Thursday, May 23, 2013

Пруст за на плажа


Кога почнува да се стоплува и во делот од денот кога е најтопло немаш желба ништо да правиш, во тој период од годината секогаш го читам Пруст. Многу убаво оди и на плажа, под чадор со чаша ладно кафе забиена во песокот. Па, еве, да се потрудам да бидам во тек со клишеата и да излезам со предлог книга за ова лето - „Комбре“ од Пруст.

Комбре е првата книга од седумтомниот роман  „Во потрага по загубеното време“. Дело кое трага во сеќавањата. Дело напишано од и за сеќавањето. Пруст е долг, развлечен и спор, досаден, многу често. Долгите страници за тоа како главниот лик во детството го чекал доаѓањето на мајка си да го бакне пред спиење, долгите описи на прошетките во шумата околу Комбре, описот на мирисот на мадленот натопен во липов чај кој тетка Леони му го давала при секоја посета, летата поминати во Комбре – пишувањето на Пруст е развлечено и споро, досадно, многу често. Најчесто книгата ја оставаме по само една прочитана страница (и тоа прекинуваме да читаме некаде на средина на текстот, затоа што нема поглавја, само еден долг непрекинат текст!). Најчесто. Но, не и на плажа под чадор, со студено кафе покрај лежалката и мирисот на морето толку блиску. Оваа состојба на духот, погодна за читање на Пруст, може да се постигне и во други случаи, така што може примерот со плажата да се земе само како пример, погоден заради временските услови периодов. Можеби таа смиреност и потреба да не се поместиме од местото ја имаме во некоја друга ситуцаија: викендица на планина, долго неделно попладне поминато на балкон, тмурен зимски ден замотани во ќебе... Најбитно е да не постои желбата да бидеме на ниедно друго место, освен таму каде што сме. Тоа е убава состојба. Не само за читање на Пруст!


И кога ќе останеме така во таа состојба, сфаќаме дека целата содржина сите тие лавиринти во кои се губи ликот следејќи ги сеќавањата, не се најбитни. Не е важно дали ќе ги запамтиме сите ликови, сите раскажани приказни и истории, сите описи; битното е во тоа, што тие описи, таа нарација и тој тек на свест предизвикуваат кај нас: паралелно со главниот лик нè тераат да ги мислиме нашите сеќавања, да доаѓаме до нашите вистини и да трагаме по нашето детство, минато, заборавени средби, слики, мириси, познаници или блиски пријатели. Сите тие долги и напорни реченици, реков, досадни описи, лавиринти, нè губат и нас како читатели во сопствениот внатрешен свет. Се одвива еден паралелен, огледален процес: главниот лик и неговата потрага се отсликува во нашата сопствена. На крајот на книгата, сфаќаме дека авторот како да го направил тоа намерно со нас, не ни дал готови вистини за времето и сеќавањата, за детството, за битните работи и суштини во животот, туку нè однел во потрага, самите да ги најдеме во нас.

Пруст е еден од оние стожерни автори со кои можеме да се занимаваме од најразлични аспекти, да го разгледуваме во наратологијата, во контекстот на новиот роман и текот на свеста, да истражуваме колку е автобиографски... Но, и не мораме. Можеме да не прочитаме ниедна рецензија, ниедна студија, ниту текст за Пруст или за неговото дело и повторно да уживаме во него, да имаме што да кажеме и запамтиме и делото да постане битно за нашиот живот. Затоа што не е битно ако нешто не ни е јасно, не се така битни тие детали содржани во долгите реченици и бескрајните пасуси без поглавја, битно е што тие реченици будат кај нас. Пруст пишува за напливот на сеќавања што се будат преку мирисот на едно колаче мадлен потопено во липов чај. Тоа се случило секому. Дозволете му на мирисот да ве допре, пробајте од чајот, слушнете го шумот на морето и нурнете во сеќавањата...


Thursday, May 16, 2013

Ориентот дома


Во рамницата на реката По, во ѕидини недопрени и денес е утврден ренесансниот град Ферара. Чуден град. Во јулското попладне, за време на сиестата кога сите продавници се затворени, а луѓето прибрани на семеен ручек, може да заличи на мало мирно гратче во кое штотуку влегува Таличниот Том во потрага по браќата Далтон. Веднаш потоа, како што авенијата на Кавур те носи подлабоко кон центарот, се преобразува во град од приказните со замоци, палати и паркови речиси целосно зачувани од времето на ренесансните владетели на градот, семејството Есте. Нивна е заслугата што Ферара го добила првиот урбанистички план, кој ја вброил меѓу првите градови во Европа кои биле проширени и изградени според претходно утврден план, а денес и ја овозможува титулата светско културно наследство под заштита на УНЕСКО. Ферара е чуден италијански град и покрај тоа што ренесансата се поврзува со Италија како амамот со Турција. 

Ферара

Ферара, знае да подзаличи и на дома. На јужната страна од градската романескно-готско-ренесансно-барокна катедрала е залепена низа од дуќани: мали со ориентални елементи. Првото што го помислив кога ги здогледав, исто како дома, исто како во чаршија! Недостигаа само букетите од опинци и лимените садови. И така, не толку темпераментите Италијанци, не турканицата и ѓубрето по улиците – карактеристични за повеќето италијански градови, колку оваа линија од стотина метри ориентални дуќани шлапнати среде овој ренесансен, хармоничен, мирен град, ме потсетија на дома. Затоа и не ме зачуди целосно непотребниот податок дека Ферара е збратимен град, меѓу другите, и со Битола и Сараево. 

1658 км воздушна линија југоисточно од Ферара се наоѓа Мармарис. Еден од ретките азиски градови што сум ги посетила. Бев мала, беше врело лето, имаше море, пристаниште со јахти и базар: различни везени платна што се веат на тезгите, вреќи со јаткасти овошја и недогледни пластични канчиња со зачини. И ништо не ме потсеќаше на дома, сè ми беше ново исто како што веројатно тогаш нов ми бил и мојот град. Но она што ми остана од мојата прва средба со Ориентот беа фстаците. Ги купувавме на рефус од големите вреќи од пред дуќаните на базарот. Во пластични кеси за замрзнување. И на балконот од апартманот – ист како и сите други од светските приморски градови, учев да ги вадам зеленкастите плодови од цврстата корупка без да си ги изгребам прстите или да си скршам заб.

Чифте амам
Потоа ги наоѓав и во Скопје. И засекогаш влегоа во множеството нешта кои говорат ориентално, а мене ми се дома. Заедно со кафето, леблебијата помешана со суво грозје, сармата, дуќаните, сокаците, чаршијата...

Ориентот дома. Никогаш не го гледав Скопје ориентално, пред да стигнам до катедралата на Св. Ѓорѓи во Ферара. Никогаш не размислував дека со кафето кое го пијам секое утро, повторувам некој ориентален ритуал. Впрочем, секое утро од голема порцеланска чаша, пијам турско кафе направено во Србија, додека прелистувам македонски, балкански, европски весници на интернет. А мајка ми сармата ја прави со телешко мелено месо на кое му додава парчиња свинска сланина. Мојот домашен ориент е испреплетен со мириси, вкусови и предмети од други места и времиња. И убаво е што мирисот на кафето се меша со мирисот на липите во јуни, а амамите се полни со слики, скулптури, музика, книги од вчера денес утре. И времињата и навиките се претопуваат природно, нежно и спонтано – дури и денес! Навистина, дури и денес, само многу ретко и понекаде.




Wednesday, April 24, 2013

Патувачка компилација


Престрашно е кога си заљубен. Како да висиш некаде помеѓу себе и другиот. Стварноста станува поинаква, не е повеќе таква каква што била кога си била сама. Светот станува поинаков и го забораваш каков бил претходно. Не е нужно поубав. Само поинаков. Всушност, на моменти е поубав на моменти пострашен. Живееш во екстреми. Нештата се редат во поинаков ред. Мислите во друга хиерархија. Делот од градот каде живее и местата каде го среќаваш – добиваат многу поинакво значење. Таму си на штрек, постојано очекуваш да го видиш, се движиш неспретно, мислиш дека од некаде те гледа. Гледаш на сите други страни освен во неговиот балкон. Се обидуваш да гледаш на сите други страни освен во групата негови пријатели што стои на излезот од барот, безуспешно. Знаеш дека ќе дојде, сакаш да не мислиш на тоа, затоа што мислиш дека ако мислиш дека ќе дојде, тој нема да дојде. Страшно е бидејќи висиш во бестежинска состојба без да знаеш што точно правиш. И кога мислиш дека рационализираш, всушност не можеш со сигурност да кажеш дека е така. Ти си во друга стварност.


Некако слично е и кога ќе излезеш од таа состојба. Забораваш како било внатре. И сега кога ги читам старите белешки, заземам крајно циничен став. Се тргам и од високо се исмевам. Заборавам дека кога сум била таму сум се исмевала на овие прозаични дилеми кои ме мачат сега. И како вечен трагач по рамнотежата застанувам немоќно пред оваа состојба.

И тогаш, од овој целосно интимен цинизам, излегувам надвор меѓу светот со својата иронија и интуиција – овие две се најсилни кога сум сама со себе, тоа е и показател, дека сум сама. И одам на пат. И тоа, по мојот роденден. Родендените и без тоа се чудни периоди. Состојбата на умот е нешто како кога е нова година. Броиме години, устата ја гризе опашката, кругот врти... Без размислување, платив, спакував малку облеки, фотоапарат, фен, четка за заби и книга и отидов на четири дена во Црна Гора. На море. Морето во есен. Не толку морето, колку градовите покрај море во есен се особено интересни – испразнети по летната навала на туристи, во нив останува по некој мештанин, два отворени локала, две поголеми продавници, празни улици и шеталишта и закотвени бродови. Ги гледаш бродовите, сами, без луѓе кои се сликаат и ѕиркаат внатре и се чудиш, дека толку силно доаѓаат до израз.


Утрото по забавата остануваа полупразни пластични чаши, скинати балони, колачиња со размачкан тиркизен шлаг и мачнина од последниот разговор таа вечер. Стануваш порано отколку што би сакала, го собираш ѓубрето колку да го ослободиш шпоретот за да си свариш кафе. Јако турско кафе без шеќер. Потоа ја земаш чинијата со колачите и си пушташ телевизија. Среќа е, тогаш да налеташ на пет епизоди од Сексот и градот на Фокслајф. Потоа повторно ја осеќаш мачнината. Земаш да читаш. До попладне. Некаде подоцна ќе дочистиш. Но, сигурно е, мачнината нема да си отиде ни кога вечер ќе си легнеш, ниту пак кога следното утро ќе станеш и повторно ќе си направиш јако кафе. Не си оди таа така. Доброто е што не се дупнаа сите балони, си велиш додека стануваш со собрана енергија од повеќечасовното одмарање, доволно сме надувале.

А сега сум сама, со една пријателка и полн автобус луѓе кои живеат без иронија и не мислам на ништо освен на бродови. Има нешто убаво во тоа кога ти е јасно што се случува, кога имаш одлучено, ја осеќаш контролата над својот живот и знаеш дека овие денови кога го одложуваш тоа што мораш да го направиш, не се пропаднати денови, тие се во рамки на контролата, не бегаат, не се бесцелни. И само уживаш.

Додека се трудам да видам што е можно повеќе од пејзажот низ прозорот на автобусот, додека овој вози кон Дубровник, сфаќам дека за излегување од одредена заљубена стварност, потребно е да се постави рамнотежа или да се затвори кругот и четири дена на есенско море. 




„Ако за другите семантички фигури важи изреката „едно мислам, друго зборувам“, за иронијата таа би гласела: „едно кажувам, спротивното го мислам“. Основниот и иронискиот поим се поставени во тотална меѓусебна спротивставеност во заедничката ознака. Тие се во директна антитетичност или антоимичност: се вели „баш си добар“ а се мисли „воопшто не си добар“. Иронијата е сушта спротивност во знакот, но не праволиниски туку покомплексно сфатена: неопходен е целиот контекст, од интонацијата на кажаното, до гестовите и артикулацијата, да може да се прочита иронизираната порака. (...) Иронијата е постапка на промена на значењето на сè речено за еден предмет во спротивен правец, во смисла на доведување во прашање на ставање под сомнение и „критика“ на тоа „сè речено“. (...)
Семантиката ги брише разликите мешу означените, поаѓајќи од нив: на парадигматското рамниште на јазикот односите се посложени, повеќедимензионални, повеќенасочни и дијалектични. Расчекорот меѓу означените во иронискиот знак, не оди секогаш во насока на чиста спротивност, туку и на потсмев-подбишега, на автодеструкција или на критика на постојното. Преносот на значењето во иронијата не е секогаш јасно дефиниран интралингвистички однос, туку ја пренесува и ироничноста на самата вонјазична ситуација, на самиот предмет. Имено, не се иронизира само текстот туку и поширокиот контекст.“ 
Катица Ќулавкова - „Фигуративниот говор и македонската поезија“, стр. 125-127


Wednesday, April 17, 2013

Додека се чита една книга (2)

Откако ќе се прочита

Што останува? Ми се допаѓа кога по завршувањето на последната страница од една книга, се осеќам тажно и се нервирам дека во текот на читањето сум се влечкала, сум оставала неубаво прочитани делови, сум била невнимателна. Ако е добра книгата нема да фалат тие делови, но сепак се туфкам: што ако нешто преубаво сум испуштила!?

Имам прочитано многу од оние книги што ги цитираш потоа, чии слики те следат и ги пронаѓаш во одредени животни моменти. И секоја од тие книги, сега да земам да ја читам нема да ја доживеам исто како тогаш, нема да ги запамтам истите слики, нема да ја цитирам, можно е и да не ми се допадне. Сакам да кажам, за некои книги има точно одредено време, како и за филмови, разговори, дејства. „Мемоарите на Хадријан“ од Маргарит Јурсенар, сè си мислам, е една од тие книги.


Продолжетоци на историјата

Неодамна видов една авионска снимка на Рим, со Пантеонот (изграден во времето на Хадријан) во фокус. Зградите околу него се наредени така како таа голема округла зграда да ги истиснала за да си направи простор. Природно ја следат нејзината форма. Истото се случува со патот околу Колосеумот (завршен 40-тина години пред Пантеонот). Се извива на еден логичен начин околу ова огромно овално здание, дури не се ни изненадуваш кога ќе го здогледаш оддалеку, сосе туристите и тезгите на ширината пред него. Во Рим така се укуткани зданија и споменици од векови наназд. Изникнуваат помеѓу редовите медитерански борови со крошни како печурки. Рим – музејот на отворено со мирис на еспресо! Тоа беше мојот впечаток од овој град кога бев таму пред некоја година.

Ставот на Хадријан за продолжетоците на историјата ме потсети толку на овој мој впечаток од Рим од почетокот на 21-от век. Тој практично кажува дека сè што е направено пред нас треба да го земеме, да го премериме, да го вклопиме, заедно со нашето, новото, кое потоа ќе биде на ист начин превреднувано од идните генерации. Така историјата се продолжува, во редица од подадени раце, преку кои сите сме поврзани. Е сега, ова слика на подадените раце може да биде сфатена и малку патетично или излитено, но, сепак, замислете си ја таа редица на луѓе кои пред нас шетале по улиците, подигале споменици, граделе куќи, палати, сликале и пишувале...

„Дури и таму каде што внесував новини, сакав да се чувствувам пред се како продолжувач. Преку Трајан и Нерва, кои официјално ми станаа татко и дедо, бев поврзан дури и со оние дванаесет цезари што Светониј толку пакосно ги нападна: луцидноста на Тибериј, без неговата немилосрдност, наукот на Клавдиј, без неговата слабост, вкусот за уметност на Нерон, но исчистен од сета глупава суета, добрината на Тит, без неговата безбојност, штедливоста на Веспазијан, без неговата смешна скржавост, беа примери на кои самиот си укажував. Тие владетели имаа своја ролја во човечката исторја; натаму, на мене остануваше да направам избор на нивните дела што требаше да се продолжат, да се утврдат најдобрите, да се поправат лошите, се до денот кога други луѓе, повеќе или помалку повикани за тоа, но подеднакво одговорни, ќе се погрижат да го сторат истото со моите дела“.



Јурсенар во овој роман се обидува да влезе внатре во тој свет, да го реконструира обичниот живот, да ги согледа тие ликови од високото или од ниското општество, како се движат низ Рим, како патуваат, како мислат, се радуваат, умираат. Извлекувајќи го она што е најтрајно, најзначајно, универзално од нивните животи, таа, преку тие фатени раце, доаѓа до Хадријан и ни го донесува неговиот живот, близок, јасен, разбирлив... „тие луѓе, како и ние, јаделе маслинки, пиеле вино, прстите им се лепеле од медот, се бореле против остриот ветар и дождот што обневидува, лете ја барале ладовината на чинарите, се насладувале и мислеле, старееле и умирале“ – вели авторката во својот Бележник. Врските кои можеме да ги воспоставиме со луѓе со кои нè делат векови, можат да бидат подлабоки, отколку со луѓето – наши современици. 

Гласот на Хадријан, гласот на Јурсенар

Бележникот, што го споменував и во претходниот текст, е неверојатна можност да се влезе во главата на авторката. Со него добиваме прекрасен баланс помеѓу гласот на Хадријан и гласот на Јурсенар: нејзините дилеми, патешествието на идејата за романот, долгото спремање, трагањето по вистинскиот агол, патувањата и истражувањата, животот... неговите дилеми, патешествието на неговото владеење, барањето на вистинскиот начин, патувањата и љубовта, смртта, животот. Дополнително, на крајот, се поместени и забелешки во врска со историските факти и користените извори. Таа детално објаснува кои материјали ги користела за секоја одделна тема во романот, кои факти се вистинити, кои измислени, кои припишани на други ликови за замислата да се изведе соодветно. 

Овие два дела, додадени на текстот, даваат слоевитеост на целата книга, која не би можела инаку да ја има. Од една страна имаме увид во начинот на кој делото било создавано, а од друга се воспоставува уште една димензија на комуникација помеѓу читателот и делото во која, за прашањата кои си ги поставуваме додека ги читаме мемоарите, потоа во другите два дела ги наоѓаме одговорите, но и додатно се раѓаат нови прашања и размислувања. Се отвара и можност за дополнително истражување на темите од интерес на читателите, преку дадените користени материјали.


Интересна тема, што произлегува од овие делови е и родовата. Главниот лик е маж, нарацијата се одвива во прво лице еднина. Пишува жена. Ликот на Хадријан, начинот на раскажување, потоа и структурата на мемоарите, се во склад со машкиот лик Хадријан. Видливи се кратки проблесоци од искуството на авторката, каде што на момент се одигрува некоја конфликтна ситуација помеѓу родовите – да бидам малку драматична – но тоа е толку малку и суптилно. Во времето кога го пишувала романот (објавен е 1951, а пишуван и работен децении наназад; чисто колку за илустрација, во Франција, прва жена која влегува во Академијата е токму Јурсенар – во 1980 година) авторката се соочува со неможноста за главен лик да земе жена. Таа вели: „Животот на жените е многу ограничен или многу таинствен. Ако жена раскажува за себе, првиот прекор што ќе и се упати е дека повеќе не е жена“. Тргнувајќи од ова, таа го раскршува романот на претходно споменатите делови и автореферентно го вградува својот глас во Бележникот. Гледано од овој агол, Бележникот ни ја дава и оваа димензија. Авторката, која, секако, е вградена и во главниот лик, со својот Бележник, застанува покрај него, со својот глас и тело, живот и имагинација.

Можеби ќе биде продолжено...

Додека се чита една книга (1)

Thursday, April 4, 2013

Додека се чита една книга (1)


Кога се пишува критика или рецензија за некоја книга, прво нешто што се прави е да се прочита целата книга, да се прочита повеќе за авторот, неговите/нејзините претходни дела, времето во кое живеел/а, нешто повеќе за темата која ја обработува, претходни рецензии за книгата... Треба да се има став, заокружена мисла и јасна линја, да се внимава да не се издаде нешто суштествено од содржината за на идните читатели да не им се расипе задоволството.

Тоа нема да го правам во овој текст. Сакам да видам како би било да се пишува за една книга која се чита во моментот. Да видиме што имаме да кажеме за книгата од која сме прочитале половина, на пример.

Во моментов ја читам „Мемоарите на Хадријан“ од Маргарит Јурсенар. Позајмена ми е од еден другар. Издание на Наша книга од 1990, со додатоци: Белешките за Мемоарите на Хадријан и Забелешки, поместени на крајот. 


Од секогаш ми било забавно да читам книги кои порано ги читал некој друг. Особено постари книги, кои на себе ги имаат трагите од повеќе читатели, повеќе отворања и затворања, повеќе преместувања, повеќе домови. Сите подвелкувања, означувања на страници, цртежи, белешки, посвети ми претставувале неверојатно задоволство, затоа што комуникацијата повеќе не се одвива само помеѓу мене и книгата, туку помеѓу мене, книгата и претходните читатели. Прашањата зошто е подвлечена оваа реченица, зошто е заокружена оваа страна, што мислам јас за тој извадок, кој го нацртал ова на маргината, кои се луѓето потпишани во посветата, кој е и човекот кому му е посветена, кои се луѓето кои ја држеле и што мислеле за ова или она, што ги натерало на сред поглавје да завиткаат едно крајче на книгата и да ја затворат – сите тие прашања се мешаат со самиот текст, со моите мисли и преокупации во моментот, со претходните разговори и забелешки за книгата со оној кој ја препорачува и сето тоа станува еден многу комплексен, но забавен умствен хаос, кој постојано те следи додека ги вртиш страниците.

За книга како оваа, со историски ликови и настани, веројатно е потребно да се чита со вклучен компјутер за пребарување на непознатите имиња, но решив да не го правам тоа. Ниту пак да вртам назад кај Белешките на авторката. Сакам да ја читам по ред, како што и обично правам, па отпосле да видам колку ќе ме натера да читам пошироко.

Главниот лик е Хадријан, римскиот император, кој, веќе остарен и болен, му ја пишува на својот внук Марко Аурелиј својата приказна, животот и владеењето со Рим. Уште од самиот почеток, со воведувањето на темата, се воведува и прашањето за границите на стварноста и фикцијата. Овој роман е базиран на историски факти, но не е историски документ. Хадријан, ликот на Јурсенар, ги пишува своите мемоари адресирани до својот седумнаесетгодишен внук Марко посочувајќи му дека тоа е вистинската приказна извлечена од животното искуство на еден човек, без предрасуди и апстрактни начела, поставувајќи ги овие мемоари како вистинити, наспрема официјалниот извештај поднесен за неговите животни дела, во кој државните интереси и пристојноста го натерале да дотера некои податоци. Каде се тука границите на стварноста и фикцијата, во дотераните официјални извештаи, историските истражувања на авторката, животната приказна на Хадријан (ликот на Јурсенар), вистината на еден човек, во него самиот, во неа самата – авторката?

Реков, се обидувам да ја читам по ред. Си велам, има причина зошто Бележникот е оставен на крајот, но сепак малку ѕирнав позади:

„Утра во Вила Адријана; безбројни квечерини поминати во кафињата околу Олимпеон; таму ваму по грчките мориња; патиштата на Мала Азија. За да можам да ги ползувам овие спомени што се мои, ќе треба да бидам исто толку далеку од себе колку што е далеку II век“.


Јурсенар го реконструира светот од тие стари времиња, прецизно и од гледната точка на Хадријан. Тој пак, со искреност и мудрост на остарен владетел, се преиспитува себеси, историските настани, политиката, филозофијата, пријателствата и ни ги презентриаат заедно сето тоа во еден текст кој знае да те пренесе во еден меѓусвет, во кој обично ретко се стигнува со книгите или другите уметнички дела. Кога се изгубуваш малку, кога нарацијата е толку издржана и прецизна, што ти конструира околу тебе нешто надвор од стварноста во која живееш,а во моментот го гледаш тоа нешто стварно и вистинито. Кога целиот свет од книгата како да е за триесетина сантиметри поткренат од реалноста. Тука е, комуницира со мене, тебе и другите читатели, а сепак е лебдечки и сам за себе, паралелен, самодоволен, но успева да те прими во себе и ти малку да полебдиш таму помеѓу големите камени градби на Рим од почетокот на новата ера и да ја слушаш вистинската приказна за животот и делото на Хадријан, раскажана од еден човек, тој самиот и една авторка.

„Вечно ќе му бидам благодарен на Скаур што ме упати, уште додека бев малд, како да го научам грчкиот јазик. Сè уште бев дете кога прв пат се обидов со стилет да пишувам букви од една непозната азбука: тогаш започнаа моите напуштања на родната грутка, моите големи патувања и се роди во мене свеста за изборот, како неусилена и ненамерна можност, каква што е љубовта. Го засакав тој јазик поради мекоста како на убаво градено тело, поради богатството на зборови каде што секој збор ја потврдува непосредната и разнообразна врска со стварност и затоа што луѓето, речиси, највредното што имале да го кажат, го кажале на грчки“.

„... им се лутев (на моите пријатели) зашто, поради привезаноста, за мене се грижат повеќе отколку јас самиот, и зашто никако не можат да видат дека под мојата надворешна возбуда има едно сосема спокојно суштество за кое не постои ништо значајно на овој свет и, според тоа, може сè и сешто да преживее“.


Продолжува кога ќе ја дочитам.


Wednesday, March 27, 2013

Низ Скопје пешки


Од мојата куќа во Кисела вода што гледа накај ридот Марково крувче – каде порано со цемент сред ниските грмушки беше испишано едно големо ТИТО,  што потоа стана ГИГО, а сега се останати само грмушките – од дома, значи, до центар пешки се стигнува за отприлика половина час. Кога сакам да ги избегнам главните улици одам низ едно мало уличе, во кое тук-таму помеѓу новите куќи се гледа и по некоја постара со мала градина со марула, кромид или патлиџани, како остатк од минатото, кога во Кислеа вода куќните градини не биле реткост. Уличево завршува во ќор-сокак, но ако свртиш десно, низ еден тесен преми се излегува точно пред зградата на средното економско училиште. Да се помине редицата мали продавници кои наизменично се менуваат со новите згради изградени на местото на старите куќи, зградата на поранешната сапунара и дојдовме до центар.

Одењето пешки е едно од моите омилени превозни средства. Со друштво, со кучето или сама со шише вода во ташна, се пробивам цик-цак помеѓу паркираните коли, ги прерипувам вировите, се борам со кесите и различно ѓубре што лета по тротоарите и некогаш знае да се замота за ногата, со задоволство ги поднесувам промените на мирисите, од пријатни во непријатни, во одвратни и изненадувачките дози на некој залутан мирис на цвеќе...


Од мојата дома, до зградата каде живееше баба ми има некаде педесеттина минути. Тоа го знам сега, порано ме носеа со кола или одев со автобус (шест постојки, спреми се за излегување кога ќе го пројдеш пазарот, се симнуваш на станицата на Градежен). Железничката зграда со двор во средина ми беше втор дом. Кога бевме мали со брат ми и децата од зградата беа мали, а дрвените лулашките беа живи и здрави. И дворот под голема светилка, која закачена на две жици лебдеше точно на средината, беше весел и разигран. Сега зградата ја стекнува својата слава како погодна сценографија за снимање филмови, децата пораснаа, а лулашките и добар дел од фасадата се минато.

До Драмски театар, пак, од дома стиганувам за отприлика еден час. Најмногу сакам да одам од Жена парк, покрај сендвичарите, па низ плоштад, по Максим Горки особено кога целата е розева од расцветаните јапонски цреши и оттука на Партизанска особено ако е јуни: сонцето заоѓа точно во средината на булеварот, а мирисот на липа мислиш ќе ти се пикне најдлабоко во тебе и таму ќе остане засекогаш. Одењето пешки до Драмски знае да биде поголемо задоволство и од претставата која сум тргнала да ја гледам. 



Некој би го отфрлил овој начин на движење како губење време. Би влегол во својата кола и, празнејќи го пепелникот на првиот семафор или фрлајќи непотребни хартии низ прозорот, би се упати кон саканото место (неколку минути возење). Не знам, отсекогаш сум мислела дека времето е во главата и не е објективна категорија.

До Куршумли ан, не би знаела да кажам колку време ми е потребно, редовно го утнувам патот, тоа е единственото место кое не може да се вдоми во мојата лична мапа заедно со тоа како се стигнува до него. Колку што имам чуено на многумина природни им се омразата на секоја основа и стравот да се премине Камени мост.  Тие никогаш ја немаат доживеано една од најубавите алхемии во Скопје: џез концерт во стариот турски ан, во врела летна вечер. Една од најприродните скопски спојки, нешто слично како концерт во парк (педесеттина минути од дома) преку ден, навечер или преку ноќ. Дури и не мора да има концерт, седење во парк од април до средина на октомври е логично како лето на море.


И на некое од тие шпартања, кога по којзнае кој пат си ја утнала уличката и се вртам во круг, но затоа откривам ново ќоше или некоја невидена комбинација – во тие „спори“ придвижувања помеѓу две точки, ми стануваат јасни суптилните премини, споеви, особини, промените на мирисите и боите. И освен што си ги средувам мислите, до најситни детали разглобувам некој проблем, истовремено сум и за и против некоја ситуација – со секоја нова моја пешачка патека, сфаќам дека тие најситни парченца од секојдневието на мојот град, доживеани во тоа, како што некој би рекол, безделничење, создаваат спомени - потребни се и важни!


Wednesday, March 20, 2013

Текст 1 + два кратки раскази

Се двоумев дали првиот текст на блогов да биде фин вовед или пак да почнам директно со текстовите што ги пишувам. Но еве, решив, да почнам со двоумење, една моја другарка би рекла дека тоа е целосно во склад со мојот хороскоп, но да го оставиме запознавањето за понатаму. Значи, еве сега направив некаков баланс (повторно симптоматично за мојот хороскопски знак, би рекла истата другарка) еден ваков краток вовед – во кој сигурно ќе го добиете впечатокот дека сум занесена по хороскоп – и два кратки раскази избрани случајно и немаат никаква намера да бидат некаква програма, идеја водилка или синтеза на тоа што ќе можете да го прочитате тука.


***

Несоница 1


Првата вечер некаде на пат или кога спиеше надвор од својата соба, секогаш ја пробдејуваше, се превртуваше, времето ужасно споро поминуваше, а низ главата и се вртеа параноични сценарија. Агонично бдеење. Причината воопшто не е битна, нема ни сега да ја каже, ја има заборавено. Тоа што останува во една таква вечер, тоа што останува засекогаш, сè друго забораваш – и причината, и местото, и луѓето кои биле со тебе во соба, тоа што останува е допирот со времето што се растегнува. Му ги истражуваш границите. Си велеше дека ако задреме можеби кога ќе ги отвори очите ќе биде дојдено времето да замугри. Секогаш утрото смирува. Во такви утра ѝ се случувало да може да заспие на неколку часови. Но ако се разбуди од некоја неочекувана дремка и види дека има шуте половина час или цел час до првите мугри, тоа време минува уште поспоро. Најспоро, не може да се дофати спороста. Обратно од стоењето на времето. Тогаш времето како да се растегнува наназад.

Кога времето се наоѓа во оваа состојба просторот се намалува. Или подобро: времето заедно со неа се зголемува, шири, ја исполнува целата соба, удира по ѕидовите. Тогаш се отвора тој мачен процеп низ кој излегуваат стравови и паранои, страшни сенки по ѕидовите, загушувачки с`клет и немир.

Сепак, спиењето во утрото по таква вечер е најубаво. Без разлика дали заспивајќи рано наутро со џемпер и топла покривка, по неколку часа ќе се разбудиш препотен.

Мрзливо утро –
во главата
виулица
вртлози
виор

Зарем стварно мислеше дека ќе биде толку лесно!?


Несоница 2


Мислише дека тоа е страст. Во моментите кога не го чувствуваше тој наплив во стомакот, кога беше смирен и сам со себе, кога лежеше во креветот без да заспие и цела ноќ ги следеше сенките на ѕидовите и мебелот – во тие непомерливи и спори моменти мислеше дека тоа е страст; и беше мирен со себе. Тогаш, по доволно долго следење на сенките, ќе му дојдеше незапирлива идеја. Ќе ја запишеше. Ќе излезеше песна. По неколку дена ќе ја прочиташе и ќе ја фрлеше во купот заборавени дела, просечни.

    Доаѓаат доаѓаат
    ги осеќам кај идат
    ќе стигнат, тука ќе се наскоро
    завесите наеднаш ќе затреперат па ќе се смират
    а тие ќе дојдат.

Да! Параноидна патетика.