обичај Павел, енергичен локален туристички водич за New Europe tours Прага, европска мрежа која организира бесплатни туристички разгледи во европските градови. Тој додава и дека тие паради за време на комунистичкиот режим во Чехословачка, биле задолжителни и сите, за да немаат проблеми со институциите на режимот, морале да присуствуваат на нив. Овие прослави традиционално се одржувале во паркот Летна, каде се наоѓала и грандиозната скулптура на Сталин. Старо и младо, со знаменца и цвеќиња мавтале на парадата која поминувала во чест на работникот и во слава на комунизмот.

Местото каде што се издигал споменикот на Сталин,
парк Летна
За разлика од југословенските прослави на Први мај, на кои, претежно, се присетуваме со носталгија, граѓаните на Чешка имаат сосема поинакво искуство од режимот на Советскиот сојуз, па по падот на режимот, почнувајќи од деведесеттите години, бегајќи од лошите спомени и искуства, слободно одлучуваат да ја прославуваат љубовта на Први мај. Но, оваа традиција, не паднала од небо пред дваесеттина години. Се вели дека потекнува од паганските обичаи на прославувањето на доаѓањето на пролетта, а својот денешен облик, најверојатно, го добива во 19-тиот век. Во тоа време твори и Карел Хинек Маха (Karel Hynek Mácha), чешки романтичар, наречен и поет на љубовта, чија песна, чешката класика, „Мај“, посветена на трагична љубовна приказна која се одигрува на првиот ден од мај, е многу блиска до овој начин на празнување на првиот ден од мај. Иако не е документирана директна врска помеѓу песната и традициите, ниту пак се знае дали песната ја инспирирала традицијата или пак поетот бил инспириран од веќе постојните практики, повеќемина се согласуваат дека овие традиции датираат од овој период. Па, така и споменикот на Маха си го наоѓа своето место на ридот Петрин, каде што заљубените двојки, поминуваат на својата прошетка и му оддаваат почит на поетот.

Меморијален споменик за жртвите на комунизмот,
Петрин, 2002; скулптор: Олбрам Зубек,
архитекти: Јан Керел и Зденек Холзел
И оваа година бројни заљубени двојки жители на Прага, но и туристи, одат во традиционална прошетка по виугавите патеки на ридот, кој се издига над прашката четврт Мала страна, која го зазема просторот помеѓу Прашкиот замок и Петрин. Кога ќе се искачат на врвот на Петрин, до каде што може да се дојде и со жичарница, ги пречекува весела атмосфера на музички настапи, тезги со јадење, пиво, сувенири, балони. Во овој парк има и две атракции кулата која потсетува на мини Ајфеловата и лавиринтот со огледала, што го надополнуваат задоволството од убавиот ден

Така е за Први мај во Прага. Датум кој во официјалниот работен календар е запишан како Ден на трудот, во практика е романтичен и цветен ден на љубовта. Сликите од демонстрации и протести кои се традиција во други европски земји и градови како Берлин, Копенхаген, во Прага речиси и да не постојат. Но, сепак, како што ни раскажува Павел, минатата година, во паркот Летна, зборното место на првомајската комунистичка парада, се одржаа масовни антикомунистички демонстрации. Очигледно е дека раните од комунистичкиот режим сè уште печат и потребно ќе биде уште многу време за да заборавот да го направи своето.

Friday, March 28, 2014

Прва белешка за театарот

Вчера беше светскиот ден на театарот. Речиси и да го заборавив. Од денешен агол, ме потсетува на средно, на времето кога го засакав театарот и одев толку често и редовно, како кога се оди на аеробик. Тогаш, во моите дневници и тетратки, ги препишував пораките за театарот, македонската и светската, ги сечев, од весниците, статиите посветени на овој ден, читав критики и интервјуа и одев одев во театар. Не разбирав многу од тоа што го гледав, во смисла, не успевав да го изразам тоа на некаков начин, да запишам или да кажам нешто за тоа. Ги примав претставите и тие остануваа како лекции кои подоцна ги разбирам и совладувам до крај.
„Порив и страст е тоа, смисла и разум да не бараме!“ – Сашо Насев, 2002, Македонска порака за светскиот ден на театарот
Кога ќе ги прочитам кратките пишуванки во тетратрките и дневниците, по претставите што сум ги гледала од тие години, сфаќам дека и денес го памтам чувството од претставата, памтам многу слики и отсечоци, но тоа не е ни малку слично со текстот што го читам.

... монологот на Цвета во „Балканот не е мртов“ („Една ноќ се разбудив пред зори. Сонував еден цвет. Беше тоа убав сон. Мирен...“); целата „Диво месо“, која, да ја даваа уште, ќе ја гледав до ден денес барем еднаш месечно; топлата мекост на сцената на Драмски кога се играше „Дон Жуан“; јасноста и директноста на „Поблиску“; магичноста, гестот, говорот, трансформацијата на просторот, моментот кога ќе излезеш од театарот... 

Сето тоа се собира во глава и по некое време се средува како знаење. Сум го мислела, премислувала, но никогаш вистински не сум го запишала.


Така, убедена сум, дека за мене, освен естетско, театарот имаше и етичкото значење. Кога сум во гледалиштето сум дел од комуникацијата: седам немирно, гестикулирам, се мрштам, воздивнувам, кога ќе излезам надвор излегувам во другиот свет. Во тие неколку часа, глумците ни создаваат, тука, пред нас, на дофат на рака, нов свет, друг свет. Богатство од едно разновидно, фантастично друго, не-тука, не-реално... А, сепак, толку стварно и сугестивно!

Во театар директно се сретнуваме со две работи: уметничкиот, како-да свет, кој се создава пред нас, во реално време и дофатливото знаење, кое со себе лесно можеме да го понесеме дека отвореноста кон другите светови и другостите ни е и природна и потребна.

Денеска е веќе друга приказна. Детето пораснало ли или пак е нешто друго? Веројатно, како и со сите работи кои силно ги сакаме, се движиме на линија од љубов кон омраза, нема средина, нема рамнодушност! Па така, единствено се радувам на ретките добри претстави и на гостувањата, претежно на МОТ, но и на ентузијазмот на студентите од Факултетот за драмски и на претставите од нивната Академска сцена, а другото е тажно. Тажно е, затоа што, со многу ретки исклучоци, кога гледаме претстава, повеќе не сме соочени со отвореноста и разновидноста на светови, туку со тесноста на нашата реалност, која нè следи, и се создава пред нас, дури и на сцената.

Wednesday, February 19, 2014

Пред Концерт

Вчера бев заглавена во расказот. Го имав присуството на двата лика, ја знаев нивната различност и приказна, но ја немав приказната. Причината да се создаде расказ. Тие ќе си живееја долго оставени сами на себе. Без расказ. Имав и две силни слики. Едната беше од Ернесто Сабато и неговиот роман „Тунел“ и се состоеше во темата/мотивот/прашањето: Колку навистина ја познава, колку некого навистина можеме да запознаеме? Или само се движиме во посебни тунели со мали процепи од каде што може само да ѕирнеме во соседниот тунел? Тоа ми наложуваше да го ширам расказот, а јас не сакав. Наложуваше и да се измисли дополнителна приказна која ќе го илустрира и разреши тоа прашање.

Втората слика беше една силна сензација што ја имав пред неколку години на концерт на „Летечки пекинезери“ во кино Фросина. За време на една тивка и нежна песна добив силно чувство дека врне снег. Беше зима и ладно, но беше суво. Кога излегов од концертот надвор врнеше снег. Сè уште многу живо го паметам моментот кога погледнав низ стаклото во фоајето кое гледаше кон скулптурата на малиот принц. Неговата планета и неговата круна беа побелени. Не ми се веруваше. Паѓаа лесни линии мали топчиња снег како од никаде.

И сето ова ми се мешаше во глава додека се враќавме од работилницата. Се сретнавме со една познаничка која нè викна на затворање на Неделата на дизајн во Куршумли ан. Свиреле „Летечки пекинезери“. Тогаш не помислив ништо. Си одев дома пешки, ги вртев сите опции измислував, ништо не ме возбудуваше. На крајот од никаде – мора да биде приказната за „Летечки“. И во глава ми се создаде расказ.

7.10.2013


ОВДЕ е расказот „Концерт“, објавен во „Нова Македонија“, 19.2.2014, а направен во рамки на работилницата „Напиши расказ“.


Monday, February 17, 2014

Состав на слободна тема: страв

Сè уште бев во првите години на основното школо. Баба ми ми донесе урамен принт од икона на Богородица со Исус. Можеби, затоа што се викам Марија.

Во истите тие години, на екскурзија, најчесто, одевме во Лешок. Речиси и да не нè однесоа на некое друго место. Во црквата, покрај иконите, календарчињата и свеќите, се продаваа и картички со испринтана молитва за учење. Ни ги продаваа за десет денари.

Во исто време, веројатно, испровоцирана од овие инцидентни и, чинам, не толку наметливи случаи, се соочив за првпат толку јасно со религијата и начините на кои треба да се однесува еден верник. Не се сеќавам дали вистински се молев, ниту пак дали нешто кажував и дали тоа навистина беше молитва. Но, живо ја паметам вечерта, нешто подоцна, но, сè уште, во основно, кога пред да си легнам почнав да плачам. Незапирливо и ирационално, без да знам зошто, едноставно плачев. Од страв. Од непознат страв, ни тогаш јасен. Сум го запамтила само плачењето и стравот.

Гледано рационално и од неколкугодишна дистанца, веќе во средно, сфатив дека тоа бил почетокот на ослободувањето од нешто што не било конкретно наметнато, но, традиционално, се сметало за нормално: почеток на ослободување од стравот и од самата потреба за религија.

Иконата стоеше уште некое време, додека да решам да ја тргнам, да покажам и на другите што мислам. Сето тоа беше прифатено целосно нормално.

На ова се сетив, кога сега ја прекинав „Портрет на уметникот во младоста“ од Џојс, токму во оној момент кога дојдов до поглавјето за моралната вина и преиспитувањето на уметникот во младоста. Да бев десет години помала, тој дел ќе ми беше особено интересен. Тогаш ме возбудуваше себепронаоѓањето и изразот на индивидуалноста; бунтот против моралните вредности наметнати, особено, од црквата. Некако го пораснав тоа, иако бунт ме возбудува и сега, но интересите се други. Впрочем, и да се биде индивидуален во таа смисла кај нас денеска и не е така револуционерно; други наметнати морални, квази-морални и, општо, вредности се на дневен ред.

Сфаќам, со ослободувањето од тој страв, како да создадов начин на ослободување, или барем детектирање, на каков и да е друг страв кој се користи за да се наметнат морални, идентитетски, идеолошки вредности или паники. Ослободувачки е!

Thursday, February 13, 2014

Поимот заедница во дигиталниот простор

Една од основните карактеристики на списанијата низ историјата била да формираат заедница на луѓе околу себе. Францускиот „Журнал де Савант“ се обраќа на учените од цела Европа, со цел да се создаде една наднационална заедница во која ќе се разменуваат новите наслови, идеи, тенденции; англискиот „Спектатор“ е директен показател за заедниците формирани во клубовите и кафеаните во времето на зародишот на просветителството и особено за време на процветот на тие идеи, заедници кои функционираат како јавни сфери, во чие средиште се темите од заеднички интерес; во време на модернистичките движења различните списанија „Дада“, „Надреалистичка револуција“ и слично, претставуваат извори на промовирање и ширење на нивните идеи во средините каде се појавуваат, но и низ другите градови во Европа и САД, како и обединувачи на припадниците на група, израз на несогласување и отцепувања... на кратко, преку списанијата на модернистичките изми можат да се следат нивните хронологии.

Ако порано кафеаните, салоните и театрите биле простори во кои се собирале овие заедници и каде весниците и списанијата биле важни извори на информации и полемики, во последните децении, тоа се кафеаните, но и културните центри. Без детални навлегувања во сите аспекти од функционриањето на списанието, да го земам примерот на „Маргина“ во периодот од 2002 до 2010, кога е дел од пошироките активности на културниот центар „Точка“. Интересен е преплетот на просторите: темите кои се отвораат при настаните во културниот центар, наоѓаат простор на страниците на списанието и обратно, темите од списанието се дискутираат, продлабочуваат и поинаку третираат во рамки на активностите на центарот. На овој начин се создава интерактивна група составена од уредниците, авторите на списанието и публиката, која наоѓа израз во наредни настани, дела или, едноставно, дискусии.

Во денешни рамки концептот на заедница се здобива со уште контекст на разгледување, а тоа е дигиталниот свет и новите медиуми, каде што добива суштинско место, поврзано со самата природа на интернетот и на новите компјутерските технологии да функционираат како мрежа од индивидуални точки. Ова придонесува, јавната сфера од масовна да се предефинира во мрежна јавна сфера во која индивидуите ќе можат да ги искомуницираат своите ставови и мислења до други индивидуи на начин што нема да може да биде контролиран од сопственици на медиуми и кој не е лесно поткуплив со пари како што е случајот со масовните медиуми. 

Zoe Barnes, "House of Cards" @WeHeartIt.com

„Внимавајте, денеска кога комуницирате со еден човек – комуницирате барем со илјада“ – ова е коментарот кој го дава една млада новинарка од „Вашингтон пост“ на својот уредник по расправија во кој тој ја навредува, коментарот го дава додека го пренесува на својот Twitter профил преку смартфон, во неговата канцеларија – во реално време. Ова е дел од серијата „Кула од карти“, драмска серија која ја тематизира улогата на новите и старите медиуми во високата политика. Реченицата на младата новинарка многу јасно ја покажува суштината на Веб 2.0, кој е концепиран околу вмрежувањето. Еден профил на Twitter, да се надоврзам на примерот, има на пример 100 следбеници, секој од тие 100 има своја мрежа од по исто толку следбеници. Патот на ширењето на информацијата оди од почетната мрежа, преку мрежите на секој од членовите, преку мрежите на членовите на секој од членовите и така натаму.

За еден корисник да може да коментира, учествува во дебата на социјалните мрежи мора да биде дел од одредена заедница (на пример, за да коментира на страницата на одредена личност со која можеби и силно не се сложува, во најголем дел од случаите мора да биде пријател со таа личност – освен ако профилот на таа личност не е целосно јавен; за да искоментира на страница посветена на Ден Браун, на пример, мора да биде дел од членството на страницата за да го сподели своето мислење без разлика колку тоа било позитивно или негативно). Начинот на кој нештата се вреднуваат е преку членство во заедница поврзана околу една личност, интерес, настан. Само членовите на заедницата, од внатре, можат да критикуваат, вреднуваат, идеализираат, дискутираат тоа што е предмет на интерес исклучиво на таа група, алтернативата е да се исклучат од групата/заедницата или да направат своја група како реакција на неа. Никој не може однадвор, од горе, да изрази критика за одредена тема. Интернет просторот на социјалните мрежи тоа не го дозволува. Всушност, дозволено е, но би било целосно непотребно и непродуктивно, самата заедница би го отфрлила коментарот. Дозволено е на сите нешта да постојат синхроно. Од овде би можел да се извлече заклучок дека вредноста на одредена книга, филм и сл. зависи од големината на заедницата собрана околу неа (принципот на квантитет), но тоа не е баш така. Доколку се разберат можностите на социјалните мрежи на нив можат да се покренат прашања, да се отвораат теми, за кои нема простор да се отвораат на другите медиуми. И да се коментираат во различни правци, да се продлабочуваат – за тоа нема простор на пример на една печатена страница од дневен весник.

Пристапот до информациите се одвива преку заедницата која корисникот ја создава на социјалните мрежи, изборот на информациите кои ќе ги следи зависи од селекцијата на членовите на неговата заедница, членовите на нивните заедници и така натаму, значи вреднувањето се случува преку селекција и персонализација на сопствената мрежа. Така корисникот одбира што ќе чита, со кого ќе споделува, кој е неговиот интерес, што му се допаѓа или не.

The Faces of Facebook app.

Така и би требало да се сфати интернетот, како еден децентрализиран простор кој може да истрпи најразлични нешта, на читателот/корисникот е да одбере – а за тоа ги има и алатките и можностите – што ќе чита и каде ќе се движи. Или со зборовите на уредничката на „Букбокс“ во текстот „Збор-два за Загубениот симбол“:

„Она што можете да го направите ако не ви се допаѓа Браун е – да не го читате. Ако не ја издаваат вашата поезија отворете блог. Ако го сакате Шопенхауер, и ако има само уште тројца такви во градот, дружете се со нив. Ако се бавите со уметност и сакате да бидете доследни на вашите естетски принципи помирете се дека можеби ќе треба да работите нешто друго за да преживеете. Пружете го вашето парче отпор, но тивко и без цинизам. Ако можете“ – Илина Јакимовска.


Преземено и адаптирано од магистерскиот труд „Книжевните списанија во рамки на македонската независна културна сцена“ (декември, 2013).


Претходно:

Monday, February 3, 2014

Првите книжевни списанија и кафеаните

Промените кои ги внесува појавата на печатницата во општествата се коренити и многубројни. Најзначајната промена е во преминот од пишување на рака кон печатарски букви, што овозможува пишаниот јазик да се стандардизира и обликува. Ова, подоцна, ќе се покаже како пресудно за дефинирање на националниот јазик. Книгата станува лесно пренослива и лесно се умножува, достапна е до пошироката публика и излегуваат надвор од црковните и академските кругови. Книгите се шират во градските средини, кои се во експанзија, а подвижноста и можноста за размена која ја нудат книгите, се во склад со овие градски средини. Пристапот до културата станува индивидуален, а националните граници се преминуваат со тоа што луѓето се препознаваат по заедничка наклонетост, без разлика на местото на живеење. Преминот од усното кон писменото изразување го има печатот како една значајна пресвртница и влез во модерното време. 

„После вековите на христијанско четиво, наеднаш страницата се претвора, од текст за побожно мрморење, во оптички организиран текст кој го употребуваат мислителите логичари (...) Книгата станува куќен предмет, може да се земе и повторно да се прочита кога и да се посака. Ерата на книгите обезбедува еден приватен простор и признание на правото на минути на тишина, а овозможува и постоење на здруженија како што се весниците, академиите, салоните (...). Читателот сега ги листа страниците. Неговите очи ја одразуваат дводимензионалната страница. Набрзо и свесно ќе го насочи својот разум кон ракописот. Читањето ќе стане индивидуална активност, однос помеѓу сопственото јас и една страница“ - Ivan Ilich
Но, писменоста меѓу широките маси е сè уште ниска, нејзиното згоменување доаѓа дури со модернизацијата кон средината на 19-тиот век, кога се воведува и задолжително образование во одредени земји. Книгите сè уште, пред овој период, се достапни на елитните слоеви од градското население, но бројот се зголемува, а огласите за нови книги во весниците стануваат сè побројни, интересот е присутен, па, логично, се создаваат и специјални изданија посветени на книжевноста, полни со текстови поврзани со новите книги, есеи и студии не само од литературата, туку и од природните и општествените науки. Идејата на првите книжевни списанија е тие да бидат инструменти за водење на интелектуалниот живот во средините во кои се појавуваат и да даваат свој придонес во книжевната република – сфатена како наднационална и слободна сфера, која се издигнува над границите на апсолутистичките монархии и државите во Европа и ги поврзува интелектуалците.

Оваа идеја за книжевната република, ја промвира првиот книжевен весник „Журнал де Савант“ (Journal des Savants), кој го означува почетокот на еден нов вид на периодика, целосно посветена на науката и уметностите, а претставува и првиот модел на книжевен весник, кој ќе биде широко распространет и преземен и од други земји во Европа.

Вториот модел доаѓа од Британија е книжевното списание „Спектатор“, кое е дел од новиот процес во англискиот печат од почетокот на 18-тиот век, тн. „ново новинарство“, кое се поврзува со авторите како што се Даниел Дефо, Џонатан Свифт и Џозеф Адисон: тоа е пристап кој не е особено близок до актуелната информација и повеќе е инспириран од жанрот на книжевниот есеј со морални и педагошки цели.  Секој број на списанието е тематски и е обмислен како замислен разговор за случувањата во уметничкиот, книжевниот, политичкиот живот, кој се одигрува во еден имагинарен клуб. Со ова, во печатот, се пресликува веќе постоечката практика на европските интелектуалци, собирајќи се во кафеаните и клубовите да учествуваат во размената на мислења и идеи, формирајќи така јавни сфери од кои се шири јавното мислење.

Spectator
Флит стрит (Fleet street) во Лондон, од самото појавување на печатницата е центар на печатот и новинарството и метоним за британскиот национален печат. Од 1500-тите до осумдесеттите години на 20-тиот век таму се наоѓаат главните весници. Пред појавата на печатницата, а и по тоа, Флит стрит е адвокатска улица, па печатот, се појавува на тоа место и во функција на секојдневните адвокатски обврски и ги опслужува многубројните канцеларии. Освен тоа, улицата е позната и по кафеаните и клубовите со кои е богата улицата, како и по познатите личности кои живееле таму или ги обиколувале кафеаните. Од средината на 19-тиот век, потекнуваат и приказните за берберот од Флит стрит, Свини Тод.

Затоа не е чудно тоа што во европските книжевни списанија клубот, разговорот и живата дебата се составни делови и како имиња на рубрики („Ривју“ на Дефо), но и како име на самото списание (на пример, во Лајпциг, се печати списанието „Чудесна кафеана во Венеција“, а еден од најпознатите и најбитните весници за италијанското просветителство се печати во Милано под името „Ил Кафе“).

Со ширењето на печатот во секојдневниот живот на граѓаните, во 18-тиот век се формираат институциите на јавната сфера, кои стојат помеѓу полето на приватното (полето на размената на стоки и труд, како и интимната сфера) и сферата на јавните власти (државата и судот), а се појавуваат во форма на кафеани, салони, библиотеки и театри, односно културни институции кои го карактеризираат градскиот живот каде што луѓето се собираат како приватни индивидуи да ги дискутираат прашањата од заеднички интерес. Весниците и списанијата во овие збиралишта имаат значајно место, тие ги поврзуваат луѓето, ги претставуваат нивните заеднички интереси, проблеми, прашања за кои имаат потреба од дискуисија и полемика. Во оваа светлина, можеме да ги погледнеме сите списанијата, не само од областа на книжевноста и културата. Тие се вид на центри, збирни точки на приватни индивидуи кои читаат, дознаваат, разменуваат, дискутираат на теми и прашања од заеднички интерес.


Преземено и адаптирано од магистерскиот труд „Книжевните списанија во рамки на македонската независна културна сцена“ (декември, 2013).

Продолжува со поимот заедница во рамките на новите медиуми...